т:темплум  

 

ноември
р:
романов андреј


romanandrej@yahoo.com



ј:јас и лепрканот

Чудно, ама вистинито, сакате верувајте, сакате не, еден ден во мојата соба која што во спомен на старите, далеку пославни денови од мојот живот, се нарекува детската се нацрта еден леперкан. Бадијала ви е да ви го опишувам, оти лепрканите ја менуваат формата како што ќе им текни. Мислам, немам намера пред цел електролитичен аудиториум да одговарам за клевети& лажги. Доволно е да ви кажам дека беше висок околу половина метро што е веројатно леперкански стандард. Го извади својот полуцилиндер, културно се поклони и ми рече дека е дојден со мисија- да ми помогне да ја пополнам апликација за Летната школа за Ирски студии на Квинс универзитетот во Белфаст. Апликацијата, стокмена во ворд документ беше на мониторчето од мојот лап- топ. За возврат, како што ми објасни, јас морам да ги афирмирам сите позитивни страни на лепрканите преку текстови, раскази, романи, песни во проза, и стихотворби во стих по весници, сајтови, радија, телевизии . . . Сегде кај шо ќе стигнам да објавам по нешто за нив и да речам некој арен збор. Нормално му предложив набрзина да свршиме работата- за да не си ја мачиме душата ниту јас ниту тој да пополнуваме апликација за стипендија, тој едноставно да ми дај малку од леперканското злато, да тркнам до кај Перо Лихварот, да го сторам евра и да си ја уплатам школарината. Леперканот подзамижа на левото око, ја накрена неговата усна нагоре, а образот се собра и речиси му го покри окото:
- Глуп си?
- Мислам не.
- Ништо ти не мислиш. Па зарем не знаеш дека нашето азно, а прејде во човечки раце, по некое време се претвора во прашина?! Тоа е превентивна одлука на Големото Собрание на Леперканите, донесена со акламација во 854 година според вашето сметање на времето. Специјално составена комисија од пет члена, чиј што претседател фала на прашање, беше мојот дедо, му поднесе извештај на Собранието дека, накратко- на човечкиот род не може да му се верува кога се работи за благородни метали и дека е најдобро што е можно помалку да биде во контакт со нив. Уште пократко- златото ги буди најрасипаните сегменти на човековиот карактер. Екстра кратко- најголемиот дел од вас луѓето се себични и алчни идиоти. Заеби ти то, туку кажи ми како ќе одговориш на првото прашање- кои ти се причините што толку сакаш да одиш во Белфаст на летна школа за Ирски студии?
- Па би почнал со тоа дека ситуацијата во Северна Ирска во голема мера наликува на ситуацијата во мојата земја, и тука би го споменал конфликтот од 2001 . . . силниот удар на неговата рака по исто така неговото чело ја прекина мојата мисла.
- Глуп си!? Е мајко моја! Идиоту еден, абе тенџере едно за ајвар мешање, ова не е тренинг за невладини организации толеранција, мир, човекови права, само мирно нека е, и останати тракатанци. Кога само ќе помислам какви луѓе има. Мајко! Ќе одат два дена на семинар, ќе се искурваат, понаѓомти учат нешто, и после се сметаат компетентни да го спасат светот. Ко да е спасувањето на светот тури- напи се. Море,тенеќе едно, шо ти пиши најгоре со фонт осумнаесет? Belfast summer school of Irish studies, така?
- Ама, се јавив јас подуплашено, мислев мал увод . . .
- Ја мајката увод, тие таму во комисијата за стипендии ќе седнат и ќе читаат уводи.
- Па добро на пример може дека отсекогаш сум бил фасциниран од богатиот фолклор на зелениот остров, карактерот на неговите луѓе и нивната мачна историја.
- Тоа е веќе подобро. Се работи за сентиментални фразички, ама пополнуваме апликација, не го пишиме Митот на освојувањето. Потоа, имаш една графа шо те прашува кој ќе ти биди ќарот од тоа што еден месец со туѓи пари ќе живееш во Белфаст. Таму шо ќе пишиш? Немој да се прајш шармантен курназ од Балканите, пијанење по кафани, запознавање со девојки, треба нешто озбилно, си имаш работа со академски кадар.
- Таму може да се каже- школата за мене би била прв чекор во објавувањето на некое посериозно и потемелно дело поврзано со Ирските студии, на пример кратко книџе од типот Ирска за почетници. Но исто така одредена лежерност на апликацијата би и дале и размислувањата за запознавањето од прва рака на културата на оваа земја, вклучувајќи ги и луѓето, во кои што нужно спаѓаат и девојките.
- Бре!- рече лепреканот. Не си бил ти до толку глуп. Лежерност а? Ај белким ќе биди нешто од тебе. Слушај немам многу време, снајди се со другите прашања. Туку, те поздрави господинот Вилијам Батлер Јејтс, и рече дека си дете што ветува. Ме замоли да побарам да му го дадеш српското издание на неговите Митологики. Го немал во неговата збирка на преведени дела. Не ме гледај напорки, чоекот за тебе се најарно, а ти си се стегнал за една книга. Е шо, ќе си ја купиш на пролет на саем за четири стотки.
Леперканот се одби од електричната печка на која што беше заседнал, прелета набрзина до полицата со книги, и ја извлече кафеавата книга на Јејтс. Лебдеше некоја минута во воздухот, при што ја листаше книгата. На крајот рече дека мора да му одржи лекција на некоја шупелка од Халмарк телевизијата која што има намера да снима филм во кој што Леперканите ќе мутираат прво во полноглавци, а подоцна во жаби. Потоа исчезна од собата која што во спомен на старите, далеку пославни денови од мојот живот се нарекува детска.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања









































































 

  д:дома