1990 година. Заминувам од Сараево засекогаш. Наскоро по моето заминување ќе започне војната и никогаш повеќе нема да се вратам таму. Тие што ме познаваат, знаат дека другарите ми се најзначајна работа во животот. „Прв на улица, последен дома.“
Во мојот нов дом, Скопје, немам другари. Но, затоа го имам мојот скирол со флуоресцентни пластични сопирачки, како Џош Броулин од филмот Трешин и од славните дречливи 80-ти. „Фурам“ по улиците на мојот за мене непознат и нов град, иако Скопје е градот на моите претци. Првото што го забележувам додека го рендам асфалтот е бескрајната рамнина, големите булевари и патеките за велосипеди кои што ми овозможуваат непречено и долго, долго возење. Ова е невообичаено за некој роден во Сараево и навикнат на стрмните ридишта и тесните улички.
Моите осамени возења низ Скопје на скирол или на мојот Беемикс излепен со лепенки ме водат од Дебар Маало, покрај кејот, преку Камениот мост до „Култура“, во зградата на Музичкото училиште. Детето коешто ги сакаше луѓето, станува момче коешто ги сака книгите. Поминувам часови и часови во големата книжарница „Култура“, во нејзиниот голем темен хол, додека тетките зад касата и фикусите до полиците со книги немо ме гледаат.
Надвор ме чека мојот велосипед и потоа со новата книга во ранецот се упатувам пред МНТ кон закривените странични површини одлични за залетување и отфрлување и безбројните скали кои ја прекршуваат рамнината и ме воведуваат во нови авантури.
Во Сараево, од мојата улица кон некогашната „Хајдук Вељкова“, водеа големи и долги скали кои беа предизвик за секој добар возач на беемикс. Веднаш потоа се спуштавме кон Музичката академија и Католичката катедрала и завршувавме во чаршијата каде што вешто ги избегнувавме луѓето. Во мојот нов град, скалите пред МНТ ја нудат истата возбуда, но овој пат без верниот другар до мене и заедничката насмевка, купувањето сладолед и Кока-кола во локалната самопослуга таа после-олимписка 1985-та година.
Повторно во Скопје, неговото бескрајно рамно пространство, стариот Камен мост, книжарницата Култура, платото пред МНТ и потоа, ново откритие, Табернакул, новата книжарница во самите простории на МНТ, а внатре – новиот свет на алтернативната книжевност, стрип и уметност, првата „Маргина“ број 2, списание кое што ми го менува светогледот засекогаш.
Наскоро во мојот живот навлегуваат нови другари, кои што малку ми ја намалуваат болката од новонастанатата состојба во мојот некогашен град, металните дождови, тресоци и крици, незнаењето за судбината на моите поранешни другари.
Со новите другари, Тимур и Владо, постојано се предизвикуваме и докажуваме, кој е похрабар, посилен или подобар. Независно дали сме на Водно и се тркаме кој прв до горе, или сме зад Зоолошката градина и се качуваме на ѕидот кој што ги заградува дивите свињи, со план да ги ловиме со копја, како Рамбо во истоимениот филм од 1982 година.
Повторно пред МНТ.
„Кој ќе оди прв?“ прашувам.
„Тимур е најголем, тој ќе ни прави индијанска, а ние ќе се качиме, после ќе го повлечеме,“ кажува Владо.
Набрзо сме на покривот на МНТ и се упатуваме нагоре. Тие што ме познаваат знаат дека имам страв од висина уште од дете, но Тимур и Владо сè уште не ме знаат добро и морам да го кријам стравот. На врвот сме и легнуваме покрај работ. Погледнувам надолу и нозете ми се пресекуваат. Сепак, наскоро се опуштам и уживам во погледот од висина на мојот нов град, задоволен од победениот страв и постигнатата „мисија.“
Во нашата детска наивност си правиме „филмови“ за зимата која што доаѓа. Ќе ги земеме моите пластични скии, кои што секој член од моето поранешно друштво ги имаше во студеното и снежно Сараево, и ќе се спуштаме по покривот на МНТ надолу… а потоа кога ќе дојдеме до работ… никој не знае.
Но, едно знам – пред нас е бескрајноста на фантазијата!
Берт Стајн
21.06.2016
(текстот е објавен како дел од книгата за изложбата „Херои за еден ден“ во МОБ)