т:темплум  


2007:октомври/ноември
жанровски конкурс


м:маркоска марта








 

a:adagio во REM фаза

Е па сакаше да бидеш писател нели? Повели, еве, ги испраќам до тебе најцрните човечки судбини, ќе мора отсега па натаму да ги сослушуваш, колку и да не ти се допаѓа тоа што ќе го чуеш...а ќе чуеш секакви приказни, за болести, за кои не си знаел досега, за деца оставени по контејнери, кои ја имале таа среќа (или несреќа) да преживеат, за надежи засекогаш загубени, за сакатења, сквернавења на човечки судбини, какви не си имал прилика да видиш, а си бил убеден дека знаеш дури и за редовните посетители пред прагот на инферното, за сите пороци што ги измислил светот, откако постои...
Исак, слушна ваков глас кога часовникот заѕвони во 6:00 и го означи почетокот на неговиот работен ден. Никако не му се стануваше, размислуваше за сонот, за гласот или што и да беше веќе тоа, а можеби беше само потсвесна мисла што чувствувала дамнешна потреба да си ги протегне нозете надвор од Ид-от.
Неволно, ги протегна екстремитетите надвор од креветот, ги зеде очилата со диоптер -3.5, без кои никогаш во разговор не би можел да ја употреби придавката “очигледно”, ги стави на себе панталоните кои ги носеше веќе четврти ден од неделата и не помисли дека треба да се облече поинаку заради некоја ненадејна средба која би можела да му излезе во пресрет на денот.
Сонот, или гласот, или привидението...или ни едното, ни другото, ни третото, не го напушташе еве веќе половина ден. Погледна на часовникот, 14:00 часот, а ништо необично сé уште се немаше случено. Но зошто би морал да очекува да се случи нешто необично, која беше веројатноста дека сонот, гласот, привидението, кажуваше нешто, навестуваше нешто? Исак веднаш ја отвори книгата за теоријата на веројатност, за да се потсети како гласеа некои од правилата што ги имаше подзаборавено, бидејќи поминаа веќе 10 години од завршување на образованието, кое и онака не му послужи многу на работното место што го имаше сите овие години наназад.
Штотуку го отвори учебникот, сé уште педантно завиткан со украсната хартија, со која мајка му имаше обичај да ги завиткува неговите книги, почуствува туѓо присуство зад неговата глава. Знаеше, знаеше дека по сите марфиеви закони, по сите закони на силата на иронијата, кога ќе реши да фати некоја работа, шефот токму во тој миг ќе ги побара неговото мислење и помош. Како кога палиш цигара на автобуска станица - си помисли.

- Исак, ми треба твоето мислење во врска со една г-ѓа, дама...
Исак, во меѓувреме вршеше и такви услуги за своето работно место, даваше мислење, кога некому тоа му беше потребно. И не само мислење, нудеше сослушување, совети, рамо за плачење, пречекуваше, испраќаше клиенти, тешејќи ги дека сé ќе биде во ред, дека нема да биде залудно нивното барање што го доставиле, дека ќе се случи чудо и дека токму ним ќе им биде помогнато, дека не смеат да изгубат надеж во институциите на ситемот, дека тој искрено верува....иако сé што му се плеткаше во главата, во моментите кога ги кажуваше овие сказни од земјата за заблудата, беше едно здушено “ееехххх, кутри луѓе, штом животот не ви помогнал до сега...но којзнае....”
Е тоа едно “којзнае”, тоа беше гласот надеж која не ги остава луѓето да стивнат и да се помират, да си го олеснат невозможното...
- Да, секако г-не, на располагање сум ви, како можам да помогнам во врска со дамата?
- Па, Исак, види, јас ќе морам да излезам, имам некои други работи да завршам, имам состаноци еден куп, не можам глава да кренам, види ти што сака таа жена, сослушај ја, запиши, направи да изгледа како да ñ даваш некој совет, не објаснувај премногу со што се занимаваме, не ñ давај ниту некаков конечен одговор....но, знаеш ти како треба, веќе сто пати си го правел истото...биди нежен, ајде, умееш ти со жените, знаеш како да ја сослушаш, знаеш како да ја погледнеш и таа веднаш да се окуражи...
- Да, господине, секако, ќе го сторам тоа веднаш.
Во главата на Исак, за момент исчезна гласот кој до пред малку го повторуваше она утринско необично заканувачко претскажување, кое можеби не значеше ништо, а со сигурност знаеше дека не е последица на алхохолизирана вечер, бидејќи претходната ноќ ја помина на работното место средувајќи ги документите расфрлени по канцелариските бироа...
- Значи г-ѓо, вие сте?
Јас сум Валентина, бивша балерина по занимање....почна гласот да ñ трепери веќе на втората реченица.
- Знаете, јас имам проблем....луѓе без проблеми не доаѓаат овде во вашите канцеларии...Јас сум жена, оставена жена...и чувам едно дете без мајка, тоа дете го зедов на 4 годишна возраст и го одгледувам како можам и умеам....но, еве животот не прегази финансиски, па јас дојдов овде кај вас да прашам дали вие некако ќе ми помогнете, барем да го истуркам девојчето да заврши средно школо....ме разбирате...
Веќе со видно вознемирен глас и солзи на очите, почна да ги испрекинува зборовите...
- Тоа дете, имаше многу лоша среќа, мајка му почина таму во Австралија....едвај успеав да го донесам овде, колку толку, да му обезбедам дом и некаква грижа...потоа доживеа сообраќајна несреќа и го загуби едното око...и таа е балерина сега, во средното балетско училиште...но немаме никакви средства за да напредува во училиштето, а многу е талентирана...огромна штета би било...
- Видете г-ѓо... Ја прекина или барем имаше чувство дека ја прекинува зашто кога и да ñ се обратеше ќе ја прекинеше, знаеше дека таа секако имаше да кажува многу повеќе од тоа.
- Г-ѓо, ние не работиме на тој принцип, поточно вака да би образложам, ако дозволувате, ние не сме во можност да одвојуваме средства за спонзорство на индивидуални лица. Не е затоа што не сакаме, ние едноставно немаме таков принцип на работа, немаме фондови со финансии кои би биле планирани во буџетот од оваа година и би се однесувале на реализирање помош на индивидуални лица. Кај нас, ако ми верувате, секојдневно, пристигнуваат бројни најразлични барања за финансиска помош, но ние на сите нив мора да им објасниме дека едноставно нашата работа не оди на тој принцип, ние однапред планираме, изготвуваме нацрт план за буџет кој е определен точно во сегментите во кои се занимава оваа организација. Еве, пред вас, истото морав да го образложувам на еден млад татко чие дете боледуваше од леукемија, потоа на една жена која бараше права што им следувале на инвалидни лица...Верувајте ми, не сте вие никаков исклучок...
- Да, ве разбирам, наполно, но веќе немав каде да одам да се пожалам...извинете што ви го одземав времето...ви благодарам....
Ја испрати до вратата, протоколарно како што ñ доликува на една таква организација, ја допре по рамото и рече:
- Испратете г-ѓо едно писмено барање кое ќе може да се разгледува на ниво на Управен Одбор, па којзнае...
Е тука се зезна, го знаеше тоа...Знаеше дека не треба да го каже тоа, а секогаш го кажуваше, на крајот некако му се испушташе, можеби затоа што и тој потајно сакаше да се најде решение за тие луѓе, тој се надеваше дека ќе се најде решение барем за некој од нив, тоа “којзнае” беше негова лична надеж...
Ја затвори вратата зад себе и седна на кожената фотеља, му се повраќаше...се присети на гласот што му задаваше мачнина уште од утрото...да глас беше, и јасно го слушна, сега точно знаеше на што тој се однесува...

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






















































































































 

  д:дома