Ги гледав на телевизија и од тогаш песната постојано ми се вртеше во главата. Решив да си купам касета, но децата тогаш немаа сопствени пари, бев слушал муабети за џепарлак, но верувајте ми во социјалистичките земји тоа беше само мит, зашто беше незамисливо дете да поседува пари. Освен неколку денари за мастики или сокче не нù даваа повеќе. А да барам пари од татко ми, ми се чинеше невозможно. Така решив да штедам на мастиките и за неколку недели можеби би собрал пари.
Стоев пред продавницата со касети со парите во рака и кога ми ја подаваа касетата ми се чинеше дека ми го даваат светиот грал. Членовите од бендот на опаковката беа насликани како излетуваат од планетата Земја, а мене ми се чинеше дека влетуваат директно во мојот ум. Касетофонот се огласи со дотогаш невидена сила и во мене поттикна соништа за нешто големо и грандиозно. Повторно се вратив на првата песна и повторно и… тоа попладне, додека седев во собата на татко ми која што беше неговиот приватен свет, толку далечен и туѓ, ми се виде како освојување на нови територии на умот, мојот личен Final Countdown, сон за заедништво, обединетост и разбирање од кое што и државата и ние двајца бевме далеку.
Но, светот не сопираше, часовникот одбројуваше: 10, 9, 8… се подготвувавме.
„Зошто ти е ова?“ ме праша мајка ми пронаоѓајќи нож скакулец во мојот ранец.
„За самоодбрана. Сите во друштвото имаат,“ одговорив збунето, како да ме праша за што ми е топка или велосипед.
„Ова е опасно,“ рече таа и до ден денес не знам како успеа да го скрие тој скакулец без да забележам и никогаш повеќе да не успеам да го најдам.
… 7, 6, 5, 4… влеговме во кола. Со сестра ми седевме на задното седиште, а под нас стандардниот југословенски чаршав за патувања на море.
… 3, 2, 1… тргнавме на море! Мајка ми не можеше да ги одвои очите од мене. Се срамев, но знаев колку ù значи првото лето кое го поминувавме заедно од мојата трета година, првиот одмор кога татко ми дозволи да одиме заедно.
Ја „запознав“ не толку одамна, можеби година дена пред тој одмор. Претходно ја знаев како „жената која ми праќаше пакети по пошта“ и кои ги исчекував со радост и чувство на вина дека не возвраќам. Сите интересни боички и пенкалца, вкусни колачи, играчки и писма кои за мене беа воедно и радост и тага, сепак не можев да ги поврзам со ниту еден лик. И затоа го пронаоѓав во тетка ми или во мајката на мојот најдобар другар Харе и кога одев кај него мечтеев дека неговите родители се мои, дека сум дел од една целина, наместо преполовен… И мајка ми беше преполовена, сега, кога сум родител, знам. Но, тоа што не го знаевме е дека и државата беше преполовена на тие кои веруваа во неа и на тие кои сакаа да се одделат. Помислата на одделување на првите им изгледаше како да се осудиш да бидеш сирак, дури и полошо од тоа, им беше незамислива.
Ние во Босна бевме дел од таа половина која веруваше во Југославија. Во ниту една друга република не се колнеа со „Тито, драги!“ и во ниту една друга република не беше така плански граден духот на заедништвото.
„Дај ми мене,“ му кажав на Махер и се фатив за работа. Вртев јагне во неговиот двор за прослава на Бајрам. Двајцата се менувавме наизменично и кога ќе влезеше некој постар ни даваше по некоја паричка, а ние пресреќни вртевме посилно и побрзо. По успешно завршената работа нè нагостија со сомун и парче јагнешко месо кое со сласт го излапавме. Бевме со полни стомаци и срца, среќни и задоволни, исто како за Велигден кога се кршевме со јајца. Споделувавме сè и славевме сè, и Божиќ и Бајрам, постојано заедно, дур не нè разделија.
Секоја вечер, тоа лето Титово, 1986-та година, на островот Хвар седевме во дворот од куќата на тетка ù на мајка ми и игравме карти.
На само десетина метри под нас бранувањето на морето ги нагризуваше карпите и создаваше милиони породилишта и јасли за комарците. Звукот на штурците беше надгласен само со песната Orion на Metallica од нашето касетофонче, која започнуваше тивко и мистично, но потоа гласно го параше воздухот тежок и заситен со мирис на Аутан.
„Ти убаво свирела,“ му велеа моите најдобри другари од Хвар, двајца браќа Унгарци од Војводина, на мојот братучед, тапанар од Белград, додека ги преслушувавме демо снимките од неговиот бенд Revolt.
Летото заврши и откако со последни напори ги напикавме сите работи во Заставата Стокец, се свртевме уште еднаш кон куќата која нè поздрави со графитот „Куќа на педери.“ Едноставно бевме грешни луѓе на грешно место.
Имав осум години и Африка беше во неволја. Светот се мобилизираше на чело со најголемата ѕвезда, Мајкл Џексон, која го предводеше хорот од други ѕвезди со песната We are the world. Беше незаборавно и секој што е роден кон крајот на седумдесеттите го памети ова како магичен момент во кој светот се обединил за да стори нешто за оние кои имаат помалку. Подоцна дојде и Live Aid. Западот колективно си ја переше валканата совест преку музиката.
Сликите на прегладнети црнчиња на кои им се гледаат ребрата под подуениот стомак од паразити оставија длабок впечаток врз нашето детство. Чувствувавме срам, речиси и чувство на вина, затоа што ние имавме доволно храна и вода, уживавме во бесплатно здравство и школство, а да не зборуваме за сите поголеми удобности во животот. Но, дали и ние бевме светот?
Олимпијадата заврши и Југославија конечно го доби заслуженото место во светот како остварување на сонот на нашиот Маршал на бел коњ кој нè поведе во посветла иднина. Но, тој замина, а иднината почнуваше да изгледа сè помалку светла. По Олимпијадата како да се скршија сите илузии и се зачна никулецот на она што ја донесе инфлацијата, националната омраза, територијалните апетити и војните. Патеката за боб санкање по која некогаш фрчеа светски шампиони веќе беше покриена со мов.
Но, децата не го почувствуваа тоа. Ние продолживме, во традицијата на Олимпијадата, да го градиме позитивниот дух на спортот и на заедништвото. Секој од нас имаше палка за хокеј, а наместо пак користевме топка за тенис и беше страшно забавно. Првите снегови се напластија на улицата и ние вредно и предадено поминавме цело попладне за да го натапкаме снегот кој достигнуваше висина над нашите глави, а наутро излегувавме од дома и се фрлавме главечки во снегот.
Тимот од другата улица играше против нашата улица. Непотребно грубите гости физички доминираа над нас на нашиот домашен терен. Еден од противничките играчи беше особено агресивен. Ме сопна неколку пати, но премолчив, беше поголем, посилен и поагресивен. Повторно ме сопна.
Во тој миг се присетив на приказната која што еднаш ми ја имаше раскажано татко ми. „Ме запишаа во ново училиште,“ раскажуваше тој. „На големиот одмор сите деца излегоа надвор. Иако се срамев, се натерав да излезам и да се обидам да стекнам некој пријател. Но, тоа не беше лесно и така седев сам глумејќи незаинтересираност. Тогаш ми пријде еден тип. Разговорот почна наивно, но тој набрзо ме праша зошто сум го тепал брат му. Се правдав дека не го познавам брат му и дека тоа не е вистина.
„Еј Грами, баткава ми вика дека сум лажго,“ викна тој и еден грамада тип откорнат од којзнае која околна планина зачекори заканувачки кон мене. Нозете ми се пресекоа, но во истиот момент сфатив дека постои само еден начин да се извлечам од ситуацијава. Кога грамадата се доближи знаев дека имам шанса само за еден удар. Го плеснав по забите без предупредување и толку силно што се струполи како круша. Неговиот другар пребледе, набрзина го крена и двајцата избегаа како муви без глава. Од тој ден никој никогаш повеќе не ме чепна во тоа училиште.“
Лежев на асфалтот и во таа секунда целата приказна на мојот татко ми се премота во главата. Не сакав, но знаев дека морам да го сторам тоа. Рипнав како да ме удри струја и му зададов силен удар со нога по телото. Тој се стаписа и тогаш силното момче од кое сите се плашеа почна да ми се извинува. Никому не му се веруваше. Од тој момент дури и другите членови на тимот беа многу повнимателни кон нас, а секој пат кога ќе ме удреа ми се извинуваа. Тој ден бев херојот на друштвото.
Но, не за долго, зашто друштвото имаше многу поважни херои. На крајот од улицата се наоѓаше месната заедница, а во неа имаше флипери и кино. Секоја сабота се даваа филмови со Брус Ли, Сталоне, Шварценегер, Чак Норис, Џеки Чен и други идоли од нашето детство. Една сабота го даваа Роки IV и возбудата од новите авантури со кои нè пречекуваше добро познатиот лик растеше.
Студената војна беше во кулминација. Русите беа претставени како фанатици, жедни за американска крв, но на крајот сепак хумани во нивното препознавање на демократските вредности и човечноста. Но, нас не нè засегаше политиката, туку победата на Роки кој секогаш примаше многу удари и се враќаше од речиси мртвите за да ги зададе неговите победнички крошеа и директи. Архетипскиот филмски лик кој што се крева во името на сите мали и поразени, херојски ги надмина сите очекувања.
Eye Of The Tiger на Survivor започна. Роки се врати и зададе еден удар, па друг, па трет… големиот, непобедлив силеџија почна да се клати, бран на возбуда ја облеа салата и јас почнав да удирам со рацете во седиштето пред мене. Рацете ме болеа, но не престанував, зашто сакав Роки да победи, сакав големиот лош Русин да падне во името на гладните, слабите и онеправдените. Сред трансот ја кренав главата и погледнав во полутемницата на кино-салата. Сите го правеа истото, сите удираа во седиштата пред нив, бевме сплотени, единствени, нè носеше една желба, една идеја, еден заеднички сон.
И тогаш Америка победи.
Темен ходник со скали направени од големи парчиња камен извиткан од годините во кои врз нив забрзано газеа илјадниците ситни чекори на деца со тешки мисли во умот и уште потешки ранци речиси поголеми од нив. Тогаш училиштето се викаше „Силвије Страхимир Крањчевиќ“ или популарно скратено како ССК.
Дворот на училиштето беше избразден од корењата на огромните дрвја кои му пркосеа на асфалтот и не го признаваа урбаниот затвор во кој луѓето сакаа да ги оковаат. Училиштето подоцна стана познато по големиот ѕид кој што го обиколуваше дворот и кој што хумористичната група „Надреалисти“ го искористија за снимањето на нивниот легендарен скеч за борбата помеѓу две различни групи ѓубреџии од Западно и Источно Сараево кои си префрлуваа ѓубре едни на други. И навистина Сараево наскоро потоа стана поделен град, на еден поинаков, посериозен и потрагичен начин.
Тоа училиште чуваше многу тајни, како тајната за паѓањето на дедо ми по скалите додека брзал да стигне на мојата родителска, операциите потоа, тромбот, моето заминување за Скопје, неговиот телефонски повик од болницата, неговата смрт и немањето можност за простување… но сето тоа беше подоцна.
Во 1984-та беше популарен хитот Thriller на Мајкл Џексон. Бевме сами со баба ми дома. Таа пеглаше, а јас гледав телевизија, додека соседите се повикуваа на кафе со чукање по радијаторите. Спотот почна невино, а продолжи ужасно. Лицето на Мајкл Џексон, како наговестување на она што ќе стане со него во годините кои доаѓаа, се претвори во лице на чудовиште и јас се замрзнав. Се пикнав во скутот на баба ми. Таа беше силна жена која преживеала војни и глад, студ и реуми, дијабетес и години во чекање додека нејзиниот сопруг бил во затвор на озлогласениот Голи Оток и со нејзината појава оддаваше стравопочит и чувство на сигурност.
„Што ти стана?“ ме праша загрижено, но не го дочека одговорот зашто мора да го видела она што беше на телевизорот. „Де, де, не плаши се. Тоа е само филм,“ рече и ме погали по главата. Ги затворив очите и ја свртев главата настрана. Светлината од лустерот стана силно жолта. Јасно го видов сонцето над мене, големо и топло, го слушнав звукот на брановите од морето и тивкиот, нежен ветер кој ме галеше
по косата…
Кога ги отворив очите таа веќе не беше тука. Замина и остави двајца мажи и едно дете со нерешени меѓусебни проблеми, растргнати од разводи, недоразбирања, судови и киднапирање деца. Живеев во страв, и тоа не поради Thriller или поради филмот Стравот во улицата на брестовите, којшто беше популарен тогаш. Секако дека се плашев од нив, но многу повеќе стравував од претставата за мајка ми наметната од луѓето со кои што живеев и кои неизмерно ги сакав. Во таа претстава и во моите соништа таа беше лошата вештерка која ме бркаше, а јас безумно и очајно се обидував да избегам за на крај да паднам во бунар без дно – секоја ноќ. Се будев со врескање, а до мене беше дедо ми кој толку цврсто спиеше што ништо не го будеше.
И тогаш почнав да гледам привиденија, работи кои не постоеја, а сепак беа пред мене. Секое будење од сон ми носеше нова загадочна форма која речиси можев да ја допрам со рацете пред да исчезне. Знаев дека тие форми сакаат нешто да ми кажат, но никогаш не одгатнав што, зашто не ни размислував многу во врска со тоа. Да, децата сакаат да живеат, а не да размислуваат, особено кога надвор се случува нешто волшебно и неповторливо – Зимските Олимписки Игри во Сараево во 1984.
Една од ретките фотографии од моето детство кои сè уште ги имам и кои не биле изгубени во виорот на војната е сликата со Вучко, маскотата на Олимписките игри, кој бил многу повеќе од само тоа. Волкот од шумите на Југославија, гордо и храбро животно кое живее во глутница и своето постоење го засновува на неа. Без глутницата тој е само волк самотник, осуден да ги живее деновите во исчекување на крајот, а такви што наскоро ќе станеме и ние.
„Дете, стани,“ ми рече фотографот. „Ајде, пушти го Вучко, треба и друг да се слика,“ а јас цврсто
го држев и не сакав да го пуштам. Сакав да биде мој зашто тој ми даваше сигурност и сидро во животот, нешто позитивно и весело, нешто на што можев да му се радувам. И не само тоа, тој го развеселуваше забавиштето и поради него сите готови пиреа со мирис на прашок за перење, макароните со сирење препечени до непрепознатливост или оризот кој пливаше во масло, стравот од физичка пресметка со
посилните или болката од ударот на линијарот на воспитувачката врз мојата детска рака, ми се чинеа речиси подносливи.
Баба ми почина, го видов татко ми прв пат во животот како плаче, вториот пат ќе биде за шест години, откако ќе се прости од мене, Зимските олимписки игри завршија, станав првооделенец, но ништо од тоа не беше битно, зашто во мислите ми беше само таа – првата симпатија.
Извадок од книгата „3 минути и 53 секунди“ (Готен, 2015)
Книгите од едицијата „Мала фактопедија“ се насочени кон помладата (и постарата, зошто да не!) популација и нивното запознавање со некои од позначајните личности од светот на науката, уметснота, музиката, културата и значењето кои што го имале тие за човештвото, но и на нашите животи. Истражете ги „необичните факти“ од нивниот живот и инспирирајте се да дозјаете повеќе за тоа што ги прави овие луѓе особени, можеби ќе посакате да направите нешто повеќе за себеси, луѓето околу вас, и – зошто да не – да го смените светот!
Ова е нашата најнова книга:
Jаболкото на Њутн!… и други необични факти од животот на Исак Њутн
Приредил: Бранко Прља
Едиција: Мала фактопедија: наука
Година: 2018
Формат: 10 см
Обем: 92 стр.
ISBN: 978-608-65839-6-5
Проверете ги и нашите претходни изданија од оваа едиција:
Необични факти од животот на Алберт Ајнштајн
Приредил: Бранко Прља
Едиција: Мала фактопедија: наука
Година: 2017
Формат: 10 см
Обем: 60 стр.
ISBN: 978-608-65839-5-8
Необични факти од животот на Никола Тесла
Приредил: Бранко Прља
Едиција: Мала фактопедија: наука
Година: 2017
Формат: 10 см
Обем: 60 стр.
ISBN: 978-608-65839-4-1
1990 година. Заминувам од Сараево засекогаш. Наскоро по моето заминување ќе започне војната и никогаш повеќе нема да се вратам таму. Тие што ме познаваат, знаат дека другарите ми се најзначајна работа во животот. „Прв на улица, последен дома.“
Во мојот нов дом, Скопје, немам другари. Но, затоа го имам мојот скирол со флуоресцентни пластични сопирачки, како Џош Броулин од филмот Трешин и од славните дречливи 80-ти. „Фурам“ по улиците на мојот за мене непознат и нов град, иако Скопје е градот на моите претци. Првото што го забележувам додека го рендам асфалтот е бескрајната рамнина, големите булевари и патеките за велосипеди кои што ми овозможуваат непречено и долго, долго возење. Ова е невообичаено за некој роден во Сараево и навикнат на стрмните ридишта и тесните улички.
Моите осамени возења низ Скопје на скирол или на мојот Беемикс излепен со лепенки ме водат од Дебар Маало, покрај кејот, преку Камениот мост до „Култура“, во зградата на Музичкото училиште. Детето коешто ги сакаше луѓето, станува момче коешто ги сака книгите. Поминувам часови и часови во големата книжарница „Култура“, во нејзиниот голем темен хол, додека тетките зад касата и фикусите до полиците со книги немо ме гледаат.
Надвор ме чека мојот велосипед и потоа со новата книга во ранецот се упатувам пред МНТ кон закривените странични површини одлични за залетување и отфрлување и безбројните скали кои ја прекршуваат рамнината и ме воведуваат во нови авантури.
Во Сараево, од мојата улица кон некогашната „Хајдук Вељкова“, водеа големи и долги скали кои беа предизвик за секој добар возач на беемикс. Веднаш потоа се спуштавме кон Музичката академија и Католичката катедрала и завршувавме во чаршијата каде што вешто ги избегнувавме луѓето. Во мојот нов град, скалите пред МНТ ја нудат истата возбуда, но овој пат без верниот другар до мене и заедничката насмевка, купувањето сладолед и Кока-кола во локалната самопослуга таа после-олимписка 1985-та година.
Повторно во Скопје, неговото бескрајно рамно пространство, стариот Камен мост, книжарницата Култура, платото пред МНТ и потоа, ново откритие, Табернакул, новата книжарница во самите простории на МНТ, а внатре – новиот свет на алтернативната книжевност, стрип и уметност, првата „Маргина“ број 2, списание кое што ми го менува светогледот засекогаш.
Наскоро во мојот живот навлегуваат нови другари, кои што малку ми ја намалуваат болката од новонастанатата состојба во мојот некогашен град, металните дождови, тресоци и крици, незнаењето за судбината на моите поранешни другари.
Со новите другари, Тимур и Владо, постојано се предизвикуваме и докажуваме, кој е похрабар, посилен или подобар. Независно дали сме на Водно и се тркаме кој прв до горе, или сме зад Зоолошката градина и се качуваме на ѕидот кој што ги заградува дивите свињи, со план да ги ловиме со копја, како Рамбо во истоимениот филм од 1982 година.
Повторно пред МНТ.
„Кој ќе оди прв?“ прашувам.
„Тимур е најголем, тој ќе ни прави индијанска, а ние ќе се качиме, после ќе го повлечеме,“ кажува Владо.
Набрзо сме на покривот на МНТ и се упатуваме нагоре. Тие што ме познаваат знаат дека имам страв од висина уште од дете, но Тимур и Владо сè уште не ме знаат добро и морам да го кријам стравот. На врвот сме и легнуваме покрај работ. Погледнувам надолу и нозете ми се пресекуваат. Сепак, наскоро се опуштам и уживам во погледот од висина на мојот нов град, задоволен од победениот страв и постигнатата „мисија.“
Во нашата детска наивност си правиме „филмови“ за зимата која што доаѓа. Ќе ги земеме моите пластични скии, кои што секој член од моето поранешно друштво ги имаше во студеното и снежно Сараево, и ќе се спуштаме по покривот на МНТ надолу… а потоа кога ќе дојдеме до работ… никој не знае.
Но, едно знам – пред нас е бескрајноста на фантазијата!
Берт Стајн
21.06.2016
(текстот е објавен како дел од книгата за изложбата „Херои за еден ден“ во МОБ)
Во источната филозофија и будизмот постои еден концепт наречен „непостојаност“[1], а во античката западна филозофија истото го поистоветуваме со Panta Rei на Демокрит „Мрачниот“ што го преведуваме со „се’ тече, се’ се менува“. Во модерната поп-митологија на овие два концепти се надоврзува популарното “Seize the day”[2] или „Carpe Diem“[3] кое го преведуваме со формата „искористи го денот“. Сите овие кондензирани филозофии кои го нашле својот пат во популарната култура преку т.н. one-liners, според американската терминологија, го содржат истиот будистички корен на постојаното менување, немирот и инхерентната особина на вселената да биде во постојано движење. Човекот треба да се прилагоди на таквата природа на нештата и да направи најмногу што може, а тоа е да го искористи овие инстант-филозофии за сопствена корист и да извлече најдобро што може од тоа, т.е. во вистинскиот модерен дух, да го искористи денот.
Но, и покрај таквата намера на модерниот човек да ги прилагоди овие филозофии на секојдневниот практичен живот, постои нешто длабоко вознемирувачки во нивната суштина. Во античките западни филозофии кои ги поставија идеолошките основи на модерната западна цивилизација, светот настанал од хаос, кој е состојба на краен немир, и од него настанал „ред“, или т.н. космос, светот кој го познаваме, кој се потпира на принципите на каузалитет и јаснотија, свет кој го разбираме и можеме јасно да го дефинираме. Во тоа јасно се гледаат и корените на западната спиритуалност, кои се засновани на едноставни правила и напаствија за дејствување кои треба да ги почитуваме ако сакаме да живееме во хармоничен и осмислен свет, наместо во хаос, внатрешен или надворешен. Науката, особено физиката, површно гледано ни се чини дека се согласува со ова гледиште. Живееме во еден небаре механички свет на Декарт во кој секоја причина има последица и секое делче функционира зависно од целината. Светогледот на Њутн, па дури и на Ајнштајн, не нуди суштински поразлична слика за вселената која е водена од закони, иако формално поинакви од тие на Декарт.
Значи, постојат јасни закони според кои се води светот, но ако погледнеме поблиску, како во сцената со градината во филмот „Синиот сомот“ на Дејвид Линч[4] каде што идиличната претстава на американскиот приградски живот врамена во сцената на таткото кој полева трева во градината се нарушува со неговата смрт и не’ воведува во реалноста на „не толку идиличната“ зелена градина каде што постои еден друг живот на инсекти, постојано движење, нескротливата природа во која нема правила, емоции или хармонија, со еден збор, ако погледнеме поблиску, ќе видиме хаос.[5]
Таков увид во вистинската состојба на природата ни пружа квантната физика (и поегзотичните теории на хаос, нишки и слично), која покажува дека во основата на природата не се наоѓа ред и логика, туку хаос, парадокси, постоење на иста честичка на две места, спонтано исчезнување и појавување на друго место, врзување на честички со „језиво дејство на далечина“[6], а се чини дека во оваа теорија ни самата светлина не може да се реши дали е честичка или бран, па се однесува на еден или на друг начин, во зависност од тоа… внимавајте – дали ја набљудуваме или не! Јас нема да се преправам дека ја разбирам квантната физика и не сум физичар, но нејзините концепти длабоко ме фасцинираат. Еден од основачите на квантната физика, Шродингер[7], кажал: „Ако мислиш дека ја разбираш квантната физика, не ја разбираш“, па се надевам дека во тој контекст ќе ми дозволите да ви ја пренесам мојата фасцинација без да се сомневате во мојата стручност.
Но, се поставува прашањето, како од индиската филозофија дојдовме до квантната физика? Како прво, најбитните научници во проучувањето на атомскиот и квантниот свет, Шродингер (нобеловец, познат и по неговата мачка[8]), Хајзенберг[9] (принцип на несигурност, нобеловец и познат во поп-културата по серијата Braking Bad[10]), Опенхајмер[11] (таткото на атомската бомба) и, на крај, но не последен, Нилс Бор[12] (нобеловец), сите ги читале индиските текстови како Ведите и Упанишадите, Веданта, Багавад гита и други, а некои од нив ги читале дури и на санскритски. Според извесни наоди корените на клучните концепти во квантната физика може да се пронајдат во овие дела кои пружаат длабок увид во природата на реалноста која не се прикажува при обично набљудување, туку само по пат на медитација или математички концепти во случајот на науката. Но, квантната физика не е само филозофија, хипотеза или теорија, таа е најтестирана и најпотврдена теорија во историјата на науката.
Откако ја најдовме врската помеѓу индиската филозофија и науката, се навраќаме на концептот на непостојаноста во секојдневието, идејата за минливоста која при секој обид да ја фатиш ти лизга од рацете како влажен сапун. Сите овие, горе наведени, прашања ми се наметнаа кога, скоро, во еден обид да направам архива на текстови по медиумите за моите дела откако активно објавувам проза, со моето име неколку години, а под псевдонимот Бранко Прља и подолго, веќе 15 години. Со години се обидував да го направам тоа, но секој пат си велев друг пат, делумно зашто станува збор за здодевна, архивска и, донекаде, самољубива постапка. Кој сум јас да правам архива на текстови за себеси? Но, ете да речеме, дека од практична причина ми била потребна една таква архива.
На мое чудење, наскоро станав свесен дека голем дел од текстовите кои порано ги среќавав онлајн веќе никаде ги нема. Дел од нив исчезнале со гасењето на медимите како „Утрински Весник“, „Денес“ и слично, но и друг дел кој би требало да постои по други медиуми како „Нова Македонија“, исто така го нема. Веројатно, со апдејтување на нивните сајтови и бази, и тие исчезнале во тој процес. По сите обиди, дури и за текстови од пред само неколку години, морав да се откажам. Дел од нив ги најдов во печатен формат и тоа ме натера да размислувам за непостојаноста на дигиталниот свет, оној свет составен од единици и нули, ласерски, магнетски, електронски записи врз медиум, а со тоа и за непостојаноста на светот воопшто, повторно составен од електрони и протони, неутрина и кваркови.
Кога бев дете, некаде помеѓу 6 и 9 години ми се јави еден огромен страв, поттикнат од сознанието дека се’ што е убаво нема да трае, дека секој момент на среќа што го преживувам е само илузија која е минлива и веднаш потоа ќе биде заменета со друго, исто толку несопирливо и минливо искуство. Гледајќи од денешна перспектива можеби затоа решив да пишувам, да го доловам и префрлам во вечноста тој момент кој е лизгав и одбива да биде сопрен. Но, и „записот“, сам по себе, не е вечен и можеби природата на нештата е да бидат минливи, како мандалата која будистите, во повторна алузија на филмот „Малиот Буда“, ја прават од песок, внимателно и долго време, а потоа ја уништуваат со еден потег.
Во сферата на дигиталното и виртуелното, ми се чини овој принцип е уште поприсутен отколку во реалноста. Милионите зборови, слики, видеа за кои веруваме дека „штом се нашле на нет таму ќе постојат вечно“, се создаваат во огромни количества во секој момент[13]. Но, независно од тоа дали интернетот го сметате за „облак од податоци“ или за некој „етер“, тој не е нефизичка форма на постоење, туку се наоѓа запишан некаде на некој хард-диск, сместен во некоја база на податоци и во најдобар случај во некој силос заштитен од нуклеарен напад во скандинавските земји од Европа. Но, поверојатно е вашите податоци да се сместени на некој локален сервер и штом престанете да плаќате за услугата или медиумот престане да постои и тие ќе бидат избришани.
Но, и физичкото запишување на податоци не е вечно, вашите скапоцени архиви на ЦД или ДВД имаат 25-годишен рок[14], тврдите дискови се уште помалку трајни, а флеш мемориите се попостојани, сепак под услов да не пишувате или бришете премногу, една грешка и сите податоци се неповратно изгубени. Во филмот „ Истребувач 2049“[15] се споменува настан наречен „затемнување“ (blackout) кој ги избришал сите електронски записи за репликантите. Еден од нив раскажува како мајка му се’ уште жали по неговите слики кога бил бебе и заклучува дека било интересно тоа што преживеала само хартијата. Непостојаноста е во квантната природа на нештата и тоа е главната пречка при создавањето на квантните компјутери и следната компјутерска ера, инаку до сега ќе живеевме во иднина каква ја предвидуваа научно-фантастичните романи од минатото.
Реалниот, макро-свет, за среќа е малку поразличен и тука со резерва може да ги прифатите нашите почетни тези за минливоста барем кога станува збор за архивирањето податоци. Во макро-светот ние претставуваме само реализација на можностите кои постојат во микро-светот, според што на извесен начин тие принции и не важат за нашиот свет. Што значи тоа практично? Како прво, тоа значи дека весникот каде што сте дале интервју пред 12 години нема да се самозапали, а книгата која сте ја издале во печатена форма најверојатно ќе биде сочувана и по 100 години. Секако, сите овие работи не се вечни, може да се изгубат или уништат на безброј начини, но нема спонтано да исчезнат. Затоа, повремено потсетете се да си ги испечатите сликите, да напишете по нешто на хартија и да го сочувате весникот кој содржи драг спомен или битна информација. А во меѓувреме – „Carpe Diem!“.
Берт Стајн:
13 декември 2018
Фусноти:
[1] impermanence (англ.) – ако му веруваме на филмот The Little Buddha (1993), како добра популаризација на темата на будизмот.
[2] Популаризирано во филмот „Друштво на мртвите поети“ (Dead Poets Society, 1989), со познатата реплика изговорена со шепот од страна на Робин Вилијамс.
[3] Латински афоризам од римскиот поет Хорациј.
[4] Blue Velvet (1986)
[5] Преземено од интерпретацијата на филмот „Син сомот“ според филозофот Славој Жижек, во неговиот документарец „Филмски водич за перверзни“ (2006)..
[6] Според Алберт Ајнштајн „Spooky action at a distance“, цитат кој покажува дека и самиот Ајнштајн бил сомничав во врска со квантната физика, а во тој контекст е позната и неговата изјава „Господ не се игра со коцки“.
[7] Erwin Schrödinger (1887–1961)
[8] Мисловен експеримент кој го прикажува еден од основните аспекти на квантната физика, т.е. квантанта суперпозиција (како во примерот со светлината, истовремено честичка и бран), пренесена во секојдневниот живот. За повеќе посетете го линков: https://en.wikipedia.org/wiki/Schr%C3%B6dinger%27s_cat
[9] Werner Karl Heisenberg (1901–1976)
[10] Breaking Bad (2008-2013), главниот лик Walter White се претставува и како Хајзенберг, според германскиот научник.
[11] J. Robert Oppenheimer (1904-1967). Познат е неговиот цитат од Bhagavad-Gita по повод на првиот успешен тест на нуклеарна бомба на 16 јули 1945 (“Now I am become Death, the destroyer of worlds”)
[12] Niels Henrik David Bohr (1885–1962)
[13] Според проценките кон средината на 2018 година, секој ден во светот се произведуваат 2.5 квинтилиони (2.5х1019) бајти се создаваат секој ден, а само во последните години биле создадени 90% од целото количество на информации во човековата историја. Секако, не сите информации се врвни уметнички дела или квантна физика, но независно од тоа и едното и другото е информација.
[14] Вистината е дека никој не може точно да предвиди колку ќе трае едно ЦД, а тоа зависи од неговиот квалитет (а кај нас најчесто се купуваа најнеквалитетни „нонејм“ медиуми), начинот како се складираат (кај нас најчесто во ѕвона, што се лоши услови), условите во кои се чуваат (пример најлесно ќе ги унишптите ако ги чувате во кола изложени на сонце), дали се користени многу и слично. Во идеални услови би требало да траатмногу повеќе, но такви услови во домот нема.
[15] Blade Runner 2049 (2017)
Во ерата на интернетот и сајтовите како Yelp (сајт каде што корисниците можат да остават критики за локали) и социјалните медиуми, секој може да посети некои место и да стане негов критичар. Во тој дух и авторот на овој текст се појавува во улога на „не толку критичар“, колку што станува збор за „еден типичен текст на Берт Стајн во кој се раскажува за музиката, културата и минатото, а преку таа призма се прави паралела со сегашноста“.
За што всушност сакав да ви зборувам? За тоа дека во последните денови одам се’ почесто во рок барот „Круг“ кој од некоја причина (четирите букви, знакот, атмосферата, музиката!?…) честопати грешно го нарекувам „Дорс“, магично место познато на постарите алтернативци од 90-тите години на минатиот век. Секако, тие кои ги следат моите писанија, знаат дека тие се носталгични по таа ера, па не очекувајте и ова да биде поинакво!
Во 90-тите во Скопје имаше многу места каде што алтернативната младина можеше да се издува, преку Багдад-кафе, Дорс, Џаџо, 21, до Њу Ејџ, Зизи, Мјузик Гарден, Енерџи, СФ и други. Денес овие места се реткост, но и алтернативците се реткост исто така. Можеби делумно заради хипстерското движење во кое тетоважите станаа мода, што само по себе е парадоксално, бидејќи модата е минлива, а тетоважите постојани. Порано долгата коса значеше бунт, неприфаќање на работите, поинаквост и ретко кој се решаваше да се избричи под долгата коса, а кога го правеше тоа беше инкарнација на Фил Анселмо од бендот Пантера. Денес, секој „турбофолкер“ (во однос на начинот на однесување и ставот кон животот, не нужно во однос на музиката која ја слуша) може да пушти брада, да направи „мен-бан“ и да се истетовира. Денес и децата во основно училиште (видено од авторот на текстов, и тоа во трето одделение) си ја фарбаат косата во сина боја, а порано тоа значеше укор или бркање од средно училиште. Но, времињата се менуваат и не би сакал да звучам како некој кој се плаши од промените. Драго ми е што сме во тек со светските трендови, макар тоа и да се однесува само на фризурите, па преку тоа белким ќе стигнеме и до уметноста, науката или екологијата. Но, да не се вртам многу во круг и да преминам на поентата.
Во „Круг“ на горниот кат има една убава долга дрвена маса без ногарки, потпрена на ѕидовите, за каква што отсекогаш сонував да имам по дома, и на неа се создадени некои од моите текстови, како на пример овој! Не знам зошто, но кога седнувам во некое кафуле, креативноста избива од мене како несопирлива река, а јас само ја следам, се препуштам на текот без отпор. Честопати се прашувам што е тоа што ме мотивира да создавам кога сум опкружен со звуци и движење, кога во животот спротивно од тоа, сакам осаменост, повлеченост и препуштеност на сопствените мисли.
Да, во животот е потребна хармонија и рамнотежа ако сакаме да бидеме креативни и продуктивни индивидуи за себеси и за општеството. Но, мене ми се чини дека ми (ни) е потребна и добра музика како подлога или своевиден „саундтрак“ на животот. Без неа животот, навистина, би бил празен, а музиката во „Круг“ ќе ве однесе во гранџ и панк-рок 90-тите преку Nirvana, Green Day, GNR, The Cranberries, REM, Lenny Kravitz, но и поназад кон рок звукот на 80-тите со Joan Jett, AC/DC, U2 или 70-тите и психоделични или хард-рок тонови на The Doors, Rolling Stones, ZZ Top, Eagles, Led Zeppelin, Jimi Hendrix, Queen и други. И додека соло гитарата во Whola Lotta Love го „кине“ воздухот во внатрешноста на кафулето, надвор во Аеродром загаденоста е на максимум. Ништо ново, нели. Ми се чини дека тоа е нормалната состојба на нештата во нашава државичка. Тоа е нашата реалност со која живееме, сакале или не. Секако зборувам за загаденоста, не за добрата музика.
„Круг“ е место за љубители на вистинска музика, љубезни келнери, макијато од 60 ден. прилагодено за џебот на народот. За другите ги оставам „кремските“ кафулиња и нивните скапи кафиња – се надевам зборов не го изгубил значењето во изминативе децении, а порано значеше „неалтернативци“, „конформисти“, „тие што слушаат популарна музика“. Освен набројаните нешта, кога ќе го посетите „Круг“, на горната голема маса ќе ве пречека и неодоливата, секогаш присутна и голема колку Библија, „Курс по општа хемија“ (1965) на бугарски јазик. Но, каква врска има хемијата со музиката? Како што хемијата, физиката и биологијата не’ учат, кружењето на нештата во природата е битна работа и без неа не би постоел живиот свет, така и во човековото општество е потребно старите нешта да се заменат со нови. Гранџот, карираните кошули и замрсените долги коси треба да бидат заменети со „мен-банс“ и хипстерски тетоважи и тоа е природно и нужно. Но, како што модата и музиката периоднично се навраќаат наназад за да одат нанапред, преку т.н. ретро-стилови, така е потребно и на помладите да им се укаже на поинаквите времиња, ставови и начин на живеење. Тоа може да го наречеме кружење на нештата во културата, ако сакаме истата да живее и да биде плодна. Мојата мисија како писател е да го правам тоа преку моите дела и се радувам кога постојат места како „Круг“ да не’ присетат и на поинаквата музика и атмосферата на клубовите од поранешните декади, зашто модерниот живот понекогаш не’ заслепува со неговата брзина и потребно е да застанеме, да намалиме на 45-ка и да погледнеме околу нас. И тогаш можеби ќе станеме свесни дека плочата се врти во „Круг“!
Берт Стајн
12 декември 2018
Дедо ми не беше многу висок како за Црногорец, но беше силен човек, со густи бели мустаќи пожолтени од пушењето цигари, а ги влечеше како давеник за сламка. Пушеше секакви цигари, од „Сараевска Дрина“ до „Ха-бе“, но купуваше и тутун од село, го чуваше во тегли и виткаше цигари од него. По фиоките имаше цели штеки цигари и запалки кои му ги даваа неговите соборци од Клубот на борците од НОВ кој се наоѓаше во центарот на Сараево во близина на стоковната куќа Сарајка, опкружен со голем парк и дрвја, каде што ние како деца се спуштавме по падините со нашите понија и бе-ем-икси, инспирирани од филмовите како „Вонземјанинот И-ти“. Но, дедо ми не го интересираше тоа американско влијание, зашто тој беше хардкор социјалист, исто колку што беше заколнат пушач.
Судејќи според бројот на запалките по фиоките, повеќе не ги поправаше отколку што ги поправаше, а да биде уште почудно, рачно витканите цигари ги палеше со кремен камен кој го чуваше во мала кожена торбичка заедно со едно парче специјална печурка. Ќе го извадеше каменот, ќе ја ставеше печурката врз него и ќе удреше неколку пати со парче метал, по што печурката почнуваше да чади од искрата од каменот. Така палеше цигари, а јас седнував до него опкружен од чадот од цигарите и заедно гледавме југословенски филмови и серии, а тој ми раскажуваше за Втората светска војна.
„Тоа беше 1943 година на Неретва,“ се обидувам да се присетам на разговорите кои како низ магла ми навираат во сеќавањата. Дедо ми бил партизан од Црна Гора кој се борел во назначајните битки во Босна и Херцеговина, а кој ја знаеше историјата на Втората светска војна, знаеше дека таму се одвивале најкрвавите битки. „Пипни тука,“ го земаше моето мало детско раче со неговите влакнести и старечки раце, со пожолтените прсти од тутун, и со моите два прста притискаше врз неговата нога, каде што јасно можев да напипам нешто тврдо. „Тоа е куршум,“ ми кажуваше и потоа продолжуваше да ми раскажува како во војната бил ранет, ни помалку ни повеќе, туку – 12 пати! Бил опериран на живо повеќе пати, а тие куршуми кои не можеле да ги извадат му биле оставени, во нога, рака и кој знае каде се’ не. Во заедницата важеше за човек-феномен, и не само заради тоа што бил медицинско чудо кое оди на две нозе, туку и своевиден математички вундеркинд кој можел напамет да пресметува големи бројки, за кои на другите им требал дигитрон.
…од другата страна на нештата, постоеше и една друга Југославија…
Со врсниците се собираа во Клубот на борците, магично место за мене, каде што имаше терен покриен со песок. Таму се здружуваа, тие минати командоси во борбата против нацистичкиот окупатор, но сега наместо митралези и бомби држеа камени кугли и ги фрлаа во висина обидувајќи се да удрат други кугли и да стигнат што е можно поблиску до малата кугла. Кога не се натпреваруваа во оваа игра, започнуваа друга војна на масите покриени со зелена чоја, каде правеа митралески гнезда од кецови и кралеви и наместо муниција фрлаа пари. Дедо ми, иако беше добар математичар, често губеше во овие игри, барем така ми остана во сеќавањето, затоа што му ги гледаа картите во неговите дебели фотогреј очила за блиску. Можеби губеше зашто веќе не гледаше добро, одеше со бастун и имаше постојани болки во нозете, но најмногу затоа што откако почина баба ми, неговата партизанска љубов, тој беше половина од стариот мој дедо каков што го знаев.
„Млада партизанка“, позната песна на сите кои растеле во Југославија, но за мене и поим за мојата баба. Босанка, која како и дедо ми учествувала во истите битки, но од другата страна на рововите, како медицинска сестра, и таму го запознала, по што настанал „инстант класик“ од југословенските партизански филмови. Но, пред тоа, нејзините авантури подразбирале глад, голема глад од која умирале соборци, криење од Германците со денови по планините, на снегот, по дупки во земјата покриени со гранки, а од тоа заработена реума и извиткани прсти. Но, таа никогаш не се жалеше, напротив, даваше команди и го водеше целото семејство, се’ до нејзината смрт, кога командата се распушти, моето семејство се распадна, а паралелно и мојата земја.
Сепак, од другата страна на нештата, постоеше и една друга Југославија, која не подразбирала партизани и социјализам, туку и кралство, аристократија и приватна сопственост. Тоа била Југославија пред Втората светска војна, далеку пред да се родам јас, но моите претци, другите дедо и баба, биле дел од неа, и како млади капиталисти во Скопје во 1920-тите, во ерата на раѓањето на СХС, граделе куќи, фабрики и купувале имоти кои ќе им бидат одземени, а тие самите ќе бидат наречени „трули капиталисти“. Тоа е мојата Југославија, контрадикторна, романтична и трагична, и парадоксална.
Кога бевме деца, во 80-тите години на XX век, не познавав друга нација освен југословенската, моите другари, сега знам, повеќето биле муслимани и Хрвати, по некој Србин, но сите беа исто за мене и таков дух се градеше во Југославија, особено во Босна каде што се колнеа во се‘ и сешто со „Тито, драги!“. Јас го сакав Тито, зашто сите го сакавме, лепевме налепници со неговиот лик по дома, го имавме на тетратките и секој ден го гледавме на ѕидот од училницата. Но, дедо ми не го сакаше Тито. Зошто? Затоа што дедо ми го сакаше Сталин, а Тито го предаде Сталин. Но, зошто некој би сакал масовен убиец? За да го разберете тоа треба да замислите млад човек кој во војната се борел за социјалистичкиот идеал и не можел туку-така да се откаже од нешто за што примил 12 куршуми. Но, тој не зборуваше за тоа, освен кога ќе се поднапиеше во Клубот на борците испровоциран од шпионите на системот, па не можеше да се воздржи. И потоа истите тие го пријавуваа и така заврши на Голи Оток, два пати во две ипол години.
…во трагедијата се крие радоста на живеењето…
Баба ми го чекаше, и првиот и вториот пат. Во Југославија немаше разводи, барем не толку како денес, немаше интернет, немаше стотици канали на телевизија, немаше мобилни телефони и никој не правеше селфија, култот на личноста беше посветен само на еден и единствен лик – Тито, но имавме се’ што ни треба, слобода, родители кои се враќаа од работа до 3 часот, родендени дома со кока кола и соленки, играње, бескрајно играње надвор на улица кога густиот сараевски смог од кој и снегот стануваше црн беше нормален дел од секојдневието, а децата се повикуваа од врата до врата, наместо по мобилен. Не велам дека се’ беше подобро, но секако беше поинакво.
Тоа е Југославија за мене, мојата земја која веќе не постои, моето детство и пријатели од сите нации и религии, Кралството СХС и Федеративна Социјалистичка Република Југославија, Кралот, Тито и Сталин, Братство и Единство и Голи Оток, капитализам и Кока-кола социјализам, слобода, распад, војна, смрт и губењето на сите мои другари од детството… приказна која е раскажана многу пати, но кој не ја преживеал, никогаш нема да дознае дека во трагедијата се крие радоста на живеењето.
Берт Стајн
11 декември 2018