Имав осум години и Африка беше во неволја. Светот се мобилизираше на чело со најголемата ѕвезда, Мајкл Џексон, која го предводеше хорот од други ѕвезди со песната We are the world. Беше незаборавно и секој што е роден кон крајот на седумдесеттите го памети ова како магичен момент во кој светот се обединил за да стори нешто за оние кои имаат помалку. Подоцна дојде и Live Aid. Западот колективно си ја переше валканата совест преку музиката.
Сликите на прегладнети црнчиња на кои им се гледаат ребрата под подуениот стомак од паразити оставија длабок впечаток врз нашето детство. Чувствувавме срам, речиси и чувство на вина, затоа што ние имавме доволно храна и вода, уживавме во бесплатно здравство и школство, а да не зборуваме за сите поголеми удобности во животот. Но, дали и ние бевме светот?
Олимпијадата заврши и Југославија конечно го доби заслуженото место во светот како остварување на сонот на нашиот Маршал на бел коњ кој нè поведе во посветла иднина. Но, тој замина, а иднината почнуваше да изгледа сè помалку светла. По Олимпијадата како да се скршија сите илузии и се зачна никулецот на она што ја донесе инфлацијата, националната омраза, територијалните апетити и војните. Патеката за боб санкање по која некогаш фрчеа светски шампиони веќе беше покриена со мов.
Но, децата не го почувствуваа тоа. Ние продолживме, во традицијата на Олимпијадата, да го градиме позитивниот дух на спортот и на заедништвото. Секој од нас имаше палка за хокеј, а наместо пак користевме топка за тенис и беше страшно забавно. Првите снегови се напластија на улицата и ние вредно и предадено поминавме цело попладне за да го натапкаме снегот кој достигнуваше висина над нашите глави, а наутро излегувавме од дома и се фрлавме главечки во снегот.
Тимот од другата улица играше против нашата улица. Непотребно грубите гости физички доминираа над нас на нашиот домашен терен. Еден од противничките играчи беше особено агресивен. Ме сопна неколку пати, но премолчив, беше поголем, посилен и поагресивен. Повторно ме сопна.
Во тој миг се присетив на приказната која што еднаш ми ја имаше раскажано татко ми. „Ме запишаа во ново училиште,“ раскажуваше тој. „На големиот одмор сите деца излегоа надвор. Иако се срамев, се натерав да излезам и да се обидам да стекнам некој пријател. Но, тоа не беше лесно и така седев сам глумејќи незаинтересираност. Тогаш ми пријде еден тип. Разговорот почна наивно, но тој набрзо ме праша зошто сум го тепал брат му. Се правдав дека не го познавам брат му и дека тоа не е вистина.
„Еј Грами, баткава ми вика дека сум лажго,“ викна тој и еден грамада тип откорнат од којзнае која околна планина зачекори заканувачки кон мене. Нозете ми се пресекоа, но во истиот момент сфатив дека постои само еден начин да се извлечам од ситуацијава. Кога грамадата се доближи знаев дека имам шанса само за еден удар. Го плеснав по забите без предупредување и толку силно што се струполи како круша. Неговиот другар пребледе, набрзина го крена и двајцата избегаа како муви без глава. Од тој ден никој никогаш повеќе не ме чепна во тоа училиште.“
Лежев на асфалтот и во таа секунда целата приказна на мојот татко ми се премота во главата. Не сакав, но знаев дека морам да го сторам тоа. Рипнав како да ме удри струја и му зададов силен удар со нога по телото. Тој се стаписа и тогаш силното момче од кое сите се плашеа почна да ми се извинува. Никому не му се веруваше. Од тој момент дури и другите членови на тимот беа многу повнимателни кон нас, а секој пат кога ќе ме удреа ми се извинуваа. Тој ден бев херојот на друштвото.
Но, не за долго, зашто друштвото имаше многу поважни херои. На крајот од улицата се наоѓаше месната заедница, а во неа имаше флипери и кино. Секоја сабота се даваа филмови со Брус Ли, Сталоне, Шварценегер, Чак Норис, Џеки Чен и други идоли од нашето детство. Една сабота го даваа Роки IV и возбудата од новите авантури со кои нè пречекуваше добро познатиот лик растеше.
Студената војна беше во кулминација. Русите беа претставени како фанатици, жедни за американска крв, но на крајот сепак хумани во нивното препознавање на демократските вредности и човечноста. Но, нас не нè засегаше политиката, туку победата на Роки кој секогаш примаше многу удари и се враќаше од речиси мртвите за да ги зададе неговите победнички крошеа и директи. Архетипскиот филмски лик кој што се крева во името на сите мали и поразени, херојски ги надмина сите очекувања.
Eye Of The Tiger на Survivor започна. Роки се врати и зададе еден удар, па друг, па трет… големиот, непобедлив силеџија почна да се клати, бран на возбуда ја облеа салата и јас почнав да удирам со рацете во седиштето пред мене. Рацете ме болеа, но не престанував, зашто сакав Роки да победи, сакав големиот лош Русин да падне во името на гладните, слабите и онеправдените. Сред трансот ја кренав главата и погледнав во полутемницата на кино-салата. Сите го правеа истото, сите удираа во седиштата пред нив, бевме сплотени, единствени, нè носеше една желба, една идеја, еден заеднички сон.
И тогаш Америка победи.