т:темплум  

 

ноември
с:
стојковска ивана



 


 

а:аб ово #1

 ...Не знам како почна, крајот не се наѕираше, а јас стоев пред огледалото со поглед вперен во тебе-во личноста што ја нарекував себе. Секојдневието ми беше магла на соништа, некоја мешавина од патетика и монотоност, а системот беше секогаш тука за да ме ограничува во се што правев колку и да не сакав. Дали сево ова беше зашто само растев...растев или се распаѓав? И конечно најдов време, фатив момент за да се нацртам себеси, за да ги анализирам лузните и пепелта од мене што го затемнуваше портретот на лудоста...

Од каде дојдоа луѓево?
Премногу нови лица донесе денешниов ден за мене-гужвава ме гуши. Грубо извезените насмевки на нивните лица подарени во форма на поздрав ме иритираат заради 'пластиката'која ја содржат, а нивните остри погледи упатени кон мене уште еднаш ме потсетуваат дека јас нема никогаш да припаѓам меѓу нив и дека местото ми е во мојата вакумирана соба на тишина. Сепак највеќе од се ме плаши помислата дека овие нејасни појави ќе ми бидат секојдневие дури дел од мојот живот-во прашање се години!2-3 девојчиња со румени обравчиња, прекрасно средени коси, перфектно испеглани шарени фустанчиња и кондурчиња што им се вклопуваа со боите на нивниот целосен изглед, стоеја пред вратата и како да сакаа со весело разиграниот спектар да ме залажат дека се наоѓам на влезот на складиштето на хармонијата, спокојот и радоста, додека јас се криев зад капутот на мајка ми обидувајки се да бидам силна пред длабоко ефективниот пејзаж на маѓичната долина. Конечно влегов... Ја мразам таа моја прва стапка и начинот на кој ја изведов истата, ме срамни со земја.... зошто ли воопшто влегов?

Не ми ги буткај книгите од под клупа!
-Зошто не се спротивставив на оние исшмирдлани барбики што така бедно се подбиваа со мојата мртва појава? Можеби устата ми ја затнуваше нивната способност да ме карикираат со самото нивно апсурдо постоење-онаа нивна природна перфекција во изгледот, усовршеност во сите сетила, моќниот начин на кој зборуваа и пазливо избраните парчиња облека кои така лесно висеа на нивните извајани тела што тотално им сраснуваа со кожата. Што ги правеше толку недофатливи за мене, толку непобедливи? Дали јас некогаш ќе бидам нив за да им го загорчувам животот на такви како мене-предодредени да молчат пред чинот на неправда, неспособни да дадат се од себе за да го удоволат стремежот да станат некој во своите очи ? Си играа тие со мојата добрина, со мојата бујна фантазија да го прифатам светот како адекватно место за живеење, а луѓето да ги направам божества кои го разубавуваат максимално. Верував дека само им е тоа период на преобразба и дека ќе можам да се адаптирам помеѓу конечните продукти, но нивната патетика беше хронична а нивните дела склони да ми ги влечат мааните и ме рануваат до сржта. Тие продолжија со своето подбивање, желни за највисокото ниво во заедницата, а јас...да и јас продолжив со нешто... се давев во солзи и депресии предизвикани од мојата функција во општеството-да земам се при срце и да патам заради истата.

Учителката ме мрази!
знам, и побарав помош по ударите а таа ми рече дека се лигавам, а на нив им подвикна малце колку совеста да и биде чиста ако се решам да ја тужам. Колку е крута нацијава отупена од стереотипи, обожавател на скицирани фаци!Можеби сакаше да ме направи посилна ама можеше само да ми посочи дека се стремела да го направи истото зашто без тоа јас никогаш нема да сфатам и ќе ја гледам како љубител на пластичните-и вечно ја чувствував како таква...


Зошто седам сама во мензата
со гадните развлечени, презачинети месишта кои морам да ги изедам? Сите се собрани на страна озборувајќи ме до бесвест, а јас чувствувам вина ако им згрешам-семка сум кога се трујам со нивните отрови, а седам сама токму затоа што дозволувам да го вреднувам нивното мислење, воопшто да се замарам со нивното, благо кажано-кисело дејствување врз околината. Се стремев да ме сакаат, барав топлина надвор од златниот кафез-туку што излегов и тешко дека од нив ќе направев мое ново пошироко стаклено ѕвоно, кога тие беа победни и од материја во корозија...ми наликуваа на мов, а до нив јас си личев на бактерија-тотално непотребна...

наќитена како елка
се чувствував во кловновските алишта кои беа пренатрупани на мене само за да не ми студи. Смешно изгледав... ама барем се губев во шаренилата на новогодишната атмосфера... Изгледот дефинитивно деструктивно влијаеше врз мојата психа, а што е најлошо тогаш кога бев најмногу различна од сите си се мразев зашто веројатно мислев дека надворешноста е пресудна за капацитетот на внатрешноста, а со тој птичји ум елитата на нашата пластика утврди дека она што се дели заради пакувањето треба да биде предмет за подбив... се надевав дека рокот ќе им помине!


Добро е што ја пишуваш годината на табла, инаку ќе ја заборавам
така е кога ист е секој ден, а поготово деновите од распустот предодредени да бидат севкупно пополнети со зјапање во телевизорот и масовно јадење на се што нуди фрижидерот.




 

а:аб ово #2

новиот милениум ми е старата рана!
а светлината се крие зад аголот. Можеби понекогаш само ќе ми светне ама не ја илуминира доволно рушевината во мене рушевината од мирисот на пластика што скапува околу. Имам другарчиња, им се доверувам и целосно им верувам... ама колку тие мене ми возвраќаат?... Ќе имам ли некогаш вистинска душевна кохезија со било кој од планетава? Ќе ме сфати ли некој? Ќе бидам ли прифатена со сите свои маани? Ми се чини дека не постои некој кој навистина без сомнение ќе знам дека е мој другар, верен другар-оној што е за секогаш, во секое време, за мене... цел живот ќе се огорчувам со лицава чија себичност никогаш нема да го стави мојот пријателски акт на прво место, а тоа ме повредува... зарем сврзувањето не беше елементарно нешто за изградба на облакодер... за изградба на моите скали до небото?

самовила во завеса
бев јас помеѓу нивните оригинални костуми. Потонував од срам, а требаше да се гордеам со уникатноста што ја носев на себе колку и да им личеше на ѓубре... колку и да ми личеше на ѓубре. Сакам да можев да сфатам дека јас бев таа што се правев да патам. Комплицирам несфаќајќи го простиот живот на градов. Сакам да се скријам позади завесата во себе за да не се повредувам... за да верувам дека сум некој... за да бидам некој...

збогум пеколна градино!
Збогум џуџиња што ми значите премногу!Збогум бедо... јас заминувам во нешто уште победно... ама тука барем нема да ги има фаците кои треба да ме прифатат... ќе бидам сама со оние кои секогаш биле покрај мене зашто јас се плашам од луѓе, се плашам да покажам вистинска љубов, ме убива зашто премногу ја имам во себе, нека остане таму зашто болно огромна е за малите патетични изливи на милувања... јас не сум способна да галам... љубовта ја изразувам преку бес... сакам да бидам во гужвата на смеење до лудост, сакам да се дружам, ама се плашам зашто не знам како, премногу сум наивна за оваа мизерија на пластика... незаштитена... само јас и мојата борба... на премин е стравот до мизантропија...

тато ај запознај ме со некој
и немој, не ме оставај меѓу овие чудни погледи... јас сум само уплашена... јас не знам како...  се родив за да бидам неспособна цел живот да ја сфатам дефиницијата на опстанокот, што гласи:Не се замарај со светот!-А јас си го хиперболизирав (светот) очекувајќи го Супермен и Дедо Мраз... верувајќи дека можам да летам... сеуште верувајќи дека има нешто зад оваа машинерија... тешејќи се дека не е само ова она за што сме дојдени... има нешто повеќе, на другата страна... таму некаде... на хоризонтот помеѓу реалноста и лудилото... јас живеам во цртан филм... во главата имам цела палета бои...

патешествието ме загрозува
ќе се тргнам... забегувам... спобудалувам... не, не знам
што правам... се трудам да не ми биде гајле повеќе... зарем ја сфаќам лекцијата?


Летаа со листовите деновите
...а затворот ми беше почестен гостин забраната за пристап ме натера да мислам дека надвор ќе се глетки кои одземаат воздух... и избегав, а сега трчам по флаерчињата зашто само тие паѓаат од небото... јас ја сакам височината... ќе ми ја даде ли вашето внимание?

се вртам против оние до срцето
Премногу баравте од мене, а не ме прашавте јас што сакав... вие ми го направивте стравот од луѓето со вашиот план за моето постоење -да замижам пред светот, уживајќи во обични работи, умирајќи во мојата едукација наведена од системот, запишувајќи си ги правилата на чело, паничејќи на секоја мала неправилна ситница, по ваш пример скапав пред огледало зборувајќи си сама на себе ... зашто присилно се концентрирав на 'поштено' исполнување на моите обврски... ама конзервата поставена врз мене за слеп напредок беше премногу лимена за мојата респирација!...

Пењоарот ме држи на тронот
свилен, а фрлен тука... царство ми е куќава, а јас во ноќницава што ја ископав од стариот шкаф изгледам аристократски и иако сама, се растрчувам низ дворот бркајќи ги пеперутките, живеејќи во мојата волшебна сказна, корнејќи ги сочните овошки, вкусувајќи ги страстно заради ненаситност-игра што не завршува зашто секогаш ќе сум желна за повеќе... осаменоста ме полудува... стариот шкаф крие изненадувања!

не можам да престанам да грицкам нокти!
како ли би ми успеало тоа кога ми е единствена занимација... инспирацијата секнува и ми изгледа дека веќе се е кажано, се е видено... не повеќе нема што да се каже!... и не, повеќе нема што да се види!... збогум простачка сувопарност... проста исцрпеност!... заминувам, си одам... во моето катче... да продолжам да грицкам нокти.

дај ми шмирдла!
Ги чувствувам мравките по телото, а косата ми е памучна шума на чворови што не верувам дека ќе ги отплеткам. Облеката ми е партали, наместа и по нешто со љубов одбрано-реткост. Не се грижам за себе, не, не се движам во себе... кога ќе процветам? Сакам да ги изрибам прљавштинити од силуетата, оние од сенката-оние што ме следат. Да бидам причина за радост, насмевка од радост.
Има ли алат за ваков занат или потребна е само склероза и добро познатата фраза-не ми е гајле!?

зарем телефонот ѕвони за мене?
-не, не слушам добро. Некој ме бара? -не, не е возможно. Некој сака да биде со мене? -не, не ми се верува... да, сепак беше тоа гласот нејзин-ме повика да се дружиме и покрај тоа што имаше раздвиженост околу неа... излегувам... ѕвоното се крши...
 




 

а:аб ово #3

стави точка на крајот на реченицата
-крајот е... готово е... гласовите на демонот во мене се само гласови, само глупави виткања на воздухот, способноста да уриваат планини им ја давам јас со моето цврсто убедување дека е ова безизлезност, греда на сошиениот грешник неподвижно густа... Нишките не ги сакам како бесмртни конци по животот да ме беснеат... да ставам точка, да доживее апокалипса овој свет. Горчината да се згрутчи под шаренила, да тлее во остатокот на суштината. Платното очекува нов приказ, филм со светлина... филм на маски...

зимата е сенката на пролетта
цвеќиња се она што гледаш, погледај убаво и ќе го видиш сувиот смрзнат корен. Ова е добро изрежирана картонска глупост, а јас сум неподвижна восочна фигура на жар. Ѕвездите ги редам на себе, за да ја наќитам ноќта во себе. Игнорирањето во вид на отупување на сетилата ја одложува починката. Сега имам надеж дека измоделираниот занес, ќе ме одвее и одвнатре...

...се губам во датумите..
безрезервно без автентични декорации на украсување на формалност ми наиде вревата, и го сетив ветрот од престижот на климата во мене, обземена од атомите на диференцијалноста во аромите, на уметноста...

шупливо како дрво
времето се суши, а јас со мојата мизерија сум само трошач на воздух, и тоа прилично бесполезен. Чувствово е опседнатост од нерелноста во постоењето, вишок енергијата неексплоатирана за достиг на ниво на корисна состојба. Можам и знам како, и покрај севкупната скица на лавиринтот ја оставам оваа мрзеливост да плута... ја оставам внатрешноста непополнета, а губењето заради делото на искривено стапче забодено непостоечки во пустинската песок, кревкост на стихијноста. Пијана од мислата згрутчена под кората, додека лежерноста ја оттапува манифестацијата, ја сетив способноста да сум флуид, непривлечна за никого, навика на утрото, невидлива за ноќта... бескорисноста доаѓа од внатре.

ти си ми само состојба на разумот
знам, јас те сетив и си ветив дека нема да бидеш нешто повеќе..но додека се стремев да ја составам реченицата со моето ветување несвесно убедена дека среќата е во моментот, масакрирав глетки до твојата прегратка која како физичка појава и не беше крзното што ми требаше. Не ме покриваш кога си до мене, повеќе те чуствувам кога си далеку. Ти си само состојба... јас сум само утеха...

го гледам вистинскиот пријател во мечето
,ме сослушува тоа и не ме прекорува, не, не ни може. Сјајот во костенливите очи со статични зеници му е секогаш таму безразлика на ситуацијата... се губам во кадифена прегратка..ме топли неговиот спокој, ме задолволува глетката... има нешто во него толку длабоко, постои-знам, чувствувам... дар ми е од љубов и самото тоа што ми ги оживува моментите на среќа го оживува, а животот му тлее во погледот оставен на мојата фантазија... го сакам... го обожавам... љубовта ќе е вечна, невозможно е да ме повреди...

ништо не се случува без причина
како што се има своја последица. Последица од твојата себичност преточена во мрзеливост е моето страдање, кое ме инспирира, а инспирацијата ми дари плодови чија сочност ме опива.. и среќата е конечен продуцт... нејзиното рециклирање нуди беда заради сувопарноста, краткотрајноста на тогашната состојба на среќата... ама ако зарем не беше тоа она што го правеше животот прекрасен-да патиш за да цениш кога си среќен, да боледуваш за да здравјето ти е душевна насмевка... да играш на дождот, да се занесуваш со ветрот, да се заборавиш во времето...

тој дојде по тебе
но ти остана за мене нешто, сеуште, зошто? Сега си ми во различна форма, не ме мачи твојот лик а мигот е посовршен кога не веруваме во минатото и се потпираме на сегашноста несигурни, незаинтересирани што иднината нуди и само со твојата проста насмевка и мојата, за чудо, леснотија во изразувањето. Сега и не е толку комплицирано, се можам јас себе, се можам и без тебе...

филмот ме направи среќна
апсурдно, но реално ми се случува-изглумените сцени на платнотот ме прават среќна, ме развеселуваат, ја доживувам нивната комедија, а и нивната трагедија е моја болка, ама барем ми ја менуваат состојбата на монотонија-ја презирам агонијата во пустината...

моќта е во ноќта
моќта на идеите да го задоволуваат ова постоење. Па еве сега мислам, мислам на тебе и се мразам заради истото. Феминизмот кој сеуште жари во оваа фигура не ми дозволува да се погазувам себеси со оние рапави муабети кои се системски и биолошки наменети за мене, за женскиот род... не, јас не сум таква, мене не ми треба некој за да уживам, некој како дел од мене наложен од светот... природно и спонтано огнот се пали..а јас форсирав до сега масакрирајки се со мисли, масакрирајки те со зборови натрупани, со здодевни презаситени дела... -веројатно бев желна само за занимација, бев љубопитна и сама се горев... веќе почнаа оние површни муабети кои ми се повторуваат во главата, ги гледам од страна и жалосна ми е нивната патетика, па барам да сопрат, мораат да сопрат... јас не се грижам за тебе, не си ми потребен да се движам, имам разум и снага за истото и повеќе од доволна ми е ... способна сум... сама.. поготово сега кога веќе знам... свесна сум... не ми се потребни мутанти... еволуирав во мистерија посветена на своето искачување нагоре... ја убивам кревкоста зашто магијата е во радоста, радоста која ми ја нуди околината со моменталниот магнетизам, завеаноста од мигот, а јас имам хистеричен пробив на смеа околу себе... ме топлат нејзините креатори...
 




 

а:аб ово #4

психички се поврзував
а повеќе се малтретирав така, ама ако страст има во секој чин ако е доволно длабок. Ти си само дете што го будеше детето во мене, но се повеќе сфаќам дека крај тебе мојата појава на детинетост е баналност заради нејзиниот стремеж да успее да го расвесели моментот иако е вештачка, маска. Паметен си, верувам, ама не си луд по мене, не знаеш како, не ме знаеш-дали воопшто сакаш да ме запознаеш? -не би требало да опстануваш заради истото? Сакам да те покорам, да те програмирам, да направам да биде нешто повеличество, садистички да владеам, да бидам причина цврста за туѓи чувства, да му дадам облик на тоа симпатично лице!Со постапките те сфаќам до некаде, дури и ти се вохитувам наместа. Опседната сум по светлина, барајќи самата си ја создавам во други туѓи лица, несфаќајќи дека не ми е потребна туѓа територија за остварување на истата кога сум доволно комплексна и обожавам да креирам, а освен тоа така секогаш би била задоволна со себе, копајќи среќа во својот перфектно измоделиран свет, се до чинот на раздор... до тогаш да лудувам, а тогаш уште повеќе... јас сум малку чудна-нема да ме сфатиш, се сфаќаш ли себе?

беден излив на емоции направени за да убиваат
Сакав да ти пишам зашто се чувствувам осамено, ми требаш во овие мигови за да го поткрепам ниското мислење за себе и да сфатам дека некој ме бара... или само те замислував и ми беше претстава за љубов, за да имам можност да бидам сакана?... -јас само се сакав себеси преку тебе... обликот на нарцис ме плаши...

не се чувствувам
Вратот ме убива од болки а помислата на сите оние... уште повеќе... Не, не сфаќам зошто толку нивниот пристап кон светот ме притиска подоле и подоле... до самото јадро на земјава... не се можам. Понеискусни се од мене, а еден мој поглед вперен во нив ми ги спушта вреднувањата за себе и не можам да верувам дека сум полн нектар, дека држењето ми е возвишено... а без тоа зошто да постојам, кога состојбата ми е закрепостена... ако сум само честичка од маглата... сакам да бидам сонцето... месечината

Што е ново?
Да, што е ново? Има ли нешто, некогаш, воопшто, генерално да е среќно и да трае? Како ли да те задоволам со одговор кога ни самата не знам.. хммммм-ново? -би сакала-да се случува... ама јас не приметувам. Промените онака вкоренето процветуваа со животот кој попатно вене, нечуствувајќи ги во својот тек токму заради таа нивна способност слеано да се претопуваат со моментите. Ми треба нешто ново, сакам спонтани промени-ќе се сменат ли ефектите и падот на светлината врз плакатот? -вештачки ми е(плакатот) ми фали платното...

...кога сфаќаш дека системот е безизбежен
ти останува уште само да веруваш во својот свет каде што тој не постои надевајќи се дека ќе влијае твојот уметничко-психопатски акт да се уверуваш во непостоечкото толку силно што стануваш и ти дел од својата фантазија, непостоечка за остатокот од светот(ти)-зарем не е прекрасно да сонуваш, сеуште надевајќи се, копнејќи по невозможното да стане возможно, да се сврти елипсава и да биде слободата? Надежта последна умира...

бев атеист се додека не се уверив дека јас сум бог
и сега верувам, верувам во себе или барем се трудам... или само можеби се убедувам... јас сум бог и сега сум побожна .. возможно е да владеам, да бидам себе и да се поклонувам пред себе, да си бидам светлина и мојот ангел чувар... така нема да потонам, нема да си дозволам...

Кога ли ќе ме погледнеш за да ме видиш?
-те прашав. 'Одговори ми!'-ти заповедав, а ти ги ококори очите зјапајќи ме, сакајќи да ми покажеш дека можеш да ме проголташ целосно со погледот.. 'Не мили, ти сеуште не ме гледаш... не ме чуствуваш...!'-го завртев грбот, а тој остана во грлото на сивиот етер прашувајќи се каде згрешил и никогаш не најде одговор... и никогаш не ме љубеше...





 

а:аб ово #5

Борец-чудотворец
беше таа со нејзините бои за стакло со кои нацрта витраж на влезната врата, занемарувајќи ги сите форми на постоење, губејќи се во безвременската епоха на нејасниот простор...'

...огледалото се скрши пред мене... тоа го направи рефлексот на мојот бес, гневот предизвикан од неспособноста да умеам да сфатам дека треба да престанам да мислам и да живеам.. само така ќе бидам!...
-отиде таа во новиот милениум каде што тие и беа непотребни, а нивната омраза не ја засегнуваше воопшто. Старата нејзина рана беше непостоечка затоа што таа беше уверена во тоа. Осаменоста ја правеше плодност, а книгите од под клупата и беа одамна прочитани така што нивното празнење врз нив, не ја болеше-знаењето никој не можеше да и го одземе, а тие не знаеја дека го туркаа она што им беше понудено за нивна квалитетна есенција, заслепени од сјајот на ѕвездите... и паѓаа. Деновите и летаа со листовите, чија слобода таа не сакаше да ја ограничува со датуми. Патешествието престана да ја загрозува зашто сфати дека пењоарот кој ја држи на тронот самата си го облече. Не беше само телефонот, таа беше секојдневно во густина од звуци кои влегуваат во неа преку слухот потенцирајќи ја нејзината способност да слуша(да биде), разбивајќи и ја монотонијата. Наќитеноста и стана привилегија затоа што секое парче беше со љубов ставено на неа, направено од љубов, а освен тоа стана и многу поподвижна од елка. Помина различни состојби на разумот, а зимата како сенка нејзина ја направи само посилна, имуна на студ. Бедните изливи на емоции ја потенцираа како херој, обидувајќи се да ја убијат повеќепати ја сторија силна, вкоренија искреност во неа, чесност и доблест на леснотија во душата... и со текот на времето се трошеше острината на тие емоции и престануваа да и бидат болни, престана да ги зема при срце, оставајќи ги некаде во отпадоците-шупливи како дрво(не им даваше на значење). Навиката за грицкање нокти се загуби во збиеноста на настаните, сега немаше потреба, тотално се чуствуваше. Новост беше секој миг зашто го погледнуваше вистински и конечно ја здогледа наговата бесценетост. Вистински пријател и остана мечето, но дрвената полица ја надополни и со колекција на други отворени прегратки прекрасно кадифени. Беше сеуште Бог таа за себе и кога сфати дека системот е безизлезен се увери дека греши, наоѓајќи го излезот во способноста да не го вкусува самиот збор како иритирачки. Психички се поврзуваше со ноќта зашто моќта беше во неа. Остана самовила во завеса-непобедлива, неповредлива, задоволувајќи си се од филмот кој и даде сила конечно да се збогува со пеколната градина. Шмирдлата ја најде во насмевката, правејќи од себе облик на светлина за себе. Оние што и беа до срцето останаа таму, длабоко во молбата за познанства која веќе и беше непотребна. Тој дојде по него, а после се светот и стана појасен, љубопитноста се гаснеше, а минувачите и станаа причина за нејзината еволуција во борец-чудотворец... 
-Еден беше моментот кога доживеа баланс, но незадоволството се јави во неа уште на почетокот на радоста очекувајќи го нејзиниот завршен дел, мислејќи на фаталноста после него-Зошто едноставно не се обиде само да живее? Зошто ја искомплицира и таа пресвета складност на елементите, обмислувајќи ги нештата? А можеше само да живее како што си вети, таа му даде перфекција на животот, а одбиваше да го живее занесувајќи се во своите претпоставки за неговиот облик-далеку победен од реалноста... Проклет песимизам!Проклета филозофија да очекува се најлошо!-веруваше дека правилно мисли со својот песимизам зашто ако и се случи нешто добро пријатно ќе се изненади и ќе и биде многу поубаво отколку оптимистички да гледа на светот, а потоа да биде шокирана од суровиот континуитет и по некој отпадок од него што ќе и се плесне во лице... и така леташе, а тлото и беше побожествено од небото, губејќи се во суптилноста на својот ум. Сфати еден ден за идиотизмот со кој губела воздишки и почна вистински да постои, но ја пресече тука непредвидливата алчност на желудникот на смртта и единствено што не успеа да го направи е самата со природниот тек на настаните да стави точка на крајот на реченицата, на романот што го живееше, што подолго го мислеше... па замина кога најмалку посакуваше, умре кога најмалку очекуваше. Нејзината приказна не беше завршена, вистинската беше одвај почната... Си поигра апсурдноста на крвотокот на природата и со неа, а не ни успеа да ја изживее крвта... си отиде таа, а јас само се наоѓав себеси во нејзините зборови...

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања

























































































































































































































































































































































































































































































































 

  д:дома