т:темплум  


2007:октомври/ноември
општ конкурс


п:петровска ирена


г
:години: 24
п:професија/интереси: Археолог/уметност
н:нешто за себе: Сакам луѓе што сакаат животни, бидејќи сакам животни:)
irenapetrovska@yahoo.com







 

г:градот

“Ова место што го сакам и мразам,
со калта и правот низ кои газам,
со маглите и смогот здив што ми морат,
со утрата над Водно што се зорат...
е мојата прокоба и мојот спас.
Овде слушам тивок глас
на град што умира бавно
но пак ко Феникс се крева...
секогаш роден со голема врева”

22.05.2001

Не можам да замислам каков би ми бил животот да не живеев во Скопје.
За Македонците од останатите градови и места, тоа е метропола со крајно арогантни жители што си замислуваат дека се многу подобри од останатите единствено поради фактот што 80% од севкупниот јавен живот се одвива во нивниот град. За староседелците, кои со гордост истакнуваат со колку поколенија веќе живеат во своето маало, љубовта кон градот ја надминува националната гордост. За новодојденците од провинција, Скопје е олицетворение на брз живот и уште побрза можност за профит. За странците е уште една паланка што се труди да одглуми европски шмек.
Можеби такви се сите градови во кои се преплетуваат стотици истории, што дишат низ неколку слоеви и обединувајќи дијаметрални спротивности, полека умираат.
Нивните улици живеат во ритамот на секогаш некое друго “ново време”. Нивните жители голтаат од нивното изтрулено месо “како црви што се хранат на коските на овој град” напиша Веј Хуј.
- Чуј, овде нема место за живот. Проклетиов град и проклетава земја те гушат со својата смрдеа. Зашто, не гледаш ли дека тука се е веке мртво; и ние сме мртви сенки што сонуваат еден бесконечен кошмар. Излези надвор од границите на оваа пустелија и вдиши од здивот на светот. Ќе те боли отпочеток тој свеж воздух, тоа е нормално... дробовите ти атрофирале... ама ќе се навикнеш и нема да ти биде јасно што дотогаш си дишела... - Горан се помести во кожнената фотелја на кафулето “Roma - Parigi” и шумно отпи од се уште врелото макијато. Горан е братучед ми што тогаш веќе две години живееше во Окланд на Нов Зеланд и тукушто се беше вратил на неколку дена за да заврши уште некои последни “бирократски заебанции” - ко што рече.
- Проклети бирократски свињи! Секогаш бараат уште некое дополнително уверение! Ама таму барем си ја знаат работата, фини се, културни, те третираат ко човек. Овде ќе си го намачиш задникот додека и објасниш на некоја теткица што си лакира нокти и пуши цигара, какво полномошно ти треба и да ја убедиш дека си сигурен дека токму на нејзиниот шалтер се издаваат такви документи, а не на стоте претходни на кои те упатила!...
Кога стигнал работел се и сешто за да преживее, за да по многуте стекнати контакти му понудат работа во фирма за софтвери. Го поминал задолжителниот тестинг период и сега токму поради работата беше вратен во “оваа пустелија”.
Го слушав неговиот несопирлив монолог и несвесно се согласував со секој збор, делумно засто беше вистина, делумно зашто доаѓаше од устата на мојот идол од детството. Беше човек што лесно ви се впикува под кожа со својот ведар дух и бистар ум, помалку незрел и несериозен, но токму тие го правеа толку допадлив. На шест години се обидуваше да ми ја објасни смислата на стиховите на Pink Floyd и ми даваше куси лекции од историјата на рокенролот, на осум веќе ме тераше јас да му ги анализирам баладите на Leonard Choen ...
Бев втора година средно кога се случуваше разговорот во “Рим - Париз”, период кога сонував соништа како студирање режија, светска слава, студии на Запад и сечење на корените во заостанатиот Балкан, така што комплетно се пронаоѓав во зборовите на братучед ми и лакомо ги голтав сите детали за Нов Зеланд.
- Така, мало, така... веруј шо ти кажувам. Еве ти mail-ови на два колеџа во Окланд, па ти провери си ги и види што те интересира. И чуј, вади шенгенот и пут под нозе - сегде е поарно од тука! - ја плати сметката, му остави бакшиш на келнерот, стана, ме гушна и си замина. Јас останав со копнежот да тргнам со него, да бидам далеку од сите што ги познавам и далеку од овој “проклет град и оваа проклета земја” – “Сегде е поарно од тука” ...
Сегде е поарно од тука но тука едноставно е дома.
Градот и јас - единство на контрасти. Се прифаќаме онакви какви што сме, со сите лица и маски што се обидуваме да ги носиме. И не ни е грижа дали секогаш достојно си ја одигруваме улогата или колку уверливи сме во својата имитација. Едноставно сакаме да импровизираме до бескрај, додека самите не се згадиме од својата бесрамност. Понекогаш сме како разгалени дечишта што се дават во својата мегаломанија, понекогаш сме филозофи кои ја бараат суштината на егзистенцијата... ја сакаме уметноста, го прифаќаме кичот, невини во својата разузданост и скромни во лакомоста...
Ги сакам светлата на градот. Сакам да застанам покрај Вардар на полноќ и да слушам како градот дише, забревтан од постојаниот прилив на млада крв што му трепери низ артериите, станувајќи див пастув со блескавоцрна кожа и пламени очи, очи што ги сакаат предизвикот и опасноста, што бараат широки прерии и стрмоглави кањони за да ја почувствуваат слободата... а наутро е заспано новороденче што се стиска во мајчините прегратки чувствувајќи потреба некој да се грижи за него, да го сака...
Не сум романтичар кој верува дека од утре се ке биде подобро, ниту мазохист кој ја прифаќа тортурата како сопствена награда, но сфатив дека има чудна врска меѓу мене и ова парче копно. И ако е проклето, тогаш таква сум и јас; зашто јас изникна од него и, и најмалото негово поместување, дополнително го ваја мојот дух, а секоја тектонска активност е ново рагање за градот... и за мене...
 

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања


































































































 

  д:дома