т:темплум  

 

ноември
н:
николовска милена




 

к:книга

Нина седеше во својата клупа во училницата со бледо лице и очи кои се повеќе се вцрвенуваа, готови да ги пуштат насобраните солзи во нив низ нејзините образи, како божем едвај чекаа да се ослободат од таквиот товар. Едвај успеваше Нина да ги задржи, се бореше со нив како со најголем непријател, таков кој мора да се победи пред да го направи она што го намислил – да ја издаде. Целата се стегаше и одвреме-навреме подголтнуваше, надевајќи се дека ако не може да ја исфрли надвор целата таа горчина што ја чувствуваше, барем ќе ја проголта и ќе и помине се’. Ама не успеваше. Секогаш одново и одново нејзината плунка го имаше истиот горчлив вкус.
До неа седеше мајка и’, таа веднаш штом влегоа во училницата ја забележа тагата во очите на Нина, па постојано и’ потшепнуваше да се смири, иако не беше сигурна зошто нејзината ќеркичка одеднаш толку се натажи; веројатно не е само затоа што не поминува одлична – си мислеше. И беше во право. Не ја мачеше Нина тоа што не поминува одлична, не! Ама тоа што не беше одлична повлекуваше нешто друго, нешто што многу ја повредуваше, нешто заради што во моментот и се чинеше дека нејзиниот свет се урива и дека ништо и никој не може да и’ помогне; тоа што не беше одлична значеше дека Нина годинава нема да добие книга!
А сакаше да добие, најмногу од се сакаше. Не дека нема книги дома, има многу, и не дека сакаше да добие некоја посебно, не е ни тоа. Не е ниту зависта што другите ќе добијат, не е Нина завидлива. Само што не можеше да сфати како може таа, да токму таа, да не добие книга. И зошто? Само затоа што не е одлична. А толку се трудеше Нина, толку ги сакаше книгите, сите лектири редовно си ги читаше, одеше во литературната секција, рецитираше на празниците и на патронатот, пишуваше песни и раскази, дури и глумеше во училишните претстави во драмите на познатите писатели. И додека другите си играа, додека трчаа на одморите во училишниот двор или низ ходниците, Нина седеше мирно во училницата и секогаш нешто читаше. И дома мајка и’ ја караше зошто не учи, а чита книги, ех изгледа имаше право, сега затоа нема да го добие тоа што најмногу го посакуваше – книга.
И еве ги ги гледа Нина нив наредени едноврздруго на катедрата на наставничката која зборува нешто што Нина не може да го разбере во моментов; тука се Том Соер, Хајди, срничето Бамби е тука, ете има и една во која се собрани најубавите бајки на светот, и уште една дебела најздолу; еј па тоа е Хаклбери Фин, ете токму таа Нина сеуште не ја прочитала, а многу сака, го знае веќе Хак добро, го запозна него кога го читаше Том Соер; ех кога би била сега одлична, само кога не би биле оние четворки по физика и математика и хемија и германски и... дури и по музичко четворка! Ех, си мисли Нина, да се случи сега некое чудо, па да се предомислиле наставниците и решиле да и’ дадат и нејзе книга, бидејќи ја сака литературата повеќе од сите други, и да каже наставничката гласно дека таа треба да биде пример за сите. И при ваквата помисла се разведрува нејзиното лице, товарот на очите го снемува, образите и’ се заруменуваат, дури и усните и’ се рашируваат во нежна насмевка, но само за миг; веднаш потоа Нина сфаќа дека тоа е само илузија, дека тоа нема да се случи и одеднаш од таквото ново соочување со реалноста лицето и’ станува уште побледо од предходно; одеднаш одново надоаѓа бранот од солзи врз нејзините очи и горчливата плунка во грлото, како да не ги голтнала воопшто, како да биле тука цело време и чекале да се разбуди од прекрасниот сон што предмалку будна го сонуваше.
А и наставничката одеднаш го завршува своето излагање и го најавува доделувањето на свидетелствата. Еве сега ќе се случи – си мисли Нина, сега сите книги ќе им бидат доделени на другите, а за мене нема. Нема! И навистина, наставничката почнува да им ги дели книгите на одличните ученици заедно со свидетелството; оние што не се одлични не добиваат книги, но не се несреќни како Нина, се чини таа е единствената во училницата со тажен израз на лицето, сите други се задоволни од успехот. И еве, Тања ја добива „Том Соер“ и на Нина како нешто да и’ се откинува од градите и подголтнува по којзнае кој пат, еве Игор ја добива „Бамби“, а Ирена „Хајди“ и Нина одново подголтнува. Ги гледа уште неколкуте книги кои остануваат на катедрата, и со болка чека да види кој ќе ја добие „Хаклбери Фин“. Можеби сепак... – си мисли, но веднаш ја отфрла мислата, плашејќи се дека пак ќе и наврат солзите и знае дека овојпат нема да ги додржи.
Наставничката и понатаму ги дели свидетелставата и книгите, ете најубавите бајки на светот отидоа во рацете на Бојан, оној Бојан што секогаш најмногу ја навредуваше Нина и и’ се потсмеваше бидејќи чита, оној кој ја нарекуваше „молец“ и и’ ги кинеше книгите, ах, колку Нина го мразеше него, а еве токму тој Бојан добива книга и тоа каква! И како точно да знае што мисли Нина во тој момент, Бојан ја погледнува со потсмешлива насмевка на усните и како божем случајно ја врти црвената книга со дебели корици кон неа; и сега веќе Нина не ги додржува солзите и тие јурнуваат како илјадници војници низ нејзините образи, а до своето уво го слуша загрижениот глас на мајка си: „Престани, срамота е...“
И еве конечно и доаѓа редот и на Нина, наставничката го чита нејзиното име и таа полека станува од клупата и се приближува до катедрата. Таму стои само уште една книга – „Хаклбери Фин“, токму онаа што Нина најмногу сака да ја добие. Ама не е за неа, знае. И додека солзите слободно и се слеваат низ образите, додека ги слуша соучениците како полугласно се потсмевнуваат, во умот на Нина доаѓа мисла прекрасна, страшна, одмаздничка, но решавачка; и Нина го зема свидетелството од раката на наставничката, но ја зема и книгата од катедрата и како фурија истрчува од училницата!
...............................................................................................
Седи Нина дома на креветчето во нејзината детска соба, а на масичката пред неа стои „Хаклбери Фин“ со тврди бели корици. Но не е тоа онаа книга што Нина ја украде (ох, колку само ја беспокои овој збор), не е тоа истата книга со која истрча така ревносно од училницата денес, оваа и ја купи мајка и на враќање од училиште, откако предходно ја вратија туѓата. Зјапа Нина тажно во момчето со искинати алишта и сламена шапка на корицата од книгата и се мисли дали да ја земе в раце. Некако се плаши да го направи тоа после она што се случи утрово. Но одеднаш се решава, ја зема и ја отвора. И по само половна час на нејзиното лице блеска широка насмевка и очите светкаат од задоволство, а во мислите ја гледа разбојничката банда на Том Соер и Хаклбери Фин собрана во пештерата на брегот на реката Мисисипи...
 




с:сакав нешто да кажам...

Стоев во редицата со некакво чувство, коешто за прв пат го доживував. Беше ли тоа страв, онака недефиниран или беше само напнатост заради претстојната проверка, не можев да определам. Срцето ми чукаше нерамномерно, како расипан часовник, на моменти по две-три отчукувања во секунда, а веднаш потоа ми се чинеше дури и по пет. Не бев сигурна дали и другите се чувствуваат како мене – не можев да им ги слушнам срцата. Можев само да претпоставувам. Стоев некаде на средината од редицата; сеуште бев далеку од првиот, но можеби уште подалеку од последниот. Се плашев да гледам напред, назад не можев да ја свртам главата, па ми остануваше само да зјапам надолу, во моите стапала. Поместувањата кога некој ќе завршеше беа мали; би рекла дека се поместувавме за околу половина чекор. Со секое поместување стравот и напнатоста се зголемуваа, срцето уште повеќе спобудалуваше а не правев ништо за да го смирам. Си дозволував себеси да се опуштам, да се препуштам на емоциите, да не се контролирам – го правев тоа за прв пат во мојот живот. И не знаев дали и до крајот ќе остане се само на стравот и забрзаното чукање на срцето; можеше да се случи да се срушам, или нешто уште полошо, не можев ниту да си замислам што. Не се чувствував подготвена. Сакав да потрае подолго, да се подготвам. А ниту можев, ниту знаев како да го направам тоа во тој момент.
Размислував од каде им е таа моќ. Кога разговарав сношти со еден од нив по телефон не ми објасни ништо. А јас не се осмелував да прашам. Ми рече само дека во толку и толку часот треба да бидам овде, земајќи си една мисла со себе. Една мисла? Тогаш тоа ми звучеше невозможно; како воопшто би можела да излезам од дома со само една мисла, и која да ја изберам? И како тоа тие ќе ја „разгледуваат“ мојата мисла, како божем е таа апликација за вработување? И уште, она што најмногу ме вознемируваше и тревожеше: како тоа побогу тие ќе ја мерат таа моја мисла?!
Но еве, стоев во редицата, а пред мене и позади мене имаше уште многу луѓе и сите носеа по една мисла со себе. Не имаше можеби стотици, не можев точно да определам. Се сомневав дека ја одбрав вистинската мисла, ми се чинеше дека имам дома многу подобри, но ех, знаев дека е тоа проклетството на изборот. Се тешев себеси дека што и да изберев ќе се чувствував исто. Сепак, ми се допаѓаше мојата мисла. И не само тоа, всушност верував дека е и подолга и потешка од сите други, па себично ја чував, иако знаев дека никој не би можел да ми ја земе. И некако верував со целото мое битие дека ќе ја изберат токму мојата.
Следното на што се сеќавам е дека стоев на некое место, кое не би можело да се нарече просторија, бидејќи не беше оградено со ѕидови. Но сепак, беше посебно место, одделено од останатата околина со некакава невидлива со око конструкција, но сепак присутна и дофатлива со осетот. Во средината на собата, на еден висок метален позлатен стол со плишани тапацирани седишта, што ме потсетуваше на престолот на некој крал, седеше млада жена со пристојна физиономија, облечена во сив костум којшто се состоеше од палто и здолниште и со бела кошула под палтото. Изработката на столот на коjшто седеше и нејзината облека никако не соодветствуваа, како да припаѓаа на две сосема различни времиња, но се присетив дека овде ништо не е како во реалноста што ја познавав; ниту просторијата без ѕидови, ниту столот и облеката на жената, ниту пак, воопшто, причината поради која бев овде – да ја прочитаат мојата мисла, да ја измерат нејзината должина и тежина и да донесат одлука дали ќе ја материјализираат токму неа од стотина други!
Во недефинираната просторија имаше уште двајца луѓе – мажи. И тие, како и жената беа облечени модерно, во костуми и со вратоврски, но не седеа како неа, а не ни имаше на што; тие стоеја мирно, со сериозен израз на лицата и не гледаа во мене како неа. Се гледаше дека овде таа е главна. Тоа малку ме обесхрабри, бидејќи и покрај сериозниот израз на лицата, двајцата мажи изгледаа далеку побезопасно, би рекла дури и некако миловидно. Жената носеше очила и со непоколеблива сериозност ме набљудуваше низ стаклата. Не чувствував веќе таква возбуденост како додека чекав во редот; всушност, не чувствував ништо. Само чекав да почнат. И само што почна да ми станува непријатно од неколку минутното молчење, жената ми рече дека е готово. „Како тоа готово?“ – ја прашав, и таа ми одговори дека мислата е прочитана и дека можам да си одам. Не можев да сфатам како го напрви тоа; тука немаше никаква модерна технологија, всушност, освен позлатениот стол воопшто немаше предмети. Ја прашав дали е одбрана. Ми одговори дека не е. Ја прашав која е причината. Ми рече дека била кратка само десетина сантиметри, така што од неа не можело да се направи ниту една реченица; освен тоа, била прмногу лесна – само половина грам, или нула запирка педесет грамови, како што се изрази, а тоа не е во наш интерес, рече, ние бараме тешки мисли со филозофија од кои ќе можеме да направиме долги и комплицирани зборови и реченици. „Ама...“ – почнав, сеуште немајќи јасна претстава за тоа што треба да кажам во одбрана на мојата мисла, но таа веднаш ја помрдна главата нанапред, погледнувајќи ме прашално и јас занемев. „Госпоѓице – ми рече остро – веќе ви кажав дека вашата мисла е премногу кратка и лесна, би се добиле само обични зборови со нејзина материјализација! Ви повторувам уште еднаш – тоа нам не ни треба.“
Тоа беше се што ми беше кажано. Веќе во наредниот миг просторијата без ѕидови исчезна и јас седев пред мојот компјутер, со прстите врз тастатурата и со поглед насочен во белиот word документ на мониторот, размислувајќи што да правам со мисла долга десетина сантиметри и тешка половина грам.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања











































































































































































































 

  д:дома