август/септември
м:младеновска неда
г:години:14
н:нешто
за себе: oсмо одделение во едно
основно училиште во Скопје.
nedamisla@yahoo.com
н:(не)заврзаните врвки на
Врвков
Сите забележаа дека во последно
време Врвков секаде оди со одврзани врвки на патиките. Не дека неговите
врвки не можеа да се врзуваат – беа обични, како сите останати – со бела
боја, на врвот со мал пластичен завршок, колку да не се „расцветуваат“ во
невреме, кога на сопственикот му е есен; секогаш подготвени да направат
совршена машничка, со два сосема идентични краја. Значи, проблемот не беше
во нив. Не беше ниту во патиките. Иако застарени, наместа излижани од
јазикот на времето, наместа закрпени со иглата на немаштијата, немаа
никаква поголема маана што би ги спречувала врвките да се соединат.
Остануваше само уште еден осомничен за злосторството „незаврзани врвки“.
Тој, господин Врвков.
На сите им беше познат како уреден и многу одговорен човек. Секогаш беше
пристојно облечен, со средена коса, со испеглана кошула, но најважно од
сè, со заврзани врвки. Имаше само една, навидум мала и безначајна маана –
многу често и речиси за сè се лутеше. Во младоста таа негова особина не
беше претерано изразена, но како што поминуваа годините, тој стануваше сè
поизбувлив и понервозен. Немаше кому да му ја истури својата лутина, освен
на... На патиките.
Секојпат кога ќе се налутеше затоа што неговите омилени сиви панталони не
се испрани, или пак затоа што конците на кафеавите чорапи кои едноставно
му се неопходни се малку „потскарани“ – ги одврзуваше врвките на патиките,
уверувајќи се себеси дека така ќе ги испере панталоните и ќе воведе мир
кај конците од чорапите. Прво овие лутења траеја многу кратко. Ќе ги
одврзеше врвките, ќе седеше поднамуртен неколку минути, и потоа повторно
ќе ги заврзеше, убеден дека сивите панталони може да ги замени со оние
црните, а пак скинатите кафеави чорапи со оние тукушто купените... Но, од
ден на ден, причините сè повеќе се намножуваа, а времето за лутење сè
повеќе се продолжуваше. За толку многу причини веќе немаше место во
неговиот инаку мирољубив карактер, а и онака продолженото време за лутење
не го собираше ниту во цела вреќа секојдневие... Секој миг излегуваше
нешто кое „навистина не може да се премолчи“ – испуштена буква во текстот
„од кој му зависи животот“, недозатворена фиока во кујната, залутана
прашинка зад компјутерот...
Веќе немаше време да заборави едно, па да се налути за друго нешто.
Неколкупати дури и се имаше фатено себеси дека не се сеќава кога последен
пат бил смирен. Така, веќе немаше време да помине една лутина, и да дојде
друга. Оваа другава не можеше да дочека нејзината претходничка да си
замине, па тие надоаѓаа една врз друга, не водејќи сметка која од нив е на
ред, а која треба да почека барем неколку минути. Еден ден веќе немаше
време да ги заврзува патиките кога ќе заборави на некоја лутина, бидејќи
беше постојано лут. Врвков секогаш имаше налутен израз на лицето, а
врвките од патиките му беа постојано одврзани...
Еден ден веќе престана да носи патики. Ги зафрли во старото сандаче во
претсобјето од станот, со излупени врвови, неизлакирано, со несигурна
рачка која во секој миг може некому да му остане в раце, ги зафрли во
сандачето кое стоеше веднаш до новото плакарче со кафеави чорапи. Почна да
носи апостолки. Врвков продолжуваше да биде налутен и намуртен, но сега
немаше на што да го покажува својот гнев, бидејќи апостолките немаа врвки.
А неговите познајници... Тие веќе не беа загрижени за него, туку секогаш
кога имаа можност му носеа илјадници чифта апостолки, за да не му падне на
ум повторно да им се врати на патиките со (не)заврзани врвки...