н:наградени раскази
ноември
Заврши и последниот, осми,
конкурс од првата електролит-година. Последниов месец добивме вкупно 84
раскази од 33 автори. Како најдобри, издвоивме девет раскази кои ќе бидат
објавени во декемвриската Маргина (која, се чини, ќе излезе дури во
јануари, после првата електролит-книга која ќе го содржи годишниот избор
од најдобрите раскази испратени на нашиот конкурс).
Според нас, значи, најдобри раскази за месец ноември се:
„Сакав“ од
Милена Николовска
„Абер отаде“ од
Буши Мит
„Игра“ и „Сеништа“ од
Ѓорѓи Крстевски
Првонаградениот расказ, „Сакав“, има примеси на онаа „дистописка“
(орвеловско-замјатиновска:) линија која, како тематски приод, ја
наградивме и минатиот месец, но во суштина можеби повеќе станува збор за
мала психолошка студија, дури можеби (барем ние, од „оваа страна“,
оценувачите, можеме да си дозволиме такво гледање:) некаква метафорична
критика на самиот наш конкурс! (или воопшто, на институцијата „конкурс“,
на судењето на нечии мисли, не?:) Дури и на првиот расказ на Николовска,
„Книга“, може да се гледа на тој начин - но тој расказ за нијанса е послаб
од вториот (иако, интересно, повозбудлив е за читање, има подобра
динамика; за жал, има премногу стереотипни формулации за очите, душата,
желбата итн.). Николовска веќе неколку месеци е еден од најсериозните
учесници на конкурсов и сметаме дека првото место ù и заслужено, иако
нејзиното писмо сè уште страда од одредени слабости (меѓу кои некои
набројавме).
Буши Мит испрати уште еден одличен расказ, во низа, „Абер отаде“, но
сепак не на нивото на првонаградениот минатиот месец. Расказот е интересен
и заради жанровскиот преплет: ем е авантура, ем потрага, ем фантастика, ем
(пара) психолошка енигма. Но, има малкуцка повеќе општи места отколку што
сме навикнале кај Буши и затоа за нијанса го загуби првото место.
Покрај Буши Мит, најмаркантниот учесник на овогодинешните
електролит-конкурси е
Ѓорѓи Крстевски, кој е единствениот кој учествуваше
на сите осум конкурси и единствениот е, заедно со Буши Мит, кој дури три
пати беше наградуван. „Игра“ е една од најубавите минијатури годинава, а и
„Сеништа“ е тука некаде, на поовската патека, убаво насликана мала слика
со мошне деликатни темни светлосни преливи кои создаваат благо заканувачка
мистериозна атмосфера.
...............................................................................................
Во декемвриската Маргина, како подобри, ги
издвоивме и следниве раскази:
„Црвите, зачинот,
црвите” од Наташа
Гелева (мрачен реализам, поради што Гелева е идеална и за вториот наш
конкурс, „Вистинити приказни”!),
„Загуба, добивка” од
Шеик Абд ал-Јахја Вахид (добар, изграден стил и
ликови, живописност, поп(Ју) тематика... исто така, добар кандидат за
„Вистинитите“:-),
„Чекање“ од
Кристина Гацова (за нијанса послаб од нејзините досегашни
раскази, но сепак авторката повторно успева да изгради еден
мини-свет(оглед) во само неколку реченици) и
„Страв“ (реалистичен расказ, со добро изградени
„маргинални“ ликови врзани со солиден драматуршки лепак - стравот) и „Трчаница“ (уште една
убава, поетична минијатура) од
Дарин Ангеловски.
...............................................................................................
За пофалба издвојуваме цел куп девојки (Red
Clown, Мила
Умиљата, Драгана
Заревска, Анета
Анета, Слободанка
Павлова, Марика
Радовиќ, Марта
Марковска, младата
Ивана Стојковска...),
кои испратија мошне интересни и шармантни раскази, на моменти возбудливи и
снажни, често со провокативни идеи и напишани со нови и храбри стилски
постапки; за жал, речиси сите тие раскази страдаат од слични слабости:
впечаток на недовршеност или недореченост, недоволна осмисленост на
деталите, недоволно скротен експеримент, дури и впечаток на одредена
нејасност и конфузија... Постмодерната книжевна постапка (највидлива, да
речеме, кај Анета Анета,
која постепено ги менува наративните точки, аглите на гледање, создавајќи
преплетување, прелевање и претопување меѓу ликовите и лебдечкиот,
нестварен наратор) е сосема легитимна и нуди возбудливи можности и за
порадикални книжевни експерименти - но важни се, почитувани елитраши -
дисциплината и самокритичноста! Осмисленоста пред сè на целината, но и на
мотивациските постапки на ликовите, психолошката логика под која тие
дејствуваат, заедно со најситните детали, се разбира, и заедно со
деликатните интер-текстуални и саморефлексивни игри...
Од машките треба да се пофалат
Орце Павлов, пред
сè заради расказот „Дуранија“,
Гето Руди со расказот
„Ацо“ и можеби,
заради хуморот и фантазијата, „Јас и
лепрканот“ од Андреј Романов.
Но, сите три раскази (како и расказите на Душко Гошевски, Орце Павлов,
Глигор Еленов, Милко Бојковски, Сајлент Сторм, кои исто така би сакале да
ги пофалиме и малку покудиме:)
имаат сериозни мани. Ако во пишувањето, драги елитраши, ве води
исклучиво скриената порака, ризикувате реалната приказна, онаа во прв
план, да ви испадне неубедлива, проѕирна... Во литературата тоа е една од
најопасните работи: „телефонирањето“, соголеното сугерирање и делење
морални или естетски поуки, ставови итн. Работите треба да произлегуваат
од веродостојноста на ликовите и дејствието, а не од однапред зададените
„големи пораки“. Многу од расказите на
гореспомнативе автори страдаат од самозаљубена, самосожалива и малкуцка
скрибоманска здодевност, иако е несомнено дека авторите имаат сосема
пристојно ниво на рефлексија и писменост.
...............................................................................................
Што се однесува до целата (но скратена, од февруари до ноември:) година,
за овие десет месеци (т.е. осум конкурси, оти два беа двомесечни) добивме
вкупно 508 раскази од 244 автори (се разбира некои автори
имаат учествувано во повеќе месеци, а дел од нив се појавуваат под
различни имиња и псевдоними). Во текот на
годината наградивме вкупно 27 раскази од 21 автор (Крстевски и Буши Мит
имаат по три награди, Гацова и Цветковиќ по две). Најдобрите, според нас,
шеесетина-седумдесет раскази кон крајот на декември 2006-та ќе бидат
испечатени во првата годишна Електролит-книга. Претходно ќе го објавиме
изборот на сајтов.
:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::
е:електролит:2007
Од јануари 2007 година Електролит продолжува, а под кои
услови - накнадно ќе ве информираме, почитувани писатели и читатели.
:::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::::
Наградите се:
1.
место: 8
изданија на Темплум
(5 книги од прозната едиција Магма и 3 Маргини)
2. место:
5 изданија на Темплум
(3 книги од прозната едиција Магма и 2 Маргини)
3. место:
3 изданија на Темплум
(2 книги од прозната едиција Магма и 1 Маргинa)
Наградите можете да ги
подигнете во новите простории на
Темплум, ул. Антонио Грубишиќ, бр.6 (во близина на кафèто Деус).
Погледнете ги досега објавените
Маргини и прозни книги од
едицијата Магма.