т:темплум  


2007:октомври/ноември
општ конкурс


к:крстевски ѓорѓи








 

ч:чудовишта

Кога бев мал, секогаш кога некој од моите родители ќе ми посакаше добра ноќ и ќе ја затвореше вратата, исклучувајќи го светлото, јас се пикав под ќебето за да се заштитам од чудовиштата кои се појавуваа во мракот. Некои од нив се криеја под мојот кревет и испуштаа чудни звуци. Сега, дваесетина години подоцна, веќе не се плашам од нив. Тие се остарени и уморни, вистински карикатури на она што некогаш биле; навечер често ги среќавам во собата додека се подготвувам да си легнам. Кога ќе ме видат, бавно се упатуваат кон некој темен агол за да се скријат од мојот поглед полн со сожалување. Понекогаш, додека спијам, можам да го слушнам нивното тивко липање.
 






 

с:случајна поврзаност

Играме шах. Правилата одамна ги знаеме, а останатото е едноставно: победникот ќе ликува во себе, поразениот чести пиво. Партијата трае долго. Размислуваме цела вечност пред да го повлечеме секој потег, бидејќи доколку сториме и најмала грешка нишките се прекинуваат и постои опасност од рушење на цел еден замислен свет во нашите умови. Ти си поискусен играч; тоа се гледа по твоите сигурни раце, додека фигурите треперат во моите кога ги држам. Таблата постепено се празни од излишните ликови. Мојот крал одамна е нападнат и с# помалку средства ми остануваат за да го заштитам. Најпосле, веќе нема што да жртвувам и ти ме победуваш.
За да го развеселиш моето мрачно лице, предлагаш ти да си тој што ќе чести пиво, а јас неволно прифаќам. Се обидуваш да ме зазборуваш за да ме оттргнеш од замисленоста. И додека го пиеме горчливиот пијалок во големи дебели кригли, разговарајќи за нешта кои с# помалку имаат некаква врска со партијата шах, на вестите што истовремено се прикажуваат на телевизорот во кафеаната известуваат дека таму некаде, во големиот и страшен свет, е урната една монархија, за на нејзино место меѓународната заедница да воведе наметната демократија.
 





 

к:круг

Се будиш едно утро. Стануваш од постелата, се протегнуваш, одиш во бањата каде што се олеснуваш; додека ги миеш забите се присетуваш на сонот што го сонуваше ноќта и сфаќаш дека го сонуваше и претходната ноќ. Наеднаш ти се присторува дека твојот одраз ти намигнува. Трепнуваш. Ја плакнеш устата со вода и излегуваш од бањата. Ги соблекуваш пижамите и ја облекуваш истата облека што ја носеше и вчера. Влегуваш во кујната за да појадуваш пченкарни житарки потопени во млеко: истото што го појадуваше и вчера. Како с# да се повторува. Веќе знаеш дека некој ќе заѕвони на влезната врата, а кога ќе отвориш неколку мига подоцна – тој ќе биде заминат. Се обидуваш да не се повторуваш, но не можеш; и тие обиди се повторувања од претходниот ден. Точно знаеш што ќе ти се случува. Знаеш дека си немоќен да промениш нешто, и рамнодушно ја прифаќаш својата судбина.
Вечерта, кога ќе заспиеш изморен од бескрајните повторувања, ќе го сонуваш истиот сон: се будиш едно утро, и додека ги миеш забите во бањата, се присетуваш дека веќе си го сонувал тоа. Ете го и одразот што ти намигнува, како да сака да ти каже нешто.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања






























































 

  д:дома