т:темплум  

 

ноември
т:
трајановски мирко



г:години: 24



 

с:сметката за заедничка струја

Ги отвори очите. Речиси секогаш спиеше на грб, така што првото нешто што му паѓаше во очи кога ќе се разбудеше беше сијалицата која се наоѓаше на таванот точно над неговата глава. Три години, колку што живееше во станот, се обидуваше да најде разумна причина за да купи лустер. Во собата освен креветот на кој што спиеше имаше и еден мал плакар, маса, неколку столчиња, телевизор и еден филадендрон. Станот беше мал. Освен собата имаше и едно купатило кое тој во исто време го користеше и како кујна. На местото предвидено за машина за перење алишта имаше ставено еден стар шпорет, кој најчесто му служеше за да си свари чај. Фрижидер не му беше потребен. Секогаш купуваше храна само за едно јадење, а пивото го ладеше во еден леген во кадата врз кој пушташе да тече млаз ладна вода.
Стана од креветот, се протегна и погледна низ прозорецот. Врнеше дожд. Убав ден, помисли. Влезе во купатилото да ја спроведе секојдневната утринска рутина. Додека мочаше, бидејќи ве-це шолјата му беше веднаш до шпоретот, ја пушти малата рингла да се загрее за да си свари чај. Кога заврши со туширањето чајот веќе беше готов. Премина во другата просторија, го вклучи телевизорот и седна на креветот. Го испи чајот со големо уживање и се загледа во телевизорот. Одеше една досадна емисија чија водителка се замислуваше дека е Опра.
Го исклучи телевизорот и почна да ја средува собата, што речиси никогаш не го правеше. Ја облече најубавата и најновата облека, ги зеде сите пари што ги имаше и излезе.
Додека ја заклучуваше вратата некој го поздрави: „Добро утро комшија.“ Тоа беше претедателот на куќниот совет. Ниско, набиено човече. Работеше во некоја градежна фирма. Директорот сакал да го избрка од работа како технолошки вишок, па овој му влегол во канцеларија и го претепал. Тогаш по сите весници и локални телевизии изјавуваше дека ги спасил своите колеги од диктаторскиот режим на директорот. Деновиве повторно беше медиумски актуелен, но овој пат за судскиот процес кој се водеше против него за нанесување тешки телесни повреди. Сега изјавуваше дека е жртва на бизнис олигарсите и на корумпираното судство.
- Слушај комшија, пет месеци ги немаш платено сметките за заедничка струја.
Мислиш да ги платиш или сакаш и ти да ме тужиш како оној директорот, му рече претседателот.
- Ќе платам, ќе платам, рече и набрзина излезе од влезот.
- Ќе платиш, ќе платиш, викна по него претседателот.
- Да знаеш каде сум тргнат нема да мислиш така, си рече во себе откако се оддалечи од зградата.
Отиде во блискиот парк, кој му беше редовно прибежиште. Си купи две лименки пиво од блиската продавничка и се смести на клупата на која седеше секогаш кога доаѓаше во паркот. Ги шмркна пивата како да му се последни. Стана и ја погледна клупата како да се простува од најдобра пријателка.
Се упати во центарот на градот и влезе во продавницата за оружје. На еден голем ѕид беа наредени десетици најразлични видови пиштоли. Се обидуваше да најде некој чија цена би била еднаква со сумата пари која ја имаше во џебот, но не успеа. Почна беспомошно да шара со очите и одеднаш здогледа едно мало пиштолче тргнато настрана од другите, кое се продаваше по зачудувачки пониска цена од другите..
- А, и ова ќе заврши работа, рече задоволно.
Го зема пиштолот, набрзина му плати на продавачот и излезе од продавницата.
Се упати кон блискиот рид од кој се гледаше целиот град. Кога стигна таму веќе беше темно. Беше толку тивко што можеше да се слушне звукот на градот, кој бревташе како рането животно.
Легна на тревата, на грб како по обичај. Го извади пиштолот од кутијата во која беше спакуван и го стави на челото. Тогаш се сети на зборовите на еден познат кубански музичар: „Во животот испушив една добра пура, љубев една убава жена и напишав една добра песна“.
- Хм, јас не направив ниту една од овие работи, си помисли, ги затвори очите и го потегна чкрапецот од пиштолот. Се слушна силен пукот.
Ги отвори очите. Над него не беше сијалицата без лустер од неговата соба.
Се исправи. Сеуште можеше да го чуе звукот на градот. Што се случи, не му беше јасно. Пиштолот сеуште му беше во раката. Како е можно сеуште да сум жив, се праша. Брзо се поврати. Сега ќе го најдам упатството за употреба, рече со кислеа насмевка. Ја подигна кутијата од која претходно го извади пиштолот. Од џебот извади запалка, ја запали и ја доближи до кутијата. Почна да се смее гласно и да пука со пиштолот на сите страни. На кутијата со големи букви пишуваше: „ПИШТОЛ - ПЛАШЛИВЕЦ“, а под тоа со помали букви беше напишано: „забранета употреба за лица под 18 години“. Сега му стана јасно што се обидуваше да му објасни човекот кој работеше во продавницата за оружје, пред набрзина да излезе од неа.
Тргна кон дома. Е, не ме бива за ништо, си повторуваше во себе и не можеше да престане да се смее. Стигна пред зградата во која живееше и влезе во влезот. Беше темно. Успеа некако да го пронајде штекерот и го притисна. Светлината му удри право в очи.
- Пу у пичку матер, опцу гласно. Се сети на нешто што му го расипа расположението.
Се сети дека ќе мора да ја плати сметката за заедничка струја.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања













































































 

  д:дома