Методот на Вим Хоф владее со целиот свет! Веројатно сте го чуле славното мото “Breathe in, letting go!” или “The cold is my teacher” од Вим Хоф, но кој е Себастијан Кнајп и на кој начин тие двајца се поврзани? Дозволете ми да ви кажам од моето лично искуство.
Wim Hof – right on!
Вим Хоф е холандски чудак и практичар на екстремни рекорди на издржливост во студот. Прв пат се сретнав со неговата филозофија по неговата посета на подкастот на Џо Роган, кој започнав да го следам уште во 2010 година. Бев воодушевен од личноста на Вим Хоф, неговата ексцентричност, но уште повеќе од едноставноста и ефективноста на неговиот метод. Се разбира, го пробав делот со дишењето и се чувствував одлично, но не ги пробав ладните тушеви и заборавив на најважниот дел – посветеноста.
Одвреме-навреме се навраќав на методот, пред да одам да пливам на базен зимно време и кога се чувствував потиштено, но пред неколку години кога се разболев, навистина го сфатив потенцијалот на методот. Една ноќ се тресев од температура и треската се креваше како луда. Мојот мозок се исполни со слики и звуци од минатото и се чувствував како кога бев дете и халуцинирав од насилните трески. Тогаш нешто ми рече да станам од креветот и да почнам да дишам длабоко. Дишев не само со белите дробови, туку и со умот во решеноста да ја победам таа работа што го надвладеа моето тело. Дишев длабоко и подлабоко додека скоро не се онесвестив. Се присетив дека како дете се обидував да го задржам здивот подолг временски период, но најмногу успеав 1 минута и 15 секунди. Во последната сесија на Вим Хоф дишењето погледнав на часовникот и видов 3 минути 30 секунди. Немав време да се радувам на мојот нов рекорд, туку останав зачуден од тоа дека треската целосно исчезна и веќе воопшто не се чувствував болен. Тогаш станав верник на методот на Вим Хоф, затоа што „да направиш е да веруваш“, како што вели тој.
Неколку годинии поминаа и повремено се плеткав со методот на Вим Хоф, но не ги испробав студените тушеви, мислев дека дишењето е доволно и не бев дисциплиниран. Изолацијата и глобалниот страв од невидливиот непријател ме врати на методот. Овој пат го направив како што треба, со дишење, студени тушеви, медитација и јога. Моите резултати растеа и се чувствував одлично, немав депресија во изолацијата, ги мотивирав другите и го исполнив моето време во потполност. Се разбира, имав уште многу да учам и да постигнам за мене лично, но навистина сум благодарен на Вим Хоф и на неговите откритија.
Од каде потекнува методот и како се запознав со него
Откако станав вистински Вим Хоф метод практичар, почнав да размислувам за корените на методот. Се сетив на глетката на децата, дури и во градинките, во Русија, надвор во нивните костуми за капење, како тријат снег на голата кожа, за подобрување на имунитетот. Русите и другите нации кои живеат во ладни средини се исто така познати по своите бањи во замрзнатите езера.
Позитивниот ефект на ладното и ладната вода е познат во раните цивилизации. Тоа го практикувале античките египетски, грчки и римски цивилизации, во Античка Грција се викал воден-лек, а Римјаните се капеле во фригидариуми. Терапијата со ладно туширање се користи и во античката индиска ајурведска медицина и класичните јога-практики кои препорачуваат ладно туширање наутро. Во модерниот свет и во САД спортистите ги лекуваат воспаленијата од премногу вежбање преку екстремно ладното, со користење на ледени бањи или криотерапија. Во минатото во Европа популарноста на т.н. хидротерапија ја ширеа Себастијан Кнајп и неговата книга My Water Cure (1886) која била препечатена повеќе од педесет пати и на многу јазици.
Во 1997 година бев далеку од Македонија, студент на Универзитетот во Болоња во малиот италијански град Чезена и пропуштив некои важни случувања во Македонија и нејзините соседни земји. Такви беа српските протести против Милошевиќ, студентските и средношколските протести во Македонија, аферата ТАТ кога многу луѓе ги загубија животните заштеди и на крај кревањето на албанското знаме во Македонија заради што неколку луѓе загинаа, а многу беа повредени. Тоа беше точка на вриење и многу луѓе очекуваа дека по војната во Словенија, Хрватска, Босна и Србија, ние сме следна и последна станица за војната во долгата низа поранешни југословенски војни. Во тие околности, сестра ми дипломираше на Академијата за ликовни уметности во Скопје со нејзината инсталација/изложба под наслов „Одење по ладна вода според д-р Кнајп,“ инсталирана во рамките на Институтот за физичка рехабилитација во Скопје. Но, зошто д-р Кнајп и зошто токму таму?
Неколку години претходно го поминав целото лето во Институтот за физичка рехабилитација заздравувајќи ја скршената рака која ми беше оперирана, споена со метална шипка и четиринаесет завртки и во тој процес нервот што ги контролира движењата на прстите беше повреден. Освен тоа, лактот ми беше неподвижен од предолго време во гипс и не можев да ја исправам раката. Бидејќи имав четиринаесет години медицинскиот персонал мислеше дека ќе заздравам за миг – но за мене тоа беше една цела вечност! Целото лето го поминав по болници, наместо надвор со друштво и наместо да учам за средношколскиот испит, јас учев како да пишувам со левата рака.
Во меѓувреме ме пратија во центарот за рехабилитација, каде прво ми прикачија електроди на раката за стимулација на нервите и мускулите. Беше болно и непријатно. Ги стегнав забите и погледнав на друга страна. Во малата соба освен болничкиот кревет на кој бев седнат и електричните уреди за мачење пациенти, имаше една масичка и две столчиња. На едното столче седеше медицинската сестра, а на другото мајка со бебе. Двете жени разговараа, а бебето плачеше. Очигледно беше парализирано, родено така, како што дознав од разговорот на мајката со сестрата, и не се подобруваше. Но, таа имаше надеж и правеше сè што можеше. Медицинската сестра ги извади електродите од мојата рака, моето време заврши и ја напуштив просторијата без збор, со голем срам и со чувство на вина заради тоа што пред да дознаам за бебето се сожалував себеси.
Следната просторија изгледаше како градинка, и навистина имаше многу фигурчиња и тродимензионални геометриски форми, ваљаци со различна големина, топки и топчиња со кои требаше да си играш, на предодреден начин само за да ги стимулираш нервите и мускулите. Таму имаше една девојка која ми се допадна. Беше на моја возраст, ме погледна и таа, но и двајцата веднаш ги свртевме погледите. Таа ги правеше истите вежби, и јас несакајќи ја погледнав нејзината рака. Прстите ѝ беа мали и недоразвиени, како прсти на бебе врз рака на дете. Таа го забележа мојот поглед и изразот веднаш ѝ се смени.
Излегов од таа соба чувствувајќи се уште полошо. Потоа ме испратија во „просторијата со парафини“ и се запрашав за што се работи. Во просторијата за чекање немаше повеќе бебиња и деца, туку стари и збрчкани луѓе кои ме погледнаа како да не припаѓам таму. Ме повикаа и влегов во просторија каде имаше голем алуминиумски лонец. Медицинска сестра ја мешаше содржината на садот со долга дрвена рачка, како лажица за мешање ајвар. „Каде ме пратија, по ѓаволите,“ се запрашав. „Дали таа ќе ме свари и ќе ме изеде како децата во приказната за Ивица и Марица? Не е ни чудо што нема други деца надвор од таа просторија!“ Сестрата извлече голема, влажна и врела крпа која чадеше и ја завитка околу мојата рака. Болеше како пекол! Сакав да викам и да ја опцујам медицинската сестра, но потоа пред очите ми се појави сликата на парализираното дете. Решив да ја држам устата затворена и да чекам раката да ми се свари или што и да требаше да се случи. Потоа го одвиткаа вареното месо и ми го ставија лактот под инфрацрвена ламба и тоа беше тоа.
Последната просторија изгледаше како сала за физичко образование. „Дали очекуваат од мене да скокам преку јарец или нешто слично?“ си помислив во себе. Дојде медицинска сестра и ме седна на стол, истури прашок на мојата рака и почна да ја масира. Еј, па тоа и не беше толку лошо! „Што ти стана со раката?“ ме праша. Размислував што да одговорам. Вистината беше неверојатна, но јас бев премногу мрзлив да измислам нешто поверојатно, како на пример: „Паднав по скалите!“ Претпоставував дека ќе бидам редовен посетител таму, така што таа веројатно ќе ја дознае вистината.
„Се буткав на рака и ми се скрши раката“, реков. „Кој беше другиот?“, ме праша зачудено таа. „Другар од училиште“, одговорив. „Слушај“, таа престана да ми ја масира раката и ме погледна директно во очите. „Веднаш штом ќе ја средиш ракава, ќе се вратиш кај твојот пријател и ти ќе му ја скршиш ногата!“ Се насмеав, но таа изгледаше прилично сериозно.
Научените лекции
Целото лето го поминав на тоа место и посетив многу други простории. Сестра ми понекогаш доаѓаше со мене и талкаше по долгите ходници додека ме чекаше. Така го запозна местото и ги откри просториите за хидротерапија изградени според теоријата и праксата на баварскиот свештеник од 18 век, д-р Кнајп. Подоцна, таа кај нас дома го откри хрватскиот превод на книгата за алтернативна медицина наречена „Докторка во домот“ (The Female Doctor in the House) од 1926 година на д-р мед. Џени Спрингер. Во книгата имаше цел дел за практиките на д-р Кнајп и употребата на ладна и топла вода и нивната придобивка. Сестра ми ги искористи овие страници во нејзината изложба која се одржуваше во центарот за рехабилитација и привлече многу луѓе поради серијата женски ноќници кои лебдеа како духови во големите бетонски базени исполнети со вода; белите ноќници беа втиснати, а во пределот на градниот кош / срцето, беа испечатени цртежи на методите за лекување на д-р Кнајп.
Еден ден одејќи накај дома, како од ништо, мојата рака се исправи целосно, како тоа да е нешто сосема нормално. После тоа, заздравувањето беше полесно и побрзо. Се запишав во средно училиште и не ја скршив ногата на мојот најдобар другар. Медицинската сестра очигледно се шегуваше, но и ми кажа друга интересна работа. „Направи си рака од шперплоча, врзи ја раката на неа и спиј така“. Тоа ми помогна, бидејќи не се будев со стегната тупаница и вкочанета рака. Другата медицинска сестра со машината за тортура со струја ми кажа дека морам да вежбам, да не ја оставам машината да ми ја движи раката. Секој пат кога машината ќе ми ја крене раката, морам и самиот да се вклучам. Дури и ако мојата рака не се движеше, јас требаше да ја мрдам во умот. И така и правев. На почетокот, движењето навистина беше само во умот и тогаш, како чудо, се материјализираше во реалноста и раката ми се придвижи. Каква среќа може да ни донесат малите работи во животот!
Неколку години подоцна, во 1997 година кога завршив средно училиште и сестра ми ја одржа нејзината изложба, не размислував многу за центарот за рехабилитација или доктор Кнајп. Но, кога започнав со вежбање на методот на Вим Хоф, сфатив дека тој црпи голема инспирација од практиките на баварскиот свештеник и постарите култури кои практикуваа пранајами со длабоко дишење, јога асани и особено ладните бањи.
Методот навистина има многу придобивки, особено кога ги комбинирате ладната вода и жешката сауна, студот ги отвора периферните капилари и ја носи топлината до органите, а жешкото ги отвора и ја циркулира топлината и крвта назад кон периферијата. Можеби ова се чини како архаична пракса која ги заснова своите наоди врз античката и средновековната хуморална теорија, но придобивките се повеќе од видливи во секојдневниот живот. Кога студената вода ќе ви ја допре кожата, ја чувствувате како електрична енергија која му дава сила на вашето тело. Се чувствувате витално, енергично, среќно и полно со живот!
Студените тушеви имаат корист не само за вашата циркулација и емоционална состојба, туку и го зајакнуваат имунолошкиот систем и, спротивно на вообичаените верувања, ве даваат топло чувство во зима. Потребно е многу волја да се натерате да застанете под ладен туш, и самата таа постапка ја крева вашата самодоверба и внатрешната сила. Антидепресивните ефекти врз расположението, автономниот нервен систем и ендокриниот систем во комбинација со длабокото дишење се веќе добро и научно докажани. Можете да ги проверите фактите и научните студии на интернет.
Wim Hof, Dr. Kneipp, што и да е, но умерено
Вим Хоф привлекува големо внимание, особено денес, но не треба да ги заборавиме праксите од старината и личности како д-р. Кнајп. Животот и здравјето не е изолирана работа, иако денес сме принудени да живееме во изолација. Д-р Кнајп предложи хидротерапија како средство за подобрување на здравјето на луѓето, но и во комбинација со други методи, како што се употреба на ботанички лекови, вежбање, исхрана и рамнотежа. Сите овие работи може да се практикуваат дома, и се корисни алатки во овие времиња. Можеби најтежок е последниот аспект на рамнотежата. Навистина, секогаш кога лично чувствував сомнеж или не се обидував доволно од која било причина, моите резултати на Вим Хоф Метод опаѓаа. Не треба да ја заборавиме старата поговорка дека во здраво тело има здрав ум, и обратно. Се разбира, пред да се нурнеме во студот, треба да се погрижиме двете работи да се оптимални. Или можеби студот ја има моќта да го ресетира умот и да му помогне на телото? Како што вели Вим Хоф „за да поверуваш, треба да направиш“, затоа не верувајте, само правете!
25.04.2020
За „модерното“ искуство на чувството на изолираност и затвореност од гледиште на граѓанин на една изолирана земја
Surrendered to self preservation,
From others who care for themselves.
Од песната “Isolation” од Joy Division (1980)
Живеам во изолирана земја веќе три децении и чувството на беспомошност што го опкружува денешниот свет е навистина многу познато и блиско чувство за мене и за моите сонародници. Од последната деценија на 20-тиот век, светот уживаше во појавата на grunge и drum and bass, alt rock, broken beats и dubstep, меѓу другите музички жанрови. Поранешна Југославија преживеа некои поинакви удари и раскинувања, неколку војни, политичка и економска нестабилност, ембарго и блокади однадвор, промена на имиња и идентитети, транзиција на владите, масовна невработеност и „одлив на мозоци“ и добра доза превирања. Мојата земја, денес наречена Северна Македонија го живееше сето тоа и повеќе, а ние како нејзини граѓани се чувствувавме како затвореници, мали, безначајни, исплашени, лишени, изолирани и немоќни да ја промениме нашата состојба на постоење. Се чини познато?
Училиштето како затвор
Избегав од мојот роден град Сараево во 1990 година кога дождот сè уште беше од вода наместо од олово и се преселив во мирното Скопје. И двата града сè уште беа дел од една држава Југославија и само една година подоцна бевме одделни држави со курс за никаде. Поранешните делови на Југославија прогласија независност и настана пекол. Поранешните браќа се свртеа едни против други, семејствата беа разделени, пиењето ракија и традиционалните народни танци беа заменети со огнени куршуми и извици од агонија.
Во април 1992 година, мојот роден град Сараево беше нападнат и не можев да сторам ништо во врска со тоа. Не знаев дали моите пријатели се живи или мртви, подоцна дознав дека некои од нив ја напуштиле земјата и преживеале свој дел од пеколот во бегалскиот живот низ цела Европа. Другите останаа, некои станаа жртви на војната, други нејзини затвореници. Тие преживеаја како што можеа, користеа книги и мебел за да ги загреат своите домови или ги ризикуваа нивните животи кога излегуваа да земат хуманитарна помош во храна или вода, имаше недостиг на нафта, брашно, гас, тоалетна хартија … сѐ што можете да замислите. Се чини познато?
Размислував често за нив, но не можев да сторам ништо за да им помогнам. Кога се буди ѕверот кој се храни со војна, додека не се најаде нема да се смири. Во меѓувреме војував лични битки. Бев осмо одделение во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ и мојот најдобар другар беше нападнат само затоа што беше со различна националност од другите. „Какви глупости!“ би рекол секој цивилизиран човек од Западот, и со право. Но, умот на еден балканец не функционира така. Одредено име или презиме тука би можело да те чини живот во тие времиња, или можеби неколку скршени заби. Додека јас и мојот најдобар другар бегавме од лутата толпа која сакаше парче од нашето дентално осигурување, размислувавме во себеси: „Можеме да избегаме денес, но утре ќе треба повторно да одиме на училиште“. Тоа е чувството да бидеш заробен во сопствената кожа или во сопствената околина, зависно од начинот на кој гледаш на тоа.
Затворот е во нашиот ум, но исто така може да биде и во нашето тело
Да речеме дека, на еден или на друг начин, мојот пријател и јас преживеавме. Се разбира, тоа е само уште една тажна приказна за малтретирање, ние бевме жртви, другите наши мачители, ние стравувавме, тие ликуваа, ние си ги лижевме раните и животот продолжи по својот природен тек… Наскоро училиштето требаше да заврши во форма на навидум бесконечно лето, и мојот пријател и јас славевме со нашиот 50-ти натпревар со буткање на рака. Можеби бевме инспирирани од филмот Over the Top од 1980-тите со едниот од нашите херои од детството, Сталоне, или можеби бевме само момчиња, секогаш се натпреварувавме, секогаш ги споредувавме мускулите.
Ја направив фаталната грешка, не забележав дека во меѓувреме, сметајќи од 1 до 50, мојот пријател стана доста голем и силен млад човек, додека јас останав повеќе-помалку ист. Пред да го сфатам тоа, раката ми пукна на половина како гранче и се најдов во болница, лежејќи на хируршката маса, додека асистентот на главниот хирург ми го држеше нервот радијалис, а хирургот ги зацврстуваше двете парчиња од мојата коска со метална плочка и четиринаесет штрафови. Да, се разбудив среде операција и ми беше дадена друга доза на анестезија, доволно да убие коњ, или само да бидат сигурни дека нема да се разбудам пак, за време на операцијата, се разбира.
Следното работа на која се сеќавам е дека главата насилно ми се фрла од едната на другата страна од операциската маса, но не можев да почувствувам ништо. Го слушнав гласот на медицинската сестра која викаше „Разбуди се!“, но темнината и парализата на моето тело беа посилни од реалноста, речиси ги чувствував како пореални и поблиски. Бев во затворот на сопственото тело и ми се чинеше дека засекогаш ќе останам таму. Гласовите доаѓаа од далечното место на ништозност и безвременост, истото место од каде потекнуваме сите. И тогаш се врати светлината, боите, чувствата, мирисот на јод и болката.
Затворот на моето тело замина, но набргу откако ми го отстранија навидум другото физичко ограничување, гипсот, сфатив дека не можам да ја кренам раката. Нервот ми беше оштетен за време на операцијата, а мојата рака стана неподвижен предмет, потежок од еден тон. Навистина, да кренам само еден прст од раката ми се чинеше како да кревам тон тули и тоа траеше цело лето. Додека другите го славеа крајот на учебната година и крајот на основното образование со традиционалното кинење и фрлање на книгите во воздухот, јас бев заробен во центрите за рехабилитација со стари лица кои на мене гледаа како на младо месо за споделување на нивните животни приказни и мудрости. Немав друг избор освен да ги слушам, бев баксуз што ме воспитаа да ги почитувам постарите.
Ги почитуваме нормалните работи во животот само кога веќе ги немаме, зарем не? Кога ќе ја изгубиш контролата над својата доминантна рака и ќе научиш да пишуваш со другата рака само за да го положиш приемниот испит за средно училиште, почнуваш да гледаш на нештата од друга перспектива. Исто како и денес – едноставна прошетка во природа, прегратка со близок пријател или релаксиран момент во шопинг за потребите на семејството, изгледа како далечен и одамна заборавен сон. Кога ни ги одземаат работите што ги земаме здраво за готово, тогаш и само тогаш, почнуваме да ги почитуваме и да се сеќаваме како беше кога ги имавме. Тажната работа е што кога ги добиваме назад, веднаш забораваме да бидеме благодарни и се враќаме на старите начини на посакување повеќе, исто како што јас заборавив колку бев среќен кога ми се придвижија прстите и можев да држам пенкало. Тоа е нашата природа.
Татковината како затвор
Затвор може да се изгради од месо или од верувања, но и твојата земја, исто така, може да биде голем и непробоен затвор. И во 1992 година мојата земја беше затворена од сите страни, затворена во својата верба дека има право на името на земјата на Александар Велики. Се разбира, тоа е наше право, но за наша несреќа, светот не ги споделуваше нашите верувања.
Како знак на нашата добра волја да бидеме дел од ЕУ, светот и прогресивното размислување, се спротивставивме на југословенските (српски) тенденции кон војната. Така, ги затворивме нашите граници кон нашиот северен сосед и главниот извозен канал за нашите производи. Тоа ја уништи нашата економија бидејќи веќе бевме блокирани на југ, кон Грција. Зошто? Дозволете ми да ви кажам два-три (не повеќе!) збора за историјата – таа е „кучка“, знаеме сите. Грција мислеше дека ние немаме право да го користиме името Македонија, иако античката Македонија исто така беше дел од нашата територија, но во ред. Бевме послаба страна во аргументот, мала, слаба и сиромашна. Победниците ја пишуваат историјата, а ние бевме предодредени да бидеме губитници.
Што е со Западот и Истокот? Па, нашата верзија на Западот е Албанија, земја која се мачеше како и ние, поранешна комунистичка држава. Всушност они настрадаа повеќе од нас. Нашата поранешна социјалистичка држава Југославија беше луна-парк во споредба со Албанија. Ги имавме сите лични слободи, слушавме западна музика и гледавме американски филмови. Го споменав Сталоне, но тој беше само еден од многуте наши детски херои како Шварценегер, Брус Ли, џеки Чен, Чарлс Бронсон, Чак Норис, Жан-Клод Ван Дам и други. Нашиот источен сосед Бугарија исто така беше сиромашна комунистичка држава, со еден интерес за нашата држава – ако е дел од нивната.
Сите, таканаречени земји од источниот блок, вклучително и Романија, Чехословачка, Полска и Унгарија, според стандардот на Југославија, беа сметани за сиромашни земји. Ако ги исклучите политичките затвореници, национализацијата и присвојувањето на личните поседи на богатите граѓани, просечниот југословенски граѓанин имаше бесплатно образование и здравствена заштита, функционална социјална поддршка за помалку среќните и одлични политики за домување на работниците. Југославија практично беше социјалистичка држава со слободна пазрна економија и растот на БДП од 1950-тите до 1980-тите беше често поголем од повеќето капиталистички пазарни економии на Западна Европа и САД.
Но, од 1990-тите и распадот на Југославија и создавањето на помалите национални држави, песната се смени. Мојата земја, Македонија, стана особено затворена. Србија и Хрватска беа во војна, но имаа пријатели, Русија и ЕУ или САД. Ние, од друга страна, немавме пријатели и немавме односи или средство за извоз или увоз на стоки од каде било и сред процесот на транзиција од социјалистичко во демократско владеење. Тоа беше пеколно искуство! Некогашните полни пазари беа празни, немаше леб, млеко, месо, брашно. Бидејќи нафтата и бензинот се увезуваа од Грција, тие никогаш не пристигнуваа, или ако чекаш неколку дена на бензинската пумпа, можеби може ќе го наполниш резервоарот, можеби. Тоа беше време кога криминалците владееја со нашата суверена земја и шверцуваа цигари, кафе, шеќер, нафта, електроника, хемикалии, па дури и оружје. Сите тие работи вредеа повеќе од златото. Македонскиот тутун, познат во светот повеќе од еден век, им беше даден на големите играчи за бадијала. Тие го пакуваа и ни го продаваа назад преку шверц за десетократно.
Политичарите или крими-шефовите имаа полни стомаци и ги галеа со смеа како веселиот стар Дедо Мраз. Обичните луѓе беа очајни и гладни, нивните заштеди блокирани од државата и банките, останаа без работа или избор во животот, гладни, исплашени и без перспектива. Во тие околности, мајка ми седеше во нашата кујна и разговараше со нејзината пријателка, медицинско лице, за процесите на зачувување храна и вода.
„Ако отвориш шише, водата е микробиолошки чиста една недела. Секако, водата од чешма е полна со хемикалии и е безбедна можеби еден месец, ако се чува правилно”, зборуваше како да рецитира стихови од The Preppers Bible. Мајка ми ги запиша нејзините совети и направи список: вода, брашно, масло, конзервирана храна… и чуваше резерва на сè во текот на 1990-те.
Инфлацијата беше 450 проценти, БДП беше минус 7,5%, стапката на невработеност беше 30% и ако имаше среќа да се вработиш тоа беше за плата од 100 американски долари. Ако случајно имаше странски капитал, банките ти го земаа. Луѓето живееја како затвореници во сопствената земја. Многу луѓе избегаа од затворот, но не секој имаше шанса.
Затвор на војната
Во време на економската нестабилност, стравот од сенката на војната беше секогаш присутен и ја опфаќаше нашата сончева јужна држава. Во 1991 година екс-Југославија се раздели и ние се стекнавме со независност, во 1992 година започна страшната војна во Босна, во 1999 година се пресели поблиску, кон Косово и, конечно, во 2001 година дојде до нашата земја. Беше пеколна деценија, а јас бев во најдобрите години од мојот живот, тринаесет до дваесет и три.
Во последната година од бурната деценија, или првата од новиот милениум, Block Rockin Beats дојдоа во нашата земја и луѓето почнаа да се убиваат едни со други. Албанците сакаа права, Македонците одговорија „Можеби, но не и со оружје“, и како што се случува на Балканот, пушките зборуваа наместо устите. Војната веќе започна во некои други градови, но мојот град Скопје сè уште беше безбеден. Мајка ми се плашеше дека ќе ме однесат на фронтот. Тогаш бев студент по психологија и не верував дека им треба некој за да разговара со нив за Фројд, потребни им се војници. Но, сепак, бев под стрес дека во секој момент некој ќе почука на мојата врата и ќе ме однесе. Кога заѕвонуваше ѕвончето сите рипавме како попарени. Една вечер ме разбуди звукот од експлозии и тресења и срцето скоро ми искокна од градите. Додека се обидував да сфатам каде сум во темницата, сфатив дека само грмеше, а грмеше страшно!
Набргу после тоа, громовите и тресоците навистина дојдоа во нашиот град. Имаше вистински битки, не повеќе од 10 километри од мојата куќа, хеликоптери, авиони, експлозии на минофрлачи, калашникови и звуците на војната кои претходно ги имав слушнато само по филмовите, ме придружуваа додека учев за Шарко, Хелмхолц, Вунт, Пијаже, Павлов, Скинер и други пионери на психологијата. Тоа беше вистински тест на мотивацијата и упорноста на разумот над емоциите.
Да бидеш во сопствената земја, во сопствениот дом, но сепак да се чувствуваш како затвореник во некој голем затвор е многу чудно.
Имаше мигови кога не се слушаа пукањата, сонцето ги капеше дрвјата со својата млечна светлина, а птиците ја пееја својата пролетна песна, и тогаш застанував на прозорецот и се прашував како природата нема гајле за нашите грижи и само продолжува понатаму, како да не постоиме. Можеби само за миг, кога птиците брзо ќе летнеа кон небото во јато, исплашени од звук на експлозија, се радував: „Ве фативме!“
Секоја пролет, десет години, чекавме да дојде тој момент. Знаевме дека еден ден ќе се разбудиме не само од сонцето, туку и од звуците на војната. И кога дојде бевме исплашени како она јато птици на дрвото пред мојата куќа. Но, не можевме да одлетаме на некое друго дрво. Наместо тоа останавме во нашиот град и во нашите домови и се надевавме дека војната ќе заврши наскоро. Чувството на затвор и изолација беше во кулминација. Никој не веруваше никому и секој се плашеше од секого. Дури и вашиот најдобар сосед утре би можел да ве застрела од грб. Тоа се случувало и порано. Кога војната во Босна започна најблиските соседи кои понекогаш во животот се расправале за нешто глупаво, како и сите соседи, сега имаа дозвола да убиваат, и тие ја искористија. Сите беа потенцијална закана и ако сакаш да живееш, треба да бидеш претпазлив. Не верувај на никој, грижи се за себеси. Дали ти е познато?
Епилог – светот како затвор
Војната заврши во летото 2001 година и се чинеше дека доаѓаат подобри времиња. Во наредните години имаше неколку други нестабилности и препукувања, но општо гледано одевме во вистинската насока. Албанците ги добија заслужените права и ние станавме подемократска држава.
Во следните две децении не се опоравивме економски, а нашите соседи не нѐ поддржуваа. По ѓаволите, уште немавме ниту име за нашата држава, бидејќи Македонија не беше меѓународно призната, ниту нашиот народ, јазик или религија. Во умот на светот бевме измислен, конструиран, непостоечки ентитет и тоа остави трага врз нас. Се боревме да бидеме дел од ЕУ со децении и не успеавме, секогаш имаше изговор за нешто што не им одговараше на големите момчиња, иако правевме сè што бараа од нас.
Многу луѓе избегаа од овој голем затвор на една земја, повеќето од нив се добри, паметни луѓе. Она што остана не беше најдоброто. Некои силеџии, груби луѓе кои знаат да преживеат и да напредуваат во тешки ситуации. Да речеме само дека јас не сум еден од тие луѓе и доста ми е тешко да бидам целосно развиено човечко суштество во околности каде што повисоките интелектуални потреби се сметаат за неважни, дури и се гледа со потсмев на нив. Поранешните насилници од училиштето кои го мачеа мојот пријател и мене станаа богати и моќни „бизнисмени“, а земјата стана затвореник на таквите ликови. Поранешните горди членови на комунистичката партија кои информираа за своите пријатели станаа капиталисти од слободниот пазар кој раководеше со незаштитеното мнозинство.
Во 2020 година трите децении на нашето затворање завршија, бев подготвен да прифатам дека мојата адолесценција и младоста минаа залудно, но се надевав дека барем моите средовечни години ќе бидат подобри. Мојата земја доби ново име и ЕУ и светот беа подготвени да нè препознаат како дел од нив, дури и нашиот најтежок непријател, нашиот јужен сосед, кој се радуваше на нашата мака и борба во изминатите децении. Бевме подготвени за нешто големо, за поголема иднина за која сонувавме три децении, да можеме да патуваме и работиме во странство без да чекаме визи, да не бидеме понижени од странските државни службеници како да сме понизок вид, да можеме да работиме и заработиме нешто повеќе во животот. Многу од нашите граѓани сметаа дека не е правилно државата да го смени нејзиното име, но и нив им беше здодеано од голиот опстанок и сакаа да живеат целосен, среќен и исполнет живот.
И токму тогаш, во почетокот на 2020 година, светот се изолираше. Изгледаше како нашата лоша среќа да му се пренесе на целиот свет. Сега сите живеевме во страв, недоверба, економска несигурност и изолација, и немавме каде да бегаме од затворот на реалноста. Дали ви е познато? Се разбира дека ви е познато, сега кога целиот свет е како еден голем затвор. Но, не плашете се, човечката раса е цврст орев, таа не се дава, се прилагодува, исто како и природата, таа е дел од неа. Ќе опстане и ќе изгради нешто подобро. Прашање е на време.
24.04.2020