август/септември
к:крстевски ѓорги
г:години:24
sljokasljokovski@yahoo.com
к:крајот на една приказна
Во еднособен стан на осмиот кат од некоја десеткатница во некое предградие
на некојси главен град, некоја безимена девојка седи на фотелја и чита
дебела книга со меки корици. Таа чита веќе неколку часа, внимателно, и
поради својата задлабоченост не забележува дека надвор избувнале нереди,
дека властите се во оставка, а толпи народ беснеат по улиците.
Додека вашиот раскажувач го пишува ова и ја става запиркава, таа е некаде
при крајот на претпоследната глава од романот. Нестрплива е, и сака што е
можно побрзо да го дознае неговиот крај. Иако погледот сè уште ù е на
средината од испечатената страница, нејзините прсти од десната рака веќе
го држат горниот десен врв на листот и цврсто го стискаат. Штом ја
прочитува и последната реченица од претпоследната глава на романот во кој
се раскажува за животот на некоја безимена девојка која живее во еднособен
стан на осмиот кат од некоја десеткатница во некое предградие на некојси
главен град, и која, додека веќе неколку часа внимателно чита дебела книга
со меки корици, поради својата задлабоченост не забележува дека надвор
избувнале нереди, дека властите се во оставка, а толпи народ беснеат по
улиците, со прстот од десната рака го врти листот, и на нејзино големо
изненадување, утврдува дека последните неколку страници недостасуваат, но
не е сигурна дали тоа е по вина на печатницата, на несовесниот книжар што
ù ја продаде по снижена цена или на некој несовесен читател кој ја имал
книгата пред неа.
Разочарана, ја остава книгата на масичката што се наоѓа до фотелјата,
станува и зевајќи се протегнува. Вревата што доаѓа однадвор, како и
истрелите од огнено оружје, го привлекуваат нејзиното внимание, и таа се
доближува до прозорецот, од каде што љубопитно ѕирнува.
Во тој миг, еден залутан куршум го пробива стаклото и ја погодува во
слепочницата, и таа паѓа мртва на подот.
Набрзо, новите власти воспоставуваат ред.
н:неочекуван пресврт во тивката ноќ
Штотуку ја спушта телефонската слушалка, после краткиот разговор со
сопругата; тој рече дека е на пиво со другарите и дека ќе се врати за
половина час, вечерата нека биде спремена; таа потврди дека добро го
разбрала; нејзиниот глас звучеше чудно, дали насетува нешто, се сомнева
ли, вечерва порано ќе се врати за да тргне секаков сомнеж; погледнува кон
својата љубовница, речиси десет години помлада од него, полна со живот и
желби, целосна спротивност од она што тој претставува; веќе си одиш,
прашува таа, да, кратко одговара тој, ќе дојдеш ли и утре, прашува таа, не
знам, вели тој, можеби; се доближува до неа и ја бакнува, потоа излегува
од нејзиниот стан во кој таа живее под наем како студентка од
внатрешноста; таа останува да лежи гола во креветот и го испраќа само со
својот поглед; вратата се затвора и тој се наоѓа на долгата улица, празна
и морничаво тивка, со низи петкатници од обете нејзини страни; современи
гробници, помислува тој и зачекорува по улицата во правец кон север, кон
својот дом; таму го чека топла вечера, сопруга, две слатки деца, машко и
женско, куче, чиста постела, топла бања, со еден збор дом, вистински дом
од кој тој постојано бега и се враќа; зошто, се прашува, сè уште нема
одговор; неговите чекори по студениот асфалт одекнуваат во вечерната
тишина, уличното осветлување на некои места е прекинато, насетува ли нешто
мојата сопруга, зошто ù беше толку чуден гласот, се сомнева ли во мене или
само ми се присторува, можеби треба да одморам малку, во последно време
многу зачестив со моите посети кај љубовницата; таа го потсетува на
изгубената младост што никогаш нема да се врати, никогаш; го забрзува
чекорот, улицата е пуста, само тој и неколку паркирани возила од страните,
осветлени прозорци зад кои се кријат многу слични приказни и судбини;
насетува ли нешто мојата сопруга, зад себе слуша чекори на женски
потпетици, тие чекори му се добро познати, тоа се чекорите на неговата
сопруга, крвта му јурнува во главата, застанува и се врти, нема никој,
само празната улица и слабиот ветер што носи паднати лисја од дрвјата,
какво олеснување; ветување дека ќе се опушти веднаш штом ќе стаса дома, во
када полна со топла вода, потоа ќе им чита приказни на своите деца, па ќе
легне покрај веќе заспаната сопруга, неговите чекори повторно одекнуваат
во тишината, но покрај нив ги слуша и чекорите на женските потпетици,
добро познатите чекори, веќе седум години ги слуша; запира и отсечно се
врти, повторно празна улица, сега го нема ниту ветрот; зошто ми се
присторува, сигурно сум изморен, разгледува наоколу, не, нема никој,
никој, сам сум, само ми се присторува, но зошто; стои среде улицата и
наслушнува, тишина, владее речиси совршена тишина; тој продолжува со
своето одење, повторно се слушаат женските потпетици, се завртува отсечно,
нема никој; чекори тој, чекори и некој друг, се слушаат потпетиците, тој
добро познат од; одеднаш, погледнува на асфалтот зад себе и се вџашува, на
светлината од уличната светилка наместо својата, ја здогледува сенката на
неговата сопруга.
с:свадба
Младоженецот е мртов. Веќе дваесет и пет години. Невестата сè уште не е
родена. Сите го очекуваме тој ден со нетрпение.
Прославата се врши во голема гостилница. Сите гости се случајни минувачи.
Тие бесрамно крадат : во своите чанти жените пикаат полни пепелници,
прибор за јадење, шишиња, чаши, плескавици, леб, слатки ; во своите џебови
мажите пикаат кикиритки, лешници, ореви, бонбони, салати, истураат ракија,
вино и пиво, некои од нив ги расклопуваат столовите ; во своите усти
децата пикаат сè што ќе најдат на подот : трошки, колачиња, лебарки,
пржени компирчиња, железни парички. Потоа ги болат мешињата, и под изговор
дека треба да се носат на лекар нивните божемни родители исчезнуваат
заедно со нив.
По околу два часа гостилницата е празна. Остануваат само голите ѕидови
зашто некој ги украл и сликите. Ги украле и масите, светилките, музичките
инструменти сосе свирачите и пејачката кои, најверојатно, ќе завршат на
пазарот за бело робје. Украдена е и послугата.
Поради сето тоа сопственикот на гостилницата сака да побара одговорност од
приредувачот на свадбената прослава, но таков не постои. Како што рековме
и на почетокот, младоженецот е мртов. Веќе дваесет и пет години. А
невестата сè уште не е родена. Сите го очекуваме тој ден со нетрпение.
в:вест
Нашето семејство вечераше кога небото одеднаш стана црвено, а набрзо
заврна и црвен дожд. Воздухот стана задушлив и тежок за дишење, и сите ние
побегнавме во нашето засолниште, подготвено за ваквите случаи. Додека сите
стрпливо чекавме, помалата сестра плачеше и упорно ја бараше својата кукла
што ја заборави на столот во трпезаријата. Ја тешевме со тоа дека наскоро
сè ќе заврши и дека сите ние ќе се вратиме дома, а нашите животи ќе
продолжат да се одвиваат по стариот редослед.
И навистина, сè се заврши брзо. Излеговме од засолништето што се наоѓаше
во подрумот на нашата куќа и продолживме со вечерата како ништо да не се
случило. Дури и помалата сестра заборави на сè и продолжи да си игра со
својата кукла.
Во меѓувреме, сите телевизиски и радио станици ја објавуваа веста за
самоубиството на господ.
п:проштална порака
На Марко Петрушевски
Еден стар и сив автомобил со изгребана боја на предното десно крило запре
на полупразното паркиралиште што се наоѓаше пред низата шесткатници во
едно од скопските предградија. Вратата од страната на возачот се отвори и
од него излезе Вангел Ивановски, иследник во скопската полиција кој имаше
уште дваесет и осум дена до своето целосно повлекување од службата, и кому
сè му беше преку глава уште од пред неколку години, кога неговата сопруга
загина во сообраќајна несреќа некаде на излезот од Скопје.
Беше ужасна горештина, и неговото чело беше оросено со капки пот што му се
слеваа врз побелените веѓи. Вангел извади шамивче и го избриша челото, а
потоа го врати назад во џебот. Погледна наоколу низ паркиралиштето и го
забележа полицискиот автомобил скриен помеѓу две возила. Ја затвори
вратата на својот автомобил и зачекори во правец кон полицаецот потпрен на
неговиот преден дел кој пушеше цигара и кој мижуркаше на силното сонце.
Кога го забележа, полицаецот ја фрли цигарата под своите нозе и ја изгази
со чевелот. Потоа се исправи.
Вангел му ја покажа својата полициска значка, но овој и без тоа знаеше
дека се работи за некој со повисок чин. Веројатно тоа го прочита од
неговото незадоволно лице со подуени подочници.
- Ајде де… нема потреба од формалности… - му рече Вангел кога полицаецот
зазеде мирен став. Полицаецот збунето молчеше. Очигледно беше новајлија.
- Каде се наоѓа станот? – праша Вангел.
- Ммм… во четвртата зграда, на петтиот кат… влез број шест – малку се
ослободи полицаецот. Повремено мижуркаше од силното сонце.
- А ти, што правиш овде? – повторно го праша Вангел. Незадоволството
растеше во него што на ваков топол ден токму него го пратија дури ваму,
под изговор дека немаат доволно луѓе поради сезоната на годишни одмори,
каде што не поминуваа ни автобусите од јавниот превоз.
- Ги чекам болничарите… - одговори полицаецот.
Сигурно има околу дваесет и пет години, поради нешто помисли Вангел. Се
сврте кон сивите шесткатни згради наредени во низа што се протегаше од
едниот до другиот крај на долгото паркиралиште и почна да брои. Прва,
втора, трета, четврта… Пред да се упати кон нејзиниот влез, погледна кон
младиот полицаец кој, откако Вангел му го заврте грбот, повторно се потпре
на предниот дел од полицискиот автомобил и извади нова цигара од џебот на
униформата.
Ах, уште дваесет и осум дена, и ќе завршат сиве овие срања…, си мислеше
додека се искачуваше пеш по скалилата. На петтиот, претпоследен кат, тој
стаса задишан и прилично лут поради тоа што градителите на овие коцкасти
грдотии пред дваесетина години не се сетиле да им вградат лифтови. Го
извади шамивчето од левиот џеб и го избриша испотеното чело на проќелавата
глава. Потоа го врати назад во џебот и се упати кон единствената отворена
врата на катот, од каде што доаѓаа човечки гласови.
Веднаш штом влезе, кон него се стрча еден млад човек во полициска
униформа.
- Господине Ивановски, јас сум Маријан Ста…
- Добро де, не е важно кој си… - нерасположено го прекина Вангел.
- Кажи ми во што е работава…
Младиот полицаец замолча и се вцрви, но брзо се созеде. Вдиша воздух и
започна со својот извештај.
- Самоубиство. Живорад Спасов, триесет и пет години. Оженет, со Љубица
Стоилковска-Спасова. Немаат деца. Работи во поштата како обичен службеник.
Досега неосудуван. Нема полициско досие, немале брачни расправии со
сопругата, не боледувал од ниту една неизлечива болест или психичко
растројство. Соседите велат дека бил тивок и мирен чов…
- Каде е неговото тело? – го прекина Вангел со очигледна рамнодушност кон
сето тоа. Особено го нервираа младите полицајци што сакаа да се докажуваат
пред своите постари и поискусни соработници.
- Во бањата… - кратко одговори младиот полицаец, по што се вцрви.
Вангел се упати кон бањата, разгледувајќи патем околу себе. Младиот
полицаец тргна по него. Хм, убаво станче…Сигурно е двособно, размислуваше
тој додека ја вртеше главата наоколу. Одеднаш запре, а младиот полицаец се
удри во неговиот грб и се вцрви. Вангел намрштено го погледна.
- Неговата сопруга? – праша, а младиот полицаец побрза да му одговори дека
се наоѓа во спалната соба со друг полицаец и дека е многу потресена.
- Таа ли го нашла?
- Да.
- Кога?
- Пред еден час, на враќање од работа. Веднаш пријавила…
Вангел со мака помисли на извештајот за самоубиството што ќе требаше да го
пишува. Сакаше да влезе во спалната и да ја види сопругата на самоубиецот,
но потоа се премисли, помислувајќи на тоа дека не му е потребна глетката
на потресена жена на само дваесет и осум дена пред неговото повлекување од
службата. Во извештајот ќе напише дека разговарал со неа. И онака никој не
ги чита, помисли тој.
Пред бањата стоеја еден фотограф и двајца судски вештаци со гумени
ракавици на рацете. Сите беа млади. Нивниот разговор стивна кога пред
нивните очи се појави незадоволниот лик на Вангел. Сите му кимнаа со
главите, а Вангел им одврати на истиот начин. Потоа влезе во бањата, а
младиот полицаец остана да стои до фотографот и вештаците. Едниот од нив
нешто чепкаше во една од кесите за докази.
Бањата беше обична, како и повеќето бањи во светот, со клозетска шоља над
која виси казанче за вода, со мијалник и големо огледало, када и
неизбежната машина за перење на која се наоѓаше корпа полна со валкана
облека. Безживотното тело со помодрено и подуено лице висеше на кожен
ремен заврзан за една дебела сива цевка над кадата што се појавуваше од
таванот и се губеше во ѕидот крај вратата.
- Уф! – се згрози Вангел. Одамна немаше видено мртво тело.
Се врати кај останатите. Едниот вештак се доближи до него.
- Ова го најдовме во неговиот џеб – извади еден затворен бел плик од
кесето за докази.
- Ве чекавме вас да дојдете и да го отворите… Најверојатно се работи за
проштална порака – побрза да каже младиот полицаец.
Вангел само погледна во него со желба да му врзе шлаканица, а овој, како
да го прочита тоа во неговиот поглед, замолкна и се вцрви.
Навре гумени ракавици и го зеде пликот во своите раце. Од десниот џеб
извади приврзок клучеви на кој имаше и ноктарица. Го извлече малото ноже
од ноктарицата и со него го засече горниот дел на пликот, откако го
разгледа од сите страни на дневната светлина. Потоа го рашири и со три
прста извлече еден лист кој му падна на подот. Вангел се наведна и го зеде
во рацете. Ја погледна прво едната, а потоа и другата страна.
Се намршти.
Листот беше празен. Од обете страни.
Младиот полицаец збунето гледаше во него. Збунети беа и останатите.
Што е ,пак, сега ова, по ѓаволите? помисли Вангел.
Непријатниот молк го прекинаа болничарите кои во станот влегоа со носилка
на тркалца што чкрипеа при движењето. Кимнаа со главите за поздрав.
- Можеме ли да го земеме? – праша едниот.
Вангел потврдно им кимна. Тие влегоа во бањата, го симнаа безживотното
тело на Живорад Спасов и го положија на носилката, во една црна вреќа на
закопчување.
Вангел го врати празниот лист во пликот. Потоа го стави пликот во кесето
за докази што му го подаде на вештакот до него. Ги соблече гумените
ракавици и ги фрли на подот, по што, младиот полицаец се наведна да ги
земе. Помисли на тоа дека уште дваесет и осум дена го делат од мирниот и
спокоен живот на имотот во едно селце близу Скопје.
Кога болничарите го изнесоа од бањата џвакајќи гуми за џвакање во своите
усти, Вангел погледна во лицето на Живорад Спасов кое сега делуваше
прилично спокојно.
- Носете го! – им нареди.
Едниот од нив го затвори патентот, и спокојното лице на Живорад Спасов
исчезна во внатрешноста на црната вреќа.