2007:октомври/ноември
општ
конкурс
т:трајковиќ немања
г:години:18
п:професија/интереси:
Ученик сум во СУГС Георги Димитров, ме интересира филозофија, музика (најмногу
jazz и blues), цртање и сликање, јазици (и латинскиот ми се допаѓа многу)
и уметност (било каква) :)))
д:досега
немам ништо објавено (за жал), ама сум бил по доста натпревари за цртање.
Имам и една награда, II место на градски натпревар!! :)))
trj_neno@yahoo.com
б:бисерот во
црната школка
Длабок црн сад од црна судбина,
црни тајни чува во себе, а во овој момент заборавен и сив, бестражен во
некој агол на еонот, во својот темен центар, една точка светлина открива,
забележлива само уште едвај.
Покрај оганчето кое уште се мачи да гори, седи девојка или кој знае што и
оној ист сплински израз, мермерен и тажен од безнадеж, по нејзиното убаво
лице се вие. Но тој што ја нагрди од месо и крв не е, зошто судбата сама
ја донесе до оваа темна дупка од црно стакло да í покаже кој е посилен.
Убава е, но кој би знаел. Убавината нејзина, заробена во тој затвор на
грдите алишта и гнасотиите што ја покриваат, трае и сјае само одвнатре.
Седи и размислува. Ја проколнува судбината што вака ја сотре, но и ја
благословува што воопшто во живот ја остави и што í дарува уште еден миг
на онаа светла точка во црнилото да посјае.
Оној костум од месо и кожа кој природата í го беше дала сега е истрошен и
бескорисен, но оној светол центар што Тој í го подари, тлее во длабините
сеуште.
Оганчето одамна се изгасна во центарот на садот, но во длабочините каде
што таа седи до него, сеуште нешто свети. Па да, она оганче не беше ни
доволно силно да го пробие мракот на црното стакло, но нешто и тогаш
светеше во темнината.
Од очите нејзини доаѓа таа светлост, духовна и идеална, но посилна од сé
опипливо, вечна и прекрасна, никому равна, посебна и божествена, дар и
здив вметнат во еден момент, во оној робот од хемикалии кој природата беше
почнала да го гради за неа девет месеци пред да се роди, со кој таа би си
го остварила својот значај и својата улога би ја одиграла совесно и
квалитетно; својата улога да биде мета на бездушната болка која овој свет
врз неа ќе ја урива додека е жива, како и врз сите нејзини браќа и сестри
по крв, злодело кое ја скапува нејзината маска од клетки, но по некое чудо
за кое сме бескрајно благодарни, сега, кога знаеме; не ја допира онаа
светлост во центарот на црнилото, онаа трошка светла надеж која никој не
може да ја одземе,
Го сфати таа ова. Иако беше толку нагрдена и валкана и иако секоја пора ја
болеше до бесвест, таа оној сплински израз на душевна тага сега го замени
со спокој и среќа која не може просто да се одглуми.
Така таа ќе седи, сé додека времето и судбината не í го истрошат и
последното ковче од нејзиното смртно тело и ја сотрат до заборав нејзината
земска слика. Но таа не се грижи, зашто знае дека онаа ситна тлеечка
светлина ќе остане и покрај тоа и ќе ја распарува онаа темнина на еонот
засекогаш, а тоа ни времето, ни судбината, ни придодата не можат да го
земат.
в:вистината,
длабоко под плитката површина
Бледеат. Сите оние нешта кои ги
сметав за недопирливи, почнаа да бледеат од мене. Сите оние драгоцености
што ги чував, мали зраци на најблагодарна есенција што пловеа во сивилото,
се материјализираа и го напуштија својот златен сеф засекогаш.
Кон што се стреми сето ова кога нештата на кои најсигурно можеме да се
потпреме, побегнат од нас како што божественото светло се врти и менува.
Поради која причина никнуваме од ништо, кога бродовите создадени од нас
само за нас, нештата кои и вие ги сметавте за недопирливи, кога сите оние
нешта за кои верувате дека постојат само за вас, безмилосно ве предадат и
ве остават да се потпрете на нивните близнаци по значај кои настапуваат
откако нивното време е очигледно потрошено, иако сите мислат дека немаат
“рок на траење” само поради нивната апстрактност.
Предавниците не измамија. Не напуштија и не оставија без трошка надеж. Кон
што се стреми сето ова?! Што да прави со себе еден човек во оваа
безмилосна вселена кога нештата кои ги смета за апсолутно приватни,
избледат од неговото тело и дух како песокот од древните дини движен од
ветрот?!
Но постои смисол - дури и на песокот му е потребен ветерот да го понесе.
Тогаш, што ги носи нашите мисли во заборав, во празнината каде што секој
човек е празен странец без надеж?! Духот е нешто повеќе од само крв и
месо. Ако тој може да биде потрошен како времето што ни е дадено, нам, на
смртниците на овој свет, тогаш немаме кон што повеќе да целиме. Ако
божествениот дел на Земјата е материјален како самата земја, тогаш сме
изгубени во темната и студена празнина на вистината.
Но “надежта” не би била “надеж” доколку попушта под притисок. Не би била
наш последен излез во мрачни времиња ако не би била во можност да ја
потури светлоста на довербата дури и во најтемните црнила на човековата
неспособност да го сфати своето постоење. Сеуште не сме проникнале во
вистинската вистина понатаму од онаа површната, не сме го осетиле
“мирисот” на нашата смисла, не сме погледнале наоколу додека плачеме над
сопствените ментални пречки и не сме го погледнале Великиот План во очите.
Сеуште не сме сфатиле дека убавината на сето тоа лежи токму во неговата
комплексност и невозможност да се разбере!
Прекрасна таписерија од златни бои, божествена уметност на Земјата, а
Раката протегната во целата своја моќ. Единствена нишка од таписеријата,
иако свети во прекрасна златна боја на Сонцето, никогаш не може да ја
увиди сопствената смисла во прекрасниот дизајн на целата таписерија. Еден
самотник никогаш не може да ја согледа сопствената смисла преку
сопствените очи. Погледнете го своето постоење одозгора, во склад со
целината, низ Небесните Очи, па доколку сте вредни за тоа ќе се приметите
и себеси во “таписеријата” и ќе ја согледате смислата и на сопствениот
живот.
Сепак, тие сеуште бледеат. Нештата кои сите ги сметавме за недопирливи,
испаруваат од нас како утринската роса од цветовите. Нашите мисли се губат
со времето, но зборот за нив останува со нашите деца. Меморијата лета како
што годините се нижат, но сеќавањето на меморијата останува, бескраен
одраз, ланец од древна мудрост прикачен за самиот почеток на времето,
поток од бескрајна “материја” која проаѓа низ сите нас и продира месо и
дух, трета материја, непобедлива и вечна, за која сите сме врзани.
Мали фрагменти на доказ за Стварањето кои придонесуваат кон се наоколу со
самото тоа што си ги живеат своите животи незапознаени со божествените
права кои им се поверени, само потпомагачи на постоењето на Вишето Добро
на кое е се сврзано пак, исто како што и Единствениот е самиот сврзан со
сето останато.
Животот нека се одвива со големо задоволство, а вие трудете се да дадете
се најдобро од себе и никогаш не пропуштајте шанса да се збогатите со било
каква мудрост која можете да ја “абсорбирате”, бидејќи секој поминат
момент е само капка мудрост додадена во морето на животното искуство.