т:темплум  

 

т:тренчева надица


:: колумнички од Надица Тренчева ::



з:загатка

Загатка ти поставив:
Да го откриеш
скриеното во видливото,
светото во еротското,
имагинарното во реалното.
Ти понудив илузија.
А што добив?
Свет поделен на два дела
и конфузија.



п:поглед од шанкот

Превез од сатен и
звекот на бисери
- ноќен амбиент.

Димни сигнали и
раштиман клавир
- екстравагантност.

Виолински клуч и
случаен акорд
- полноќен џез.

Ефтин парфем и
високи потпетици
- ниска моралност.



п:пад

Патетично ги
испружив нозете,
кога хипотетично
се замисив
и хаотично паднав.


Смислено реагирав,
кога недвосмислено
погрешив
и ја изгубив смислата.

Се загледав во
слика апстракција,
ама си заминав кога
се апстрахирав
од нејзината атракција.



б:броеви

1
Поединец се
2
Чифтосува со
3
Свето тројство, а во
4
Страни на светот
5
Пентаграмот е
6
Ѓаволоски геометричен.
7
Џуџиња ѕвездени во
8
Бесконечноста на
9
Планети вселенски.
10
Деценија на
12
Апостоли,
40
Маченици,
100
Следбеници во
1001
Ноќ.





н:негација


НЕПОКОР

НЕ дојдов на овој свет
слуга да бидам,
сакав само љубов
и сонце да видам.

Не дојдов на овој свет
некому да служам,
сакав благовестие
секому да пружам.

Посакав ете
господар да сум,
од високо небо да вдишам,
од длабоко љубов да дарам,
да мудрувам, да царувам,
само со зборој
непокор да барам.



ЕФЕКТОТ НА ЕХОТО

НЕ спомнувајте ми го
името на камениот мост,
оти ехото забегало, залегнало,
та ќе бидам спомната само еднаш.

Не повторувајте ги зборовите
со мене, пред мене, по мене
оти повеќепати Ќе бидам повторена,
та Ќе помислат дека ехото
не забегало и залегнало.



БЕЗЛИЧНА

НЕ личам на никого,
дури ни на самата себе,
кога лажам за да
дојдам до вистината.

Не личам на никого,
дури ни на самата себе,
кога крадам воздиШки
од заљубените.

Не личам на никого,
дури ни на самата себе,
кога ја убивам досадата
со зборови.



НЕ ГУБИ НАДЕЖ

НЕ губи надеж.
Кога сите врати ќе се затворат,
некој прозорец мора да се отвори.

Не губи надеж.
Кога сонцето ќе зајде,
мала искра светлост
мора да се најде.

Не губи надеж.
Кога водата ќе се повлече,
очекивај плима,
таа и нешто друго ќе довлече.



ЗАБРАНА

НЕ, не брани ми
да пишувам, да творам.
оти секое мое вдишување,
доведува до пишување,
до создавање, до креирање.
Дај биди ми муза за
инспирање.
Не мери ја големината
на зборовите на вага,
важно ми е да оставам трага
на оној кој ја разбира
длабочината на мислата,
релевантноста на смислата.



НЕСОНИЦА

НЕ е ноќта само
за заљубените,
осамените, натажените.
Ноќта е за сонувачите
кои сонуваат со
отворени очи.
За фантазерите кои
мечтаат сензуално.
За оние кои животот
го вдишуваат спиритуално.
Ноќта е создадена
тогаш кога денот
е заборавен некаде
далеку во свеста твоја,
тогаш кога си ми
придружник ти,
несоницо, несоницо
моја.



НЕНАСЛОВЕНА

НЕсреќен е оној кој не љуби,
а уште повеќе оној
кој премногу љуби.

Негација на негативноста
Доведува до затварање на
Пандорината кутија.
Спонтаност а на изразот значи
Ослободување на љубовта.
Негување на среЌата
Создава полемика,
А отфрлање од колосек
Конфликт со судбината.



НЕКОГАШ И СЕГА

НЕкогаш одев по јаже
со врзани очи,
сега по рамен пат
само спрепки и сопки.

Некогаш можев некого,
сега никаде никого.

Некогаш сакав секаде секого,
сега ни себе, а камоли тебе.






х:хаику песни


НЕБО

Огнена топка
Го распламти небото
Сјајна комета.

Овозможил ден
Раѓање на сонцето
Закопана ноќ.

Месечински срп
Ги ожнеа сите ѕвезди
Родна година.



ШУМСКИ ПЕЈСАЖ

Истрел во зора
Избегаа елени
Снежни стапалки.

Клукајдрвецот
Клука шумска тишина
Нова длабина.

Мали светилки
Осветлуваат гора
Блескава елка.



ВОДЕНА БАЈКА

Млад расцветок во
Близина на реката
Празник на очи.

Големи риби
Изедоа малечки
Природен закон.
Водено конче
Полетува слетува
Зелена писта.



ИНСЕКТИ

Мајски бумбари
Обиколиле невен
Цветен оркестар.

Пеперуги во
Разнобојна палета
Разиграни сни.

Таа робува
Тој свири виолина
Одмина лето.



ФАТАМОРГАНА

Соѕвездие со
Ангелска прашинка
Фиктивен рај.

Милион сонца
Сончогледови сјајни
Фатаморгана.

Часовникот го
направи своето
истече времето.



ЖИВОТНИ

Дигнаа прав
Расчистија патишта
Коњите во кас.


Стадо овци
Белее покрај поток
Магла се крена.

Верверичен скок
Од дрво на дрво
Вежба на трапез.



ВЕНЧАВКА

Денес е тивко
Вчера имаше бура
А утре радост.

Рози црвени
Спакувани во шише
Опоен парфем.

Се е во бело
Расцветани лотоси
Тонат во вода.



АВТОМОБИЛ

Две пеперуги
На кров на автомобил
Слепи патници.

Песјакот лае
Караванот минува
Траги од кола.

Вози спомени
Возот затрупан во снег
Возвишен чин.



МУЗИЧКА

Кавалот свири
Душата на дрвото
Заживеала.

Растегнат мешин
Гајдата испушта звук
Врисок во ноќта.

Славеј се вее
Од извиткана жица
Виолински клуч.



МАГИЈА

Акутен напад
На љубовни изливи
Хроничен зулум.

Три грации
Инспирација во залет
Нова магија.

И пак опојна
И пак опиена од
Дождовни капки.







х:хороскопска стори


Родена кон крајот на месец јануари, на голем студ со многу снег. Хороскопски знак Водолија, според хороскопот на Астеките Крокодил, а според кинескиот Мајмун. Се прашувам што е заеднички за еден Крокодил, Мајмун и Водолија? Крокодилите живеат во вода, а мајмуните на дрво. Не сум од Прилеп, а од Охрид уште помалку. И како сум се родила токму во Кавадарци, а не во Венеција?
Просто и едноставно. Во Кавадарци нема вода, (се разбира, ако се апстрахираме од реката Луда Мара и Тиквешкото езеро), но има црвена течност наречена вино. А сега веднаш да се надоврзам на мајмуните. Главниот рекламен слагон во градот гласи „Скопско“, а не „Тиквешко“. И ми остана уште крокодил. Каде и да ја ставам стапалката, челуста на крокодилот спремна е да ме голтне и касне. Во секое време.
Затоа, решив да свртам нов лист. И бидејќи сум крокодил во хороскоп, и јас ќе почнам да касам и голтам. Ќе си се правам мајмун, и ќе пијам се што е во течна агрегатна состојба. И кога некој ќе ме праша зошто го правам тоа, ќе му одговорам дека сум под силно влијание на планетата Уран, и демек, така ми било запишано во ѕвездите.







н:нешто за фудбалот


Најважна споредна работа на светот ми е фудбалот. И како да не ми биде, кога таму се водат вистински битки. Особено во Премиер лигата и во лигата на Шампионите.
Кога си го враќам филмот триесетина години наназад, се присетувам на тогашното фудбалско навивање. Една турулејка семки и стадионот стануваше место каде што се губеше негативната енергија извикувајќи „Долу судија“.
Сега такви или слични пароли приметуваме на други локации. И наместо да добиваме, губиме позитивна енергија, време и живци.
А сега да се навратам на денешното навивање. Во суштина, сакам се што е италијанско, вклучувајќи го и фудбалот. За разлика од италијаните, англичаните не ги обожавам, ми делуваат премногу студено. Арно ама, ја измислија Премиер лигата и ми го направија животот поинтересен. И покрај тоа што имам слабо срце, не можам да им одолеам на натпреварите, кои знаат да бидат и повеќе од возбудливи. А возбудата ми расте кога омилениот ми фудбалер даде гол, кога барем за момент заборавам на сите проблеми, кога во спортската кладилница ќе ми се реализира прогнозата. А верувајте ми, тоа ми се случува многу често. За разлика од другите прогнози, вклучувајќи ја и временската, само овде сум на сигурно. Се друго ми е на лабави нозе и ми виси на конец.
 

Конец

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



































































































































































































































































































































































































































































 

  д:дома