т:темплум  

 

ноември
s
:
silent storm

 


в:временско нишало (прв дел)

Се разбудив. Не можев да се се сетам на сонот. Тоа воопшто не ми беше важно. Веднаш станав од креветот започнувајќи ја мојата здодевна секојдневна рутина. Бев во тоалет, се преоблеков, јадев, го прочитав весникот за да останам во тек со домашните и светски настани, а потоа го фрлив во купчето на стари весници и на крајот го пуштив телевизорот. На неколку метри од мене беше книгата која ме молеше и плачеше да ја отворам, а јас едноставно се трудев да заборавам колку страници треба да научам за испитот кој наскоро наближуваше. Ја зедов книгата во раце во моментот кога дојде време за да одам на факултет. Ја ставив во ранецот, набрзина ги облеков патиките и излегов надвор продолжувајќи да ги правам работите механички. Чекав автобус, кога дојде се качив во него и како и секогаш не најдов место за да седнам. Кога пристигна во близина на мојата крајна дестинација, се симнав од него. По стандардното поздравување, прегрнување или бакнување со тие што ги знам се сместив во една од клупите на амфитеатарот, кои беа подалеку од катедрата на професорот. Натаму позната приказна за секој. За цело време на предавањата зјапав во мојот часовник, разменував по збор два со тие што седеа до мене и на моменти се губев во моите мисли. ,,Зошто го правиме тоа што го правиме? Која е причината поради која ги повторуваме сите тие мали нешта одново и одново секој ден?” се запрашав. Некој прост човек би рекол: ,,Завршуваш основно, за да се запишеш во средно, завршуваш средно и доколку сакаш да имаш подобар живот, се запишуваш на факултет, дипломираш на факултет со висок просек за да најдеш подобра работа, работиш нон-стоп за да имаш доволно пари за да имаш свој покрив над главата, кога веќе си материјално обезбеден треба да си најдеш жена, а по некое непишано правило штом си во брак треба да имаш деца, штом имаш деца треба да се грижиш за нив да застанат на свои нозе, кога ќе се осамостојат ќе продолжат да го прават она што си го правел ти, ако имаш среќа да живееш подолго, ќе можеш да се радуваш на нивните внуци и на крајот на патот ќе можеш да кажеш дека си имал добар живот”...,,Добар живот, што по ѓаволите” си реков. Јас би го поправил тој прост човек. Вистинската придавка е “механички”, не “добар”. Еве ме мене, си го кажувам тоа и свесен сум за тоа, но на некој начин, без борба, се полека, но сигурно се уклопувам во речениците на простиот човек, во таа главна шема на општеството со која тоа би опстанало, а заедно со него и сите поединци кои работата според тој нацрт на животот. Но, на секои стотина километри во пустината ќе се најде по некоја оаза. Така е и со тие што се обидуваат да ја најдат алтернативата во живеењето. Некои тоа го наоѓаат во пишувањето поезија или проза, фотографијата, цртањето, правењето на скулптури, планинарењето. Но, што со тоа? Дали таквата алтернатива ќе помогне во спасувањето на нечиј живот, измислувањето на нов лек, изградувањето на некоја зграда...не, но некој ќе рече дека алтернативата ја пронаоѓаат луѓето за да се чувствуваат уникатно и различно од другите. Сепак колку и да пробуваш да го заебеш планот на општеството, на крајот општеството те заебува тебе. Голема врева ми ги прекина мислите, сите стануваа од своите места, часот беше завршен. Сепак за мене престојот на факултетот не беше завршен. Имав состанок со една невладина организација. Некои беа зачленети во неа затоа што сакаа да се почувтвуваат корисни, други за да ги заборават своите приватни проблеми, односно постојано да битат активни во нешто за да не мислат на нив, а јас сум сосема друга приказна. Одев по такви организации поради остварувањето на нови познанства, поточно запознавањето на убави девојки. На таквите состаноци се беше добро, се додека не дојде делот каде што треба да правиме некоја игра за да ја подобриме нашата тимска работа. Колку патетично. Добар начин за групно перење на мозок. Уште една алатка на општеството. Бев свесен за тоа, но бев подготвен да издржам два часа по ретардирање неделно за да си најдам добра риба. Откако и тоа заврши, уморен тргнав накај дома. На враќање решив да поминам во спортска кладилница. Набрзина напишав едно ливче и го уплатив. Натпреварите се играа вечерта. Дојдов дома, се раскомотив, грицнав нешто, го пуштив телевизорот за да гледам фудбал, играше мојот омилен тим. Добрата вест беше тоа што тој победи, но останатите натпревари не испаднаа како што предвидов. Исцрпен и тажен што ги загубив парите си легнав в кревет и веднаш заспав.
 



в:временско нишало (втор дел)

Се разбудив. Не можев да се сетам на сонот. Тоа воопшто не ми беше важно. Веднаш станав од креветот, започнувајќи ја мојата здодевна секојдневна рутина. Бев во тоалет, се преоблеков, јадев, го земав весникот за да го прочитам и да останам во тек со домаш...наеднаш моите механички дејствија запреа и за момент не можев да дишам. Продолжив да гледам во насловната страна. Од некаде таа ми беше позната. Наликуваше на таа што ја видов минатиот ден. Го погледнав датумот. И тој се однесуваше на вчерашниот ден. Нешто не ми изгледаше логично. Добро се сеќавав дека го имав фрлено весникот што го држев в раце кај сите останати стари весници, како е можно тој повторно да се најде на масата во дневната соба. Можеби на моите им притребал. Сакав да ги тргнам моите претпоставки, погледнав во датумот на мојот мобилен. Мобилниот го покажуваше вчерашниот датум. Почнав да помислувам дека полудувам. Го пуштив телевизорот. Тоа што го даваа на програмите веќе го имав видено. Цел занемев и се здрвив. Не се чувствував добро. Не можев да си објаснам што се случува со мене или со времето. Зарем навистина веќе овој ден сум го проживеал? Почнував да си ги навраќам сеќавањата од минатиот ден или подобро кажано, овој ден. Нешто ми светна во главата. Имаше еден добар и единствен начин како тоа да го дознаам. Пред да отидам на факултет поминав од кај кладилницата и ги ставив сите натпревари на кои им го имав запамтено резултатот. Го уплатив и можната добивка на тикетот имаше шест цифри. Потоа отидов на факултет, па на состанокот на невладината организација и за целото тоа време ме обземаше голема нервоза. Одвреме навреме се загледував во нечие лице за да видам како се однесува, но заклучокот беше дека јас сум единствениот што се сеќава дека овој ден се случува по втор пат. Кога дојдов дома веднаш го пуштив телевизорот за да ги следам натпреварите. Еден по еден сите резултати си доѓаа на свое место. Го имав добиено ливчето. Си легнав в кревет среќен цврсто држејќи го него.

Се разбудив. Не можев да се сетам на сонот. Тоа воопшто не ми беше важно бидејќи бев богат како никогаш досега во мојот живот. Но, за моја несреќа ливчето не беше во мојата рака. Испаничено станав од креветот и потрчав кон дневната соба каде што го најдов истиот весник. Трет пат го живеев овој ден. Паднав во депресија. Ме исплаши фактот дека сум заробен во времето. Можеби седев саат, два во еден агол на собата, но на крајот собрав сили за да се убедам дека и сепак тоа и не е толку страшно. Решив да не отидам на факултет. Едноставно сакав да го проживеам овој ден на сосема поинаков начин. Излегов надвор и поминав покрај моето поранешно средно училиште од каде што го собрав мојот најдобар другар кој очигледно немаше голема желба да седи зад училишните клупи. Воопшто не ме гризеше совеста што ја нарушив мојата рутина и намерно не отидов на факулет, бидејќи и немав време за да мислам на тоа имајќи другар покрај мене. После добро поминатиот ден, дури вечерта се прибрав дома и веднаш уморен си легнав в кревет.

Се разбудив. Не можев да се сетам на сонот. Тоа воопшто не ми беше важно бидејќи се трудев да смислам како ќе си го организирам истиот ден кој по четврти пат ќе го живеам. Сакав на кратко да го напуштам градот кој ме загушуваше, па така добив една интересна идеја. Набрзина се облеков и пред да излезам фрлив поглед на весникот. Тој беше истиот. Тоа ме направи среќен. Се качив во автобусот кој водеше кон подножјето на планината. Оттаму продолжив пешки. Навистина бев надвор од форма, но бев таков човек што тешко се откажува од своите цели. По неколку часовно одење стигнав на врвот. Мојот ум се разбистри. Беше чудесно тоа да ги гледаш работите од друга перспектива. Во тој момент јас имав поглед што многу малку луѓе го имаат, поглед кој ти дава да гледаш подалеку од својот нос. Гледајќи во далечината повторно потонав во своите мисли. Се почувствував осамен. Во моите сеќавања се појави девојката која ја имав за една ноќ, а потоа ја одбив и повредив. Го зедов мобилниот во раце и го свртев нејзиниот број. Таа беше изненадена од моето јавување. Во нејзиниот глас имаше мешавина од лутина и топлина. Се обидов да и објаснам дека тогаш не знаев што навистина сакам и дека сум бил несигурен. Побарав од неа повторно да ја видам. Таа се согласи. Вечерта повторно бев блиску до неа, силно ја гушкав и бакнував. Сакав да биде среќна, сакав да ја задоволам. Отидовме во нејзиниот стан, нејзините не беа дома. Таа беше уште еднаш моја, но овој пат сакав вечно да биде покрај мене. Еден покрај друг држејќи се со рацете заспавме.



 

 


в:временско нишало (трет дел)

Се разбудив. Не можев да се сетам на сонот. Тоа воопшто не ми беше важно бидејќи не можев девојката да ја оттргнам од мислите. Ја побарав нејзината рака. Таа не беше тука. Јас се наоѓав повторно во мојот стан и уште еднаш го живеев истиот ден. Откако станав од креветот, се вртев долго време околу масата размислувајќи што да правам. Немав веќе идеи, ниту инспирација. Го земав ранецот и отидов на факултет. Не ни знаев зошто го направив тоа. Едно нешто беше сигурно, дека ме очекува ужасно досаден час. Слушајќи го професорот како зборува со еден монотон глас кој те тера да заспиеш, нешто избувна во мене. Но, сега немав намера да го чувам во себеси, туку да се спротивствавам на еденствениот трн што го имав во окото, а тоа беше општеството. Конечно ми беше јасно дека живеам во временско нишало, време во кое можеш да направиш акција без никаква реакција. Колку и да се обидував да отидам напред со нишалото се повисоко кон небото, тоа секогаш ме враќаше назад. Знаев дека нема да има никакви последици од моите дела. Станав од своето место на средина од часот, му го изразив моето мислење на професорот во врска со неговото предавање, излегов и силно ја треснав вратата од амфитеатарот. Веќе се чувствував подобро. Кога дојдов дома, завртев на телефонот неколку броеви за да соберам што поголемо друштво за вечерта која сакав да ја направам незаборавна. За неколку саати се најдов со пријателите и по неколку испиени рунди сечена водка се беше поубаво и полесно. Дојде време за да се разотидеме. Кај мене беше останато шишето кое имаше уште неколку капки водка. Немав веќе пари во мене, морав одам пешки иако нозете не ме држеа. Одејќи по улицата поминав покрај еден отмено кафуле кое веќе беше затворено. Наеднаш запрев и се загледав во него. Отсекогаш ми оделе на нерви местата каде што вршат селекција на луѓето, места на кои треба да бидеш убаво облечен или да бидеш педер или лезбејка за да влезеш. Што бидна со таа ебана демократија и со тоа дека сите сме исти? Со алкохолот во моето тело сега мојата одлучност беше посилна од кога и да било. Го стегнав цврсто шишето во мојата рака, замавнав и го отпуштив право во еден од прозорците на кафулето. Прозорот се распрсна на милиони парчиња.Потоа силно трчав накај дома. Кога стигнав, без многу размислување легнав во креветот и заспав.

Се разбудив. Не можев да се сетам на сонот. Тоа воопшто не ми беше важно бидејќи силно ме болеше главата. Таа болка наеднаш ме уплаши. Според временското нишало јас не требаше да ја чувствувам. Испаничено станав од креветот трчајќи во дневната соба за да го видам весникот. Не ми се веруваше на моите очи. Тој повеќе не беше истиот. Го земав и од лутина целиот го искинав. Знаев дека времето си беше продолжило по својот тек. Наеднаш се навратив на сето она што го имав направено минатиот ден. Бев поразен што дозволив моите сопствени дела да ме уништат. Знаев дека наскоро ќе пристигнат последиците од моите акции. Се почувствував виновен и целиот ден ме гризеше совеста. Не излегов, ниту пак јадев, туку цело време лежев на креветот потонат во своите мисли. Конечно разбрав. Го имав најдено одговорот на моето прашање, иако цената што требаше наскоро да ја платам беше скапа. Дознав дека сме слободни да правиме што сакаме и дека ние самите го избираме начинот на живот, но сепак што и да правиме, треба да го правиме умерено правејќи баланс во работите, бидејќи и слободата има свои граници. Кога надвор веќе беше темно јас конечно најдов сили да заспијам.

Се разбудив. Можев да се сетам на сонот.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






























































































































































































































 

  д:дома