ноември
е:еленов глигор
gelenov@mt.net.mk
г:години:
32
п:професија/интереси:
Multitasking person
д:досега
објавено:
сè е
објавено на мојот PC
к:карта#1
“На тебе е редот. АЛОО”, силно
дрекна некој од присутните.
“Зошто само мене ме потсетувате кога ќе ми дојде редот”, возвратив
зацрвенет во лицето од љутина, бесот веќе владееше со целото мое битие.
Бев љут на се, сакав со еден потег сите да ги избришам, да не постојат,
најмногу бев љут на самиот себе си што дозволив да се најдам во една таква
деликатна ситуација, целиот живот да ми зависи од една единствена карта.
“Затоа што си целиот замајан, бленеш постојано во една точка и не реагираш
на ништо. Додека човек не те боцне ама онака со силна дрека, имун си на
секоја дразба од надворешноста”, ми возврати еден од присутните кои беше
со неколку карти до мене и кои нестрпливо очекуваше да му дојде редот.
Сигурно неговите карти беа многу добри зошто инаку би бил толку сигурен,
силен во своето однесување.
“Како не, како не”си велам, “добро е, и што е така”, помислив, и продолжив
да бленам нанапред, пред мене, во некоја бесконечна точка. Картата сеуште
ја држев во раката.
Не можев никако да ги одвојам мислите од реалноста, толку лесно бегав во
имагинацијата што не бев никако свесен за тоа. Фикцијата владееше со мене.
Ме обземаше и отуѓуваше од околината. Картата не можев да ја фрлам, ниту
пак да ја искинам, тоа не беше возможно. Единствено можев да ги подсредам
моите мисли, да ги избришам моите стравови, моите фрустрации, моите
сеништа кои постојано ме пратеа.
Пополека во главата почнав да ги бришам елементите што решив да не ги
земам предвид никојпат понатака во своите размислувања. Не знам дури ни
што бараа тука. На ист начин решавам да ги избришам и другите фактори на
мојот неспокој. Непотребни се, излишни. Такви какви што се, извор се само
на проблеми. Во оваа операција на бришење морам да внимавам да ги поштедам
моите ретки пријатни мигови, пријателите, познатите и тие помалку
познатите што никогаш не ми пречеле. Морам да внимавам на моите сакани, на
моите љубени и на моите љубови. Бришењето е лек за се си велам и
продолжувам да бришам.
Решив да ги оставам само спомените кога бев целосно оформено дете,
однадвор и однатре, кога ноќум веќе сонував комплицирани и страшни
соништа, преку ден одев во големи авантури, галопирајќи на дрвено коњче,
со копје со сабја, со штит, кон пустината, непобедлив индиски принц, или
копајќи во нередот на таванот под покривот, пронаоѓајки таинствени канали
кои водеа во тајна просторија со богатството. Кога бев дете, нескротливо и
полно со фантазии. Кога одев во училиште и кога доаѓаше мајка ми да ме
земе, учителката и велеше дека сум прилично добар, и кога таа упатуваше
бескрајна насмевка кон мене. Кога низ подзатворениот прозорец кришум ги
гледав девојките, уживајки во чудниот начин на кој ги движеа колковите, и
мислев на нешта на коишто никогаш порано не сум помислувал и кога за
првпат ги вкусив сочните и меки женски усни.
Но оваа вечер, ненадејно, сам и без да знае мојот универзум, со карта во
своите раце, ја пишувам во неколку реда мојата нова приказна, необременета
со избришаното.
Решив да го напуштам досегашниот начи на игра кој постојано го играв на
иста карта, иако тоа мое однесување придонесе да уживам извесно почитување
и луѓето велеа дека сигурно ќе направам нешто значајно во животот. Во
меѓувреме живеев удостоен од боговите со нивнотот лично присуство. Но
секој момент, секој дел од времето паѓаше како оловна капка во море од
едноличност и апатија коешто ме опкружуваше. Фрустрираната атмосвера се
ширеше во концентрични бранови, ширејќи се се повеќе по населените
простори и подалеку, се додека со див удар не удреа во моето срце и моите
мисли, во тие мрачни гребени. Сакав да направам нешто што ќе блеска чисто
и недопрено со векови, за навек.
Ја држам картата и правам долгорочни планови имам уште доста години си
велам. Но зошто господи? Зошто морам да ја играм оваа игра, кога само што
се појавив на овој свет, само што беа поделени картите, одвај имав време
да се свртам околу себе, а ветрот веќе ме носи. И сега пред овој одлучен
момент со мојата карта в рака, сум убеден дека тука успеав се да направам
што може да се направи.
к:карта#2
Уште една карта и уште еден
скок, до кој било самрак само не во овој. Значи денес. Сега. Фрли ја
картата. Денот беше убав, фала му на господа. Заработката, зошто да
кријам, сакам практично да се удвои, утрои да се помножи со десет, сто.
Да господа, ја затварам вратата позади мене, го гасам светлото, минувам
низ ходникот во кој се чувствува мирис на преголемо присуство на очајни
луѓе, секогаш е така си велам, исти работи, исти миризби, исто таинствено
чкрипење, сето тоа се случуваше постојано и кога одев на спиење и пред
една и пред пет години.
Коцката е фрлена, постојано си велев, а картата сеуште ја држев во својата
испотена рака. Не можев да го направам никако решавачкиот чекор и да ја
положам картата пред мене, каде човекот спроти мене со љубезен поглед ја
очекуваше. Колку тој беше пољубезен, толку другите околу мене беа по
нестрпливи, а јас по нерешителен.
Тогаш сетив. Вербата ме напушти. Само што умре во мене. Крајно време беше.
Човештината и човечноста не ме интересираа повеќе. Другарството и животот
се само една обична коцка. Само господ знае што е среќа. Секој оној што ќе
се роди ќе биде жртва или крадец.
Првиот замав на коцката, заедно со среќата господ ги дели и картите.
Новороденчето го зема она што господ ќе му го додели. Залудни се сите
желби. Такви карти сите добиваат и мораат, сакале или не, да играат, иако
некои се грбави или прави, болни или здрави, празноглави или бистри. Нема
правда. Картите кои ги добиваат ги ставаат во редот на жртвите. Добри
карти добиваат само неколкумина кои добиваат можност да бидат крадци.
Отстранувањето на тие карти се вика живот, жива мешаница од играчи.
Карташката маса е земја. Целата земја во големи или мали парчиња, од лебот
па се до луксузните вили и автомобили, сето тоа е добивка. На крајот на
краиштата и среќните со добрите карти, и несреќните со лошите карти
умираат за навек. Тешко им е на глупавите бедници, бидеиќи тие од самиот
почеток се осудени на загуби, меѓутоа, колку подобро ги запознавав
другите, посреќните добитници, толку повеќе ми се чинеше дека и тие не
можат кој знае колку да се пофалат. И нив ги чека смрт, а животот и покрај
сите благодети не им е баш многу добар и среден.
Животот е животинска борба – посилните ги газат послабите. Секојдневно се
сретнувам со малкуте среќни луѓе. Тоа се воглавном глупави страдалници кои
‘рмбаат, а не ги берат плодовите од својата работа. Сите и среќните и
несреќните само ги исфрлаат картите што им се дадени, а среќата тоа
чудовиште и тајно блажество, господар на сето тоа, само не набљудува и ни
се потсмевнува.
Нема правилност во тоа делење. Малите луѓе кога ќе дојдат на овој свет,
никој не ги прашува дали сакаат да го пробаат овој свет. Немаат избор.
Случајноста ги фрла во животот, ги турка, а онаа мешаница околу масата,
таинствено им наредува:
“Сега играјте проклетници, играјте! Картите се поделени, Вие сте на масата
сега ИГРАЈТЕ”. А тие страдалници, даваат се од себе. Една игра ги води кон
палатите и јахтите, друга во лудниците или во поправните домови. Некои
непрекинливо играат на една иста карта како јас досега, живејќи во надеж
дека на крајот од животот ќе заработат за лажни заби или мртовечки
сандаци. Некои набрзо ја напуштаат играта , бидеиќи ги извлекле картите
што ќе им досадуваат и ќе ги водат во насилна смрт. Некому картите му
донесуваат кралски стол и неодговорна и незаслужна моќ, неискажано
богатство но и пропаст и самотен живот.
Што се однесува до мене , ги пробав сите варијанти па дури и финтата со
постојаното играње на иста карта. Истата карта беше најпогубното за мене.
Најлошата варијанта. Сега бев решен да го променам тоа. Знам дека ја
извлеков среќната карта иако сеушт ја немам видено. Таа беше мојата надеж
и мојата иднина. Исто така знам дека не ми останува ништо друго туку да ја
фрлам таа проклета карта што ја држам во мојата рака. Во неа се состои
мојата борба. Среќата само се појавува и се потсмевнува, и нема врска со
таа борба.
“Ајде бе морон еден тебе ти е редот”, ме прекина во размислувањето еден од
погрлатите гласови, кои зуеја околу мене.
Замавнав со раката, силно и ја фрлив мојата карта пред мене на пултот.
Картата немаше никаква ознака, не беше ни шарена, чудно немаше дури ни
никаква бројка, само некои црни букви на латинско писмо. Не знаев каква
карта е тоа, но знам дека беше само карта за во еден правец.
“Пријатен лет господине”, се јави љубезната силуета од другата страна на
пултот. Ми упати една утешно љубезна насмевка, мојата карта чекирана на
која имаше закачено некаков комерцијален памфлет со минијатурна географска
карта на новата земја, мојата нова крајна дестинација. Ги стегнав цврсто
во мојата испотена рака и зачекорив понатаму.
Се надевам дека не гршам во мојата одлука, зошто очекувам животот да ми го
подари тоа што самиот јас сакам да го пронајдам во себе. Сакам мојот живот
да има некаква смисла и знам дека има толку смисла колку што јас сум во
состојба да му ја дадам. Знам дека не сум совршен и не можам да го
направам тоа сам. Барам одговор на ова прашање постојано а на крај секогаш
доаѓам до истиот заклучок – смислата на мојот живот е само во љубовта,
колку што сум способенда да сакам, толку мојот живот ќе има смисла. А
картата е само карта како и многу други работи кои што не опкружуваат.
ќ:ќерка
Мажите постојано имаат желба да
пишуваат и зборуваат за жените, речиси секогаш се преставуваат како
непознати заводници и развратници. Забораваат тие големи познавачи на
љубовните вештини и на уметноста на заведувањето дека им недостига
херојски аспект, пред се им недостига онаа херојска атмосвера на осаменост
и трагична маргинализација во едно општество, работи без кои не може да се
замисли еден гениј.
Писателите се пред се личности на кои ништо не им се случува. Види, во
мојот живот ми се случиле илјада работи за кои би можело да се пишува.
Секогаш си мислам штета што вакво нешто не му се случува на еден писател,
барем би останала некоја трага.
Ме мачеа вакви размислувања додека стоев на крајот од полутемниот ходник.
Одамна веќе беше поминато глувото доба. Се повеќе бев нервозен и осеќав
некој внатрешен немир од дејствието кои во тој момент се одвиваше и од
очекуваниот исход кои претстоеше.
“Ве молам господине, бидете потивки и по смирени”, ми се обрати со силен
шепот една од многуте жени во бело кои се движеа постојано околу мене. Не
знам што правеа како мравки беа, итаа само натаму наваму. Сигурно сум бил
прегласен во воздишките и во чекорите од еден до друг ѕид во тесниот
ходник. Треба да се потприберам малку, помислив.
“Извинете во ред е, нема да се повтори”, возвратив со шепот прекорувајќи
се самиот себеси за својата немарност.
Сфатив дека радостите кои ми го исполнуваа дотогаш животот ми стануваа се
повеќе туѓи, се губеа во се погустата животна магла.
Се чувствував осамен и одделен од животот не по своја волја. Изминатите
години инстинктивно се обидував со учење и знаење да ја пополнам таа
бездна што се создаде меѓу мене и мојот живот.
Колку само беше тежок овој момент на исчекување. Зошто мораше да биде така
во животот. Сето она што толку го посакуваш да мораш толку долго да чекаш.
И колку повеќе нешто посакуваш толку подолго си во чекалната, долгиот
полутемен ходник.
Во мислите го прелистував својот живот. Животот го сфаќав како нешто
условено и ограничено, со тоа сознание во мене се разбуди една желба што
ми беше напозната до скоро, имено колку што е можно да направам нешто
добро и убаво од него. Од мојот живот. Верувам дека сите луѓе имаат слично
искуство, но јас за тоа зборувам како за нешто сосема лично затоа што така
го доживеав.
Незадоволен и измачуван од желбата да постигнам нешто недостижно, следните
неколку години бев многу активен, но и многу недоследен, во мене гореше
непознат копнеж. За тоа време се покажа дека природата е поумна од мене и
таа придонесе да се извлечам од таа мачна и загадочна состојба. Еден ден
сватив дека сум вљубен и дека бездната меѓу мене и животот веќе не постои,
дека сме меѓусебно поврзани поцврсто од кога и да е.
Одтогаш во мојот живот имаше и порадосни и поубави денови, но веќе ги
немаше оние недели и месеци исполнети со топлина и емоции.
Љубовта требаше да се гаи, не беше тоа онаква филмска љубов, за неа
требаше да се бориш, за неа требаше да страдаш, ако сакаш истата да ти
возврати. Тоа беше онака господовски кажано секому според заслугите. Колку
што можев се обидував да ја заслужам својата љубов и својата љубена.
Денеска чекав одговор, награда, НЕ, чекав само нова форма на љубовта
дотогаш за мене не позната, туѓа, не знаев ни како да размислувам за неа.
Моето немирно истражување во животот и таа форма на љубовта заврши. Моите
сетила беа изменети, беа поостри и поживи, пред се очите. Сега на светот
гледав поинаку отколку порано. Гледав повеќе светлина, повеќе бои, како
некој уметник, самото гледање ме исполнуваше со радост.
Се што ме опкружуваше ми беше мило и имаше по нешто да ми каже, немаше на
светот ништо мртво, ништо безполезно. Ова чувство никогаш не ме напушти,
но не беше секогаш толку силно и толку постојано. Да го преживеам сето тоа
уште еднаш, да го присвојам и да го сочувам, тоа е мојата претстава за
среќа. Тоа го посакував неизмерно,без разлика во каква форма ќе се појави
сето тоа.
Осаменоста, бездната која постоеше помеѓу мене и животот, ја чувствувам
како некое замрзнато езеро околу мене, го чувствувам срамот и лудоста на
овој живот, ја чувствувам болката за поминатото време, која пламти во
мене. Ме боли , навистина, но тоа сепак е болка, срам, сепак измачување,
тоа е живот, мислење, свест.
“Господине”, сега гласот не беше шепотен, некако одлучен, силен, глас кој
навестуваше да соопшти нешто што ќе го прекинеше моето исчекување.
Се завртев кон правецот од каде што доаѓаше гласот, здивот го запрев, не
трепкав, ги отфрлив сите дразби кои дотогаш ги впивав и ми го нарушуваа
исчекувањето и чекав, повторно чекав да го слушнам тоа што сакав да го
слушнам.
“Господине, честито, станавте татко, добивте прекрасна ќерка”, се
избезумив, се изгубив, очите ми се наполнија со радост, срцето забрзано
почна да чука, дишењето беше толку забрзано што почнав да ја губам
рамнотежата. Новата форма на љубовта се појави, само што почнав да чекорам
во новата временска димензија.
Од тоа време, до ден денес, додека го пишувам ова, јас всушност, постојано
сум вљубен. Од сето тоа што го осознав, ништо не ми изгледаше толку отмено
и силно, толку радосно и пријатно колку што е љубовта татковска, кон
својата ќерка.
Моите чувства созреаја, се распламтеа, не успеав да ги потиснам. Сега
знаев дека пред да почнам да мислам на што и да е друго , морав повторно
да го видам моето мило девојче.
Не треба да ме плаши да му кажам збогум на мојот спокоен живот и својата
судбина да ја насочам кон водната струја. И покрај тоа што дотогаш имав
намера сам да одам по својот пат, повеќе како набљудувач отколку како
учесник, се чинеше дека една сериозна случка како оваа ќе реши поинаку.
Животот добива нова патека.
Искуството ме учи дека ниеден однос, ниедно пријателство, ниедно чувство,
ниедна љубов не може да опстане ако во него не внесеме крв од нашата крв,
љубов, заедништво, жртви и борби.
Љубовта претставува почеток на секоја уметност, вредноста на едно дело
зависи од уметникот, односно од неговата способност да сака. Мојата ќерка
е тајна на мудроста на сите времиња. Ме учи дека секоја љубезност и давање
ме збогатува. Мојата татковска љубов има моќ да го приближува тоа што е
оддалечено и да го составува тоа што е различно. Го совладува времето
бидеиќи се става во своето средиште. Само таа обезбедува сигурност, само
таа секогаш е во право бидеиќи тоа не и цел.
д:девојката со
копир машините #1
Човекот си создава чудесни
приказни, тоа е така и може со години да живее верувајќи во нив, не е
важно колку се луди и неверојатни, ги носи во себе постојано. Таквите
нешта можат дури да го направат среќен. Потоа еден ден одеднаш нешто ќе се
скрши во срцето на измислениот механизам, КРЦ, без никаква причина,
одеднаш нешто се крши и ти остануваш стаписан, не сваќајќи зашто
фантастичната приказна ја нема веќе во себе, туку напред, како да е лудило
на некој друг, а тој другиот си ти.
Мојата чудесна приказна почнува една вечер кога одам на спиење, се
вовлекувам во креветот и кога сакам да ја изгаснам ламбата, гледам како се
отвора вратата и како влегува една девојка. Мислев дека е прислужник,
такво нешто. Меѓутоа, таа ми се доближува и ми вели: “Има ли нешто што
сакате да го сонувате ноќеска господине”. Со тие зборови. А јас
велам:”Девојката од копирницата”.
Беше после пладне. Бев толку мрзоволен што не знаев што да правам со себе.
Викендот беше пред мене, а го изгубив исчекувањето за викенд после првата
година од љубовната врска во која влетав не надејно. Во раката држев едни
документи за кои девојката ми нареди.
“Оди направи копија и завери ги на нотар”. Одамна бев помирен со моето
машко его. За мир во главата и за спокој во вршењето на моите задоволства,
бев многу прагматичен. Прифаќав скоро се без исклучок, гледав секоја желба
на мојата љубена да ја спроведам доследно за да можам на раат да терам
некој свој ќеиф. Знаеш покорен слуга секогаш има по некоја привилегија,
така и јас.
Влегувам во копирницата, бели ѕидови, неонско светло, загреани копир
машини и една девојка со волшебна насмевка. Ме плени, прво насмевката а
потоа и самата девојка.
“Повелете Господине”, се насмевна, “Што можам да сторам за вас”.
Ме сардисаа рој мисли, што можеш да сториш за мене, ех помислив само да
знаеш што се можеш да сториш за мене, како прво можеш да ме избавиш од
мојата машка беда, а потоа можеш да го вратиш моето машко его и за крај да
ме внесеш во некој филм. Добро е што не го кажав тоа што го мислев, зошто
не знаев каква реакција може сето тоа да предизвика кај неа.
“Извинете колку Ви е копирање”, прашав небаре ќе копирам некој којзнае
колку листови, а не само еден беден документ. И требаше на девојка ми,
поднесуваше некакви документи за незнам каде. Не го подадов документот за
копирање. Збунет бев.Не знаев дали таа насмевка беше постојана или затоа
што јас влегов во копирницата а не можев да се уверам затоа што за цело
врме никој не влезе во копирницата.
“Два денари лист”
“Благодарам многу”, возвратив.
Излегов од копирницата, како дамлосан, поцрвенет како шеснаест годишен
копиљ. Човече ама девојче, баш ми го разубави денов и онака беше тапа.
Тргнав накај дома, а во главата ја имав малата од копирницата. Малата, па
и не може да се каже така не беше сигурно повеќе од пет шест години помала
од мене. Толку беше.
Завлегував пополека во средните години и имав потреба да си ја докажувам
сеуште мојата машкост. Не, грешите, машкоста не ја докажував така како што
си помисливте од прва, машкоста ја докажував со освојувањето на жената.
Тие ми се најдрагите и највозбудливите моменти од моите љубови. Самото
освојување на жената, освојувањето на нејзиното срце. После толку години
заеднички живот со мојата сегашна љубов чудно е како токму тој момент ми е
најсвеж во главата, сето друго пополека бледнее. Сеуште сосема добро се
сеќавам колку требаше да помине време и што се не направив за да ја
освојам нејзината наклонетост. Супер беше.
Чудно, потребата од тоа чувство пополека ми се врати. Го немаше беше негде
изгубено, далеку потиснато во мене, но ете го повторно ми се врати и тоа
кога најмалку очекував, баш сега во оваа квечерина.
Дојдов дома замајан целиот, прекорен од мојата љубена како тоа сум
заборавил да го ископирам документот кога пет пати ми повторила.
“Па што да правам” и реков, “Имав страшно лош ден, заборавив”, се правдав
како прво оделенче.
Вечерта си легнав, а во главата уште ми беше девојката од копирницата. Ја
зациментирав нејзината насмевка во главата и задоволен заспав како јагне.
Не препорачувам да се лаже. Освен во одредени околности. Лагата не штити
сите. Важните работи продолжуваат. Добрина е да се лаже. Светот без лага е
невозможен, светот во кој лагата не се осудува исто така е невозможен. За
жал со помош на лагата се чувствуваме семоќни. Ја излажав таа вечер мојата
љубена.
д:девојката со
копир машините #2
Сонот беше толку цврст, што се
успав за на работа. Девојка ми, која секогаш пред мене оди на работа па
дури и во сабота, а јас секоја втора, ми оставила доручек на маса и едно
кратко писменце:
“Смисли кај ќе одиме вечер, сакам да ме изненадиш.”
Бљааккк, кај ќе одиме, во копирница помислив онака подбивно. И тогаш ми
светна нешто во главата. “Па да”, се средив малку, се облеков, се јавив на
работа дека нешто не ми е добро, настинка, ова она и правец во копирница
на копирање.
Книгите од студиите не ги чував дома, стручната литература беше целата
архивирана и спастрена во кутии во мојата визба, немав намера да ја вадам,
па земав една книга, што знам некоја бљувотина што ја читаше девојка ми,
читаше некои љубовни новели, ја однесов токму таа книга да ја копирам кај
истата онаа девојка од вчера.
Влегувам во копирницата, истата девојка, со истата насмевка, сега уште
повеќе блескаше од вчера, на дневното светло беше некако по грациозна, по
привлечна, по возбудлива, во нешто тесно од што градите и набрекнуваа и се
нишаа во ритам со колковите. СТРАВА БЕШЕ. Јас сум за страст, фриволност,
детски задоволства, адолесцентски извик. Сакав уште да ја гледам, но
нејзиниот глас ја прекина мојата подложност на илузија.
“Повелете.”
“Сакам да направам една копија од книгава ве молам”,
“Се разбира нема проблем, за кога сакате да биде готова”
“Па не знам, за кога можете најбрзо, зошто треба и нешто друго да копирам”
“Па за утре, зошто пред вас беа петорица, и за чудо сите сакаат да ја
копираат токму оваа книга, погледнете веќе имам пет примероци од неа. Не
знам зошто е популарна оваа книга толку многу.За што се работи во книгава
мора да е многу интересна, кога ги прашував претходните, тие кој ја
донесоа книгата пред вас речиси без исклучок добивав одговор дека не знаат
и дека книгата е на нивната сестра. Можеби вие знаете нешто повеќе да ми
кажете”
Ме блокираше ова, не знаев што да кажам, се стаписав.
“Каква коинциденција, возвратив, токму затоа и сум тука, книгата е на
сестра ми и таа ме замоли да направам копија од книгата, а за што се
работи во оваа книга и за што воопшто и треба копија не знам да Ви кажам”.
Повторно излажав во интерес на вистината. Знаев дека кажувањето на
вистината е основна вредност, но се додека не се судри со уште една
основна вредност, ЗАДОВОЛСТВОТО, и тука очигледно настанува конфликт.
“Добро, утре кога ќе дојдете да ја подигнете копијата Ве молам прашајте ја
Вашата сестра и
кажете ми, многу сум љубопитна, ова досега ми се нема случено откога
работам тука ”.
Истрчав надвор, љут и нервозен, па дали е можно си Велам, сега веќе е
тешка ситуација, петорица пред мене. Е нема да може, си викам.
Наредниот ден, не и донесов никаков одговор, но затоа донесов цели томови
книги од Толстој од Шолохов, Ремарк, од кој ти не капиталец, на времето
моите што ги купувале томови книги за во витрина, на метар, преку
синдикат, и реков “сакам копија од нив”. Сигурен бев дека нема истите оние
петорица да донесат толку книги за копирање, ма знаев дека нема шанси да
бидат толку големи будали.
Во право бев, “Вие сте прв кој побарал Вакво нешто од мене”, ми рече низ
насмевка девојката од копирницата.
После тој ден само носев книги и книги на копирање, се копирав што беше
хартија и што беше пишувано, дури и книгите така грижливо спакувани од
времето на моите студии ги распакував од кутиите во визбата и ги однесов
на копирање. Сите. Топ тан.
Забегав, ама морав да ја видам девојката со копир машините, морав да ја
видам нејзината насмевка, морав да го освојам нејзиното срце. Сите сакаме
љубов ама не сакаме да се загубиме себеси. Јас се изгубив тотално. Носев
на копирање се живо и диво а девојката копираше ли копираше. Понекогаш
останував да ја гледам додека копира под најразлични изговори зошто седам
додека она работи. На пример дека ми се брза и одма треба да ја земам
копираната книга, па дека сум излезен на пола саат од работа и дека немам
кај да одам пошто надвор врне, па до тоа дека сакам да отворам и јас
бизнис со копирање пошто многу ми треба и работата ми зависи од тоа. Лага
во интерес на задоволството.
Наредниот ден мојата љубена ми запрети, “ако вечер не излеземе и не ме
одведеш на некое романтично место и ако не прекинеш да буљиш во тоа
книгите што ки купуваш и копираш да знаеш дека ќе те оставам”.
Се исплашив, решив да ја послушам и да ја исполнам оваа нејзина
наредба.Повторно дојде до израз мојот талент за прагматичност. Нека мирува
мојата страст за девојката од копирницата и моето копирање.
Седнавме во еден прекрасен ресторан со тивка музика, имаше апсолутно
пријатна атмосвера, сите погодности за една романтична вечер.Но не и за
мене. Посакав да шетаме малку на убавото есенско време. Се шетавме заедно,
задлабочени во мислите. Заборавам кој бевме, кај бевме па дури и кога
беше. Потоа таа се доближи, ми ја помилува косата и ме фати за раката.
Знам дека ми ја држеше раката и тивко ми зборуваше.
“Конечно да те видам надвор од тоа купиштата хартии и книги”
“Да“, возвратив.
“Се сеќаваш ли колку беше будалест порано, што се не направи за да ме
освоиш. Додека работев во онаа копирница како студентка, колку само мажи
наминуваа и ме посакуваа оставајќи ми разно разни глупости за копирање.
Ама само ти беше вреден, само ти беше доследен и упорен, и ако ја отфрлам
онаа глупост кога ми ги донесе еден ден за копирање оние глупи томови ти
беше најшармантен.”
Одеднаш имав чувство дека се е како што треба и ништо не може да и се
додаде на оваа среќа и исполнетост. Ова е се што постои, и се што може да
биде. Најдоброто од се, се беше насобрало во овој момент. Ова е сигурно
љубов, сето друго е само бледа копија”.