т:темплум  

 

август/септември
г:
георгијевска сандра

г:години:18
п:професија/интереси:англиски јазик и музика
д:досега објавено:Ова ми е прв расказ, ако може да се нарече расказ... Инаку досега имам објавено само музички рецензии и некои текстови во Утрински Весник, Плагиј.ат, Визија...

 

1:13 Лулиња и Кланица 5

На Иван Јорданов

Освен овој пат, секогаш кога патував за Лондон, слетував на Хитроу. Една работа што ми се допадна кај Гетвик беше дрвената кутија со натпис: „UNWANTED LITERATURE IS TO BE PLACED HEREIN.“ Исто како во една песна на Кристофер Лог. Напишав нешто и го фрлив во кутијата, додека те чекав да дојдеш.
Би им кажала на луѓево од Темплум дека те сакам, но оваа твоја игра на чекање е сериозна како статуа... Ах, навистина не ме интересира, сакам целиот свет да знае!
Имено, тоа и се случи на крајот на светот, поточно во Ново Лисиче, кај „Малиот Принц“, на врвот од испреплетените јажиња за пентарење. Го бацив. Пиевме едни пива Зофман, што ги има само во Аеродром, имаа некој чуден одвратен вкус, пробав и од темното и од светлото пиво, и мислам дека таквиот спој направи едно трајно пореметување во мојата глава.
Одеднаш, посакав да имам негово дете, почнав да мислам дека сум убава, почнав да се гледам со сите стари пријатели, почнав да читам книги, да пишувам, да забележувам полжави на билбордите низ град, текстури на ѕидовите, и натпис на една врата во населба Пролече: „Ова не е пештера, има врата затварај ја!”. Можеби овој расказ (расказ??) ќе добие прво место, бидејќи сите се на одмор во Август и никој нема да прати ништо за конкурсот. Па ќе ја добијам „Кланица 5“ од Курт Вонегат како награда. Книгата што го инспирирала M. Ward да го направи неговиот Post-War албум, покрај „Сонцето повторно изгрева“ на Ернест Хемингвеј...
Впрочем, се сетив на една рецензија за овој албум што ја прочитав на Плагијат, почнуваше:
„Ко се биjе тај се воли.“... Парадоксално, најострите кавги се случуваат помеѓу луѓе коишто многу се сакаат. Всушност, јасно е дека мора некој навистина многу да ви значи за да му дозволите да ве разлути толку многу. Ќе изнакажете секакви нешта, сурови, и што ги мислите и што не ги мислите, потоа ќе дојдете дома и нема да можете да заспиете од грижа на совест. Post-war е албум што ви свири во глава во тие мигови... Покајување, бес, збунетост, потреба за дефинирање на нештата, главоболка, roller-coaster, реквием, скршено срце, слобода или сè она што следи после „војната“...
Сè што останува после една војна се само солзи и страни, било да е тоа внатрешна војна, или онаква каква што јас и тој водевме долго време. Но знам едно, не сакам да завршам како Јон од Пиреј, па почнав да читам книги за само-помош од Луиза Хеј, не сум јас за Светислав Басара...
Да бидам искрена, тргнав да ја купам Кланица 5, ама во недела, во 6 наутро. Станот ми зуеше од муви поради бурата, толку многу муви, што почнав да се сомневам дека несвесно сум умрела, или сум завршила мистериозно во источна Македонија. Немав око склопено цела ноќ. Или-Или беше затворена, но добрите луѓе од Мала Станица ми дозволија да ја разгледам книжарата. Беа толку фини што ме оставија сосема сама таму, можев и да ја украдам. Сепак, помислив да ја побарам во Икона, бидејќи работи Рамстор и во недела. Потрошив импулсивно 50 евра во Икона, и покрај тоа што не ја најдов Кланица 5. Сега не можам ни да си ја дозволам. Како таа книга да не сака да биде прочитана.
Верувам дека откако ќе ја прочитам, нема повеќе да го чекам. Откако ќе ја прочитам Кланица 5, сè ќе биде повторно како кога имавме 15 години. Ќе шетаме по шините во Кисела Вода, ќе јадеме сладолед во Ескимо, ќе правиме долги муабети за смислата на животот додека меѓусебно се испраќаме до дома. Ќе го цитираме Бојан Шоптрајанов во смс пораки по полноќ. Ќе одиме на француските гробишта додека разговараме за боза и порно филмови, јас ќе држам ЕТАМ ќеса од мојот шопинг во Луксембург, ќе јадеме бурито со хумус и ќе ги слушаме Smiths. Твоите 13 лулиња, тоа е мојата Кланица 5.

И така, го фрлив напишаново во дрвената кутија на аеродромот Гетвик во Лондон. Кога ќе дојдеш, ќе те однесам на моето омилено место, The Millenium Dome, покрај вештачките дрвја и ќе шетаме заедно на западниот брег на Темза. Те чекам!



к:кукавица

-„Ти си луда. Ти си распната помеѓу презир и обожавање кон себе си, тоа е твоето лудило, знаеш? Ти си девојката од средно што никогаш не беше тоа.“
- А ти си ми сомнителен...
-„Зошто?“
-Па, штотуку кажа дека си го гледал Kinsey, таму го има Peter Sarsgaard скроз ГОЛ.
-„...“
-Исто така, го донесе кај мене оној филмот за кинеските филмови што одат во Барселона.
-„Не..добро...“
-Мислев, педери, не филмови.
-„Кинеските ПЕДЕРИ, еееј што кажа!...Ми се допадна тој филм!“
-Немам ништо против педери, напротив, вљубена сум во Оскар Вајлд.
-„Само да знаеш, мртов е.“
-Па и да беше жив, веројатно немаше да го запознаам, но ќе бев опседната со него, како Roy Bean со Lillie Langtry, во The Life and Times of Judge Roy Bean.
-„Или како во Phenomenon? Си го гледала? Кога ликот на Forest Whitaker е опседнат со Diana Ross, и ја повикува секоја вечер на резервирана фреквенција на аматерско радио...Чекај... Дали сакаш да кажеш дека сум педер?“
-Не, не сум го гледала...
-„Инаку, не ù го вратив дигитронот на Маре, тој ми е единствената врска со генерацијата.“
-Би те нарекла златен, да не звучеше тоа некако надмено, но, сериозно, поголем квази отуѓен тип од тебе немам запознаено.
-„Повторно ме ставаш во некој шаблон? Вие жените сте многу чудни.“
-Имам некаква карма да бидам опкружена со интровертни типови што сметаат дека животот е бесмислен, популарно познати под називот „пуликур“. Но, благодарение на шаблоните, не би можела да кажам за било кои жени или мажи дека се чудни. Едноставно, уживам да ги ставам луѓето во шаблон, бендовите во фиока, цвеќињата во род и ген... А тоа е бидејќи сум Девица во хороскоп. Интересно е како со самото читање на личните податоци на авторите што испратиле раскази на Електролит, може да се определи личноста. Ако ги погледнеш личните податоци на Ѓорѓи Крстевски, на пример, можеш веднаш да определиш дека се работи на фан на Кафка.
-„Ѓорѓи Крстевски пејачот?“
-Неее, не, еден автор од Електролит. Како и да е, треба Кафка да се забрани. Тој е типичен Рак во хороскоп. Упропастува генерации. Кога ќе остариме ќе сакаме да читаме книги кадешто е животот прекрасен. Таткото на Тодор Чаловски му кажал „Да живееш ти како мене, многу подолго ќе живееш“, додека пишувал поезија за смртта на 24 години, сега кога е на возраст на татко му, конечно сфати што значи тоа, и издаде книга „Сончев здив“. Самиот Кафка на фотографија изгледа исклучително привлечно, малце клемпав, ама ништо страшно, а тука го убива Ѓорѓи Крстевски во поим до таа мера, за да самиот си напише дека не е доволно привлечен во профилот. Истото се случува и со Букарски, Буковски, бла бла, животот е одвратен, бла бла жени, бла бла, така не смее да размислува човек кој има цимер што може да направи психоанализа врз основа на ракопис! Ана Јакимоска, пријателката на големиот човек кој знае приказни за пајаци и скакулци... Таа е романтична! Нема ништо полошо од романтичар со идоли како Селинџер...или... Кафка, господе, Кафка, го мрзам Кафка. Сакам да умре Кафка!
-„Умрен е. Ако е ова некаква утеха.“
-Додека има луѓе кои мислат дека животот е бесмислен, тој ќе биде жив.
-„Арф! Каква мудрост. И после овој монолог, да те прашам, зошто никогаш не употребуваш наводници?“
-Бидејќи незнам како се става точка. Незнам дали кога завршува цитатот, точката треба да биде пред или после наводниците.
-„Може секако. Сум приметил луѓе што дури два пати ставаат точка. Вака.“.
-Некако ми делува пренатрупано.
-„Можеш да ставаш како сакаш, нема некој да те осуди, кој внимавал на часовите по Македонски?“?
-Што е сигурно, сигурно е. Ме вадат од такт неписмени луѓе, и како за инает постојано правам правописни грешки.
Го преслушкував долго време муабетов, и решив да им се приклучам.
-Еј што е она?
-„Изгледа како расказ...“
-Цел е во дијалози, како може да биде расказ?
-„Денес веќе нема критериум, мислам дека било што може да пројде како расказ.“
-Знаеш што? Ќе го пратам на Електролит, баш да видам што ќе се случи, а профилот ќе го напишам претенциозно.
-„Колку си новинарски настроена, можеш било што да напишеш, само не се фрустрирај ако не помине. Сé е со врски.“
Јас да не поминам? Ме вреѓаш! Што сè не поминало таму, па за мене да се прави проблем. Освен тоа се знам со жирито. Ваце го знам, да бидам искрен, се знам со братот на женската негова, мислам дека е тоа доволна врска. Го знам главниот уствари, Коља, се имаме запознаено на Крушевскиот Телевизиски Фестивал. Коља, јас сум, ме памтиш?
-Еј ако продолжиш вака ќе го надминеш лимитот. Можеби навистина имаш шанси. Ме возбудуваат раскази како тебе, особено, што се трудат да „одбегнат“ шаблон, да се ослободат од стегите на структурата, да измислат нешто ново, а со тоа само градат уште еден шаблон околу себе. Само-прогласени „слободни“ раскази, убаво вика Гете за тоа дека си во најголема заблуда ако мислиш дека си слободен.
Па, Џорџ Бернард Шо тврдел дека сите ние се сведуваме на 'boy meets girl, boy goes on a quest'. Ставив и момче и девојче, можеби малку несмасно, сепак мене ми е важно само да учествувам. Не се оптеретувам со слобода.
Знам дека ќе ме објават, секако, барем ќе допре до некој мојот став за лошото влијание на егзистенцијализмот во литературата. Да сакав да победам ќе се продлабочев во Васко Попа, или оној, рускиот теоретичар... Како се викаше? Оној што вика дека не треба ниту еден ден да ви помине без ред, како Роналдо што тренира фудбал секојдневно.
-Немам појма.
-„Ниту јас. Но ми станува ужасно досадно. Можеш да правиш муабет со расказот ако сакаш, јас ќе си одам дома.“.
Нема потреба, јас ќе одам, само кажете каде се новите простории на Темплум, бидејќи вчера на Илинденска бацив врата.
-Оди по меил,
elektrolit@gmail.com
Фала ти, чао!
-Еј, чекај!
Што?
-Па зарем мислиш ваков неуреден да одиш?
Гајле ми е.
Не биди непристоен, па тука има некои лични муабети, премногу интелектуализирање, освен тоа, може и Ѓорѓи Крстевски да се налути ни крив ни должен.
Ако се плашам од секоја ситница како тебе, немаше да стигнам до 1003тиот збор. Тоа е твојот проблем. Кукавица си.
-Ете ти, веројатно не ти е гајле и што дојде до 4та страна, го помина лимитот, од невнимание! А, претпоставувам, денес е денот за укажување на моите проблеми, моето лудило, и така натаму?
Цел живот ти мене ми ги наоѓаш мааните, редно е јас малку да почнам да ги забележувам твоите.
-„Без навреда, но расказов делува како прилично глуп. Ме чуди како му дозволуваш да те манипулира на овој начин.“
-Има право, за едно, кукавица сум, да не бев, до сега можеби и ќе те бацев.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања








































































































































































































 

  д:дома