т:темплум  

 

ноември
н:
наташа гелева

 
д:дома

Иако одлучив да не живеам повеќе со мајка ми и воопшто во градот каде што се родив, сепак таму се враќав многу често и мојата куќа ја чуствував како мој дом повеќе од било кое друго место. Овој пат имаше поминато повеќе од еден месец одкако не си имав дојдено дома и погледот на мојата соба ми делуваше смирувачки. Еве ја мојата соба, ме чека само мене, мојата соба, мое огледало. Попладневната светлина влегува во мојата соба низ вратата што води на балконот. Со светлината влегува и спокојството. Мала доза на зачуденост поради спојот на попладневната светлина во мојата соба и спокјството. А мирисот на печени пиперки што доаѓа од надвор ме потсетува дека сум дома.. Се симнав во собата на мајка ми и таа седеше на креветот. Јас легнав и ја потпрев главата на нејзиниот стомак. Така црпев енергија од неа, од изворот на мојот живот. Таа ми кажа дека да има пари, ќе купи нова витрина. Јас се спротиставив на таквата идеа, затоашто витрината за мене имаше голема сентиментална вредност, таа е тука откако знам за себе. Мајка ми на тоа одговори: “Ти не ја гледаш секој ден 20 години”.
Брат ми исто така не живееше со мајка ми, но живеееше во истиот град и доаѓаше кај неа речиси секој ден. Тој е женет и си има изградено сопствена куќа. Секогаш кога доаѓаше тука, го окупираше креветот во дневната соба со целата своја должина и понекогаш заспиваше со дигитронот во ракта. (I am the operator with my pocket calculator).Тогаш дојде и пушти вести на телевизија. Јас не можам да поднесам вести и го сменив каналот. Му реков: “Дома ќе си гледаш вести”.
Тој рече: “Дома сум”.
Јас се засрамив.




 

v:verl.... во Берлин

Се шетам низ Берлин со еден раскантан точак. Рачичките ми измрзнаа. Имав една бела и една виолетова ракавица ама и тие ми загинаа (Can – Hey you, you’re loosing your precious things). Сакам да се загинувам со точакот во градот а потоа едноставно се качувам на било која станица на у-бан (подземна железница) и за 5 минути се враќам на познато место. Само да немаше толку многу скали во станиците, затоа што велосипедот е тежок. У-бан поминува покрај многу куќи со големи прозорци без завеси (тука семејствата не живеат “дискретно„ позади завеси) и човек за миг може да ѕирне во нечиј живот. Особено е убаво навечер кога светлата се запалени и може да се фати нечие движење. Изложба на животот. Така живее и Андреа. Тој е италијански сликар кој живее во своето атеље и во поголемиот дел од денот човек може само да влезе кај него и да види што прави (ова човек е ептен по германското man). Тој не ги изложува само своите слики, туку и својот живот. (Веројатно е излишно да се каже дека животот му е изложен и на сликите). На Андреа му паѓаат панталоните и му се гледа цепнатинката од газот и гаќите што на едно место престанале да висат на ластикот. Ми ги преврзува раните на кутрите искасани прсти. Ме нарече девојка – музички фетишист. Ако имам некој фетиш тоа се сјајни ткаенини. Како дел од програма за губење спаѓаше и одење сама во клубови. Понекогаш ми требаат очи да ме гледаат како се движам. I miss myself projected and reflected. Кога тргнав со таа мисла во клуб од пред мене се појави слеп човек со бастун. Однекаде ми текна на реченицата: “Човек ги затвора очите и верува дека во меѓувреме сè се има сменето така што ќе може да ги отвори очите„. Во клубот има група азијатки со мали ковчести тела, во кратки сукњичиња и криви ноженца. Трчаат кон нивната принцеза која е највисока од сите и има коса долга до газ. Сите до солзи ја обожаваат, ја гушкаат и воскликнуваат. На крајот кога сакав да си одам од клубот не можев да си го најдам палтото. Не ми е гајле, си реков, и онака ми здосади со глупите жолти петлици. Но на негово место најдов друго, исто така црно и кога го пробав ми беше кнап. Изгледаше како некој да го оставил во замена за моето, се двоумев дали да го земам, не сакав да извршам кражба но надвор беше смрзнувачка и го зедов. На излегување еден црнец ме праша дали сакам да појдам кај него. Ми рече: “Сакам да зборувам со тебе за некои работи„. Појдов. Седевме на креветот и јас се прашував што сака од мене или само се правев премногу наивна. Ништо немаше да ми каже. Потоа седевме во дневната соба со неговиот брат, гледавме телевизија и пиевме чај. Јас бев многу гладна и посакував да ми понуди нешто за јадење, а во исто време знаев дека ако ми понуди ќе одбијам.
Во Берлин живеам со едно семејство каде што жената има болна потреба за ред надвор од себе. Цел ден се работи за јадење, “нормален живот„ го нарекуваат тоа. Ми ја наметна својата болест. Сакам да го совладам отпорот против прашината и да не посегнувам секогаш да ја отсранувам од предметите. Што е прашината? Дали е тоа еден вид земја или нешто вештачко? Дали е доказ за трошењето на предметите? Да не живееја луѓето затворени можеби немаше да постои прашина, таа можеби немаше да постои луѓето да не поседуваат предмети што нема да ги допираат. За некој што долго седи дома или долго немал љубовник се вели “фати прашина„. Ми се јавува отпор против чистото. Ги оставам флеките на алиштата да стојат. Дали е дрскост да се биде валкан кога цел свет цело време произведува нечистотија. Мачките се лижат речиси после секоја активност. Замисли јас да се излижам после чистење со толку хемикалии.
Една вечер после едно од моите загубување сонував еден сон. Имаше една дупка в земја полна со метални парички што сум ги сокрила некогаш. Јас ги собирав кога дојдоа чичковците и брат ми со трактор. Местото не беше рамно и тракторот се врати наназад и некој викна: “Овчар!„. Некој беше прегазен. Се свртив и видов само глава со подзината уста без тело. Беше брат ми. Јас се уште ги имав паричките в рака. Не знаев дали да ги пуштам, или не. Некој ја покри неговата глава со камен блок, за да не се гледа ужасот. Мајка ми ми рече да се вратам: “Оди земи го!„. Јас ја послушав како да ме праќа по леб. Се уште ги имав паричките в рака. Ги задржав и ги скрив во отвор за чистење на оџак. Нам живите ни требаат пари да продолжиме да живееме.


 

 

ц:црвите, зачинот, црвите

Еве веќе 8 години не знам за ништо подобро од тоа да живеам по дупки. Додека студирав, живеев во студентскиот дом а откако се вработив, еве веќе една година живеам во сутерен, да не речам подрум. Кога бев во Б., една моја пријателка имаше соба на приземје која беше од внатрешната страна на зградата. Мене ми беше несфатливо како може некој да живее без светлина и си помислив како никогаш нема да си дозволам да ми се случи тоа мене. И еве си дозволувам да ми се случува цела година и за сето ова време не сторив ништо посебно тоа да го променам. Се чувствувам по малку како лик од некој руски роман, живеам во влажен подрум, надвор е сибирски студ, мојата бања е надвор, тепихот е искинат, некоја мачка влегува низ прозорец кога не сум тука и си ја обележува мојата соба со мочка како своја територија. Но дојде пролетта и јас се чувствував подобро затоа што барем надвор има повеќе светлина и можам да поминувам повеќе време надвор. Со пролетта дојдоа и пролетните дождови, а дождовите го донесоа новиот, мојот најголем ужас во таа соба, поголем од недостатокот на светлина и од студот – црвите. Првиот пат кога ги видов – ги имаше само неколку – се исплашив и се згадив. Беа мали, слепи, црни и бавно се движеа. Зедов лист хартија, ги собрав и ги фрлив. Тогаш почна мојата борба со нив која ме чинеше губење на нервите и речиси ме доведе на работ на крах. Црвите како да ги имаше секој ден повеќе. Лазеа насекаде, по тепихот, ѕидовите, најмногу на завесите. Но едно беше интересно, мојот кревет остана негибнат од тие гадинки, како и тие да ја почитуваа најголемата светост за еден човек. Јас за да им се одмаздам, откако ќе ги соберев со метлата и лопатчето ги фрлав во ВЦ –шолјата за да се удават. Сакав да убијам што е можно повеќе. Тие на допир се собираа во клопче и остануваа неподвижни , но имаше и такви што беа вистински бунтовници и сакаа да побегнат, веројатно насетувајќи опасност. Јас ги оставав да побегнат почитувајќи ја нивната волја за живот. Толку бев окупирана со нив, што навечер ги сонував. Сонував како креветот ми е полн со црви, како лазат по мене, како растат на дождот, се претвораат во змии, ми се пикаат во носот, се лепат за мене и сакаат да ме гризнат. Бладав “црвите, зачинот, црвите„. Јас на никој од моите пријатели не им кажав за мојата мака, затоа што знаев дека ќе се ужаснат од приказната, и затоа кога им раскажував за моите соништа, тие ги толкуваа црвите како фалусен симбол. Ги оставив да си мислат што сакаат. Наскоро дознав дека овој проблем не ме засега само мене, туку по весници прочитав дека има наезда на црви и се спомнуваше некаква акција за нивно механичко уништување. На зборот механичко јас веднаш си замислив како ги толчат, ги мелат. Се наежив од самата помисла дека тоа им го прават на црвите. Еден ден излегов да одам на работа и пред вратата имаше многу црви. Но не само пред вратата, ги имаше по цел пат и толку многу што беше невозможно да не ги згазиш. Кога стигнав на работа сите си работеа како вообичаено и изгледаше како никој да не забележал никакви црви. Не можев да разберам како може да се однесуваат толку нормално кога таму надвор има опасност што му се заканува на целото човештво. Цела пролет, лето и есен се борев со нив, без намалено чувство на гадење. И кога дојде зимата нив наеднаш ги снема.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


























































































































































 

  д:дома