август/септември
г:гацова кристина
р:рекламација
(not a fiction)
Рекламација на производ. Стоката се расипа, ја враќаме и се разбира бараме
оштета.
Артикал - слабо, бледолико девојче со црна долга коса, кое зборуваше
тивко, срамежливо. Или можеби плашливо.
Ја ставија во употреба со неполни деветнаесет години, но не сум сигурна
дека ја вклучија на правилната програма.
Програмски систем Брак – брачен живот со него, мајка му, татко му, брат му
и неговата жена и нивните две деца, едно куче и неколку мачки... Артикал -
слабо, бледолико девојче со црна долга коса, кое зборуваше тивко,
срамежливо. Или можеби плашливо.
Мислеа дека продуктот е мултифункционален, наменет да ги задоволи сите
сегменти од брачниот живот, па без штедење го користеа. По неколку месеца
се појави и бебето, кое можеби единствено имаше право на целосно
искористување на производот. Но токму нему не му беше овозможено да го
прави тоа. . .
Артикал - слабо, бледолико девојче со црна долга коса, кое зборуваше
тивко, срамежливо. Или можеби плашливо.
Наскоро по доаѓањето на бебето продуктот беше прогласен за фаличен.
Гарантниот период на програмата Брак – додека смртта не н’е раздели – беше
многукратно редуциран, а она – и во добро и во зло, и во здравје и во
болест - беше решено со експресен документ за развод.
Артикал - слабо, бледолико девојче со црна долга коса, кое зборуваше
тивко, срамежливо, или можеби плашливо, чија што епи-состојба после
извршената брачна обврска – пораѓај – се влоши, беше вратено таму каде што
беше произведено.
На излогот од продавницата за бела техника стои:
„Производот кој е оштетен од неправилно ракување со истиот, не може да
биде вратен, ниту заменет со нов.“
Блазе и’ на белата техника.
в:вести од џунглата
Горилата повторно напаѓаат
Продолжува заострениот судир помеѓу горилата и останатиот див свет.
Горилата, како и досега, индиректно преку своите армии од стаорци повторно
започнаа напад. Трупите од стаорци откако го изедоа житото, ја загадија
водата, откако ги изгризаа телефонските кабли и оние за кабелна телевизија
(за да ја избегнат лошата интерпретација на настаните) ја нагризаа
клеточната мембрана и навлегоа во системот. Сега веќе ги насочуваат своите
акции само кон внатрешно дразнење на системните органи, симулирајќи
борбена активност.
Зачудува фактот што одговорот на овие дразби во потполност е несоодветен.
Надлежните уверуваат дека прашањата „Зошто?“, „Кој?“ и „Како?“ ќе бидат
поставени.
Потсетуваме дека блокадите на патот, по кој минуваат рецепторните нерви,
влијаат врз формирањето на конечниот одговор на дразбите.