2007:октомври/ноември
жанровски
конкурс
п:петровска ирена
г:години: 24
п:професија/интереси:
Археолог/уметност
н:нешто за себе:
Сакам луѓе што сакаат животни, бидејќи сакам животни:)
irenapetrovska@yahoo.com
п:полна
месечина и јужен ветар
If I had the chance love
I would not hesitate
To tell you all things I never said before
Don't tell me its too late
'Cause I've relied on my illusion
to keep me warm at night
and I've denied in my capacity to love
but I am willing to give up this fight...
Sarah Mclachlan, Dirty Little Secret
... Тој има нова девојка ...
Нејзиниот мозок цел ден ја вртеше оваа мисла како песна што иако иритира,
заразно се впикува под јазикот и предизвикува х’мкање во сопствениот такт.
Ехото одѕвонуваше и додека се трудеше да се сконцентрира на процентот на
годишен профит што гордо го презентираше нејзиниот арогантен колега, кој
сигурно си ги трие рацете, сметајќи дека го прави последниот чекор кон
толку жолчно посакуваното унапредување; и додека си ги кршеше прстите од
воланот заробена во градскиот метеж и бесна на возачот што доцнеше со
страртувањето на зелено...
... Налета на Него сосем случајно, на паузата за доручек. Реши да појадува
во малото бистро на аголот, место каде што не беше свратила од многу
одамна, веќе не можеше ни да се сети кога последен пат јадела таму - точно
пред 6 месеци, помисли. Никако не очекуваше да го стретне таму, тргнувајќи
од сопственото игнорирање на местото за кое ја врзуваа милион мали
спомени, но можеби Него повеќе не го врзуваат истите работи, можеби за
Него сето тоа е избледено минато, или можеби никогаш ништо емотивно не му
значело?!
Ја здоболе и самата помисла на тоа, но бргу ја соџвака и ја голтна, исто
како што го голтна залакот “Цезар” салата, брзајќи да одговори на Неговото
изненадено : “Од каде ти овде?”
Ја изненади мекоста на неговите движења, што моментално ја изгубија
неприродната вкочанетост додека се претвораа во нежна, пријателска
прегратка.
Беше среќен. Очите му блескаа и ја имаа онаа добро позната длабоко-зелена
нијанса, со бистрина што дозволуваше секој облик да се оцрта во нив - за
миг, таа повторно се виде себе си во тивката вода што извираше од неговиот
поглед, за потоа да потоне во разбранетиот океан што нагло се разбуди и ја
проголта.
Тој има нова девојка...
Долг пат до дома, колку ли време веќе стоеше во недогледната колона
возила?
Го вклучи радиото, нервозно пребарувајќи по омилените станици. Кој воопшто
ја слуша оваа музика?? Несвесно посегна по компакт дискот што наполу
висеше од преградата, но се сепна. Го исклучи проклетото радио.
Конечно стигна. Ги извади кесите со свежо овошје од задното седиште, го
извади клучот од колата и застана. Помисли неколку секунди, па го зема и
дискот од преградата.
Клучот во бравата, овошјето во фрижидер, облеката на под, телото под туш.
Див ромор што свирепо ја удираше секоја пора од нејзината кожа, чистејќи
ја од сите насобрани надворешности и повторно креирајќи ја во чисто
совршенство, - како допирот на Неговите усни...
Се трудеше комплетно да се опушти и да не мисли на ништо; ниту на Неговите
усни, раце, ритуалот на заедничко туширање секое утро пред или по
водењењто љубов, сеедно; на Неговите прсти како полека поминуваат по
нејзината мокра кожа, како да се трудат да ја избројат и измерат секоја
вдлабнатинка, секое испакнување...
“Совршена си” го слушна како шепоти...
Роморот престана послушно во мигот кога нејзината рака ја сврте рачката,
оставајќи ја уште неколку минути скаменета под тушот.
Се измолкна од бањата како претепан пес, се вовлече во пижами и одеднаш
застана. Што требаше да направи?
Нејзиното тело затрепери под напливот на нежносладникава воздушна струја.
Јужен ветар. Секогаш ненајавен, носталгичен и близок. И го обви телото,
удобно сместувајќи се меѓу затегнатата кожа и развиорената ткаенина над
неа.
Погледна кон лап-топот и купот хартии до него. Имаше работа, работа што
треба да биде завршена до утре, и уредно ставена на масата на шефот,
подготвена да ги прими сите негови иронични коментари и непристојни
забелешки.
Неволно седна пред купот хартија што сериозно се закануваше да ја
поклопи...
Беше малку по два часот и половина наутро. Купот хартија беше сведен на
неколку листа уредно спакувани во фолдер со ЦД на кој се наоѓаше
комплетниот извештај.
Не си ги чувствуваше прстите, ниту вратните мускули. Се истегна и застана
до отворениот прозорец. Крвава полна месечина, како новороденче штотуку
извадено од препоните на мајката, со грч на лицето како вечно чудење.
... Се запознаа на полна месечина, на првиот состанок дуваше јужен
ветар...
И секогаш кога беа подолго време разделени поради обврските, наоѓаа
слободен викенд токму кога месечината стануваше совршено полн круг, а од
југ ќе ги прегрнеше здивот на вечниот патник. Тогаш страста го доживуваше
своето крешендо, синхронизирано со ритмичното веење на пердињата во
хотелската соба.
Тие две моќни природни сили ги споија нивните животи, и за прв пат
направија таа да се чувствува како едно со човекот што моќно продираше во
нејзината внатрешност, токму како што влезе и во нејзиното срце.
Но Тој има нова девојка...
Го погледна дискот што го остави на масата уште откако дојде. Стана и
колебливо ја пушти последната, 18та песна. Нејзината песна, откако ја
остави. Sarah Mclachlan, Dirty Little Secret.
Остра болка и ги пресече градите, ширејќи се низ артериите во тактот на
музиката, а секој збор и се забиваше во кортексот како остар клин.
Кога ќе престане да боли?
Можеби не наскоро, но таа беше подготвена да се откаже од битката.
Потпрена до ѕидот, заплака.
г:грев
Монахот Калис клечеше и
мрмореше тивки молитви, со безизразно лице на чија површина пламенот од
свеќата создаваше ремек - дела во својот творечки занес.
Имаше 27 години. Не си го знаеше роденденот, никој (барем никој што го
познаваше) не го знаеше: го нашле монасите во дворот на манастирот како
врзопче од валкани пелени и излигавено, мрсулаво лице.
Манастирот беше се што знаеше и имаше. Израсна предаден на верата. Светот
надвор од манастирските ѕидови го плашеше (иако понекогаш, се измолкнуваше
од одајата и седеше припиен како сенка до масивната порта, слушајќи ги
гласовите на децата што си играа или се тепаа, таму, од другата страна на
ѕидот); ја сакаше сигурноста на своето темно одајче, каде со чувството
дека просторот се стиска околу него и се заканува да го згмечи, се раѓаше
надежта дека конечно ќе почувствува цврста, истоштувачка, можеби и фатална
(па и да е таква, кому ќе му недостига, тој, Калис, оставениот,
заборавениот), но сепак, прегратка... Да, еден ден ѕидовите ќе се срушат
врз него и ќе го прегрнат силно, силно, а тој ќе се предаде на тоа ново и
непознато чувство и ќе заспие мирно во мртовечки сон.
Поминаа дваесет години. Калис ја изгуби надежта.
Но не ја изгуби вербата. Ја прифати божјата волја. “Така требало да биде”
одговараше на сите сожалувачки погледи и зборови од селаните кои доаѓаа во
манастирот да остават масло или да запалат свеќа во малото црквиче, па
попатно секогаш застануваа да поразговараат со него.
Последните две години сам го одржуваше манастирскиот имот.
- Запусте манастирскиот живот, синко - тегнеше еден беззаб старец - Еее,
помнам колку монаси имаше тука ... Оној Тимотеј, па Дионисиј, па оној ...
како го викаа ... а и игуменот арен чо’к беше... Кај се бе тие синко? Што
направија? Сам ми те оставиле...
- Умреа татко, умреа.
Татко... колку чуден збор. Секогаш го изговараше студено, механички. Тој
имаше само еден татко: “Бог ме создал, ме чува и се грижи за мене... чудни
се патиштата Негови, го одам патот Он што го води; јас сум ластунката - Он
лозарот, јас сум изгубента овца а Он пастирот што тргна да ја бара и ја
врати во стадото Свое, јас сум Јона што сакаше да се откаже од судбината
своја, па се најде во утробата на китот, но Он ме избави, зашто снажни беа
молитвите мои и горко беше каењето мое, а Он е бескраен и такво е и
простувањето Негово... Оче наш кој Си на Небесата ... не воведуј не во
искушение и избави не од Лукавиот зашто Твоја е силата на Отецот, Синот и
Светиот Дух ... Амин.”
Оваа молитва ја повторуваше секој ден, секој час ... Се чинеше дека и
ништо друго не прави, неговата појава стана непотполна без мрморењето што
како тенка маглеста пајажина се надвиваше над неговата глава, губејќи се
во длабочината на Адамовото јаболко. Откако го закопа и последниот монах
во делот од дворот прошаран со крстови, како да му олесна: можеше
непрестајно да се губи во своите зборови, без притоа да мора да го
прекинува внатрешниот транс со тривијални одговори.
“Ги измолзе ли козите, синко? Го измете ли дворот? Слава е, ќе дојде
народ... срамота е...” и неговото речиси безгласно “Да татко, се е
сторено.”
Татко... Таткоооо...
Калис се сепна. Се исправи полека, трудејќи се да не ја забележува болката
во вкочанетите коленици. Се доближи до прозорецот, но не виде ништо освен
сопствениот деформиран одраз врз студената нерамна површина. Со свеќата во
рака тргна низ мрачниот ходник низ кој оваа вечер неговите чекори по
напукнатите греди, одекнуваа уште појако и поморничаво од обично. Студен
воздушен бран му се зари во ткивото, телото затрепери. Тешка тишина, ниту
вообичаеното лаење на селските кучиња од далечината не продираше низ неа.
Стотина чекори низ замрзнатиот снег, токму пред манастирската порта; беше
затворена, како и што ја остави предпладнето. Но тој можеше да се заколне
дека предмалку го слушна добро познатиот звук на мачното одделување на
дрвото од металот и чкрипењето на дотраените клинови.
Ја закатанчи вратата зад себе, безживотно се вовлече во студениот кревет,
се покри преку глава и се помоли за брзо стигнување на сонот. “Господе,
биди со мене, не оставај ме сам...”
Допир на кожа. Како свила. Можеше да ја опипа секоја пора, секое
влакненце, беше нежна, речиси детска. Раката автоматски направи благо
движење, вкочанетите прсти се раздвижија. Телото се припи до неговото,
морници го полазија. “Не, ова мора да е сон”, прошепоти. Стисокот на
другата рака врз неговата го разубеди. Се доближи до вратните мускули и
неколку мига ја вдишуваше сладникавата миризба што извираше од нив,
дискретна, но посилна од мирисот на темјан и восок... а кога усните се
сретнаа со кожата, тој почувствува моќно пулсирање во препоните. Ја
чувствуваше под своите прсти, го осозна Нејзиниот р’бет - секое
испакнување од Нејзините пршлени беше скалило погоре во неговата екстаза,
ги галеше Нејзините меки бутови, чувствувајќи како станува цврст и огромен
... “Дојдов, Калис ... Не веруваше, но дојдов ... Не те заборавив ...
Никогаш ...” шепотеше Таа, додека го триеше својот задник од неговиот
еректиран орган, му ги бакнуваше ковчестите раце и ги топлеше со својот
влажен здив. Нејзиното тело се најде врз неговото и тој за малку не рикна
кога го почувствува стисокот на Нејзините усни врз својот пенис. Вешто го
земаше и оставаше, играјќи си со сите негови точки, масирајќи му ги
тестисисте ... “Земи ме” допре до него звукот на Нејзините зборови,
“целата...”
Ја зграпчи и ја потисна со својата тежина, продирајќи длабоко во Нејзината
внатрешност. Бревташе како диво животно - за прв пат така и се
почувствува; ги гризеше Нејзините гради, врат, раце; ги гмечеше Нејзините
бутови и задник; сакаше да откине дел од Неа (ако не и неколку - од секој
дел од Нејзиното тело), сакаше да ја сочува таква мека и топла засекогаш,
да ја има сега и секогаш и во век и веков ... додека смртта не ги раздели.
“Моја си ... само моја, мојааа ...” достигнувајќи го врвот, ја истури
насобраната семена течност во Нејзината внатрешност и папсано се струполи
покрај Неа. Ги затвори очите, чувствувајќи ги допирите на Нејзината рака
врз неговото лице.
- Не ме оставај, не пак ... - голтна.
- Спиј Калис - гугаше Таа - знаеш дека морам. Но ќе дојдам пак ...
Наскоро. Чекај ме.
Зрак светлина му ги прободе зениците. Мирис на сперма и пот. Свртен кон
исток, клекна на подот, ја наведна главата и ги склопи рацете.
“Оче наш кој Си на Небесата ... прости ни ги гревовите ... зашто Твоја е
силата на Отецот, Синот и Светиот Дух ... Амин.”