т:темплум  

 

н:наградени раскази

август/септември:2006
 

Најдобриот конкурс до сега! Не само квантитативно (добивме дури 97 раскази од 42 автори!:), туку и квалитативно... И не само што овојпат имавме најмногу солидни раскази туку, наш  впечаток е дека имавме најмалку лоши! Самиот факт што двајца, повеќе-помалку, веќе прилично изградени млади писатели, Гето Руди и Ѓорги Крстевски, не влегоа меѓу трите најдобри - најдобро зборува дека нивото на последниот конкурс беше високо!

Се случи и долгоочекуваното: конечно имаме девојка на врвот! Од дваесеттината девојки кои ни ги испратија своите дела, неколку од нив навистина имаа мошне мошне пристојни раскази - што се гледа од оценувањето на жирито...
Според нас, значи, најдобриот расказ во периодот август-септември е „Ку-ку часовник“ на авторката со псевдоним She (
www.taa.blog.com.mk). За неа и отпорано (пред сè од блогот) знаевме дека има мошне сталожен, прецизен и луциден ракопис, без многу припотресувања но убиствен во својата мирнотија... Овојпат She отишла чекор понатаму и покажува некои други писателски квалитети кои досега можеби не беа доволно истакнати: создавање впечатливи, дури филмски слики со релативно скудни потези (што е мајсторство:) и една, би рекле, психоаналитичарска ориентација со многу интересни сексуални и интроспективни импликации... (Го спомнуваме ова, почитувани електролит(к)и, зашто во голем дел од вашите раскази сексуалноста и интроспекцијата се меѓу поважните теми...) She мошне креативно, ама ненападно, дискретно, успеала да создаде силен психолошки впечаток одејќи по рабовите на темите, не напаѓајќи ги фронтално и директно... Стратегијата на нешто-што-наликува-на-сон помага, но авторката добро направила што својата слоевита фантазија конвенционално не ја прогласила за сон.:)

Второто место
му го доделивме на расказот „Волво ректум“ на авторот со псевдоним Bushy Meat. Станува збор за јазична игра, за една урнебесна карневалска деконструкција на јазикот со помош на користење на дијалект и некаков поедноставен англиски карактеристичен за дел од нашата дијаспора... Но, Bushy Meat сепак не прави гола карикатура, туку во неговиот (или нејзиниот?) текст има извонредни културолошки алузии, како и психолошки сепак доволно изнијансирано портретирање (и покрај карикатуралноста:); кога на тоа ќе се надоврзе финото користење на поп-арт мотиви (“Елвис Прицли”, “Харли Дејвитцон”, Холивуд итн.) тогаш се случува пристоен уметнички чин. (И генерално ве охрабруваме, драги писател(к)и, да користите поп-арт мотиви - па и од нашиот културен контекст, се разбира! - оти тоа е еден интересен крак во историјата на уметноста во втората половина на 20-иот век... Ве охрабруваме и во обидите за јазички игри, за постмодерните стратегии на деконструкцијата, оти тоа, меѓу другото, ù недостасува на македонската литература.:) На расказот на Bushy Meat, значи, може да се гледа како на едно минијатурно прозно “тарантиновско” парче, супербрзо и духовито, кое на прв поглед делува комично но кое во длабочината сепак крие доволно субверзивност (насочена против конвенционалноста и стереотипите) и доволно литературна вештина...

Третото место го заслужи уште еден познат учесник на електролит-конкурсите: Кристина Гацова со својот расказ „Рекламација“. Јако, дури и потресно, со снажни лирски и мрачникави тонови (карактеристични за Гацова), но со фино смислена генерална метафора (невестата како кукла, како артикл), со прецизни модулации кои водат во атрактивна поента: со нежните, млади девојки понекогаш средината (не само мажите) “ракуваат” толку грубо што “артиклот” неповратно го уништуваат... Дури и фрижидерите имаат подобар статус: “ако неправилно се користат, рекламациите не важат”. Добра и снажна феминистичка критика, одлично вклопена во нашиот сè уште, за жал, доминантно патријархален социјален космос - тоа е важната димензија на расказот на Гацова...

...............................................................................................

Меѓу оние што речиси сигурно ќе влезат во октомвриската Маргина се следниве раскази: „Мирц врска“ на Киркова Ангелина (добар, суров реализам, економичен, набиен израз, без патетика и со хумор кој има драматуршка функција: да го затвори мини расказот и да поентира); „Остров“ на Гето Руди (слично како Bushy Meat, Руди со многу редуцирани јазични средства создава цела живописна галерија ликови; фино, “сценично”, “ситуационо”, речиси како некаков мал театарски скеч, но во литерарна, можеби кеноовска форма...); „Свадба“ од Ѓорги Крстевски (“леп ко слика”:D Потсетува малку на надреалното сликарство, можеби на Де Кирико или Балтус, ем го има ем го нема, ко некаков магионичарски трик е целиот расказ...); „Урбан“ од Џеват Скендери (добра критика на скопските “шеми и пренемагања” кои во себе всушност кријат голема празнина и суштински малограѓански дух... Како и Bushy Meat или Гето Руди, и Скендери се служи со техниката “деконструкција на јазикот”, пародирајќи ги “правилноста и правоверноста” на македонскиот и во поширока културна смисла...); „Американска ноќ“ на Костадин Голаков (тематски храбар расказ, магловито геј, малку нејасен, можеби намерно можеби не, но интересен е впечатокот на двосмисленоста...); „Еден Мисисипи, два Мисисипи, три...“ од Јасна Димитровска (солиден реализам, на моменти беспоштеден, како некаква не многу весела социјална слика базирана на сцена со погреб; на места расказот малку шлајфува на ниво на драматургија и ритам, но заслужува пофалби заради критичноста и не(себе)- штедењето.); „Срце до срцето“ од Живко Гроздановски (добра и прецизна реплика на бајка); „Херој на нашето време“ од Милена Николовска (пристоен обид да се направи социјален портрет на типичниот млад амбициозен и претенциозен Македонец на почетокот на 21-иот век... Фали доза на “онеобичување” и на непредвидливост, како портретот малкуцка злобно да е правен врз реален лик, па му недостасува малку апстрактност или универзалност... Но, генерално, мошне е солидна пишувачката вештина на Николовска и сите четири испратени раскази ù се мошне пристојни и заслужуваат внимание:).

...............................................................................................

Ете, тие единаесет автори ги издвоивме овојпат. Но,  пофалби заслужуваат барем уште десетина автори; пред сè Мајда (мошне симпатично, но на работ на финта, штос... Фали уште малку штоф:), Анета-Анета (малку е конвенционално разрешувањето психијатри-пациенти...), Слободанка Павлова (генерално солидно ниво на сите пет раскази; наш фаворит: “Се плашам”), Глигор Еленов (најмногу заради отворањето една нова и важна тема: досијеата во Македонија), Нинџа (солиден реализам и храбра “(само)критичка интроспекција), Виктор Јовановски (повеќе прозна лирика отколку лирска проза, но лектирата му е добра:), Душко Гошевски (најкреативен и, да речеме, најсубверзивен му е расказот “Непрдливи а смрдливи”, но и другите негови раскази поседуваат полезни дози на бунтовништво и критичност, така што од Гошевски допрва очекуваме уште подобри раскази; слабост: непотребно комплицира, испраќа премногу пораки и премногу цинизам), Милко Бојковски (исто така бунтовна проза, но исто како и Гошевски, малку претенциозна...), Јане Јованов (сè подобри раскази, но сè уште преовладувачки “младешки” т.е. почетнички:), Сандра Георгиевска (нејзината младешка “постмодерна” автореференцијалност е малку наивна и без вистински поенти, но со оглед на годините (18) од Сандра очекуваме развој, се разбира:), уште помладата авторка Младеновска Неда (14), исто така ја добива нашата поддршка и понатаму да пишува и да ни праќа раскази; а на  Александар Дима му порачуваме дека „кризата на улицата Илинденска“ ќе ја надминеме во октомври со новата локација на Климент Охридски 15:)...

...............................................................................................

На некои потенцијално талентирани автори (
Red Clown, Кензо Танге, Дејан Мирчевски, Рубин Меновски, Иван Шопов...) им обрнуваме внимание на една за сите нив карактеристична работа што ние ја нарекуваме: недоволна дисциплина (наречете ја систематичност, осмисленост, концептуалност...) на имагинацијата. Отвораат премногу патишта, фантазијата се размавтува во многу насоки, но на сиот тој патувачки хаос му фалат повеќе среденост, компактност и систем. Но, ги охрабруваме да продолжат... па, нели велиме: “во неговото лудило има систем”!

...............................................................................................

Ете, толку за шестиот електролит-конкурс. До крајот на годината ќе имаме уште два конкурси: октомврискиот и ноемврскиот; декемврискиот ќе го рипнеме бидејќи решивме во декември да направиме избор од најдобрите раскази во текот на годината и да ги објавиме во книга, во едицијата “Магма”.

Доколку работите одат добро, пред Нова Година би требало да ги имаме испечатено двете за нас важни книги: избор од првата електролит-година и најдобриот ракопис од конкурсот за најдобра дебитантска проза...

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

октомври

Следниот електролит-конкурс започнува на 29 септември, а ќе трае до 27 октомври. Потоа ќе има само уште еден конкурс и завршуваме за годинава, затоа побрзајте! Ограничувањата во бројот на карактери ќе останат исти, значи нема промени... нив ги чуваме за до година кога планираме и други (концептуални, систем(ат)ски, технички...) промени во конкурсот со што се надеваме дека ќе го направиме подобар,  поквалитетен и поинтересен за сите.

:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::

Наградите се:
1.
место: 8 изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2.
место: 5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3.
место: 3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)

Наградите можете да ги подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).

Погледнете ги досега објавените Маргини и прозни книги од едицијата Магма.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
  п:прашања











































































































































































 
  д:дома