ноември
м:маркоска марта
marta_marek@yahoo.com
х:хенриииииииии
Се викам Родерик. Или, не,
можеби подобро е Хадсон. Едно време се викав Херон, како херој само со “н”
или како Харон, знаете на кој Харон мислам. Значи, пред да почнеме, да ве
потсетам уште еднаш, се викам Ричард, само не сум сигурен дали сум
првороден на мајка или сум вториот, третиот, четвртиот, а може имаше и
некој друг после мене, и да разјасниме веднаш, живеам во средниот век, во
замокот Рочестер, ако не сте знаеле, во Англија. Нема да ви го опишувам
замокот, и да запаѓам во убиствено исцрпувачки детали, така сигурно нема
да ме ислушате до крај. Затоа, јас Корнелиус, овде и сега, нема да ви
зборувам за себе, па сите знаеме колку е здодевно тоа зборување во прво
лице. Но ќе додадам нешто од моите екстрадиегетички (нагласувам, надмени)
погледи на светот (се надевам, ова последново не ќе треба да го објаснувам
со фуснота).
Замокот во кој живееше лордот, т.е Јас (а, бе да не ви опишувам) ист како
од расказите на Ернст Теодор Амадеус Хофман, сте го читале нели? - па сега
потрудете се да си го замислите.
- А дали можеби сте ја читале Ана Редклиф или Клара Рив? - Во моето
излагање се вмешува непознат човек со службен тон на говорот, кој седи
наспроти мене, во скапа, кожена фотеља со видливо одважен став, божем јас
неспретно одговарам т.е раскажувам вистинска случка од мојот вистински
живот.
- Се разбира (ладнокрвно го продолжувам јас разговорот, буквално како да
не го забележувам неговиот одважен, да не речам недозволено надуен став,
односно, простете да се корегирам, би било дозволено ако станува збор за
неговиот физички изглед). Хм, жена, што би можела пак таа да каже за
средновековните замоци, освен дека овој се сплеткал со оној, кој во чија
соба ја поминал ноќта и зошто не му било удобно во сопствената соба, туку
којзнае каде...Здодевни трачарења... би рекол немање капацитет на
вистински начин да се опише целата таа грандиозност и гламур, обвиени со
аура на мистичност и морничавост.
- Значи, можам да заклучам дека вие сте женомрзец, или мизогинист, како
што љубат сега по ново да кажат?
- НЕ, јас само сакам да не си го пикаат носот таму кај што не им е
местото. Нека ги земат тогаш Емили Бронте или Џејн Остин, ако толку им се
допаѓаат такви сплеткарења и романтични глупости.
- Имате сестра? - ме прашува овојпат сериозно, како да сака да и понуди
брак, (а јас на овој не би му дозволил да и се приближи ни на мојата
кучка) наслонет на кожената фотеља, со дебели прекрстени бутини и рацете
меѓу нив.
- Имав. Всушност полусестра, таа беше од вториот брак на татко ми, се
викаше Трнорушка. Сирота, после толку перипетии во животот, конечно ја
најде својата среќа во брачниот живот. Сега среќно омажена живее богато
како принцеза.
- А вашата мајка? Што е со неа?
- Мојата мајка? (А бре со овој, нит’ го знам - нит’ сум го видел, да не
излеземе роднини). Па зарем не сте чуле за грофицата М -дам Де Стал? Хм,
чудно (овој сигурно не е од високото општество).
- Какви се вашите односи со спротивниот пол?
- (Е овој го претера, перверзен еден). Е па еве спротивставени, да речеме,
па што? Имав една, Евридика се викаше. Не ни одеше, морам да признаам. Се
враќаме една вечер од театар и дур се свртев, туку ја снема, а бе, не ми
веруваш ти, ама ја здувна, аш, исчезна, како да пропадна во земја. И така
без збогум, жими тебе, не ја видов повеќе. По неа имав една Дулчинеја,
додуша за разлика од првата, така припроста женичка, ама пусто многу
добродушна, но од сожалување не се живее во заедница -ич не ми правеше
ќеиф, ич.
- Гледам сте го читале Дон Кихот?
- Не. Сум го слушал, (овој очајно се труди да ми поставува трик прашања).
Мислите на еден од поновиве албуми на Фолтин, можам да ви го позајмам да
го чуете и ако баш сакате да знаете се изговара Донки Хот, а не како што
рековте вие. Туку да ве прашам вака во доверба, да не не смеам да давам
вакви ексклузивни информации во јавноста, па сите да мислат овој не е
арен?
- Не, не, слободно можете да речете сî што ви лежи на срце.
- На срце ми лежи една лута змија, Аспида.
- Тоа е претпоставувам вашата нова љубовна врска, после онаа Дулчинеја?
- Аспида? Аспида, ако не сте знаеле е една многу отровна змија, можеби и
најотровната. (Аха, ете, се накашлува, како да му е непријатно)
- Се извинувам за мојата неинформираност, знаете змиите не се во мојот
домен на интереси и истражувања.
- А почнавте елоквентно да се правдате, а? Море те фатив јас тебе во
незнаење, лаик низаеден, тој мене ќе ми докажува работи. Тој мене, јас не
сум бил во право, сум бил збунет, ќе ме лечел...Прво се наврте на сестра
ми, на мајка ми, на швалерката...Ќе ме учел како јас сум го побркал
времето. Ќе ме убедува дека ова не е Среден век..Тој мене, на возвишениот
Ланселот, на престижниот Родерик, на семоќниот Ричард... ..Простак!
п:потреба за
разбирање
Никогаш не сакам да се плеткам
со типови кои не можат да ми понудат заштита и одговорност, особено затоа
што јас не сум спремна да му ја дадам некому. Знаете тоа е како еден вид
наткомпензација за она што мене ми недостига. Ако ви речам дека Роланд,
последната љубов на мојот живот, но секако не и првата (а сега се
прашувате од каде, пак, сум сигурна дека е последна) беше едно толку
благородно човечко суштество, што целата своја љубов ја даваше на други и
ништо не остануваше за него, дури дотолку немаше разбирање за себе и за
своите потреби што не можеше да види во што се претвори на крајот. Старо
одртано мажиште, не поради годините кои ги носеше на својот грб, туку
поради годините поминати во разни сплеткарења, во непотребно расфрлување
на сопствената енергија во мачо пијанчења, на неизмерливо долги часови
играње покер, на(д) жени од секаков калибар и ранг, на влечење по
скиснатите, извалкани подови на околните барови. Ех, Роланд, премногу го
сакав и почитував, затоа што за ралика од Марк, знаеше да ги признае
своите слабости. На крајот од сите негови 24 часовни свињарења, и мирисот
на кочина кој редовно го носеше со себе, ќе дојдеше кај мене и горко ќе се
исплачеше. Ќе се исплачеше за тоа колку е несреќен во животот, колку лоши
работи му се случуваат секојдневно, колку е несреќна ѕвездата под која се
родил, а потоа ќе заспиеше невино како бебе. Да, така завршуваа
најголемиот дел од нашите ноќи поминати заедно.
А, да, во споредба со духовитиот и слаткоречив Марк, ова не беше нималку
необично. Не сакам однапред да ве наведам на погрешни ставови кон кутриот
Марк, кој никогаш не научи да проценува кој му е вистински пријател. А тој
целосно и безусловно се предаваше себе си. Марк, помигни ми за ова, Марк,
ти го знаеш ова најдобро, Марк те молам направи ми услуга, беа клучните
зборови на кои не можеше да им одолее. Никогаш не кажуваше “НЕ”. И кога
некоја фина госпоѓа милно ќе му пријдеше и ќе му шепнеше: “Маарк, ќе бидеш
ли љубезен, ама те молам тоа е само ситница, ама Мааааарк, па ти си злато,
јас не се сомневам во твоите способности” .
И секако, прекрасниот Марк, величествениот Марк, семоќниот Марк,
спасителот на женскиот род веднаш го решаваше проблемот, а потоа доаѓаше
кај мене, јас да ги решавам неговите. Марк, беше лек за секоја женска
болест, само требаше да замижите и да си го повикате името Марк во вашите
мисли и тој за миг ќе се отелотвори пред вас. Но, и тоа беше подобро од
преголемата сензитивност, сентименталност и филантропија на Ворен кој го
замислуваше светот како Woodstock, како еден голем сеопфатен хипи концерт,
како една глобална комуна. Секс, дрога и рокенрол. Секс немаше нигде,
освен во неговата парола, ама затоа пак имаше премногу од останатото,
знаеше точно како да го компензира она што му недостигаше. Доаѓаше дома
наполно несвесен и се будеше покрај мене како ништо да не било. Постојано
бев загрижена за Ворен, дека еден ден нема да се разбуди и неговото
студено тело ќе ме помилува за последен пат. Ох, кутрите тие душички кои
толку многу надежи полагаа во мене, Јас, која не знае да им понуди грижа,
заштита и разбирање.