ноември
а:анета анета
с:сите авиони
летаат над моето село #1
Хелен пак помисли на човекот.
Без надеж во себе помисли на човекот кој правеше приказни за своите
девојки. За своите љубовници кои ги оставил далеку зад себе замнувајќи и
оставајќи ги без збор, без милост, без начин да го зачуваат за себе. Не
сакаше да си признае, но и таа беше силно вљубена исто како и другите
можеби дури и повеќе.
Погледна во огледалото и низ мислата ù пролета дека нејзиното тело се
наоѓа на едно место каде што никој жив не би посакал да биде. Знаеше многу
места каде имаше смеа, каде имаше љубов, каде што имаше можност да најде
свој свет, поинаков живот или цел во животот, ама Хелен не отиде таму. Не
отиде никаде. Го отвори прозорот и пак погледна кон небото. Тоа беше чисто
и ѕвездите јасно се гледаа во ноќта. Имаше некои кои трепкаа најизменично
и се движеа правејќи права линија. Се прашуваше какви се тие. Се насмеа и
го затвори прозорот. Знаеше дека тоа не се ѕвезди туку авиони. Тие како
постојано да летаа таму-ваму, а таа само гледаше во нив зошто се прашуваше
со кој од нив ќе се врати тој. Седна на креветот и продолжи да чита од
книгата длабоко воздишнувајќи при секоја нова свртена страница.
-Каков глупак, си рече, и со смрачен израз на лицето продолжуваше да чита
понатаму. Стигна до последниот расказ за девојката од село и почна да
чита. Се предомисли и реши да направи пауза. Си направи кафе и погледна
пак кон прозорот. Запали една цигара и ја остави во пепелникот. Несвесно
запали уште една. По некое време пак ја зеде книгата.
-Хм, тоа така не може да биде, јас не! Не може толку време да гледам кон
небото. А таму како сите авиони да немаат друга работа. Поглупаво нешто
немам сретнато. Кој верува на такво нешто. Го зеде црниот џемпер долг до
земја што ù го беше оставил тој како знак за облеката што се носела во тоа
време, го наметна и излезе. Се почувствува како тешка глупачка. Ама гневот
што го чувствуваше беше посилен од глупоста.
Писателот немаше многу гости во недела, особено не затоа што кај него
врнеше дожд. Беше во многу добро расположение и си пиеше вино. Тоа изгледа
ќе да му беше четврта чаша. Кога ја здогледа Хелен пред себе збунето ја
праша:
-Хелен зошто излезе надвор. Врати се веднаш! Ќе расипеш сè.
Таа место да му одговори почна да се дере како никогаш досега без да мисли
на тоа дека е од угледна фамилија во селото и дека си штети што така
постапува:
-Не е вистина. Лажете! Тоа не е точно. Јас не сум вљубена во него,
господине!
-Ама полека Хелен смири се, јас не сум кажал такво нешто.
-Така сте напишале и јас ќе ги употребам сите мои сили тоа да не биде
така. Јас нема да излезам од собата, да појдам на аеродром, ниту да барам
некаков си модерен Дон Жуан, со еден збор не се враќам назад Господине, а
Вие правете што сакате. Ќе останам дома и не обидувајте се да ме натерате
да бидам некоја глупачка која постојано гледа во авионите чекајќи да се
врати некој си таму љубовник на сите жени во светот. Тој не ми остави
никаков впечаток на прв поглед, и не сум се заљубила во него до толку. Не
сум таква глупачка. Тоа не е вистина!
-Ама чекајте Хелен па зарем јас во книгата морам да пишувам вистина.
Никогаш тоа не мора да е вистина.
-Да, ама јас знам дека Вие во расказот за девојката од аеродромот лажете.
Јас не сум вљубена во тој таму и немојте да продолжите така. Ќе ја уништам
книгата.
-Хелен тоа е едно единствено име за многуте девојќи во сите раскази и ти
не си една и иста. Можеби не сакаш да си тоа ти, или да се викаш Хелен, па
да живееш во село, немаш избор. Не знам зошто се буниш. И не знам како
излезе изгледа сум ти дал повеќе храброст и мудрост и од што ти е
потребно. Знаеш дека само во првата Хелен бев вљубен, таа што никогаш нема
да влезе во книгата, а сите вие го носите нејзиното име. Нема што да се
спротивставуваш зошто ни ти не знаеш која си. Јас како ќе кажам така има
да биде.
-Сè едно јас ќе Ви ја уништам книгата. Не може Вие да измислувате некаков
си голем љубовник и да ги понижувате жените, посебно не мене. Сите жени
заради една. Јас тогаш него не го ни погледнав на аеродромот и никогаш не
ве изневерив ако ме казнувате поради тоа па пишувате како се вљубувам и
страдам по секој маж на планетата. Грешите. Како да Ви објаснам...
-Ама Хелен смирете се. Ве убедувам дека тоа не сте Вие.
-Која е? Имаше некоја друга девојка во која бевте толку вљубен, а? Не!
Промени го тој дел или ќе се обесам на сред аеродром кога ќе замине тој да
видам што ќе пишувте потоа во вашите раскази и како ќе заврши?!
-Не можете драга Хелен, ја имам милостта на предметите, местата, јажињата.
Сите се под моја контрола. Ако направите такво нешто јажето ќе се скине и
ќе се повредите што е уште поубаво за мене. Ќе изгледате многу бедно,
кутро и повредено... како за на крај.
-Ах! Проклет да си. Јас не се враќам во твојата модерна книга. И ја зеде
чашата со вино што беше ставена на масата и мавна по писателот. Тој се
наведна и го избегна ударот.
-Хелен па како може да си така злобна кон мене. Зарем заборави дека ако ме
нема мене и ти нема да постоиш. Хелен тогаш го зеде и столот и го фрли кон
Писателот.
-Те молам Хелен смири се па ти не си вистинска. Тоа е само мојата
фантазија. Не мора да значи дека навистина се случува. Мора така да
пишувам за да се продаваат моите книги. Луѓето сакаат да читаат такви
работи.
-Зошто мораше и мене да ме напуштат?! Можеше да остане со мене на крајот и
така бев последна.
- Не можев, мораше да те напушти. Тој имаше други планови во животот.
-Каде? Зошто? Хелен почна да плаче и да вика хистерично.
-Не плачи Хелен. Не сфаќај го тоа толку лично. Не замина поради тебе.
-Уште ме навредуваш, па јас немам личност, јас сум лик. Ама тоа не значи
дека јас не страдам. Направи нешто. Не ме враќај назад. Те молам. Не можам
постоајно да чекам и да ги гледам авионите. Ми се чини како сите да летаат
над мене. А не дека сакам, напротив, тоа ме убива.
с:сите авиони
летаат над моето село #2
Писателот ја прегрна и ја
повлече со раката кон себе.
-Целата си водена Хелен. Соблечи се! Не ми е јасно како успеа да те наврне
дождот кога тој паѓа само овде, а не таму кај тебе. Ама многу си убава
вака. Од кој дел излезе сакам и таму да врне.
-Таму кај што гледам постојано нагоре и тогаш кога ги видов твоите авиони,
мислам...рече разнежнето како да молеше за нешто.
-Па да тие летаа над твоето село Хелен и ти така посака да прошеташ низ
светот. И да го бараш повторно. Замина потоа Хелен, не грижи се и ти
полета во тие авиони. Ја погали по косата која така мокра од дождот
изгледаше како да е полна со сјај. Целата блескаше. Многу беше убава макар
измислена.
- И ти леташ во тие авиони, праша таа.
-Да во тие авиони што летаат над тебе и во сите други Хелен постојано
откако ми се скрши срцето.
- Затоа сите авиони летаат над моето село оти ти си во нив. Во сите нив.
Ги сакам авионите, изгледаат кака ѕвезди кои пловат, рече Хелен и така
изморена легна на креветот бавно и не размислувајќи како да умира.
-Те молам врати го. Не можам без него. А ти прости ми што така сум ти
направила ама и ти самиот рече дека сум друга.
-Да, да... рече писателот и повеќе не чекаше Хелен да каже или да праша
нешто. Набрзина ја врати во расказот каде што припаѓа. Последниот расказ
кој Хелен не го дочита за девојката која сакала сите авиони да летаат над
нејзиното село.
-Прости ми Хелен, мора така да биде. Можеби еден ден па ќе се сретнеме и
можеби тогаш ќе биде поинаку, рече Писателот повеше за себе, си зеде нова
чаша и продолжи да го пие свото вино сам и седнат на својата фотелја
пишувајќи како Хелен ја фати силен дожд кога излезе гневна од својот дом.
Овојпат го тргна црниот џемпер и стави чадор затоа што надвор почнуваше да
врне. За несреќа Хелен заборави да го земе чадорот. Писателот овојпат ја
направи помалку мудра и храбра и направи да заборави на предходната сцена.
Лошо облечена појде по дождот кој паѓајќи изгледаше како да го гали
нејзиното кревко тело. Сакаше да го најде човекот во кој се заљуби на прв
поглед. Тој човек ја имаше навредено како никој друг и таа сакаше да го
најде и да му докаже дека тоа што тој го зборува не е вистина. Застана на
сред улица и погледна нагоре. Наеднаш почна силно да врне како да се
обидуваше ја спречи во нешто или да ја натера на нешто. Авионите на
почетокот постојано минуваа и гледаа како една девојка стои сред улица и
гледа нагоре кон нив. Веројатно не беше свесна што прави или немаше што
друго да прави. Ни тие не сакаа ама мораа постојано да летаат над едно
исто село. Потоа почнаа да не се гледаат од дождот.
Писателот го фаќаше сон. Виното почна да делува. Хелен остана на улицата
целата наводенета и збунета не знаејќи што понатаму да прави, каде тргна и
каде треба да стигне. Разгневена и лута клекна на колена на сред улица и
почна да плаче. Ослабена, изморена, истоштена, навредена... изгледаше
многу кутро, бедно, повредено како да се мислеше дали да се самоубие...
или....
Тогаш сè исчезна: авионите, Хелен, улицата, дождот. Можеби најдобро беше
тука да заврши сè без да се знае што точно се случило понатаму. И
навистина така завршува.