е:ефремова инес
т:тишина
Го слушаш ли мојот влажен крик
што ти го носи немата птица песнопојка?
Ја чувствуваш ли црвената грозница
што ми ја дразни утробава во ноќите без очи?
Ја препознаваш ли голата ќерка на окото,
заробена со јарем во грлово,
која за тебе облекува нечија туѓа, златна наметка
на војник победоносец?
Или пак, млекото на гроздот
и живите, кикотливи песочни часовници
фрлија црн прав врз одот на часовникот
кој ги испрати и сонцето и месечината?
Ако е така, нека е.
А, на мојава шумовита полица с`е уште
силно одблеснуваат листовите од календарот
кои нашите дланки, со детска треперливост, ги кинеа.
п:пеперуга
Твоите мали стопала
штотуку научија да стојат на црнава земја,
а ти веќе танцуваш боса на плочникот, пеперуго.
Околу тебе, собрана во круг, твојата публика.
Глутница со насмевка на челустите.
Ги весели твоето посинето усте
и правливите черги кои ти го обвиткуваат телото.
Инаку, примерни ѓраѓани,
цврсто уверени во својата моралност,
со нови палта и удобни чевли.
Еве ме и мене во кругот.
Фрлам неколку парички во картонската кутија но,
нивниот ѕвекот, наместо товар помалку на совеста
ми носи прекор.
И додека, со наведната глава,
си одам од тебе,
на плеќиве го чувствувам студенилото на зајдисонцето
кое ве демне вас, пеперугите.
А, хиените, сепак, продолжуваат да се смеат.
т:трагање
Квечерина. Сивило.
Отфрлениот пород
на заводливата светлина и моќниот мрак.
Квечерината во мене,
јас во квечерината.
Неодреденост.
Ни мртва, ни жива.
Не дарува ни нектар, ни пелин.
Не повикува, не ја бараат.
Отсекогаш постои,
заробена во она помеѓу.
Неодреденоста во мене,
јас во неодреденоста.
Зрно песок.
Роб на пустината.
Ранет од сопствената безначајност.
А, не знае.
Не знае дека пустината е негов плод.
Не знае дека господари со господарот.
Зрното песок во мене,
јас во зрното песок.
Уплашен човек.
Храм опустошен од богохулците.
Место за бичевите на
квечерината, неодреденоста и зрното песок.
Уплашен човек.
Јас.
ч:читајте
раскази од инес ефремова