т:темплум  

 

август/септември
д:
димитровска јасна

г:години:23
с:студентка
yasnah_d@yahoo.com
 

 

e:eден Мисисипи, два Мисисипи, три...

На Нина и беше сеедно што умрел дедо и. Барем таа така си мислеше. Реченичниот склоп кој го употреби мајка и за да и соопшти дека дедо и починал од срцев удар во неа не предизвика, ама баш ништо. Сега се облекуваше во нешто поудобно затоа што знаеше дека погребите знаат да одземат премногу време, а навистина е тешко да се извлечеш од нив со оправдание дека мораш да средиш нешто друго. За таа пригода се реши за црвена карирана кошула и зелени панталони. Црното е клише.
И додека ја нанесуваше шминката, во еден момент сфати дека веќе по трет пат го слуша истиот албум; помисли на реката Мисисипи, а потоа на автомобил; повика такси и по две минути излезе.
-Ќе стане неподносливо жешко - си помисли, но од сите луѓе со кои мораше да се сретне најподнослива беше жештината. И ете, петорица веќе пристигнале во капелата и безгласно стоеја наредени околу сандакот додека баба и се обидуваше да му ја затвори широко отворената уста на дедо и врзувајќи една карирана марама околу неговата глава.
-Морбидно – помисли.
- Не знаев дека дедо ми може олку многу да ја отвори устата. Никогаш не сум го видела да се прозевне или да викне. Јадеше сам и на страна и секогаш зборуваше промислено и економично, со мал напор и речиси без никаква гестикулација.
За Нина тоа беше скржаво, мрзеливо и беше одлика на сиромашен дух.
Додека се поздравуваше со сите, ја фрапираше сликата на сивата боја на лицето на дедо и која во комбинација со таа карирана марама уште повеќе доаѓаше до израз.
-Во тој момент не ти преостанува ништо, освен да се запрашаш што ако блиските на починатиот не можат да се помират со фактот дека нема да има отворен сандак (поради лошата состојба на лешот, несомнено), па поради тоа да не можат соодветно да се поздрават и затоа решат да го “изложат“ починатиот свртен наопаку? Додека ја прегрнуваше баба и се воздржуваше да не се насмее.
И ете дојде и таа.
-Само да не седам до неа на ручекот -си помисли.
Сестрата на дедо и, од Кавадарци, дебела и ниска појава накитена со многу злато. Не зборуваа со години.
-Кучка - велеше дедо и. Уште кога излезе од колата почна да липа. Соочувањето со евтиниот погреб, дури сите десетмина кои дојдоа да оддадат почит; сивото лице на дедо и во овална рамка од црвено каро. Хм..., не се ни сомневаше дека ја удрило.
На Нина и беше значително чудно што единствено нејзината појава имаше потенцијал да ја бутне таа дебела горчлива кнедла на жалоста во нејзиното грло и притоа да ја остави да се бори за здив кој и онака ќе биде краток.
Ќерките на една добра пријателка на дедо и, високи и слаби, со црните шамивчиња внимателно внимавајќи да не си ја размачкаат маскарата ги бришеа солзите и ги свиваа надолу своите глави украсени со елегантни црни шапки. Немаа никакви шанси кај Нина.
Баба и беше во црнина, но Нина секогаш ја доживуваше како добра актерка, полна со животна енергија и елан па во овој момент кога беше дезориентирана и скршена не беше во можност да сочуствува со неа.
Сандакот го спуштија во парцелата на неговите родители која на гобиштата се наоѓа на најоддалеченото место од капелата. Ако првпат одиш таму постои веројатност никогаш да не ја пронајдеш. Сетрата на дедо и од Кавадарци се загуби. За среќа некој гробар, кого го прашала за правец, успешно ја упатил, но кога пристигна сандакот веќе беше спуштен и трупаа земја на него. Кога го сфати ова прво почна да вика по гробарите да запрат а потоа по бабата на Нина, па како можела ни таа да не се сети на неа, почна да ја преколнува, а потоа и проколнува и наредниот миг веќе беше општа караница, и тоа малку ја подигна целата атмосфера.
Сега Нина веќе размислуваше за сопственото кремирање кое нема да биде проследено со никаква служба или настан.
-Јас сакам да бидам кремирана, со повеќе чоколаден прелив и цреша на врвот, кандирана и сјајна, како оние што ги стават во коктел, ќе ве молам! -се насмевна во себе.
-Ресторанот е обична биртија -си помисли додека влегуваше, и иако се изврте околу долгата маса со цел да ја избегне сестрата на дедо и од Кавадарци на крај излезе дека ќе седи токму до неа.
Загледувајќи се во сé друго се обидуваше да не воспостави никаков визуелен контакт со неа, но знаеме како е кога намерно избегнуваме контакт очи во очи со некого; всушност се загледуваме некаде тапо и магловито, и единственото нешто кое свесно го перцепираме е тое кое го избегнуваме, на самиот праг на перцепцијата во најдалечниот агол од видното поле непосакуваниот човечки облик, разобличен и магловит, сепак го обезвреднува тоа кое навистина е во центарот и го прави второстепено во поглед на него. Околната глетка нималку не и помогна; во сите чинии имаше шлапнато по една плескавица, пржени компири и украс од неизлупени краставици и домати исечени тенко. На десната страна од чинијата имаше прибор за јадење, а над него во помали чинии имаше салата од зелка. На средина од масата стоеа безалкохолни пијалаци во стаклени шишиња од 0,33 литри.
-Угостителски - си помисли, и во истиот момент го загуби апетитот.
Еден Мисисипи, два Мисисипи, три Мисисипи....
-Не го имав видено брат ми две години, а многу го сакав - низ солзи и зборуваше сестрата на дедото на Нина.
Никогаш претходно Нина не ја видела во вакво издание. Дебелата кучка од Кавадарци наредена со злато од глава до петици секогаш доаѓала насмеана, авторитативна и непоканета. Се присети кога им се појави во новиот стан. Нина имаше пет години, а таа толку силно штипеше за образ. Потоа ги помина сите полици во дневната соба и кујната со дланката и задоволна дека нема прашина ја пофали мајка и која збунета и понуди нешто за пиење.
Нејзината сегашна појава беше дијаметрално испрекршена со сеќавањето на Нина за неа, обвиена во тенка црнина, а минатото лебдеше надвор од неа. Нина самата го стави на „hold“, а се погрижи и да му пушти забавна мелодија. Чајковски е најпригоден за тоа.
Еден Мисисипи, два Мисисипи, три Мисисипи....и не можеше повеќе да ги задржува. Полека се лизгаа по ситните бразди на образот и пред да стигнат до крајот на носот со два брзи потега ги тргна со десниот ракав од кошулата.
Во таксито беше тивко. Немаше музика.. – Внимателен таксист, си помисли Нина иако едвај чекаше да пристигне дома и да го пушти Џеф Бакли, повторно. Повторно си помисли на автомобил. Набргу нема да мора да се вози со такси затоа што дедо и и го остави „голфот“.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






































































































 

  д:дома