јуни-јули
е:ефремова инес
г:години:19
с:студент
на ФЛУ
г:габриел
Само еден ѕид помеѓу него и циничното смеење на тато. Само еден ѕид го
дели од пцостите на мама. И еве, тишина. Значи, ритуалот заврши. Сега може
да ги опушти напрегнатите ушиња и да продолжи да се прашува зошто мама и
тато велат дека вклучената светилка го брка сонот, кога нему единствено
темнината не му дозволува да заспие. Поради неа мора да ги држи очињата
отворени затоа што, само тогаш, сеништата кои демнат од секој агол на
собата не му се приближуваат.
Слуша чекори... Мама влегува во малото собче и легнува на брачниот кревет
кој се наоѓа веднаш до неговото креветче. Сега вниманието му е насочено
кон нејзиното тешко дишење. Нејзините очи, вперени во таванот, влажно
одблеснуваат.
Чудни се тие очи. Го плаши огнената стихија која ја раѓаат секојпат кога
тато ќе влезе низ вратата со потемнети заби, ширејќи некој кисел, непознат
мирис околу себе. Сепак, ништо не го прави посреќен од нежниот пламен кој
гори во нив и го облева со топлина, секојпат кога таа му чита наглас од
шарените книги, или пак, кога ги држи во раце цртежите коишто тој ги
создава со фломастери.
Но, нешто се случува и со неговите очиња. Сребрена пајажина ги прекрива и
нежно му ги затвора клепките.
- Габриел, стани! - слуша. Набрзина носи заклучок дека и денес ќе мора да
оди на она чудно место со многу деца. Ја бакнува мама и влегува во
автомобилот. Тоа е најтешкиот дел секое утро, затоа што знае дека
следуваат долги часови во градинката.
Седнува на своето место во огромната просторија. Седи сам, и единствено
жената што ја викаат учителка му се обраќа со неколку зборови. Другите
деца не му се приближуваат, со исклучок на трите момченца кои го задеваат,
онака детски, што често се граничи со садизам. Тоа секогаш прави да се
прашува дали постои нешто што би можело да го направи невидлив.
Во градинката, и без свесното сознание дека постои, ја чувствува
релативноста на времето. Славејќи ја смртта на секоја минута, ретко се
одделува од своето столче. Ја следи со поглед учителката додека таа,
користејќи некој неппознат трик, ги претвора многуте дрвени штици во
креветчиња.
Ох, не! Сега мора да легне и да се преправа дека спие. Сака да ја замоли
учителката да остане на своето столче, но се плаши од нејзиното викање.
Пострашно е и од викањето на мама.
Легнува. Никогаш досега не успеал да заспие. Тишината, помешана со
дишењето на другите деца и пригушениот разговор на учителките, му создава
некое непријатно треперење во стомачето кое му ја брише сребрената
пајажина од клепките. Сепак, тоа треперење е безначајно во споредба со
стомачната ерупција која се излива низ неговото усте и при самата помисла
на вкусот на млекото. Затоа,наутро, мама му дозволува да понесе со себе
чаша со течност чијшто вкус може да го поднесе.
И додека другите деца со својата попладневна ужина пијат млеко, тој ги
омекнува залаците сув колач со јогурт.
Се упатува кон своето место со ужина во едната, и чаша јогурт во другата
дланка. Непосредно пред столчето неговите мали стопала добиваат инаква
замисла и, како во занес, газат едно врз друго. Веќе следниот миг, тој е
лице в лице со подот. Залакот во грлото добива текстура на скршено стакло,
а белата течност околу него оживува и му се смее со детски глас.
Тој ден, тато со голема ревност ги отстрануваше малите нечистотии од
ретровизорот на својот автомобил. Сепак, не успеа да ги забележи темните
дамки коишто се родија зад синиот поглед на Габриел.
е:езеро
Недефинираност некаде во бесконечноста, удобно сместена на езерското дно.
Спој поради љубов, и мозаикот што ќе го носи моето име е во зачеток. С`е
уште во длабочините, опкружена со мир и совршена едноставност.
Додека се менуваат дванаесетте владетели на времето, мојата суштина полека
се оформува. И кога врелиот Август ја предава круната на бујниот
Септември, езерските раце, моќно, но претпазливо, ме исфрлаат на
површината. Таму, оној дел од магичниот мозаик којшто се претворил во очи,
за првпат се среќава со златото на сонцето.
Езерската површина е мирна, сонцето несебично ми ја дарува својата топлина
и претходно осознаеното чувство на мир и совршена едноставност не ме
напушта. Птиците над мене ми носат насмевки, а јас им ги возвраќам.
И еден ден, не знам кој, затоа што знам само за златни зраци и насмевки,
езерските раце стануваат немирни. Создаваат бранови, сонцето молчи
затскриено зад темен превез, а птиците тажно ми дошепнуваат дека можам да
се бранам од својот непријател само доколку силно удирам со рацете. Го
прифаќам нивниот совет, езерото повторно ме милува но, во моите рацете се
раѓа страв. Од грлово за првпат излегува крикот на срцето, повикувајќи го
мирот да се врати. Но, залудно. Тој ми ја оставил само својата сенка.
Додека времето дарува дел по дел од својата бесконечност, езерото с`е
почесто ме ранува. Дури, ме носи и кај своите сестри, карпите, кои ми
нанесуваат уште поголем бол. Веќе не плачам, затоа што сфатив дека сивата
наметка на рамнодушноста е полесна за носење. Насмевката се враќа на моето
лице единствено кога езерото го заборава моето постоење, па спомените на
мирот и совршената едноставност долетуваат како мелем на раниве.
Пријател ми е само еден многу стар бел гулаб. Тој ми вели дека езерото
никогаш нема да престене да го покажува својот гнев и дека деновите во
длабочинтата се неповратно загубени. Но, истотака, ми вели, дека, и покрај
езерскиот немир, можам да ги вратам насмевката и зраците. Како, прашувате?
Потребно е само да ги побарам останатите души во езерото. Па да си делиме
насмевки во мирните денови, затоа што така среќата е поголема, и да се
држиме цврсто за дланки кога има бури, затоа што така болката е помала.
Ветувам дека ќе ги барам. И ги барам с`е уште. Тука се, знам сигурно!
ч:читајте
песни од инес ефремова