т:темплум  


2007:октомври/ноември
општ конкурс


к:кузманов љуба








 

p:pan atebazileum

Горчлив беше вкусот на здивот што го вдишав денеска - ме раздери. Вдишав ли стаклен прав во градската кула на високите десетици метри и сетилното око се покри со жолто фереџе и жолт превез го покри сиот мој видик. Дали минатата среда поканувачки беше ден, дали погледи канеа сомничав еден а овој од наметката од сомневање извади книжуле од мечтаења, та така одговори и тоа во својот дом на тоа дали минатата среда поканувачки беше ден - и дали со тоа придонесе за снесувањето на жолтото јајце на бремето од навидум незаинтересираноста кон потенцијалната покана?

Гори ламбата на вториот спрат, телевизорот го дава класичниот програм, стивнаа потврдите од соседите за тоа дека се, а биолошки блискиот го фиксирал погледот на TV апаратот во својата вообичаена поза.

Другиот пак уште еден сомничав полумечтателни мисли гради и паралелно со тоа пали цигара, вовлекува и испушта дим, димот наеднаш преминува во жолт и се стаписува, не вели ништо за да не помисли блискиот дека живее не работ и оди на прозорецот следејќи го димот кој јуреше натаму, а таму - градот беше потонал во жолта магла.

Во излогот на модниот дуќан поставија две кукли, голи, за осум минути ги облекоа и ги свртеа една кон друга, беа оддалечени три метри со раце подадени едни кон други. Вработена една по бришењето на стаклото од излогот мошне неспретно помина кога една од куклите потурна и таа се најде до нозете на другата кукла, набргу потоа и другата падна врз веќе паднатата. А аранжерот на излогот сиот пожолте та екна: -Вие девојко зар не знаете дека тие секогаш треба да стојат раздалечени; така облеката што ја носат е повеќе нападна; едноставно тие треба да се раздалечени!!!

Малиот ноќник од тарасата се префрли на покривот и седна. Мачка претрча тивко без шум. Благ ветар му ја галеше кожата што не беше покриена, а блузата брануваше. Поседи па го прошета покривот за да застане на работ. Беше завртил од другата страна та ја виде својата соба како се капи во жолто светло.

Ги рашири рацете, ветерот сега делуваше уште по опојно. Ги затвори очите, стоеше на работ од покривот. Ги отвори очите и повторно му се испречи жолтотијата од неговата соба. Помисли во себе: "Дури и да не се вратам во собата, доле не ќе е помалку жолто од таму."
 






 

ф:фракција

Јас, ете, премногу го нагласувам она што би можело да се нарече моја придружба (всушност тоа е само моја формална придружба), јас тоа опкружување премногу го нагласувам најмногу поради евентуалноста дека некој кој би сакал да ме согледа најмногу би се фатил за она што ме опкружува, а дури после за мене самиот и притоа би ме ставил на таква платформа која би била базирана на моето опкружување.

Можноста за една таква перспектива за мене и овој пат не доаѓа сосема случајно. Таа има своја претходност.

Многу пати сум бил гледан, анализиран, толкуван врз основа на она што ме опкружува, најчесто опкружувањето влијаело кога некои се обидувале да го регистрираат моето постоење, врз призмата на опкружувањето ним им стануваше “јасно” она што сакаа да им стане јасно за човекот ставен на платформата држена од конструкцијата на опкружувањето.

И тоа не е се уште само историја, тоа е и историја и актуелност, една историја во тек, тоа е една фракција која се провлекува паралелно со мојот век, секогаш ме следи, тоа е една моќна фракција, таа го има квантитетот во свои раце кога станува збор за мене. Тоа е фракција која многу лесно се инфилтрира во концептот на оној што ќе се обиде да ме протолкува мене, таа ја има таа моќ да му стане водилка, да му го трасира патот на толкувањето, фракцијата ја има моќта на посредноста, на дистанцата, моќ на гледање отаде во кое доминира робусноста на опкружувањето, а јас како личност се губам.

Фракцијата е секогаш на дистанца, таа е една парафраза на мене, едно паратолкување на мене, таа е еден парасистем во кој јас заземам едно доследно место кое мене ми соодветствува, ми одговара, во тој систем јас сум паралогичен, во тој систем јас станувам логичен, јасен, податлив, приступачен, близок за она што сака лесно од уста да ме одреди, да ме уврсти, да ме вкалапи, да ме вгради во соодветното место на парасистемот. И така од аспектот на фракцијата јас престанувам да бидам јас, јас затајувам за сметка на

ФРАКЦИСКАТА ПАРАФРАЗА НА МЕНЕ.

Јас, ете, премногу го нагласувам она што би можело да се нарече моја придружба. И, ете, фракцијата стана таа моја продружба, на неа човек најверојатно е најпрво да налета, да заглиби во нејзината кал, да се зароби во неа, да се дистанцира од мене и да заземе улога на паратолкувач на мене: на фракциски поданик и едноставно паралелно со мене да векува притоа анализирајки, толкувајки, систематизирајќи ме врз основа на позицијата достојна за толкувач заглибен во кал.

Фракцијата е мојот промотер, фракцијата секогач излегува несебично во мое име во пресрет на новата заинтересираност. Фракцијата не жали сили, на жали средства за да ја претстави мојата шема, фракцијата одржува трибини, семинари, собири, митинзи, таа непрестајно агитира за да ме направи подостапен за секого притоа штедејќи ме мене од секаков труд, од секаков напор, од секаква мисла, од секаква смисла, фракцијата мисли за мене, таа смислува за мене, таа агитира за мене, таа дише за мене, таа зборува во мое име, фракцијата ме штити мене, јас сум штитеник на фракцијата, а фракцијата е моето опкружување, фракцијта е мојата придружба.
 






 

к:крик

I am with you im Rockland
where you are madder than I am
where you lough at this invisible humor
I am with you in Rockland
where fifty more shocks will never return your soul to its body again from its pilgrimage to a cross in the void

Со тебе сум во Рокленд
каде што си полуд од мене
каде што се смееш на овој невидлив хумор
Со тебе сум во Рокленд
каде што уште педесет електрични шокови не ќе ти ја вратат пак душата во телото од нејзиниот аџилак до крстот на ништото

Allen Ginsberg: "Howl"



Се направи таа ноќ ѕвездена. Ѕвезда до ѕвезда. Улицата последните години почна де се отуѓува. Улиците почнаа да се отуѓуваат. Како ли само со умор се пробиваше низ нив. Како ли само грабеше низ патешественоста со кал до бутовите му. Уморот се беше вгнездил во коските негови, гнездото одамна го свил и виеше, од најпосакуваното место виеше, така волчешки, и ќе заиграше грамадата од споени спојки така силно одвнатре и ќе се случеше еуфорија на јуриш и
ќе бегаше
ќе се пробиваше
ќе се гребеше
ќе се кинеше
ќе се раскинуваше
ќе се распарчуваше
ќе се накапуваше
ќе се потскапуваше
ќе затрулуваше
ќе замирисаше не труло
па ќе заборавеше на се наеднаш ненадејно ненемерно, а со отварањето на постуличната свест во прегратката на ладната потна постела гордо ќе се оправдаше
- Зар секоја моја клетка со живот проникната не е, мојот пат средство за вистинско себечувствување е!
Се дојде ли еднаш до ваков заклучок улицата се поодвратна ќе е, таа само средство ќе е и се повозвишени цели ќе сее, чувствувања од највисок тип во веќе половен организам ќе довнесе, душата пиедесталски, кокетно, помодно на сите страни демне - јас пркосам, како да кажува.

Се направи таа ноќ ѕвездена. Ѕвезда до ѕвезда. Улицата уште повеќе стана отуѓена а тој веќе знаеше колку таа подалеку од него, толку тој поблиску во чувствувањето на себе и колку повеќе болеше тоа беше болка на сопствената блискост, болка од сопствената непосредност.
Со погледот насети можност за екстра себечувствување. Не се двоумеше. Го впери погледот во осилото кое нудеше неверојатно себечувствување. Некаков развигор од себечувствување му помина низ организмот, душата, секоја негова материјална и духовна клетка беше погалена. Телото и душата му се затетеравија. Како никогаш дотогаш се почувствува себеси. Длабоко во себе чувствуваше неверојатни развигори. Како никогаш дотогаш се почуствува себеси. Рационализирана среќа. Никогаш не ни помислил дека може вака да се себечувствува. Се повеќе и повеќе растеше себечувствувањето. Не постоеше друго освен Он. Се отуѓи од се за сметка на себе. Интезитетот во себеси го чувствуваше како расте, зар тој е можно да има толкава потенцијалност. Развигорите беснееја во неговата зандана, удираа по секоја негова клетка. Тој веќе го доживеа себечувствувањето онолку колку што е човек кадарен да се себечувствува и ја загуби свеста. Ја загуби свеста на врвот на себечувствувањето, ја загуби свеста зашто не можеше да поднесува поинтензивно себечувствување. Тогаш душата му пукна, тоа беше врвот на себечувствувањето, а развигорите низ пукнатините којзнае каде заудараа. Тој се пречувствува себеси и кога дојде колуминацијата се за него згасна. Тој не беше веќе свесен за згаснувањето. Неговата последна свест беше колуминација.

*
*     *

Една личност праша зошто отсуствува неговото тело, зошто отсуствува неговиот мирис.
По неколку дена повторно се запраша за неговото тело.
По неколку години го сонуваше неговото тело и помисли дека тоа тело може да биде секој а на тоа многу влијаеше гласот на неколку метри од неа:
-Мамичке, мамичке, Сара ме скубе!!

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања
















































































































































































































 

  д:дома