т:темплум  

 

август/септември
г:
грозданоски живко


с:студент
г:години: Дваесетина
п:професија/интереси: Јазици, литература, уметности
д:досега објавено: “Песок и свила” (збирка поезија)
grozdanoskiz@yahoo.com


 

ф:филозоф

“Јас мислам дека човекот е најпроклетото создание од сите битија во нашава дунава. Човекот е лишен од мир, за разлика од животните, кои за (нивна) среќа, немаат грижа на совест, не лажат, не плачат, а и ослободени се од тегобите на мислата и чувството. Да, но и животните, сепак, некогаш имаат чувства, а често немаат мир поради други животни или поради човекот... Затоа пак, растенијата се многу поразвиени, не само заради тоа што немаат мисли, инстинкти и имаат мир, туку и поради тоа што се лишени од тешкотиите на носталгијата која често ги мачи и луѓето и животните. Но најпосле, и растенијата не можат да се споредат со возвишеноста на битието на камењата, кои се господари на мудроста, на духовната сила со која си обезбедиле и физичка издржливост. Потполно се лишени од сите грижи на останатите созданија, самостојни се, мирни, и се целосно рамнодушни кон нагоните на останатите битија, дури и кога ги засегаат и нив самите...” - размислува едно дождливо утро филозофот, седејќи на каменот пред својот дом. Кога завршува со размислите, станува и го погледнува каменот зад себе, очигледно завидувајќи му на непроменливоста. Потоа влегува во куќата и за кратко време се враќа со чекан. Клекнува до каменот и започнува да го удира. По четвртиот удар, од улицата се слуша смеа на луѓе кои гледаат кон куќата на филозофот. Филозофот се исправува, поцрвенувајки. Луѓето ја одминуваат сцената, а ваму каменот сепак останува ист. Филозофот повторно седнува на каменот, но овојпат не мисли на ништо посебно.



 

г:генерации

Млад човек седи на клупа несоодветно, речиси непристојно. Наоколу има луѓе кои воопшто не го забележуваат тоа затоа што пред извесен број години, или во иднина, или го правеле, или се подготвуваат да го прават тоа, како и повеќето од останатите вообичаени релативно вулгарни работи. Сепак, на младиот човек му приоѓа еден старец и гестикулирајќи започнува да му зборува со висок тон за општата декаденција на општеството поради бескруполозната вообразеност на новите генерации. Младиот човек станува и му се приближува на стариот човек, тивко зборувајќи му нешто. Стариот човек се смирува и започнува да се смешка, гледајќи во асфалтот на улицата.



 

г:град

Во центарот на градот, девојката ја прекинува линијата, го става телефонот во ташничката, ја подигнува чашата со зелен чај, ја спушта повторно на масата и го става своето лице во рацете, не гледајќи повеќе кон кејот. Останува така малку време.
Две минути подоцна, на едниот крај од градот, една девојка ја прекинува врската, ја спушта раката со телефонот на коленото и збунето се загледува во некоја неопределена точка на ѕидот. Најпосле воздивнува и станува.
Пет минути подоцна, на другиот крај од градот, друга девојка ја прекинува врската и смеејќи се на глас го става телефонот во џеб. За кратко време престанува да се смее и застанува, но само за момент. Продолжува да чекори, но не се смее повеќе.




 

л:лице

-Не знам... повеќе не верувам дека смислата е во среќата... - ми велиш со наведната глава, и самата збунета од тоа како воопшто дојдовме до овој мо-мент да водиме вака необичен разговор.
Јас ти се приближувам, ја подигнувам едната рака и се обидувам да ја ставам на твоето рамо. Штом го допрам, тоа се одронува. На подот зад тебе останува мало купче бела песок.
-Што направивме од себе? - тивко ми велиш гледајќи на подот, а јас не знам што да ти одговорам. Погледот ми е врз дланката со која пробав да те допрам. На неа останале неколку зрна песок.
Преморено ја наведнувам главата, изгубен. “Извини...”
Ти ја подаваш едната рака и ставаш четири прсти од нејзината дланка врз мојот образ. Не верувам дека знаеш колку неподносливо усвитена дланка имаш. Кога би знаела секако помалку би ме болело.
Остануваш така да ме гледаш некое време, па ја враќаш бавно раката назад. Мене лицето ме пече и ми крвари. На четирите прсти од твојата дланка се залепила малку кожа од моето лице. Ги ставаш прстите од истата дланка на својот образ и сега моето лице останува таму.
Се наведнувам и во дланката го собирам купчето песок што пред малку ти го изронив од раменото. Го налепувам врз образот за да не ми тече крв.
-Се познава?- те прашувам, вртејќи го образот кон тебе.
-Да, се гледа, песок... четири прсти се познаваат... а кај мене? - ми велиш, вртејќи го образот.
-И кај тебе има четири прсти... - ти одговарам.
Пробувам да се насмеам, но не можам, образот ме боли. Гледам дека и ти сакаш да се насмееш, но и тебе сигурно те боли.
Би те прегрнал, но тоа би било навистина премногу.



 

с:срце до срцето

Во паркот едно момче и едно девојче се запознале. Случајно погледите им се сретнале и така останале да се гледаат долго време. Изгледа дека со тој поглед совршено добро се разбрале, па ни збор не си проговориле, туку двајцата станале, за рака се фатиле, па заедно низ паркот зачекориле. За сето тоа време ни збор не прозбориле, затоа што со поглед совршено добро се разбирале. Цел ден низ паркот се шетале и бескрајно еден во друг се заљуби-ле. Но бидејќи со поглед совршено добро се разбирале, ни збор не изустиле.
Вечерта, заедно во тишина на една клупа во паркот сами седеле. Гледале во стеблото од едно дрво, па на нешто се сетиле. Дрвото да го направат симбол на нивната љубов решиле. Извадиле ноже и, без да изустат збор, да длабат срце во стеблото од дрвото започнале. Бидејќи многу заљубени биле, цела ноќ тоа го правеле, па така срце до срцето издлабиле.
Но со ова дрвото го повредиле, па неговите гранки се исушиле, се занишале и заедно со стеблото на земјата треснале. Момчето и девојчето ова како очи-гледен знак го сфатиле, па се погледнале и без збор се разделиле. Додека се разделувале, дека никогаш повторно нема да се сретнат и двајцата знаеле, но ни тогаш ништо не си кажале, зашто со поглед совршено добро се разбирале.
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



























































































































 

  д:дома