т:темплум  


2007:октомври/ноември
општ конкурс


r:rist in


г
:години:27





 

с:ситуацијата Вардар

Пак на Вардар. Да, и тоа е потполно океј. Не знам, навистина не знам поинаку, па затоа ќе ви раскажам збор-два за тоа како почна целава Вардар ситуација.
Беа ефтини, затоа. И јаки. Тоа е се'. Можам да насетам дека сте незадоволни, дека ви се потребни повеќе информации. По ѓаволите, забележувам дека мене прстите веќе ме вовлекуваат во тастатурата. Дека сум подготвен за нов потоп. Не знам дали потоп е вистински, но дефинитивно е добар, солиден збор. Не ги сакам апокалиптичните контексти што вообичаено му се лепат - за потоп повеќе, т.е, единствено сакам да размислувам како за збор што носи невоља. Токму тоа: не-во-ља. Се разбира дека невољи има секој ден, а ако денот е Божји потопот следи како логичен (и)збор. Не давајте да ве дефокусира оваа синтаксичка замка, оваа измаглица која се спушта пред вашиот поглед. Намерно велам поглед зошто очите, сами по себе, не се доволни. Тие гледаат, да, но не мора да апсолвираат. Погледот не прави утка. Погледот видел, додека очите само набљудуваат.
Е, сега; Вардар x 33 e далеку подобро од Бренд x 38, плус Бренд на парче се продава за 3.33. Можете да ја разберете кражбата? Барем од око. Се разбира дека не мора да разбирате билошто. Кога пишувам, не очекувам да ме разберете, не сакам, затоашто кога пишувам Ти пишувам тебе. 1. И. Сосема. Доволно. Сепак, да бидеме искрени, барем кога сме сами, секому е проклето потребно тоа парче гордост поради фактот дека е (про)читан. Нешто како цигара после секс, а? Ни говор. Лош секс - скоро секогаш. Лоша цигара - скоро никогаш. (Добар текст - др. тема.)
Пак на 0. Невозможно, дури глупост. Ве уверувам дека тука некаде се наоѓа барем уште една цигара. Вардар. Но, пазете, НО. Но, значи, што ни соопштува овој факт - една цигара? Една цигара, па што? Тоа, само по себе, не кажува ама баш ништо! Една цигара пред спиење е сосема доволна. Една цигара по досаден состанок е награда. Се' е релативно, пријатели, и се' зависи од тоа колку сум Јас расположен да го опсервирам потопот. Видовте?! Напишав опсервирам, наместо истражувам, на пр. Не е дека се прашувам кој би бил вашиот избор, ниту дека вие воопшто се прашувате за билошто, но би сакал да знам, до чувство на жестока љубопитност, сакам да знам: дали вие би можеле да кажете што пиев денес во 22:11? Мислите дека жестока е случаен избор? Нема да ви одговорам. Писателот е деспот, драги мои. Тиранин. А, како поинаку?
Барем уште една цигара. Не е ли тоа тажно? Еве една, уште потажна: барам уште една цигара. Вистинска невоља, не ви кажав ли веќе? По ѓаволите 3.33, или 00:37 (не баш небитен податок, но писателот понекогаш сака да се расфрла, а кога еден господин одлучил да ви даде шанса, тоа треба да се искористи, иако не мора и да се почитува), тагата не е заебанција!
На пр., тажно е што Вардарот гори многу брзо, додека факт е дека еден Бренд, пред неколку дена, пушев цели 9мин. Како што, веројатно, забележувате тагата скоро секогаш се врзува за фактите. Ниту ова, бидете сигурни, не е некаква заебанција. Сепак, би можела и да биде кога фактите понекогаш ќе успеат да предизвикаат некое друго чувство освен чувството на тага, иако упорно завршуваат во неа. 9, цели 9мин., еј! Да не ти се верува, сигурно сум спиел со цигара в рака, или сл.
Проклета тага. Впрочем, какво е тоа име: Бренд? Или: Кечап? Универзален маргарин Кристал - е, тоа е име. Што значи: Зденка? Топено сирење?! Е, па - ако е топено, и ако е сирење, зошто во својот состав нема ниту мг. сирење, а? + смесава се нарекува зденка. Навистина тажно. Но, пазете, уште едно НО. Но, сега, дали се ова апсурди? Никако! Зошто?! Затоашто, драги мои, ако се еден писател никогаш не би се занимавал со нив. Напротив?! Напротив.
А, со што, убаво ме молите, се занимава 1 писател? 38-33=5. 30x5=150. 150x2=300. 300:33=околу 9, да не речам ШТЕКА. Ете со што.
Е, сега - 180 цигари Вардар не се воопшто лоша тема. Дури напротив, станува збор за исклучителна тема.
А, зошто, убаво ме молите, темава е исклучителна? Затоашто, на прв поглед, сугерира благосостојба. Крај на невољите. А, потоа одеднаш се среќаваме со еден куп цигари што чекаат да завршат како пикавци во отпад и тоа е отприлика се'. Ништо значајно?! Ах, деца, вие мали наивни деца, како да ви објаснам дека вистинската инспирација на еден автор најчесто доаѓа од очигледните и тривијални темати што кај медиокритетот, на пр., предизвикуваат резигнација и гадење?
Земете го за пр. господинот Мазев кој со индигнација одбиваше да слика мртва природа, додека сега и самиот е мртов. Уште еден апсурд?! Па, сега. Апсурдот никогаш не би ја прифатил индолентната позиција дека е апсурден, вие воопшто не се прашувате, а за секој литерат, кој држи до својот авторитет, ваквите дилеми се само глупаво искушение да го испорача своето бесценето мислење по секоја цена. Нели? Уште едно отворено прашање?! Ах, деца, вие мали непоправливи битија - нека ви биде.






 

с:случајот Ристин

Кој е Ристин? Верувале или не, одговорот на оваа навидум исконска егзистенцијална дилема е многу прост - јас сум Ристин.
А, кои сте вие? Погодувате, вие не сте Ристин. А зошто, убаво ме молите?! Затоа што секоја одлука, добра или не, едноставно мора да биде прифатена.
Е, сега и јас би се обидел да погодувам - напиздени, вие одлучувате да изготвите амандмани. Па сега, тоа не е така лоша идеја, но јас утре не работам. Ќе почекате?! Чекајте, пријатели, и онака нема што друго да се прави. Гледате како ја проширувам темата? Скоро занаетчиски, нели?
Океј, ќе отворам, но нема да работам. Знам, знам - звучи како лош компромис, така? Сосема прецизно, но лош или не, компромисот секогаш изгледа како шанса, а шанса не се одбива никогаш. Писателот е монструм, но ова, се разбира, веќе ви беше соопштено.
Океј, ќе работам, но нема да отворам. Забележувате? 2 компромиса во 2 реченици, а веќе сум подготвен и на трет.
Но, да одиме по ред, океј? Прашањево е реторичко иако ! немаше, но ниту еден примерен член на ДПМ нема да ви признае дека направил граматичка грешка. Од друга страна Јас иако не сум член на ДПМ, на отсуството на !- от не гледам како на грешка, туку повеќе како на шанса, а Јас, за разлика од вас (римава не е воопшто рима, туку повеќе случајно дисперзирана лирска нишка на еден литерат), ги користам своите шанси. Каква шанса?! Шанса да напишам ДПМ.
Што да се прави - ЛУД сум по екипава, особено откако министерството им одобри нов штанд за ресенски јаболка. 16.000.000Е прилив не е шега. 19.000.000ден. одлив, од друга страна е се' освен шега, но добриот хумор е толку значаен за здравјето на една нација, што место за понатамошни негодувања едноставно не смее да има. Да. Мислите дека трескам, а?! Можеби, можеби. Па сепак, отсуството на шега не значи дека не треба да се насмееме, дури обратно - лошата шега по правило прво завршува во добра смеа, а дури потоа предизвикува негодување.
Но, се сеќавате на моите познати НО- а?! Океј. Но, кој вели дека Јас имам намера да негодувам или сл. глупости? Секој литерат, екстравагантен каков што вообичаено е, особено после пар чаши интелектуален лубрикант, последната работа што воопшто би ја направил е да се посвети на некакво досадно негодување.
Па, каква е разликата помеѓу мојата екстраваганца и нивната потреба од добра смеа?! Никаква, ете каква! Видете деца, јас навистина имам добар дел од одговорите, но навистина се прашувам кој заслужува да ги добие. На пр., како очекувате да слушнете здраво, ако никому не сте кажале збогум? Прашањево е оф-топик, но добро, а добрите прашања деновиве се вистинска реткост. Хм. Ај, да ви помогнам малку. Еве едно добро прашање:
Што го поврзува насловот на поемава, Случајот Ристин, со нејзината содржина?
Да погодам, сега и сами имате едно добро: Како досега не се сетивме да го загатнеме ова исклучително битно прашање?
Само за да ви покажам колку сум добар, одеднаш ќе ви ги одговорам двете дилеми - Ристин, а вие не сте Ристин. Да, да, најдобрите парчиња поезија најчесто завршуваат уште на својот почеток, но што би правел 1 автор со 2 реченици кога ниту 1 читател не би можел да остане на првите 2 реда?

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања
















































































































































 

  д:дома