Рецензии
Тука можете да прочитате рецензии за делата на Берт Стајн:
- Меѓу траумата и носталгијата, Роберт Алаѓозовски
(Магазин „Економија и бизнис“, 16 јули 2015, стр. 83-85) - „3 минути и 53 секунди“ од Берт Стајн – новела на пораснувањето, Љупчо Јолевски
(Радио Слободна Европа, јуни 26, 2015) - Одбројувањето на времето како раскажувачка постапка, Дарин Ангеловски
(Блесок бр. 106) - За книгата „3 минути и 53 секунди“
(Игор Анѓелков, Лектира.мк) - За книгата „1 час и 30 минути“ од Берт Стајн
(Роберт Алаѓозовски, Лектира.мк)
За делото „3 минути и 53 секунди“ на Берт Стајн рекоа:
Верувам во книгата – ремек дело е! Книгата е многу добра и треба да се преведе на англиски. Има огромен светски потенцијал да биде во колекцијата на NYTimes или Newyorker. 3’53’’ има приказни колку за 10 книги. Многу од нив се емотивни без разлика дали ги чита американец, кинез или грк. Уникатна животна приказна. Претпоставувам дека не си ни свесен дека си ги собрал сите можни сценарија за филм во едно.
(Владимир Карер, пријател, програмер и соработник)
Баш ти е супер книгата! Вистинско освежување (во најубава смисла на зборот) на мк книжевноста. Одамна сакав да ја прочитам, ама дури сега го сторив тоа. Со големо уживање! Цело Скопје ти зборува за книгата со мeсеци!
(Оливера Ќорвезироска, писателка и литературен критичар)
Книгата ја прочитав во еден здив. Браво, си напишал книгиште! Уживав во секоја „песна“. И сега одвај чекам да си ја купам новата книга.
(Ксенија Чочкова, менаџер во културата и преведувач)
Добра книга, едноставна, емотивна… ме расплаќа на неколку места. Лесно се идентификува […] Одличен е концептот. Музиката низ времето и лична исповед во контекст на локални и глобални случувања. Не е ни чудо што романот влезе во потесен избор за роман на годината.
(Бранимир Станковиќ, лингвист)
Книжето 3’53’’ (само според формат, нели:) го голтнав на екс… и некако се препознав во пола од страниците. Топ е формата и стилот и не фолирам како многумина кои сигурно ти фолирале, искрено ти кажувам.
(Петар Младеновски, пријател, музичар, водител на популарна радио емисија и фронтмен на бендот Суперхикс)
Ти пишувам да ти кажам едно големо ФАЛА за твојата нова книга 3-53, која ја прочитав во еден здив. Одамна не ме треснало нешто вака, бидејќи како да го читам сопствениот историјат во Скопе, преку залудноста на градов, дремењето, бесперспективноста итн, итн, низ сето она низ што поминавме во 90-те, секако, со слушање еден куп фина музика која ни го менуваше животот и колку-толку не одржуваше во живот. Тоа е и една од поентите со книгите, и генерално, со уметностите, да се долови духот на времето во кое си умирал/живеел, а ти тоа совршено си го скоцкал. Особено ме радува што си успеал да создадеш една културна мапа на градов преку местата во кои излегувавме, за да остане за век и веков. Би пишувал уште многу за впечатоците, но, ај да не ја затупам. И на крајот, дури и малку ти завидувам што ти, а не јас, нашиша ваква книга, која, да сум на твое место (иако знам дека е пофраерски), наместо со Берт Стајн, би ја потпишал со полно име и презиме!!!
(Игор Анѓелков, пријател, писател и филмски критичар)
Добро утро мил мој голем писателу, чија книга не ја прочитав за 3’53’’, но во ЕДЕН ЗДИВ, заради неповторливата твоја дарба за нарација… питка, лесно певлива и пивлива, а сепак со тежина на нектар и амброзија, толку хранлива за душата наша насушна, желна и жедна за допирање на мигот во вечноста! БРАВО Берт Стајн! Браво! Го живееш аполониското преку дионизиското, кое од речта го допира неискажаното, а сеприсутното.
(Д-р Марија Арсовска, пријател и аналитички психијатар)
Препорачувам. Се радував додека ја читав, а се чита лапни-голтни!
(Ѓоко Здравески, писател)
Берт Стајн ти посакувам уште многу успешни дела. На сите останати им го препорачувам актуелното, 3’53”!
(Александар Ивановски, пријател)
Романот ’3 минути и 53 секунди’ објавен под псевдонимот Берт Стајн е, исто така, втор роман на Бранко Прља (1977). Како што укажува и самиот автор, 3 минути и 53 секунди е просечното траење на една модерна песна според пребарувачот ’Гугл’, а толку време би му требало просечно на еден читател за да прочита едно од 21 поглавје на оваа книга кои се врзуваат за една позната песна од поп-музиката во раздобјето од 1984 до 2004 година. Интертекстуалните и интермедијалните белези на ова постмодернистички конципирано дело, несомнено, ќе му обезбедат широка рецепција не само меѓу познавачите на книжевноста, туку и меѓу пошироката читателска јавност, а иновативниот стил на нарацијата на Берт Стајн (Бранко Прља) сведочи и за некои нови книжевно-културолошки стремежи на современата македонска книжевност во целина“ – посочи меѓу другото во образложението жири-комисијата за романите на другите двајца финалисти.
(Жири комисијата, за финалистот на наградата Роман на годината, 2015)