т:темплум  


2007:октомври/ноември
општ конкурс


д:дозгулпмус








 

s:sub rosa

Ако некогаш бидам убиен, сите тетоважи на телото би сакал да ми се довршени. Кога ќе решат да ме убијат, сакам тоа да биде дебел калибар кој ќе ми ја распрсне главата, отстранувајќи ми го изразот од лицето.
Заверата трае постојано, но нашите часовници вртат побавно од нивните. Совршена контрола. Не успевајќи да ги стигнеме, живееме во хармонија. Барем така ни кажуваат.
Ги има насекаде: по лифтовите, гаражите, сите дупки, улици, мориња, во целата администрација, над сите згради. Набљудуваат. Знаат да ја препознаат ослободената душа пред да биде случена. Пушат со една и држат оружје со друга рака. Чадот менува правец и знаат дека некој почнал да се буди и разуздува. Окото им нараснува зад тие леќи кои им ги доближуваат околните души. Жртвите се секогаш лесни, менувајќи го (незабележително) дури и одот; некоја ситница за која и самите не се свесни. Телата ги скриваат, ја чистат крвта од земјата, диригираат измислени проблеми кои ќе дозволат весниците да насловат “излезе по цигари и никогаш не се врати”, за во втората статија, откако веќе исчезнале сите надежи, да се појави ексклузивното интервју со жената која се разголува пред јавноста, раскажувајќи за проблемите на нејзиниот маж со алкохолот, курвите, отсутноста од домот. Или ќе пишуваат за некој кондураџија кој оставил порака на својот дуќан “се враќам за пет минути”, за после извесен период да објават дека всушност бил уапсен од полицијата и транспортиран до властите во Турција за кривично дело кое го сторил таму, негде, некогаш... и пресудата била затвор на пет години, но и после тие пет, слобода не барајте, туку мртовец или можеби број на неговиот грб во некоја заборавена ментална институција.
Телото без глава понекогаш подобро проговорува од телото со неа. Се надевам на брзината на тој куршум и неговиот раздор, се надевам на кревкоста на мојата глава и вратот, за телото да успее да се задржи простум, да одолее на паѓањето полевајќи ги со крв, рамномерно, сите петокраки, ѕвезди, сонца, месечини, крстови, црвени и црни знамиња, гулаби, дрвени чевли, рози, свастики, српови, чекани, слонови, магариња, факели...
 






 

д:дисторзирана претстава

Кога мојата сопруга почина, никој не се појави на погребот. Мислев дека тоа е повторно некоја нејзина досетка, како тогаш кога за мојот роденден ми ги врза очите и ме остави сред шума, при тоа цел пат тешејќи ме дека ме носи на “изненадувачка забава”. Изненадувачка, си велам, секако, меѓутоа сака ли некој досадните разговори да ги замени со хипотермија?!
Откако поминаа неколку дена и телото почна да и’ се однесува чудно, почнав да се прашувам дали навистина ги имала сите тие бројни пријатели за кои секојдневно ми раскажуваше, политичари на кои идентитетот никогаш не би смеел да им биде откриен да не случајно пропадне тајната мисија, или пак врвни уметници, кои, ако би се запознале со мене би ја изгубиле креативноста.
- Ти не ги разбираш тие работи! Тоа се најстрого чувани тајни! – знаеше да се развика откако ќе ја прашав од каде толку висока телефонска сметка, или пак дали, можеби, некогаш морала да се жртвува во името на високите идеали, дали подлегнала на некои компромиси, еве на пример, со одредени делови од нејзиното тело.
Ниту влезната врата, ниту телефонот се огласија за некој да изрази сочувство или понуди помош, па така, купив ковчег, обезбедив возило до гробиштата и таму ми беше продадено место на кое сега имаше дупка. И дупки почнале да продаваат? – ми се сврти во главата, но заминав оставајќи го ковчегот до дупката, насетувајќи дека вечерта ќе дојде елитна група луѓе, дури и целиот државен врв, па ќе се простат од неа во тајност, изведувајќи соодветен древен ритуал.
Се плашев да се вратам на гробиштата, но љубопитноста победи на третиот ден. Дупката беше се’ уште празна, а до неа лежеше, сега веќе, распарталениот ковчег.
- Го познававте човеков? – се огласи некој од вработените. – Жално е што го оставиле на отворено толку долго. Знаете, овде врие од кучиња, од црви, од најразлични мршојадци.
- Тој човек е жена ми! – вратив. – Таа беше дел од нешто толку големо што не можеш ни да го замислиш. Дури и весниците не пишуваат за тие работи.
- Мора да ги налутила, - се правеше паметен, штом ја оставиле на ваков начин да страда, освен ако и самите не и’ го сториле чудово!
- Заборави човеку, тоа е зад нашите можности на разбирање. – завршив, и го замолив да го спуштиме ковчегот во дупката. Заради ситните потреси, од телото почнаа да извираат животинки кои деновиве се вдомиле тука.
Работите не се сменија, освен тоа што јас останав без жена ми. Тешко беше да се следат вестите без потребниот код за дешифрирање или да се разберат весниците кога таа не е тука. Тешко беше, тоа го знам, и за нив, да најдат соодветна замена.
Сегашната сопруга постојано е насмеана, а и ме чини поефтино. И таа е некој вид таен агент во уште потајна организација. Вели дека, преку тоа како ја гледаат додека се смее, може да заклучи се’ за нивните намери. Одбегнувам да ја гледам често, плашејќи се од нејзината помисла дека сум премногу безобразен. Не би сакал да добие погрешна претстава за мене.
 

 






 

е:еутопија

Сигурно имале добра причина да го изградат градот кој заради својата функционалност прераснал во ново општествено уредување. Реализирана утопија. Ортогоналната блоковска мрежа јасно ги издвоила сите човекови навики. Имате улица за тепање, улица за секс, улица за деца, улица за шетање, улица за филозовски расправи, дури и некои толку фини поделби како улица за пиење изворска вода, улица на црните чевли, улица за чешлање на косата, улица за ждригање, за прдење, за плачење, за размислување.
Сите се задоволни живеејќи во својот свет. Од друга страна може да се рече дека животот престанал да изненадува, да усреќува, да шамари со поуки после грешки, ситни или тешки, да ужива во срамот после возвратен поглед на неочекувана вљубеност... престанал, едноставно, да биде живот.
Тешко е во градот, тоа мора да се спомне, после сексот да се запали цигара. Треба да поминете низ сите тие тунели со бескрајни контроли за да стигнете до улицата за таа намена. Луѓето овде не добиваат карактери. Не можете да речете за некој дека е среќен, а тој се наоѓа во улицата на очајот или улицата на самоубиствата. Или некој е женет и има деца, а живее во улицата на осамата. Не можеш да гледаш натпревар на телевизија и да навиваш, да пцуеш и да се смееш истовремено.
Градот е се’ почесто празен. Луѓето ископале тунели под земјата кои се здружуваат во пространа ширинка наречена кастад. Урлаат, пејат, јадат од сопствените гомна, се љубат со мажи и со жени, изневеруваат, се поливаат со ладна-па-топла-па-ладна вода, носат влечки со врвки и кондури без нив, го драпаат телото и се мачкаат со грозје.
Кастадот е посетен барем еднаш неделно. Како инаку би се издржала совршеноста?
 






 

н:надеж

Со други зборови, јас сум тажен. Некои починаа, некои заминаа, многумина одбраа рамнодушност. Тешкотиите да започнам разговор или да се вклучам во него станаа неподносливи како под нос сливи да чував.
Напишав писмо за себе. Се потрудив јасно да го откријам карактерот, навиките, дел од размислувањата за теми кои беа важни за мене, дури вметнав и слика, која, искрено, повеќе се вклопуваше во делот со фалинките: неприкладно смеење, грчење, ненадејна молчеливост... Она што остана празно беше местото на примачот.
Запрепастувачка е бројката на женски имиња во државниот адресар. Сакајќи да си ја пробам среќата, писмото го пуштив до сите нив. Како што жолтееше душава, жолтееја и моите писма заборавени во нечии фиоки, искинати, сомлени, запалени, исмевани. Сите, освен едно. Се колнам, и’ ја чувствував кожата читајќи го нејзиниот одговор. Ми откри дека паднала на делот со романтичноста, каде сум трчал кон зајдисонцето, упорно, со падови и со крв, со скршеници и солзи, не дозволувајќи на сонцето да зајде.
Деновиве чекам да се појави. Будилникот се огласува со првите зраци, јас одбирам пристојна и чиста облека, подготвувам оброк за двајца и излегувам во дворот да ја пречекам.
Доцна во ноќта ја чистам масата од догорените свеќи, ја јадам изладената содржина од едната чинија, другата завршува в ѓубре.
Заспивам со поглед во нејзиниот ракопис. Листот, некогаш бел, пожолтел. Кај и да е, ќе пристигне.

 





 

р:раскинување

Нема ништо помачно од раскинувањето. Одлучувам да исфрлам се’ што ме потсеќа на тебе: куп плочи, неколку цртежи, пораки на скришни места, писма... Знаев дека ќе ми биде тешко да продолжам со животот кога твојот мирис неочекувано ќе се појавеше на некоја заборавена маица, или кога после одредено движење ќе никнеше влакно од твојата коса заробено во перницата. Делот од каучот каде што одмараше ја добил твојата форма. Во купатилото, тубата со паста за заби го зачувала твојот стисок од палецот. Просторот за чевли во салонот открива избледен паркет... две дамки, број 38.
Помина долго време откако сменив намештај, откорнав делови ѕид и парчиња под, изгорев фотографии, но… најтешко од се’ ми беше да го слушам плачот на нашата ќерка кој полека бледнееше од остатоците храна, фрлени врз неа од луѓето после празничниот ручек.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања
















































































































































































































 

  д:дома