август/септември
г:гето руди
г:години:30
п:професија:лектор
/ професор по македонски јазик
д:досега
објавено:има
getorudi@reggae.com.mk
т:трчање
Што, по ѓаволите?! Мислиш дека ги копирам руските алтернативни прозаисти,
пишувачи на кратки раскази?! Па, јас првпат ги пронајдов сега, првпат се
сретнав со нив пред некој ден, навистина, а тоа што сум го напишал, тоа е
од поодамна. Се разбира, се совпаѓа по нешто, што ќе правиш, ама барем
преку мене се зближуваме до источноевропските збиднувања, актуелности. Ако
ништо друго, ќе пријавиме и ние коњ за оваа трка. Ајде да речеме дека не е
трениран доволно, а и одамна ги нема протегнато нозете, но кога се работи
за вака сериозен натпревар, ако успеете да го мотивирате, сешто може да се
случи. Мрзеливост, тоа ти е!
а:артур
- Го губиш полека патот и нема каде да одиш. Нема ни со кого да се бориш,
сите твои непријатели се два метра под земја, од нив се останати само
купишта коски, изглодани од црвите. Дојде времето кога треба да се вратиш
дома и да ги одмориш своите стари рани, безмалку претворени во красти.
Така му глаголеше Мерлин на Артур, престорувајќи се во мудар був. Потоа ги
распрета крилјата и полека летна кон небесното синило.
Однекаде, гладен јастреб се впушти по мудриот був за да ја задоволи
својата исконска потреба. Артур го забележа тоа, набрзина го спреми лакот
и стрелата. И покрај целиот оклоп кој му тежеше на неговата старост и
покрај сончевите зраци што му удираа директно во очите и покрај ветрот што
пиркаше, кралот в миг прецизно нанишани. И погоди. Се слушна очајнички
крик. Прободен во вратот, јастребот за неколку моменти се струполи во
единбуршката прав. За првпат во животот му помогна на маѓепсникот. Тоа
беше неговата последна битка.
Оттогаш, никој никогаш не го видел бувот.
о:остров
Драги Мама и Тато,
Овде е убаво. Има сонце, песочна плажа, а морето е многу
солено. По капење, секогаш одам на туш, како што ми рековте пред да
тргнам. Ги следам сите ваши совети и убаво си поминувам. Изутрина се
мачкам со млеко за сончање, кон пладне „бегам“ под сенка, а по осумнаесет
часот повторно сум на сонце. Кога ќе се вратам од плажа темелно се мачкам
со она специјалното средство што ти, Мамо, ми го купи од аптеката за да не
ми се излупи кожата. Веќе сум потемнет. Кога ќе се вратам ќе мислите дека
син ви е црнец.
Појадокот е солиден, а вечерата обилна. Даваат и десерти.
Постојано се обидувам да ги разбркам мувите што ми се собираат околу
лебот, ама тие пак се тука.
Не ми е здодевно. Ја читам „Баудолино“, малку е тешка, ама
добро ми оди, интересна е. Мислам дека ќе ја дочитам до крајот на одморот,
иако има околу петстотини и четириесет страници. Запознав многу
секојдневни луѓе; госпоѓица Намќор, која постојано се туркаше во
автобусот; господин Деки Феки, режисерот на „Одисеја 2006-та“; господин и
госпоѓа Мреевски; госпоѓа Кумановски Мезал'к, со приврзоците, еден од нов
особено здодевен; господин-шофер Ромале Ромали; господин Бркмустаќ, кој
можеше да потекнува од која било балканска држава (се снаоѓаше со грчкиот,
српскиот, македонскиот и бугарскиот јазик, но затоа англискиот му беше
маана), а сепак, сè уште не можеме да дознаеме од каде е; госпоѓица
Кршиста Кло; Марко Вокер (Шетачот); господин Шеќерко, кој, одрекувајќи, ги
изеде сите праски, а подоцна и сите парчиња лубеница; госпоѓица Поте
Ченоко со пријателите; Пеглачката и нејзиниот маж Баритон Бас; госпоѓа
Мрчалка со своето семејство Рибосмрдловски; семејството Бинови; малиот
песокофрлач со мајка си (песокофрлачката); Каменорезец Храбар; членовите
на „одбојкарската репрезентација“, што секој ден ни ги полнеа очите со
песок (барем да беа одбојкарки!); премногу гласните Срби и едно чудо ежови
во морето; госпоѓица Висицицка од Холандија со придружникот Скриенкурко од
Украина; госпоѓица Госпоѓа... се запознавме и изгледа како интересна
личност. Еве ја, доаѓа. Ќе ви раскажувам кога ќе се вратам.
Ве гушкам. Поздрав до Дада и Бато. Се надевам дека одлучија
каде ќе одат на одмор.
Вашиот сакан син.
п:приказни за велосипедистот
1.
Токму кога ќе помислам дека, всушност, залудно сум го потрошил времето
држејќи го пенкалото, вклученото пенкало над тефтеров, измачувајќи се
постојано, терајќи го умот да ја пренесе мислата, почетната мисла,
иницијалната капсла, идеја, збор, реченица, што било, изморен, од сè,
невожможно деконцентриран, изнервиран што за целово време можев да читам
нешто, книга, месечник, дневен весник, да гледам телевизија, пијам пиво,
се видам со другарите, најдам со некоја девојка, што-ти-јас-знам, да се
возам со велосипедот низ скопјево (кое навистина стана студено деновиве,
дефинитивно ќе се разболам ако продолжам да се возам по кратки ракави и по
сомотскиве панаталони што ги скратив пролетоска, тоа ти е, ме мрзи да се
облечам повеќе, а и ако го сторам тоа, знам дека ќе се запотам). Никако не
оди!
Е, токму тогаш станувам, чекорам до балконската врата и намерно ја отворам
за да влезе студен воздух и да ме искулира, арно ама, наместо воздух
влегува мислата и ми вели: „Абе, Денко, иди до колонијалчено, купи си
пивце и ќе ти тргне, во последно време нешто слабо ми пишуваш!“ Јас
одговарам: „Во ред!“ се спремам, земам празна амбалажа, пари и летам кон
продавничката. Во меѓувреме, некои баби ми досадуваат во лифтот (се чудам,
зошто наместо нив не беше Надица Георгиева, живее кат под мене), со сета
сила во мислите го туркам да оди што побргу надолу, зашто баба си е баба,
веднаш почнува да ти муабети за нашава трагична ситуација (мислам на
политикава, де!) и за нивните пензии што постојано доцнат, ме сфаќаш, се
враќам со полни шишиња, ама без пари и со огромна надеж дека сега ќе нема
никој во лифтот, освен Надица.
Влегувам низ врата, отворам едно шише, со зелено стакло, другите ги ставам
во фрижидер и се запрепастувам дека ми е толку празен, што и еден
растафаријански расположен Етиопјанец би се сожалил над мене, а последните
пари си ги дадов за пиење, човеку, нема проблем, седнувам на работната
маса, одбирам квалитетно реге што би требало долго и добро да ме „извози“,
го земам пенкалото коешто отпорано останало вклучено, го приближивам
тефтеров поблиску, ја отпивам првата прекрасна голтка од зеленото пивско
шише, го чувствувам оној прекрасен мирис на јачмен, продира низ ноздрите и
низ грлото, чувствувам дека ќе ме облее убава морница и почнувам да
пишувам.
2.
Ветрот ми ја бушави бушавата коса, никогаш неисчешлана, итам со
велосипедот по градските улици, поточно по „Партизанска“, брзам да ги
завршам сите дневни обврски, еве, скоро е пладне, а после треба да се
најдам со мојата девојка, којашто сигурно ќе дојде со другарка ù, а сите
знаеме какви се тие средби, здодевни и напорни, после кратко време сè ќе
ми дојде преку глава и едвај ќе дочекам да си одам дома, случајно ќе
поминам покрај „Наша книга“ или „Македонска книга“ или
„Што-ти-јас-знам-каква книга“ и ќе прочитам на излогот - Огромно Намаление
(токму така, со две големи букви) - ќе влезам и ќе ги потрошам сите пари
што ги носам со себе, не размислувајќи за тоа дека наредниве денови ќе
морам да гладувам и да се „гребам“ пијачка кај другарите (имам навистина
добри другари!), ама барем кога ќе излезам од книжарницата ќе имам купче
книги што не сум се осмелувал да ги купам претходно, но и купче книги што
не ми требале толку многу, сепак... Потоа не знам како да се качам на
велосипедот, а знам дека некаде по пат накај дома, на некоја дупка, ќе
паднам, верувајќи дека книгите и велосипедот ќе останат неповредени, а за
мене и не е толку важно. „Тежок ден!“ си мислам додека шибам по
велосипедската патека и додека ветрот ми прави фризури што ниту Сергеј,
ниту Сретен, ниту кој било скопски фризер, се извинувам, стајлер, не може
да ми ги направи.
3.
Што ми се случи изминатата недела? Апсолутно ништо! Бев на факултет, си го
отворив досието, ми недостасуваа осум пријави, тоа се осум професори, па
трчај по нив, никаде ги нема кога ти требаат, почеток е на септември, не
им е сезона, некои веќе се во пензија (зарем толку долго сум студирал?!),
а кој им е шеф на катедра? и каде е? што? таа не работи веќе тука, па,
каде да ја барам? а-а, во Германија е! не, не, сè е супер, сè е супер.
Морам да излезам од зградиштево, абе, кај ми е велосипедот, не е можно да
ми го украле, да не ме зафркаваат некои другари што ми ја знаат шифрата,
не, го пребарав целиот комплекс факултети, никаде ми го нема велосипедот,
по ѓаволите, ај ќе одам до полициската станица да го пријавам, нема друга
опција - освен, можеби, и јас да си украдам од некаде. Во станица -
мрцварење, не сакам ни да помислам за тоа. Утредента пак ништо, седев дома
и не знаев како да излезам без велосипедот, некој ми ги врзал нозете.
Наредниот ден повторно ништо, станав рано изутрина (какво чудо!), решив
непродуктивноста да ја преточам во непродуктивен расказ, ама се сетив на
мојот велосипед.
4.
„Ми фали точакот, бре!“
с:сродност
Се најдоа во кафуле. Случајно.
Премногу сродни за да бидат заедно. Почнаа да се бакнуваат. Неговите
суканици и нејзините суканици правеа компактност. Не им се одеше дома.
Разговараа и пушеа џоинт. Се смееја со часови. Ги фати зората. Потоа си
отидоа дома.