август/септември
м:мајда
д:дом
“Драг(а)_________,*(фуснотата да се прошита пред текстот!)
Ја гледав во едно списание Вашата прекрасно уредена куќа и си помислив
нешто. Сигурна сум дека секое парче мебел и секоја комбинација на бои
внимателно сте ги избирале, да им одговараат на вашиот вкус и личност. Јас
знам дека Вие сте една многу важна личност која има толку многу ангажмани
што, впрочем и нема време да живее во својата прекрасно уредена куќа. Тоа
е вистинска штета. Но јас имам една идеја како подобро да го искористите
вашиот преубав дом. Додека сте вие отсутни јас можам да се грижам за сé
што поседувате. И тоа не само да ја одржувам куќата чиста и уредна, туку и
да ја негувам... како да е мое дете! Навистина, јас, уште во овој момент,
можам да резервирам лет за Лос Анџелес, а веќе следниот ден би можела да
се вселам во вашата куќа. Вашата куќа би се чувствувала како вие да сте
дома: ќе седам на каучите, ќе се бањам во Вашето џакузи, ќе се сончам
покрај базенот, ќе готвам во Вашата кујна, ќе го полнам фрижидерот со
свежа храна, ќе ги шетам вашите 4 кучиња и ќе ги хранам двата бели тигри,
ќе спијам во Вашиот кревет, ќе плачам во перниците и ќе го исфлекам
тепихот со крвта од носот после петата линија на од залихите на кокаин во
спалната. Ќе го галам мебелот по мекиот тапацир, ќе му зборувам, ќе му
пеам приспивни песни навечер, а од време на време, ќе пуштам на
телевизорот Ваши филмови, за да не да ги утешам депресивните столици,
прозори, завеси, лустери, гарнитури за седење... Ќе правам забави и ќе ги
викнам сите Ваши пријатели. Мислам дека кога ќе се вратите дома, ќе биде
како никогаш да не сте заминале од дома! Уште поважно, вашата прекрасна
куќа ќе ја чувствувате како дома! Навистина мислам дека тоа е win-win
комбинација: Вие ќе добиете дом, а јас ќе можам непосредно да му се
воодушевувам на истиот. Пишете ми за да ги договориме деталите.
Со почит,
Миа”
Кога
влезе другарка ми со собата, ù го соопштив мојот брилијантен план. Ми рече
дека славните личности имаат вработено луѓе кои се грижат за нивните
живеалишта кога тие не се таму. Нешто како домари: се грижат за
безбедноста, го одржуваат просторот чист, проветрен, проверуваат да не има
некои протекувања, оштетувања... Одвратни нешта! Кој би сакал да го работи
тоа?! Сигурно тоа најпонижувачката работа на светот!
фуснота:
* Разлистувајќи некои списанија за уредување на станбен простор, се разбира,
се воодушевував на генијалните архитектонски каприци. Знаете, откачените
комбинации на бои, правите линии, кривите плафони и ѕидови, огромните
пространства со многу светлина и малку мебел, меките перничиња и теписи,
убавите модерни лежаи, столици, маси, романтичните купатила без машини за
перење, без WC шолја, без ништо секојдневно... без прашина, без трошки,
без ливчиња со телефонски броеви, без валкани чинии во кујната. Сé изгледа
толку чисто и полно со уметнички допири, си мислиш можеш да влезеш внатре
во секое време и без никакви подготовки да го сликаш просторот за некој
каталог! Сите куќи и станови во овие списанија се уредени според нечиј
специфичен вкус, а всушност се празни... никој не живее таму. Луѓето кои
можат да си дозволат такви живеалишта, всушност многу малку време
поминуваат живејќи во нив. Тие се обично толку зафатени со сите фото
сесии, интервјуа, јавни настапи што најчесто престојуваат во хотели. Во
безлични, налицкани, хотелски соби кои му се на истиот начин му се
насмевнуваат на секој кој престојува во нив, како скапа проститутка.
И тогаш ми светна! Си реков, ќе ù пишам на писмо на некоја гламурозна
филмска ѕвезда кој живее во ваква куќа и ќе и го раскажам мојот генијален
план!