ноември
s:sheik Abd
al-Yahja Wahid
з:загуба
Пред влезните скали од
солитерот, врапци колваат нешто што не го гледам помеѓу лисје од бреза
окапано врз баричка од вчерашниот дожд. Старицата од шестиот кат скаменета
стои пред скалите, подгрбавена, расеано зјапа во баричката, стиска китка
жолти зумбули врз градите. Нешто загубила или ги рани врапците што се
распрснуваат пред да ја пречекорам баричката, со наредниот чекор веќе
стапнувам врз првото скалило. Го крева погледот, божем таа ја исплакала
баричката, ме гледа со насолзени сини очи на девојче: „Можам да се
удавам?“
з:загуба
и добивка
Ми се јавува Дејан, другар ми
од осмолетка. Не сме се чуле одамна. Сé уште е невработен, татко му и
мајка му се гастарбајтери, праќаат доволно за да не мора и тој да се
пресели кај нив во Канада. Вчера попладне, дедо му, пензиониран воен
кувар, осумдесет и пет годишен наглув вдовец, се разбудил, застанал сред
соба, и викнал: „Дејан, каде ми е собата?!“ Сум го затекнувал дедо му да
дреме во трпезаријата, покрај телевизорот што ечеше толку многу та барем
соседите од петтиот, последен кат, можеа да го користат како радио, ама
знам дека поради војничка горделивост, дури ниту откога почина баба му на
Дејан, никогаш не заспа во туѓа соба од четворособниот стан. Дејан варел
кафе, не го дочул, не разбрал што прашува. Кога ѕирнал во малечката соба
споена со ходникот, се уплашил: Дедо му се облекол свечено: бела кошула со
куси манжетирани ракави, црвена свилена вратоврска, син ленен костум,
распакувал нов чифт чорапи. Дејан не рекол ништо, слушнал дека шишти
кафето.
Шмркале кафе, телевизорот ечел, почнала серијата пенали Аргентина -
Југославија, четвртфинале од Светското првенство во фудбал. Марадона
промашил пенал, дедо му се закикотил, се засркнал, Дејан го тапкал по
плеќите, стариот кашлал во тупаница, станал, отишол во ходникот, извадил
кутија нови, црни бродарки со тока од позлатен медаљон пронижана со сив
ластик долж лакираната кожа над прстите, ги обул со мал напор, излегол без
поздрав. Дејан го стишал телевизорот, го гледал Марадона како плаче,
почекал да завршат пеналите, Југославија загубила 3-2. Сè уште вознемирен,
сомичав од чудникавото прашање на дедо му, ги натнал шангајките, тргнал да
го следи. Го здогледал на автобуската. Дејан поминал од другата страна на
улицата да купи цигари од трафиката. Продавачката предолго буричкала по
касата, Дејан не го дочекал крупниот кусур, ги грабнал цигарите, потрчал,
дедо му веќе влегол во потклекнатиот автобус полн премалени работнички од
втората смена на фабриката за текстил. Дејан буквално скокнал во тостерот
на задната врата, се втурнал меѓу испотени жени што пафтале со превиткана
Нова Македонија. Стиснат меѓу жените, виснат како малечок приврзок
на држач веднаш зад возачот, дедо му се клател ваму-таму, одречно нишал со
глава, одбивал љубезност на девојка која станала да му остапи место. На
тротоарот карши Трговскиот центар, просто исплиснат од нетрпеливиот бран
жени, дедо му извадил шамиче, неколкупати се тапнал по челото, пошол кон
малечка фонтана. Замижан, со усни напучени за бакнеж се наведнал над
свенатата шурка, го задржал врз градите свиленот јазик на вратоврската.
Дејан веќе зачекорил во паркчето. Пензионери играле домино и шах на
клупите засводени под сенките од разлистаните канадски јавори. Смешан меѓу
дремливите кибицери, запалил цигара, видел дедо му влегол во Пјер
Карден. По петнаесеттина минути, излегол со нова (сепак) бела кошула,
и со нова (сепак) црвена вратоврска, лелениот костум му бил лежерно
префрлен преку раката свиена во лактот, во дланката држел голема жолта
кеса. По истиот пат, тргнал назад кон автобуската. Дејан ја фрлил
цигарата, почекал да види како ќе матира црниот, лежерно продолжил да го
следи. Дедо му веќе се проврел меѓу толпата исчекувачки загледана во иста
насока. Ü пришол на стамена старица што стискала китка жолти зумбули врз
градите, застаната под сенка меѓу киосци за лотарија и за брзо-фото. Дејан
сфатил дека е букетчето зумбули претходно договорен знак. Фатени под
мишка, старците влегле во киоскот за брзо-фото. Дејан се вратил во
Трговскиот.
Утринава, на Дејан му паднало чудно, првите утрински вести не ечеле од
телевизорот, прв пат во животот бил побрз од војничката ранобудност на
дедо му. Позлатените токи олцкале од црните бродарки во ходникот. Тихо
небаре крадец, Дејан внимателно ја стиснал кваката од собата на дедо му.
Ѕирнал: Дедо му лежел облечен во Пјер Карден, рацете скрстени врз
градите, стискал китка жолти зумбули. Уплашен, Дејан панично зачекорил во
собата, дедо му нагло се исправил, ококорен прашал: „Дејан, каде ми е
собата?“
д:добивка и
загуба #1
Вангел, со Менка, жена му, и
петгодишните близнаци - Марио и Дивна, прв пат е во Несебар. Несебар е
туристичко потемкиново село, склепано да личи на Охрид. Под божем
хералдичките ветерни мелници од штици ковани врз 'рѓосана челична
конструкција, стари мечкари цимолат пијани цигански романси на виолина и
хармоника, недодресираните мечки припитомени од жега премалено збивтаат
под маска од тељ, се лигават стегнати во оглав од мрежа кожни ремени, се
тетерават исправени на две нозе, до замелушување се вртат околу себе,
папсани подмочнуваат врз песочните плажи зараснати во стракови сув шамак
низ кои шмугнуваат гуштери уплашени од шопуркањето на мечкината мочка.
Кусур милостина ѕвецкаво капнува во решетото на паларијата од слама што ја
душкаат тајфи поспани мачки ветошарки, сурии кучиња сокачари над неа
креваат нога, квичат клоцнати, си ги чешаат шугавите рани пеплосани од
глад и жега, подзинати талкаат со шантрав кас.
Последен ден од јуни е, Несебар е веќе пеколно претрупан од европски
лумпенпролетеријат. Стоиле, нивниот договорен домаќин, веднаш, уште кога
ги пречека на автобуската, им вети дека привремено, ден-два ќе ги смести
во суниската куќарка прилепена до гаражите на трокатниот пансион, палата
крената на брегот од Црното море во магливите мугри од гусарскиот продор
на балканскиот капитализам. Уморни од патувањето, се согласија. Стоиле си
го одржа ветувањето: Без да бара доплата, само по два дена ги смести во
апартман со веранда по која беше распоредена чкрипава гарнитура од плетена
трска: масичка, четири столици и канабе, свртени да гледаат кон тесен и
плиток базен. Утредента, Стоиле им обезбеди и гаражно место за фордот.
Мрсни машки муабети, мезе и чоканче брлива бугарска ракија послужена на
висок багремов трупец под сенка на смоква разгранета преку целиот
рустикален трем од големи обли камења зацементирани налик на саќе,
Светското првенство во фудбал на црно-бело телевизорче поткачено на викенд
масичка: Вангел го почувствува Стоиле близок веќе по првата недела.
Стоиле, женет, ќерката студира агрономија во Софија, работел во Варна,
одржувач на машини во фабрички погон за козметика од екстракт на роза,
пред единаесет години, тука, во родниот Несебар отворил автомеханичарска
работилница со двајца чираци, Иван и Траико кои ги пуштил на две недели во
Скопје да бараат евтини делови на автопазар. Вангел вади од паричникот
визит-картичка, газда е на мини-маркет, жена му Менка е домаќинка, долго
не можеле да имаат деца, по едногодишен третман во бањите од Банско им се
родиле близнаците Марио и Дивна, татко му е починат, мајка му е сенилна
старица, живее со нив, ја негуваат, се надеваат дека ќе им го препише
станот, сега му е малку шубе, ич не е раат, ја оставиле сама, страв му е
да не направи некоја беља, им ја доверил на соседите, да, има доверба во
нив, тоа се главно пензионирани воени лица. Стоиле кима сочувствително,
ухм-ухм-ухм, ја чита визит-картичката, ја пика во задниот џеб од кусите
пантолони, точи уште по една ракија, ги креваат чоканчињата, се чукнуваат,
испиваат на екс, лута е, лута, ги бапкаат чоканчињата врз трупецот, веднаш
ги чапаат вилушките, буцаат домати, краставици, пиперки, мласкаат. Вангел
станува, го јаде јанѕа, нема раат, мора да се слушне со мајка си, го
шлапка Стоиле по влакнестото рамо безмалку споено со џбиткиот врат,
заминува да дремне, да се истушира, да се избричи, да се спастри за
редовната вечерна прошетка покрај брегот. Поаѓа кон семејството
раскокодакано во базенчето, застанува на полпат, се враќа, се интонира
химната на Југославија, четвртфинале против Аргентина. Едно по едно ги
кажува презимињата на фудбалерите како што влегуваат во кадар, гласно го
пее последниот стих од химната, му отпоздравува на Стоиле, заминува.
Стоиле крева чоканче во негова чест, испива на екс, го бапнува чоканчето
врз трупецот, гледа како Вангел се наведнува крај базенчето, ја крева
Дивна во седлото на рамениците, го зема Марио за рака, Менка собира два
исти пешкира, две исти гуми за пливање. Стоиле станува, го исклучува
телевизорчето, за миг стои замислен. Брзо го минува тремот, нурнува низ
водопад ситни школки нанижани во звецкава завеса, влегува зад шанкот на
рецепцијата. Со два прста, како со оревокршачка ја извлекува од задниот
џеб визит-картичката на Вангел, карташки ја фрла врз шанкот, крева
слушалка, зуи бројчаникот на телефонот. Кусо го поздравува Траико, да, да,
да, ухм, ухм, сомот загризал, разложно му ја диктира адресата на Вангел,
детално го известува за сите членови на семејството, го поздравува Иван,
ја спушта слушалката. Ѕвецка водопадот од ситни школки, нурнува Вангел,
нервозен е, ги загубил клучевите од фордот, бравата е централна, никако не
ќе може да отвори. Стоиле крева веѓи, ц-ц-ц, кима, ниша со главата. Отвора
фиока под шанкот, буричка по документите, зема хевталица и ножички, го
теши Вангела, го тупка по грбот, заминуваат кон гаражата.
д:добивка и
загуба #2
Стоиле кружи околу фордот, се
наведнува, со дланките си прави визир врз бочниот прозорец на возачот,
загледува внатре. Клекнува, бара нешто по подот од гаражата, зема
пластична лента за пакување, го свиткува врвот во малечка јамка, станува,
силно ја гмечи со петица, ја дувнува, нишани низ неа, остра како жилет,
побелена долж прекршените рабови. Ја захевтува јамката, со ножичките
засекува малечок триаголник во неа, ја цепка во змиско јазиче. Мижурка,
центрира, едвај чујно пцуе, с'ска низ стегнатите вилици, трпеливо ја
провира јамката низ цепотинката долж горниот раб од бочниот прозорец на
возачот. Успева. Пипави обиди змиското јазиче да ја проголта клинестата
главичка од бравата. Успева. Еден виспрен двиг, кратко поттргнување, сите
врати се отвораат одеднаш. На Вангел му олеснува, не знае како да му се
заблагодари, должник му е. Сепак, ќе мора да ја извадат целата врата, да
ја расклопат, да ја размонтираат бравата, да ја однесат на клучар, ако
воопшто се нафати да му направи нов клуч.
Пред влезни скали од солитер, врапци колваат лисје од бреза окапано врз
баричка јунски дожд. Старица стои скаменета, втренчена во баричката,
стиска китка жолти зумбули врз градите. Нешто загубила, можеби ги рани
врапците што се распрснуваат пред крампонските челусти од ниските црни
цокули на Иван и Траико, во сини работнички комбинезони, едниот нарамил
малечка скала, другиот носи кутија алати, како змиско јазиче се двојат
пред старицата, ја заобиколуваат. Врапците пак долетуваат пред нејзините
нозе, се прпелаат во баричката, си ги топат градите.
Во зградата нема лифт. Иван и Траико се качуваат до шестиот кат. За нив
вратите се корица од книга. Вратата од станот на Вангел има три брави.
Централната брава е обложена со црно крукче од тврда пластика по кое
препознаваат дека е вратата дабов сендвич со решетка од челик. Тука не
пали стариот трик, под неа рамномерно да вовлечат три-четири хебли, да се
качат врз нив како врз лостови, да притиснат со целата тежина, да ја
извадат од шарките. Се погледнуваат, имаат план. Иван ѕвони кај соседот.
Им отвора Милан, келав горостасен шумадинец со снежнобели мустаки,
пензионер со полн стаж на пешадиски капетан, балонестиот старечки стомак
ја дуе белата маичка на прерамки како преполнета најлонска кеса, гнездото
на папокот ѕирка преку лабавиот ластик од кусите пантолони виснати над
кокалестите колена. Иван му се поклонува сосè скалата протната околу рамо,
на потсилен источномакедонски дијалект најљубезно го моли на десеттина
минути да им отстапи штекер, газда Вангел го поздравува, испаничен им се
јавил од Бугарија, мајка му, сенилна, стара жена се заклучила во станот,
заборавила кај го ставила клучот, не дај Боже да избие пожар па ќе вивне
цел солитер. Милан им покажува штекер во ходникот, ова не ñ е прв пат, ама
син ñ е виновен што ја остава сама, кај нашле баш сега мајката, ќе почнат
пеналите, четвртфинале Аргентина - Југославија, нека влезат, нуди кафе,
ракија. Иван најљубезно се заблагодарува, брзо ќе завршат работа, ја
потпира скалата во ходникот, ги брише цокулите, влегува, седнува на
троседот, Траико ја отвора кутијата со алатите, одмоткува продолжен кабел,
приклучува бор-машина. Телевизорот ечи, физиотерапевтите им ги олабавуваат
ножните мускули на фудбалерите избрани да ги шутираат пеналите. Милан
влегува во шпајзот, на излегување лесно ја треска вратата со петица, носи
бокал ракија во бинлак од плетена трска, куси стаклени чашки ѕвецкаат како
напрстоци врз палецот, показалецот и средниот прст.
Клекнат пред вратата на Вангел, Траико го подместува чергичето за бришење
нозе под кваката, вглобува ситна бургија, буши околу пластичниот круг од
централната брава. Чука со гумен чекан, сигурносниот клип се лизга низ
бравата како тулумба низ калап, паѓа со тежок тап удар врз теписонот од
ходникот. Траико со клешти ја изместува челичната вилица од жлебовите, го
репетира јазичето. Кваката клапнува, му кима добредојде, пријателски се
ракуваат. Клекнува, го зема сигурносниот клип, го става в џеб. Ја нарамува
скалата, спокоен е, не ја затвора вратата зад себе.
Спалната е изрешетана со страдалничката светлина на јунскиот залез,
просеана низ крупното сито на спуштените ролетни. Ја расчекорува скалата,
над брачниот кревет, во креденецот полн нерспакуван чеиз наоѓа пластична
кутија. Рие со показалецот, под филигранскиот накит од бело злато измешан
со бели свадбарски бомбончиња спакувани во бели снежновезени мрежички,
олцнува голем златен медаљон со рељефен профил на Јосип Броз Тито. Ја
истура кутијата во големиот џеб вшиен врз градите од комбинезонот, ја
враќа на место. Ја пика раката длабоко во полицата со перници, напипува
коверт. Меѓу германските марки штрчат два руси прамена свилена бебешка
коса, фатени со црвено-бела, свилена панделка. Вешто ги листа банкнотите,
брои солиден плен, го свиткува, го пика в џеб. Доста е. Го враќа на место
ковертот со бебешките прамени, ги затвора крилата на креденецот, гледа да
не растурил нешто во спалната, ја нарамува скалата, како шкорче го џишнува
патентот од џебот вшиен врз градите.
Со врвот од крампонската челуст на цокулите одопаку го превртува чергичето
со струготините, ја подзатвора вратата која зее зад него како прекршена
корица од прочитана книга. Ја потпира скалата на ѕидот под ѕвончето,
клекнува, го обмоткува продолжниот гајтан околу бор-машината, станува,
мота, влегува во ходникот на Милан. Во станот владее напната штама.
Начулен, Траико се наведнува, ја отштекува бор-машината, ја слуша само
струјата што бруи во фрижидерот, придушеното, сипкаво дишење на Милан,
сочниот, засркнат кикот на Иван. Одеднаш, телевизорот ечи, Траико се
втурнува во дневната соба, Милан вреска Ју-го-сла-ви-ја, Ју-го-сла-ви-ја,
пијан е, го крева бинлакот, пипаво точи ракија во чашките, истура, сее врз
тепихот. Мускетарски ги креваат чашките, лустерот пијано се занишува над
нивните глави, испиваат на екс. Траико го вади сигурносниот клип од џебот,
му го врачува на Милан небаре пехар, жали ама мајка му Вангел не ја нашол
во станот.
Марадона плаче.