ноември
b:bushy meat
bushymeat@yahoo.com
а:абер отаде
Лутам низ земја пустелија. Не
знам каде да се скријам од чумата. Цел ден не сум слегол од магаре.
Кутрото животно сака да си почине; при крајот е на силите ама уште не
запира, го бодам да продолжи барем до зајдисонце. Есенското сонце се
спушта зад ридот на чиј врв има некаква градба: не е замок, ни манастир.
Посакувам да почукам на големата порта и да замолам за преноќиште.
Изнемоштената снага ми бара кревет. Се плашам дека ако уште еднаш
преспијам на отворено нема веќе да се разбудам; земјата ќе ме голтне како
што ги проголта моите најблиски.
Портата ја отвора подгрбавено суштество со лице повеќе налик на исплашена
ѕверка отколку на човек. Зад него се слуша песји лавеж. Кој ѓавол те
донесе овде, ме прашува суштеството.
Бегам од чумата, му велам додека се бранам од песот.
Се плашиш од смртта?
Секој се плаши од неа, му велам и се обидувам да го скротам песот.
Тебе таа сигурно ти е пријател, ми вели суштеството, инаку немаше да се
довлечкаш до овде.
Тогаш за првпат ни се вкрстува погледот. Во неговите очи ми се извртува
јавето. Се држам за сламка, му велам на суштеството. Те молам дозволи ми
да преноќам.
Само смртта неканета доаѓа тука да си почине и ми раскажува како си
поминала по пат, вели суштеството.
Веднам глава, се вртам кон магарето, сакам да заминам што подалеку од ова
туѓо место, но магарето веќе не е таму. Песот сигурно го исплашил или
појавата на суштеството. Магарето, што му стори на магарето, го фатив за
врат грбавкото. Врати ми го, вештеру! Подгрбавеното суштество имаше силен
врат или мене уморот ми ја исцеди последната капка сила и ми го помати
умот; паднав на плочникот, тонев во полусознание. Магарето, врати ми го,
повторував и тонев се подлабоко...
Што ќе ти е магаре кога можеш да се качиш на коњ, слушам ми вели нечиј
глас. И навистина, во близина гледам строен бел коњ. Прекрасен коњ, му
велам на еден старец што го води коњот. Твој е, старецот ми ја подава
уздата. Не можам да го земам, му велам, со ништо не сум го заслужил. Ако
се качиш на коњов може да те однесе кај твоите најблиски. Коњов го знае
патот. По тој пат не се оди на коњ, му реков на старецот. Подобро ќе ми
биде да си продолжам со магаренцето. Кај и да сум тргнал ќе стигнам. Ти си
знаеш најдобро, ми рече старецот. Само те молам понеси го со себе ова мало
ковчеже, во него има прстен, перо и парче пергамент на кое пишува...
Не успеав да разберам што пишува ниту да го препрашам стариот од каква
важност е содржината на ковчежето бидејќи врз лицето почувствував нечиј
јазик - бев разбуден од песот; веќе не лаеше по мене туку ми го лижеше
лицето. Зарем толку брзо сме станале пријатели, си реков. Потоа сфатив
дека извесно време сум поминал лежејќи в кревет. За тоа време песот
сигурно се навикнал на мојот мирис, пријателски ме гледаше; тоа не можеше
да се рече за подгрбавеното суштество кога се наднесе над мене.
Ти се врати магарето. Време ти е да си го фатиш патот, во неговиот глас
имаше наредба.
Ти благодарам што ми дозволи да закрепнам, му реков на суштеството. Те
молам кажи ми како можам да ти се оддолжам.
Оди си.
Не сакам да останам должен, инсистирав.
Добро, тогаш помогни ми да ја исчистиме библиотеката на мојот господар.
Таму никој не стапнал со години.
Зарем твојот господар го изгубил интересот за пишаниот збор?
Подгрбавеното суштество не ми одговори. Доста зборување, рече, нî чека
работа. Би ти бил благодарен ако ми помогнеш да досегнам некои повисоки
места. Почнуваме од најгорните полици.
Во животот пред тоа не сум видел толку книги на едно место. Гледај чудо,
реков кога се искачував кон врвот на огромната библиотека. Можев да се
заколнам дека на една од полиците го видов истото она ковчеже што на сон
ми го даде старецот. Пробав да го отворам, беше заклучено.
Дај ми го ваму, ти никако не смееш да го отвориш, освен јас никој друг не
смее да го отвори, суштеството многу се вознемири штом ме виде на скалата
со ковчежето в раце.
Кога слегов внимателно ја избришав прашината од ковчежето и реков: мислам
дека знам што има внатре.
Никој не знае, никој освен господарот и јас, суштеството ми го оттргна
ковчежето од рацете и се залепи за ѕидот. Таму, насликан на едно големо
платно, го препознав старецот.
Господарот беше човек од мудрост и наука, рече суштеството. Сакаше да знае
многу работи, но најмногу од сî сакаше да дознае дали има живот после
смртта. Кога му чукна судниот час реши да остави порака во ковчежево. Пред
да го испушти здивот ме замоли на парче пергамент да ги запишам неговите
последни зборови. Ми рече ако има живот после смртта тогаш како доказ за
тоа ќе се обиде да му ја пренесе пораката запишана на пергаментот на некој
случаен намерник.
Освен пергамент внатре има и прстен и перо, реков.
Господе, зарем господарот навистина успеа да се јави од оној свет? На
суштеството му затрепери гласот, во моментот како да се подисправи и
заличи повеќе на човек отколку на исплашена ѕверка. Што пишува на
пергаментот, ме праша со широко отворени очи.
Ја кренав главата кон платното на ѕидот; го гледав старецот качен на
истиот бел коњ од прекинатиот сон. Следуваше долг момент на исчекување.
Песот овојпат ми ја лижеше раката. Тука има многу работа, реков најпосле и
ги засукав ракавите.