ноември
м:муцко
б:брат за
брат, пиво за пари!*
(алиас: Убиство за 5 денари)
Таа вечер, како и вообичеаено,
Томе се подготвуваше за излегување во селскиот билијард клуб. За разлика
од „обичните“ кафеани во кумановското село Младо Нагоричане, во билијард
клубот се собираа поинтелигентни млади луѓе, кои освен уживањето во
алкохолот и музиката знаеја да се разонодуваат и со овој џентлменски
спорт. Томе беше типичен млад селанец, кој сонуваше да стане џентлмен,
кроце-покроце; но беше попречен од невработеноста и економската зависност
од родителите – баш исто како „мамин Доце“ од хумористичната песна од
неговиот крај! Затоа неговото излегување ќе беше незамисливо ако не
побараше пари од мајката:
– Мамо, дај ми 105 денара! Ќе искачу у биљарто, да имају у џеп колко за
две-три пива!
– Мамин Томе, евој ти 100 денара, с`с ситно нејќу да се расправамо.
Првите часови во билијард клубот Томе ги помина во добро расположение. Не
му се играше билијард, само набљудуваше пиејќи едно-по-едно полулитарско
„Скопско“ со кое го служеше келнерот Симе. Од друга страна, Симе ќе да
беше поприлично нерасположен – газдата тој ден во почетокот на ноември му
ја исплати октомвриската плата намалена за 500 денари, забележувајќи му
дека во тој месец не бил остварен доволно голем профит. Затоа келнерот
Симе беше решен уште таа вечер да се докаже пред газдата, максимизирајќи
го профитот – за разлика од порано, не прифаќаше вересија нити попуштање
во цената „како за пријатели“. Со првите вечерни муштерии помина успешно,
но наиде на проблем со наплатата на трите пива „Скопско“ кои Томе ги испи,
а ги плати со стоденарка:
– Томе, три пива по 35 денара коштају 105 денара! Да ми дајеш још 5
денара, да буде там`м!
– Брат, – му се обрати Томе на соселанецот, со кој не беа браќа, но можеби
имаа некое сродство од четврто колено – немој ти мене да ме гњавиш с`с
кусур! У продавница пиво кошта 30 денара, можеш и ти на мен едно пиво да
ми га попуштиш на тој цена! Као за „редован муштерија“!
– Немој ти од мен да тражиш попуст, нису ти ја газда овде! Туј бре није
продавница, куде пиво само се купује; туј ти је биљарто клуб куде пиво се
пије за уживање, као у кафана! Затој су цене исте као у кафана, и има да
си платиш све до денар! – инсистираше келнерот Симе.
– Аман бе брат... – отегнуваше Томе, кој заради опиеноста не успеваше да
препознае колку е Симе налутен. И другпат му попуштал во цената за 5-10
денари; зошто денеска нејќе? А келнерот Симе остана непопустлив, како
никогаш дотогаш. Обраќањето на Томета со зборот „брат“ го поттикна да ја
парафразира репликата „Брат за брат, павлака за пари!“ од популарната
реклама за млечните производи на млекарата „Здравје“ од блиското село
Радово:
– Брат за брат, пиво за пари!
Потоа келнерот покажа уште малце трпение кон Томета, наплаќајќи ги
сметките од другите муштерии. Потајно се надеваше дека Томе ќе му ги
доплати фамозните 5 денари; ако моментално нема в џеб, нека позајми – само
нека не се резили пред соселаните! Но на Томета ич на ум не му паѓаше да
најде уште 5 денари. Кога наближи времето да се затвори клубот, келнерот
Симе одлучи на повулгарен начин да доде до наплатата: со еден од стаповите
за билијард го чукна Томета по рамо, додека овој седеше на маса, свртен со
грб.
– Што сакаш бре више, будало ниједна! – му се сврте Томе. Споменувањето на
овој вулгарен збор го надразни Симета да возврати десеткратно со друга
вулгарност:
– Сакају... – наместо „још 5 денара!“ како што сите очекуваа, неговата
погана уста испушти гнасна пцост – ... да ти јебем мамицу!
– А ја на тебе све по спис`к! – му возврати Томе со својата пцост „со
проширено развратно дејство“, па возбуден до афект се спушти да го удри.
Разменија неколку буткања, тупаници и шлаканици пред да ги разделат
соселаните. Томе, како гостин, беше принуден веднаш да го напушти билијард
клубот.
Нервозно враќајќи се дома, во главата му одѕвонуваше гадната пцост
насочена кон неговата мила мајчичка. Не би се навредил толку, ако пцоста
беше искажана од човек што не го знае; а Симе многу добро го познаваше, и
знаеше дека мајката ептен многу го сака „мамин Томе“. Очекуваше дека ќе ја
најде кога ќе влезе дома, ќе ú каже за навредата кон нејзината чест, па да
се посоветува со неа дали да преземат нешто за одмазда... Но, штом го
пушти светлото во дневната соба, наместо да ја најде мајка му (која не
беше внатре, одена беше да ги молзи кравите) на масата го забележа
големиот кујнски нож. При блесокот на сечилото во неговите очи, во
неговата пијана глава блесна ѓаволска идеја како да се одмазди! Си спомна
за рекламата, во која пред изреката „Брат за брат, павлака за пари!“
едниот од браќата им кажуваше на своите деца „Чичко ви за павлака може да
утепа човéк!“. Штом Симе инсистира да биде „пиво за пари“, тогаш и Томе
може „за пиво да утепа човéк!“.
Томе го грабна ножот и отрча кон билијард клубот... Во оваа луда
одмазничка желба не можеше да го спречи разумот, заспан под дејство на
алкохолот; не успеаја да го спречат ни соселаните кога му се доближи на
келнерот, оти мислеа дека од џебот во жакетот ќе ги извади бараните 5
денари... Во моментот кога дојде до ненадејниот напад Симе носеше гајба
пиво, од која рацете му беа зафатени и не можеше да го направи
одбранбеното инстинктивно движење; така Томевиот нож се зари како анџар
длабоко во неговите гради, во близината на срцето!
Келнерот Симе почина „на лице место“, од силниот излив на крв, оставајќи
ги лекарите од „Брзата помош“ да констатираат смрт. Сите од Младо
Нагоричане и пошироко беа шокирани од ова убиство, особено затоа што
двајцата порано беа пријатели и често соработуваа, дури и се ословуваа со
„брат“. Ама... „Брат за брат, пиво за пари!“
* (мотивирано од вистинско убиство во кумановското село
Младо Нагоричане; имињата се сменети, а репликите измислени)
н:невообичаените
детски новогодишни желби
Сите, на свој начин, ú се
радуваат на Новата Година – особено децата! И сите имаат по некоја желба
што очекуваат да им се оствари во Новата Година, а децата – безброј! Од
сите тие детски новогодишни желби треба да се издвои една, како најголема
или најважна; па „за да фати новогодишната магија“ со чија помош би се
исполнила треба да му се каже на Дедо Мраз... искрено да му се прошепне на
увце, никој друг да не ја дознае!
Е, тука на сцена стапуваат типовите како мене, кои имаат инстинкт да го
препознаат оној обичај или суеверие од кој можат да извлечат материјална
корист. Така, одлучив да станам „уличен Дедо Мраз“ кој ќе им овозможи
неколку среќни мига на децата, за сметка на „чешањето по џебот“ на
родителите.
Последниве неколку години, во декември, секогаш го правам истото: од
мансардата го земам црвениот крзнен костим, кој веднаш мора да се испере
оти секогаш мириса на мувла, го облекувам и – станувам „Дедо Мраз“!
Бундата од кратко црвено крзно обрабена кај ракавите и кај стомакот со
подолго бело крзно однадвор одлично ми стои, на најсимпатичен можен начин
обвиткувајќи го мојот дебел стомак; додуша, одвнатре е доста рапава и ме
иритира кога е во допир со кожата. Многу убаво ми стои и црвената капа со
топчеста бела цуцулка. Не носам посебни чизми, овие обичниве „вршат
работа“, додека околу појасот ставам дебел црн кожен колан со позлатен
копец. Најделикатни за поставување се вештачката брада и мустаќи, за кои
децата не смеат да дознаат дека не биле вистински. Кога е многу студено,
од пареата што ја издишувам на вештачките мустаќи ми се нафаќаат мразулци
– е тогаш навистина се гордеам што сум „Дедо Мраз“!
Во мојата сезонска работа како „Дедо Мраз“ на плоштадот „Македонија“ во
центарот на Скопје ми помага еден пријател, кој инаку работи во
фотографското студио „Бимбо“ во блискиот ГТЦ. Обично, кога ќе дојде
родител со мало дете, јас го земам детето в скут и го прашувам насамо за
неговата најголема новогодишна желба, па му пожелувам да му се исполни; а
за тоа време фотографот се труди да фати што подобра поза за да го
„овековечи“ овој интересен момент од детството. На крајот се разделувам од
детето давајќи му картонско пакетче во кое има едно чоколадо. И покрај
дигиталната фотографска технологија, фотографиите не можат да бидат веднаш
готови, ќе треба родителот да дојде некој друг ден и да ги подигне од
фотографското студио... ама уште веднаш ќе треба да плати 150 денари за
овој момент на забава за детето.
Како подебел и пољубезен од конкурентскте улични „Дедо Мраз“-овци, имав
можност да се дружам со прилично повеќе деца и да дознаам многу повеќе
нивни најголеми новогодишни желби. Мноштвото детски желби беа вообичаени –
тргнувајќи од чоколади, пластични играчки, DVD со цртани филмови... до
поскапите желби за зимување или „Sony Playstation III“; а имаше и
нематеријални желби, како остварување на сите петки на училиште или
помирување со другарчето со кое се скарале. Но, на неколку десетини деца,
се наоѓаше по едно чии желби беа многу невообичаени, кои умееја да ме
изненадат со нивната остроумност, или да ме разочараат во мојата немоќ да
им помогнам. На дел од таквите желби им го посветувам остатокот од
расказов.
– Мене најголема желба ми е да ги снема Албанците во Новата Година! – ми
се довери едно седумгодишно момче.
– Зошто не ги сакаш Албанците? И тие се луѓе, како нас!
– Албанците го ранија татко ми, кога беше војната! За малку ќе загинел од
бомба, а јас ќе си останев сираче! Баба и дедо се плашат дека наскоро
Албанците пак би можеле да отворат војна... затоа, посакувам да ги снема
сите Албанци!
– Јас би сакала да добијам братче во Новата Година! – посака едно
петгодишно девојче.
– Зошто баш сакаш братче? Не може ли сестричка? – се интересирав.
– Можеше да имам две сестрички, ама тато беше незадоволен, презимето ќе му
се загинело... Мама двапати направи або-руц...
– Абортус? – се изненадив.
– Да, або-руц! Така ќе правела и натаму, додека не родела машко!
– Би сакал десеттиот роденден да го прославам овде, со другарите! – беше
најневообичаената желба на едно слабичко деветгодишно момче.
– Зошто нема да дојдат другарите? Кога ти е роденденот?
– Роденденот ми е во октомври, а дотогаш има скоро цела година... Лекарите
ми кажаа дека имам рак, и дека по неколку месеци ќе одам во Рајот, кај
дедо! Ама дедо веќе не доаѓа дома откако замина во Рајот, нити пак ние
можеме да го посетиме таму; и затоа се плашам дека десеттиот роденден ќе
го прославам сам во Рајот! – ми раскажа за својата опака болест детето,
баш онака наивно како што го присилиле да верува.
– И јас сум рак... во хороскоп, – одвáј изустив, со краен напор
воздржувајќи се да не ја забележи детето мојата трогнатост – па мојот
десетти роденден го прославив овде на Земјава, со другарите! Ако сепак
заминеш во Рајот, не грижи се: да знаеш дека на стотиот роденден сите твои
другари ќе дојдат во Рајот! И јас ќе дојдам, ако ме поканиш!
– Навистина ли ќе биде така? – се израдува детето, онака наивно само како
што може дете, не слутејќи ја вистинската смисла на моите зборови. И јас
се израдував со неговата насмевка, знаејќи дека е една од последните во
неговиот краток живот.
Знаете, многумина сметаат дека уличните „Дедо Мраз“-овци се современа
кич-забава која нема никаков шарм, туку се прави од комерцијални причини;
а на парите што притоа ги заработуваат гледаат како на лесен профит. Но,
после читањето на моите доживувања на ова сезонско работно место, белким
ќе сфатат дека на моменти се чувствувам како да ја имам најтешката работа
на светот!
н:новогодишната
честитка од непозната женска
Секоја Нова Година ми се
случуваше истото: некои од луѓето со кои комуницирав, и со кои дотогаш
редовно си праќавме новогодишни честитки, таа година да заборават да ми
испратат честитка. Од друга страна, јас ги помнев нивните имиња и водев
евиденција за нивните адреси, и поштенски и електронски, па редовно им
праќав новогодишни честитки барем на еден начин.
Оваа Нова Година се случи нешто спротивно, нешто сосема необично: добив
поштенска новогодишна честитка од некоја женска што не ја познавав!
Пораката во честитката беше кратка и јасна: „Бошко, нека Новата 2007
година ти се исполнат сите најинтимни желби!“, но името на испраќачот
сосема ме збуни: го испратила некоја Елена Крстева со адреса на живеење во
Штип. Таа женска никогаш не сум ја запознал!
„Сигурно се работи за погрешно доставено писмо“, си помислив. Проверив на
пликото – и се изненадив: името и адресата беа точно моите! Значи:
мистеријата и натаму останува!!
Името на непознатата женска, Елена, ме потсети на една друга Елена, женска
што убаво ја знаев. Елена Кузманоска од Охрид ми беше колешка од
генерација, со која најмногу се дружев за време на моите студии во Скопје.
На часовите седевме блиску, но никогаш на иста клупа, и постојано ги
забележувавме истите грешки во предавањата на професорите и вежбите на
асистентите. Не само затоа што обајцата бевме јаки студенти – едноставно,
размислувавме на сличен начин. На паузите секогаш бевме во иста дружина,
во која при мултилатералната дискусија најчесто имав слични ставови со
неа.
Со Елена заемно си ги приредивме најголемите роденденски изненадувања,
кога полневме по 21 година. Првин беше мојот роденден, кога таа дозна за
мојата желба да го набавам новоотпечатениот универзитетски учебник, кој
беше многу скап и никој од колегите сéуште го немаше купено. Тогаш таа
одлучи да ме изненади за роденденот, организирајќи акција во која од
дваесетина колеги собра по 100 денари со кои како роденденски подарок ми
го купија скапиот учебник. Се разбира – учебникот потоа беше искористен
како оригинал за фотокопирање, па постоеше и повратна корист.
По неколку месеци следуваше нејзиниот 21-ви роденден, за кој јас ú
подготвив уште поголемо изненадување. Елена очигледно не планираше да го
прослави роденденот на посебен начин, но јас во договор со нејзината
цимерка Јоана одлучивме да организираме журка во изнајмениот стан. Во
договореното време, кон осум часот навечер, во станот пристигнаа гостите;
додека Елена беше испратена од цимерката Јоана до една подалечна аптека за
да купи лекови за смирување на наводните главоболки на цимерката. Кога се
врати станот, беше дочекана со едно големо „Урааа!“, по што започна лудата
роденденска журка, протегнувајќи се дури до полноќ.
Овие настани придонесоа уште повеќе да се зближиме со Елена. При
зачестените дружења, во групата колеги или двајцата насамо, таа ми
испраќаше необични насмевки; а неколкупати ми нагласи дека немала дечко и
дека се чувствувала зрела да започне сериозна врска. Јас не можев да ги
сфатам нејзините сигнали, кои претставуваа отворена еротска покана, но
заради моето љубовно неискуство ми изгледаа како да се неразбирливо
шифрирани. Мојата збунетост од нејзиното додворување најмногу ја забележа
колегата Коле Крстев од Штип, кој студираше на друга студиска насока, но
почесто се дружеше со моите колешки кои беа позгодни. Еднаш Коле ме начека
насамо и ми кажа најдиректно:
– А бре Бошко, зарем не забележуваш како Елена Кузманоска ти се обраќа, ти
се нуди? Фати ја за женска, што чекаш!
– Се срамам... Не сум имал женска претходно, само симпатија...
– „Срам путка не ебе!“, така викаат кај нас! Ако сега не ги разбираш моиве
зборови, ќе ги разбереш наскоро кога друг ќе си ја фати за женска!
Јас неговите зборови не ги сфатив сериозно. Во Скопје дојдов заради
факултетот, а не заради сексот. Елена мојата незаинтересираност ја
интерпретираше како „корпа“, но и натаму не брзаше да си најде друг дечко.
За жал, времето за заедничкото студирање брзаше, на крајот дојде и
апсолвентската вечер. На оваа последна колегијална забава подолго време
игравме заедно, а на паузата „за предишка“ таа ме праша:
– Дали вака расположено ќе играш и на мојата свадба, кога ќе дојде денот
за тоа? Сигурно ќе те поканам, ти ветувам!
– Да, се разбира! – одговорив, а во себе додадов: „Единствено би дошол да
бидам зет на твојата свадба!“
Оттогаш поминаа неколку години. Јас и Елена дипломиравме навреме, а потоа
се вративме секој во својот провинциски град, каде што останавме да чекаме
на долгите списоци на невработени лица. Со Елена Кузманоска продолживме да
комуницираме неколкупати годишно, по телефон или по електронска пошта, а
за Нова Година редовно си разменувавме честитки. Но, последнава година ич
немавме разговарано, а еве за првпат таа беше заборавила да ми напише
новогодишна честитка... Затоа, многу позитивно се изненадив кога ми се
јави на телефон за да ми каже дека се вработила како асистентка, но
многукратно повеќе негативно се изненадив кога на „ловецот“ видов дека
повикувачкиот број на нејзиниот телефон не е „046“ туку – „032“!!!
Тогаш сé ми стана јасно, како бел ден! Елена Кузманоска, благодарение на
високиот просек, се вработила како асистентка на дисперзираните студии што
се отворија во Штип. Таму го нашла Коле Крстев, кој веќе ја познаваше и
веднаш ú пријде да ја освои... Ах, зошто ме излажа кучката, зошто не ме
покани на свадбата – како што ми вети?! Сигурно се плашела дека „ќе почнам
војна“ за неа, како Менелај за својата Елена?!?
Да, Елена беше (и остана!) непозната женска за мене... Но моја, исклучиво
моја беше грешката што не ја запознав, што ја испуштив гулабицата која
сама ми долета в раце!