Во источната филозофија и будизмот постои еден концепт наречен „непостојаност“[1], а во античката западна филозофија истото го поистоветуваме со Panta Rei на Демокрит „Мрачниот“ што го преведуваме со „се’ тече, се’ се менува“. Во модерната поп-митологија на овие два концепти се надоврзува популарното “Seize the day”[2] или „Carpe Diem“[3] кое го преведуваме со формата „искористи го денот“. Сите овие кондензирани филозофии кои го нашле својот пат во популарната култура преку т.н. one-liners, според американската терминологија, го содржат истиот будистички корен на постојаното менување, немирот и инхерентната особина на вселената да биде во постојано движење. Човекот треба да се прилагоди на таквата природа на нештата и да направи најмногу што може, а тоа е да го искористи овие инстант-филозофии за сопствена корист и да извлече најдобро што може од тоа, т.е. во вистинскиот модерен дух, да го искористи денот.
Но, и покрај таквата намера на модерниот човек да ги прилагоди овие филозофии на секојдневниот практичен живот, постои нешто длабоко вознемирувачки во нивната суштина. Во античките западни филозофии кои ги поставија идеолошките основи на модерната западна цивилизација, светот настанал од хаос, кој е состојба на краен немир, и од него настанал „ред“, или т.н. космос, светот кој го познаваме, кој се потпира на принципите на каузалитет и јаснотија, свет кој го разбираме и можеме јасно да го дефинираме. Во тоа јасно се гледаат и корените на западната спиритуалност, кои се засновани на едноставни правила и напаствија за дејствување кои треба да ги почитуваме ако сакаме да живееме во хармоничен и осмислен свет, наместо во хаос, внатрешен или надворешен. Науката, особено физиката, површно гледано ни се чини дека се согласува со ова гледиште. Живееме во еден небаре механички свет на Декарт во кој секоја причина има последица и секое делче функционира зависно од целината. Светогледот на Њутн, па дури и на Ајнштајн, не нуди суштински поразлична слика за вселената која е водена од закони, иако формално поинакви од тие на Декарт.
Значи, постојат јасни закони според кои се води светот, но ако погледнеме поблиску, како во сцената со градината во филмот „Синиот сомот“ на Дејвид Линч[4] каде што идиличната претстава на американскиот приградски живот врамена во сцената на таткото кој полева трева во градината се нарушува со неговата смрт и не’ воведува во реалноста на „не толку идиличната“ зелена градина каде што постои еден друг живот на инсекти, постојано движење, нескротливата природа во која нема правила, емоции или хармонија, со еден збор, ако погледнеме поблиску, ќе видиме хаос.[5]
Таков увид во вистинската состојба на природата ни пружа квантната физика (и поегзотичните теории на хаос, нишки и слично), која покажува дека во основата на природата не се наоѓа ред и логика, туку хаос, парадокси, постоење на иста честичка на две места, спонтано исчезнување и појавување на друго место, врзување на честички со „језиво дејство на далечина“[6], а се чини дека во оваа теорија ни самата светлина не може да се реши дали е честичка или бран, па се однесува на еден или на друг начин, во зависност од тоа… внимавајте – дали ја набљудуваме или не! Јас нема да се преправам дека ја разбирам квантната физика и не сум физичар, но нејзините концепти длабоко ме фасцинираат. Еден од основачите на квантната физика, Шродингер[7], кажал: „Ако мислиш дека ја разбираш квантната физика, не ја разбираш“, па се надевам дека во тој контекст ќе ми дозволите да ви ја пренесам мојата фасцинација без да се сомневате во мојата стручност.
Но, се поставува прашањето, како од индиската филозофија дојдовме до квантната физика? Како прво, најбитните научници во проучувањето на атомскиот и квантниот свет, Шродингер (нобеловец, познат и по неговата мачка[8]), Хајзенберг[9] (принцип на несигурност, нобеловец и познат во поп-културата по серијата Braking Bad[10]), Опенхајмер[11] (таткото на атомската бомба) и, на крај, но не последен, Нилс Бор[12] (нобеловец), сите ги читале индиските текстови како Ведите и Упанишадите, Веданта, Багавад гита и други, а некои од нив ги читале дури и на санскритски. Според извесни наоди корените на клучните концепти во квантната физика може да се пронајдат во овие дела кои пружаат длабок увид во природата на реалноста која не се прикажува при обично набљудување, туку само по пат на медитација или математички концепти во случајот на науката. Но, квантната физика не е само филозофија, хипотеза или теорија, таа е најтестирана и најпотврдена теорија во историјата на науката.
Откако ја најдовме врската помеѓу индиската филозофија и науката, се навраќаме на концептот на непостојаноста во секојдневието, идејата за минливоста која при секој обид да ја фатиш ти лизга од рацете како влажен сапун. Сите овие, горе наведени, прашања ми се наметнаа кога, скоро, во еден обид да направам архива на текстови по медиумите за моите дела откако активно објавувам проза, со моето име неколку години, а под псевдонимот Бранко Прља и подолго, веќе 15 години. Со години се обидував да го направам тоа, но секој пат си велев друг пат, делумно зашто станува збор за здодевна, архивска и, донекаде, самољубива постапка. Кој сум јас да правам архива на текстови за себеси? Но, ете да речеме, дека од практична причина ми била потребна една таква архива.
На мое чудење, наскоро станав свесен дека голем дел од текстовите кои порано ги среќавав онлајн веќе никаде ги нема. Дел од нив исчезнале со гасењето на медимите како „Утрински Весник“, „Денес“ и слично, но и друг дел кој би требало да постои по други медиуми како „Нова Македонија“, исто така го нема. Веројатно, со апдејтување на нивните сајтови и бази, и тие исчезнале во тој процес. По сите обиди, дури и за текстови од пред само неколку години, морав да се откажам. Дел од нив ги најдов во печатен формат и тоа ме натера да размислувам за непостојаноста на дигиталниот свет, оној свет составен од единици и нули, ласерски, магнетски, електронски записи врз медиум, а со тоа и за непостојаноста на светот воопшто, повторно составен од електрони и протони, неутрина и кваркови.
Кога бев дете, некаде помеѓу 6 и 9 години ми се јави еден огромен страв, поттикнат од сознанието дека се’ што е убаво нема да трае, дека секој момент на среќа што го преживувам е само илузија која е минлива и веднаш потоа ќе биде заменета со друго, исто толку несопирливо и минливо искуство. Гледајќи од денешна перспектива можеби затоа решив да пишувам, да го доловам и префрлам во вечноста тој момент кој е лизгав и одбива да биде сопрен. Но, и „записот“, сам по себе, не е вечен и можеби природата на нештата е да бидат минливи, како мандалата која будистите, во повторна алузија на филмот „Малиот Буда“, ја прават од песок, внимателно и долго време, а потоа ја уништуваат со еден потег.
Во сферата на дигиталното и виртуелното, ми се чини овој принцип е уште поприсутен отколку во реалноста. Милионите зборови, слики, видеа за кои веруваме дека „штом се нашле на нет таму ќе постојат вечно“, се создаваат во огромни количества во секој момент[13]. Но, независно од тоа дали интернетот го сметате за „облак од податоци“ или за некој „етер“, тој не е нефизичка форма на постоење, туку се наоѓа запишан некаде на некој хард-диск, сместен во некоја база на податоци и во најдобар случај во некој силос заштитен од нуклеарен напад во скандинавските земји од Европа. Но, поверојатно е вашите податоци да се сместени на некој локален сервер и штом престанете да плаќате за услугата или медиумот престане да постои и тие ќе бидат избришани.
Но, и физичкото запишување на податоци не е вечно, вашите скапоцени архиви на ЦД или ДВД имаат 25-годишен рок[14], тврдите дискови се уште помалку трајни, а флеш мемориите се попостојани, сепак под услов да не пишувате или бришете премногу, една грешка и сите податоци се неповратно изгубени. Во филмот „ Истребувач 2049“[15] се споменува настан наречен „затемнување“ (blackout) кој ги избришал сите електронски записи за репликантите. Еден од нив раскажува како мајка му се’ уште жали по неговите слики кога бил бебе и заклучува дека било интересно тоа што преживеала само хартијата. Непостојаноста е во квантната природа на нештата и тоа е главната пречка при создавањето на квантните компјутери и следната компјутерска ера, инаку до сега ќе живеевме во иднина каква ја предвидуваа научно-фантастичните романи од минатото.
Реалниот, макро-свет, за среќа е малку поразличен и тука со резерва може да ги прифатите нашите почетни тези за минливоста барем кога станува збор за архивирањето податоци. Во макро-светот ние претставуваме само реализација на можностите кои постојат во микро-светот, според што на извесен начин тие принции и не важат за нашиот свет. Што значи тоа практично? Како прво, тоа значи дека весникот каде што сте дале интервју пред 12 години нема да се самозапали, а книгата која сте ја издале во печатена форма најверојатно ќе биде сочувана и по 100 години. Секако, сите овие работи не се вечни, може да се изгубат или уништат на безброј начини, но нема спонтано да исчезнат. Затоа, повремено потсетете се да си ги испечатите сликите, да напишете по нешто на хартија и да го сочувате весникот кој содржи драг спомен или битна информација. А во меѓувреме – „Carpe Diem!“.
Берт Стајн:
13 декември 2018
Фусноти:
[1] impermanence (англ.) – ако му веруваме на филмот The Little Buddha (1993), како добра популаризација на темата на будизмот.
[2] Популаризирано во филмот „Друштво на мртвите поети“ (Dead Poets Society, 1989), со познатата реплика изговорена со шепот од страна на Робин Вилијамс.
[3] Латински афоризам од римскиот поет Хорациј.
[4] Blue Velvet (1986)
[5] Преземено од интерпретацијата на филмот „Син сомот“ според филозофот Славој Жижек, во неговиот документарец „Филмски водич за перверзни“ (2006)..
[6] Според Алберт Ајнштајн „Spooky action at a distance“, цитат кој покажува дека и самиот Ајнштајн бил сомничав во врска со квантната физика, а во тој контекст е позната и неговата изјава „Господ не се игра со коцки“.
[7] Erwin Schrödinger (1887–1961)
[8] Мисловен експеримент кој го прикажува еден од основните аспекти на квантната физика, т.е. квантанта суперпозиција (како во примерот со светлината, истовремено честичка и бран), пренесена во секојдневниот живот. За повеќе посетете го линков: https://en.wikipedia.org/wiki/Schr%C3%B6dinger%27s_cat
[9] Werner Karl Heisenberg (1901–1976)
[10] Breaking Bad (2008-2013), главниот лик Walter White се претставува и како Хајзенберг, според германскиот научник.
[11] J. Robert Oppenheimer (1904-1967). Познат е неговиот цитат од Bhagavad-Gita по повод на првиот успешен тест на нуклеарна бомба на 16 јули 1945 (“Now I am become Death, the destroyer of worlds”)
[12] Niels Henrik David Bohr (1885–1962)
[13] Според проценките кон средината на 2018 година, секој ден во светот се произведуваат 2.5 квинтилиони (2.5х1019) бајти се создаваат секој ден, а само во последните години биле создадени 90% од целото количество на информации во човековата историја. Секако, не сите информации се врвни уметнички дела или квантна физика, но независно од тоа и едното и другото е информација.
[14] Вистината е дека никој не може точно да предвиди колку ќе трае едно ЦД, а тоа зависи од неговиот квалитет (а кај нас најчесто се купуваа најнеквалитетни „нонејм“ медиуми), начинот како се складираат (кај нас најчесто во ѕвона, што се лоши услови), условите во кои се чуваат (пример најлесно ќе ги унишптите ако ги чувате во кола изложени на сонце), дали се користени многу и слично. Во идеални услови би требало да траатмногу повеќе, но такви услови во домот нема.
[15] Blade Runner 2049 (2017)