Методот на Вим Хоф владее со целиот свет! Веројатно сте го чуле славното мото “Breathe in, letting go!” или “The cold is my teacher” од Вим Хоф, но кој е Себастијан Кнајп и на кој начин тие двајца се поврзани? Дозволете ми да ви кажам од моето лично искуство.
Wim Hof – right on!
Вим Хоф е холандски чудак и практичар на екстремни рекорди на издржливост во студот. Прв пат се сретнав со неговата филозофија по неговата посета на подкастот на Џо Роган, кој започнав да го следам уште во 2010 година. Бев воодушевен од личноста на Вим Хоф, неговата ексцентричност, но уште повеќе од едноставноста и ефективноста на неговиот метод. Се разбира, го пробав делот со дишењето и се чувствував одлично, но не ги пробав ладните тушеви и заборавив на најважниот дел – посветеноста.
Одвреме-навреме се навраќав на методот, пред да одам да пливам на базен зимно време и кога се чувствував потиштено, но пред неколку години кога се разболев, навистина го сфатив потенцијалот на методот. Една ноќ се тресев од температура и треската се креваше како луда. Мојот мозок се исполни со слики и звуци од минатото и се чувствував како кога бев дете и халуцинирав од насилните трески. Тогаш нешто ми рече да станам од креветот и да почнам да дишам длабоко. Дишев не само со белите дробови, туку и со умот во решеноста да ја победам таа работа што го надвладеа моето тело. Дишев длабоко и подлабоко додека скоро не се онесвестив. Се присетив дека како дете се обидував да го задржам здивот подолг временски период, но најмногу успеав 1 минута и 15 секунди. Во последната сесија на Вим Хоф дишењето погледнав на часовникот и видов 3 минути 30 секунди. Немав време да се радувам на мојот нов рекорд, туку останав зачуден од тоа дека треската целосно исчезна и веќе воопшто не се чувствував болен. Тогаш станав верник на методот на Вим Хоф, затоа што „да направиш е да веруваш“, како што вели тој.
Неколку годинии поминаа и повремено се плеткав со методот на Вим Хоф, но не ги испробав студените тушеви, мислев дека дишењето е доволно и не бев дисциплиниран. Изолацијата и глобалниот страв од невидливиот непријател ме врати на методот. Овој пат го направив како што треба, со дишење, студени тушеви, медитација и јога. Моите резултати растеа и се чувствував одлично, немав депресија во изолацијата, ги мотивирав другите и го исполнив моето време во потполност. Се разбира, имав уште многу да учам и да постигнам за мене лично, но навистина сум благодарен на Вим Хоф и на неговите откритија.
Од каде потекнува методот и како се запознав со него
Откако станав вистински Вим Хоф метод практичар, почнав да размислувам за корените на методот. Се сетив на глетката на децата, дури и во градинките, во Русија, надвор во нивните костуми за капење, како тријат снег на голата кожа, за подобрување на имунитетот. Русите и другите нации кои живеат во ладни средини се исто така познати по своите бањи во замрзнатите езера.
Позитивниот ефект на ладното и ладната вода е познат во раните цивилизации. Тоа го практикувале античките египетски, грчки и римски цивилизации, во Античка Грција се викал воден-лек, а Римјаните се капеле во фригидариуми. Терапијата со ладно туширање се користи и во античката индиска ајурведска медицина и класичните јога-практики кои препорачуваат ладно туширање наутро. Во модерниот свет и во САД спортистите ги лекуваат воспаленијата од премногу вежбање преку екстремно ладното, со користење на ледени бањи или криотерапија. Во минатото во Европа популарноста на т.н. хидротерапија ја ширеа Себастијан Кнајп и неговата книга My Water Cure (1886) која била препечатена повеќе од педесет пати и на многу јазици.
Во 1997 година бев далеку од Македонија, студент на Универзитетот во Болоња во малиот италијански град Чезена и пропуштив некои важни случувања во Македонија и нејзините соседни земји. Такви беа српските протести против Милошевиќ, студентските и средношколските протести во Македонија, аферата ТАТ кога многу луѓе ги загубија животните заштеди и на крај кревањето на албанското знаме во Македонија заради што неколку луѓе загинаа, а многу беа повредени. Тоа беше точка на вриење и многу луѓе очекуваа дека по војната во Словенија, Хрватска, Босна и Србија, ние сме следна и последна станица за војната во долгата низа поранешни југословенски војни. Во тие околности, сестра ми дипломираше на Академијата за ликовни уметности во Скопје со нејзината инсталација/изложба под наслов „Одење по ладна вода според д-р Кнајп,“ инсталирана во рамките на Институтот за физичка рехабилитација во Скопје. Но, зошто д-р Кнајп и зошто токму таму?
Неколку години претходно го поминав целото лето во Институтот за физичка рехабилитација заздравувајќи ја скршената рака која ми беше оперирана, споена со метална шипка и четиринаесет завртки и во тој процес нервот што ги контролира движењата на прстите беше повреден. Освен тоа, лактот ми беше неподвижен од предолго време во гипс и не можев да ја исправам раката. Бидејќи имав четиринаесет години медицинскиот персонал мислеше дека ќе заздравам за миг – но за мене тоа беше една цела вечност! Целото лето го поминав по болници, наместо надвор со друштво и наместо да учам за средношколскиот испит, јас учев како да пишувам со левата рака.
Во меѓувреме ме пратија во центарот за рехабилитација, каде прво ми прикачија електроди на раката за стимулација на нервите и мускулите. Беше болно и непријатно. Ги стегнав забите и погледнав на друга страна. Во малата соба освен болничкиот кревет на кој бев седнат и електричните уреди за мачење пациенти, имаше една масичка и две столчиња. На едното столче седеше медицинската сестра, а на другото мајка со бебе. Двете жени разговараа, а бебето плачеше. Очигледно беше парализирано, родено така, како што дознав од разговорот на мајката со сестрата, и не се подобруваше. Но, таа имаше надеж и правеше сè што можеше. Медицинската сестра ги извади електродите од мојата рака, моето време заврши и ја напуштив просторијата без збор, со голем срам и со чувство на вина заради тоа што пред да дознаам за бебето се сожалував себеси.
Следната просторија изгледаше како градинка, и навистина имаше многу фигурчиња и тродимензионални геометриски форми, ваљаци со различна големина, топки и топчиња со кои требаше да си играш, на предодреден начин само за да ги стимулираш нервите и мускулите. Таму имаше една девојка која ми се допадна. Беше на моја возраст, ме погледна и таа, но и двајцата веднаш ги свртевме погледите. Таа ги правеше истите вежби, и јас несакајќи ја погледнав нејзината рака. Прстите ѝ беа мали и недоразвиени, како прсти на бебе врз рака на дете. Таа го забележа мојот поглед и изразот веднаш ѝ се смени.
Излегов од таа соба чувствувајќи се уште полошо. Потоа ме испратија во „просторијата со парафини“ и се запрашав за што се работи. Во просторијата за чекање немаше повеќе бебиња и деца, туку стари и збрчкани луѓе кои ме погледнаа како да не припаѓам таму. Ме повикаа и влегов во просторија каде имаше голем алуминиумски лонец. Медицинска сестра ја мешаше содржината на садот со долга дрвена рачка, како лажица за мешање ајвар. „Каде ме пратија, по ѓаволите,“ се запрашав. „Дали таа ќе ме свари и ќе ме изеде како децата во приказната за Ивица и Марица? Не е ни чудо што нема други деца надвор од таа просторија!“ Сестрата извлече голема, влажна и врела крпа која чадеше и ја завитка околу мојата рака. Болеше како пекол! Сакав да викам и да ја опцујам медицинската сестра, но потоа пред очите ми се појави сликата на парализираното дете. Решив да ја држам устата затворена и да чекам раката да ми се свари или што и да требаше да се случи. Потоа го одвиткаа вареното месо и ми го ставија лактот под инфрацрвена ламба и тоа беше тоа.
Последната просторија изгледаше како сала за физичко образование. „Дали очекуваат од мене да скокам преку јарец или нешто слично?“ си помислив во себе. Дојде медицинска сестра и ме седна на стол, истури прашок на мојата рака и почна да ја масира. Еј, па тоа и не беше толку лошо! „Што ти стана со раката?“ ме праша. Размислував што да одговорам. Вистината беше неверојатна, но јас бев премногу мрзлив да измислам нешто поверојатно, како на пример: „Паднав по скалите!“ Претпоставував дека ќе бидам редовен посетител таму, така што таа веројатно ќе ја дознае вистината.
„Се буткав на рака и ми се скрши раката“, реков. „Кој беше другиот?“, ме праша зачудено таа. „Другар од училиште“, одговорив. „Слушај“, таа престана да ми ја масира раката и ме погледна директно во очите. „Веднаш штом ќе ја средиш ракава, ќе се вратиш кај твојот пријател и ти ќе му ја скршиш ногата!“ Се насмеав, но таа изгледаше прилично сериозно.
Научените лекции
Целото лето го поминав на тоа место и посетив многу други простории. Сестра ми понекогаш доаѓаше со мене и талкаше по долгите ходници додека ме чекаше. Така го запозна местото и ги откри просториите за хидротерапија изградени според теоријата и праксата на баварскиот свештеник од 18 век, д-р Кнајп. Подоцна, таа кај нас дома го откри хрватскиот превод на книгата за алтернативна медицина наречена „Докторка во домот“ (The Female Doctor in the House) од 1926 година на д-р мед. Џени Спрингер. Во книгата имаше цел дел за практиките на д-р Кнајп и употребата на ладна и топла вода и нивната придобивка. Сестра ми ги искористи овие страници во нејзината изложба која се одржуваше во центарот за рехабилитација и привлече многу луѓе поради серијата женски ноќници кои лебдеа како духови во големите бетонски базени исполнети со вода; белите ноќници беа втиснати, а во пределот на градниот кош / срцето, беа испечатени цртежи на методите за лекување на д-р Кнајп.
Еден ден одејќи накај дома, како од ништо, мојата рака се исправи целосно, како тоа да е нешто сосема нормално. После тоа, заздравувањето беше полесно и побрзо. Се запишав во средно училиште и не ја скршив ногата на мојот најдобар другар. Медицинската сестра очигледно се шегуваше, но и ми кажа друга интересна работа. „Направи си рака од шперплоча, врзи ја раката на неа и спиј така“. Тоа ми помогна, бидејќи не се будев со стегната тупаница и вкочанета рака. Другата медицинска сестра со машината за тортура со струја ми кажа дека морам да вежбам, да не ја оставам машината да ми ја движи раката. Секој пат кога машината ќе ми ја крене раката, морам и самиот да се вклучам. Дури и ако мојата рака не се движеше, јас требаше да ја мрдам во умот. И така и правев. На почетокот, движењето навистина беше само во умот и тогаш, како чудо, се материјализираше во реалноста и раката ми се придвижи. Каква среќа може да ни донесат малите работи во животот!
Неколку години подоцна, во 1997 година кога завршив средно училиште и сестра ми ја одржа нејзината изложба, не размислував многу за центарот за рехабилитација или доктор Кнајп. Но, кога започнав со вежбање на методот на Вим Хоф, сфатив дека тој црпи голема инспирација од практиките на баварскиот свештеник и постарите култури кои практикуваа пранајами со длабоко дишење, јога асани и особено ладните бањи.
Методот навистина има многу придобивки, особено кога ги комбинирате ладната вода и жешката сауна, студот ги отвора периферните капилари и ја носи топлината до органите, а жешкото ги отвора и ја циркулира топлината и крвта назад кон периферијата. Можеби ова се чини како архаична пракса која ги заснова своите наоди врз античката и средновековната хуморална теорија, но придобивките се повеќе од видливи во секојдневниот живот. Кога студената вода ќе ви ја допре кожата, ја чувствувате како електрична енергија која му дава сила на вашето тело. Се чувствувате витално, енергично, среќно и полно со живот!
Студените тушеви имаат корист не само за вашата циркулација и емоционална состојба, туку и го зајакнуваат имунолошкиот систем и, спротивно на вообичаените верувања, ве даваат топло чувство во зима. Потребно е многу волја да се натерате да застанете под ладен туш, и самата таа постапка ја крева вашата самодоверба и внатрешната сила. Антидепресивните ефекти врз расположението, автономниот нервен систем и ендокриниот систем во комбинација со длабокото дишење се веќе добро и научно докажани. Можете да ги проверите фактите и научните студии на интернет.
Wim Hof, Dr. Kneipp, што и да е, но умерено
Вим Хоф привлекува големо внимание, особено денес, но не треба да ги заборавиме праксите од старината и личности како д-р. Кнајп. Животот и здравјето не е изолирана работа, иако денес сме принудени да живееме во изолација. Д-р Кнајп предложи хидротерапија како средство за подобрување на здравјето на луѓето, но и во комбинација со други методи, како што се употреба на ботанички лекови, вежбање, исхрана и рамнотежа. Сите овие работи може да се практикуваат дома, и се корисни алатки во овие времиња. Можеби најтежок е последниот аспект на рамнотежата. Навистина, секогаш кога лично чувствував сомнеж или не се обидував доволно од која било причина, моите резултати на Вим Хоф Метод опаѓаа. Не треба да ја заборавиме старата поговорка дека во здраво тело има здрав ум, и обратно. Се разбира, пред да се нурнеме во студот, треба да се погрижиме двете работи да се оптимални. Или можеби студот ја има моќта да го ресетира умот и да му помогне на телото? Како што вели Вим Хоф „за да поверуваш, треба да направиш“, затоа не верувајте, само правете!
25.04.2020