Дедо ми не беше многу висок како за Црногорец, но беше силен човек, со густи бели мустаќи пожолтени од пушењето цигари, а ги влечеше како давеник за сламка. Пушеше секакви цигари, од „Сараевска Дрина“ до „Ха-бе“, но купуваше и тутун од село, го чуваше во тегли и виткаше цигари од него. По фиоките имаше цели штеки цигари и запалки кои му ги даваа неговите соборци од Клубот на борците од НОВ кој се наоѓаше во центарот на Сараево во близина на стоковната куќа Сарајка, опкружен со голем парк и дрвја, каде што ние како деца се спуштавме по падините со нашите понија и бе-ем-икси, инспирирани од филмовите како „Вонземјанинот И-ти“. Но, дедо ми не го интересираше тоа американско влијание, зашто тој беше хардкор социјалист, исто колку што беше заколнат пушач.
Судејќи според бројот на запалките по фиоките, повеќе не ги поправаше отколку што ги поправаше, а да биде уште почудно, рачно витканите цигари ги палеше со кремен камен кој го чуваше во мала кожена торбичка заедно со едно парче специјална печурка. Ќе го извадеше каменот, ќе ја ставеше печурката врз него и ќе удреше неколку пати со парче метал, по што печурката почнуваше да чади од искрата од каменот. Така палеше цигари, а јас седнував до него опкружен од чадот од цигарите и заедно гледавме југословенски филмови и серии, а тој ми раскажуваше за Втората светска војна.
„Тоа беше 1943 година на Неретва,“ се обидувам да се присетам на разговорите кои како низ магла ми навираат во сеќавањата. Дедо ми бил партизан од Црна Гора кој се борел во назначајните битки во Босна и Херцеговина, а кој ја знаеше историјата на Втората светска војна, знаеше дека таму се одвивале најкрвавите битки. „Пипни тука,“ го земаше моето мало детско раче со неговите влакнести и старечки раце, со пожолтените прсти од тутун, и со моите два прста притискаше врз неговата нога, каде што јасно можев да напипам нешто тврдо. „Тоа е куршум,“ ми кажуваше и потоа продолжуваше да ми раскажува како во војната бил ранет, ни помалку ни повеќе, туку – 12 пати! Бил опериран на живо повеќе пати, а тие куршуми кои не можеле да ги извадат му биле оставени, во нога, рака и кој знае каде се’ не. Во заедницата важеше за човек-феномен, и не само заради тоа што бил медицинско чудо кое оди на две нозе, туку и своевиден математички вундеркинд кој можел напамет да пресметува големи бројки, за кои на другите им требал дигитрон.
…од другата страна на нештата, постоеше и една друга Југославија…
Со врсниците се собираа во Клубот на борците, магично место за мене, каде што имаше терен покриен со песок. Таму се здружуваа, тие минати командоси во борбата против нацистичкиот окупатор, но сега наместо митралези и бомби држеа камени кугли и ги фрлаа во висина обидувајќи се да удрат други кугли и да стигнат што е можно поблиску до малата кугла. Кога не се натпреваруваа во оваа игра, започнуваа друга војна на масите покриени со зелена чоја, каде правеа митралески гнезда од кецови и кралеви и наместо муниција фрлаа пари. Дедо ми, иако беше добар математичар, често губеше во овие игри, барем така ми остана во сеќавањето, затоа што му ги гледаа картите во неговите дебели фотогреј очила за блиску. Можеби губеше зашто веќе не гледаше добро, одеше со бастун и имаше постојани болки во нозете, но најмногу затоа што откако почина баба ми, неговата партизанска љубов, тој беше половина од стариот мој дедо каков што го знаев.
„Млада партизанка“, позната песна на сите кои растеле во Југославија, но за мене и поим за мојата баба. Босанка, која како и дедо ми учествувала во истите битки, но од другата страна на рововите, како медицинска сестра, и таму го запознала, по што настанал „инстант класик“ од југословенските партизански филмови. Но, пред тоа, нејзините авантури подразбирале глад, голема глад од која умирале соборци, криење од Германците со денови по планините, на снегот, по дупки во земјата покриени со гранки, а од тоа заработена реума и извиткани прсти. Но, таа никогаш не се жалеше, напротив, даваше команди и го водеше целото семејство, се’ до нејзината смрт, кога командата се распушти, моето семејство се распадна, а паралелно и мојата земја.
Сепак, од другата страна на нештата, постоеше и една друга Југославија, која не подразбирала партизани и социјализам, туку и кралство, аристократија и приватна сопственост. Тоа била Југославија пред Втората светска војна, далеку пред да се родам јас, но моите претци, другите дедо и баба, биле дел од неа, и како млади капиталисти во Скопје во 1920-тите, во ерата на раѓањето на СХС, граделе куќи, фабрики и купувале имоти кои ќе им бидат одземени, а тие самите ќе бидат наречени „трули капиталисти“. Тоа е мојата Југославија, контрадикторна, романтична и трагична, и парадоксална.
Кога бевме деца, во 80-тите години на XX век, не познавав друга нација освен југословенската, моите другари, сега знам, повеќето биле муслимани и Хрвати, по некој Србин, но сите беа исто за мене и таков дух се градеше во Југославија, особено во Босна каде што се колнеа во се‘ и сешто со „Тито, драги!“. Јас го сакав Тито, зашто сите го сакавме, лепевме налепници со неговиот лик по дома, го имавме на тетратките и секој ден го гледавме на ѕидот од училницата. Но, дедо ми не го сакаше Тито. Зошто? Затоа што дедо ми го сакаше Сталин, а Тито го предаде Сталин. Но, зошто некој би сакал масовен убиец? За да го разберете тоа треба да замислите млад човек кој во војната се борел за социјалистичкиот идеал и не можел туку-така да се откаже од нешто за што примил 12 куршуми. Но, тој не зборуваше за тоа, освен кога ќе се поднапиеше во Клубот на борците испровоциран од шпионите на системот, па не можеше да се воздржи. И потоа истите тие го пријавуваа и така заврши на Голи Оток, два пати во две ипол години.
…во трагедијата се крие радоста на живеењето…
Баба ми го чекаше, и првиот и вториот пат. Во Југославија немаше разводи, барем не толку како денес, немаше интернет, немаше стотици канали на телевизија, немаше мобилни телефони и никој не правеше селфија, култот на личноста беше посветен само на еден и единствен лик – Тито, но имавме се’ што ни треба, слобода, родители кои се враќаа од работа до 3 часот, родендени дома со кока кола и соленки, играње, бескрајно играње надвор на улица кога густиот сараевски смог од кој и снегот стануваше црн беше нормален дел од секојдневието, а децата се повикуваа од врата до врата, наместо по мобилен. Не велам дека се’ беше подобро, но секако беше поинакво.
Тоа е Југославија за мене, мојата земја која веќе не постои, моето детство и пријатели од сите нации и религии, Кралството СХС и Федеративна Социјалистичка Република Југославија, Кралот, Тито и Сталин, Братство и Единство и Голи Оток, капитализам и Кока-кола социјализам, слобода, распад, војна, смрт и губењето на сите мои другари од детството… приказна која е раскажана многу пати, но кој не ја преживеал, никогаш нема да дознае дека во трагедијата се крие радоста на живеењето.
Берт Стајн
11 декември 2018