т:темплум  


2007:октомври/ноември
општ конкурс


b:bromofon


н
:нешто за себе: Сакам животни. Не сакам насилство.
bromofon@yahoo.com






 

б:баба ми

Бев изненаден кога открив дека баба ми се занимава со наука. Честопати имаше обичај да се затвора во пералната. Мислев дека пере. Неколку години не бев стапнал таму. Колку што се сеќавам во таа просторија имаше само дотраена машина за перење, умивалник, неколку кофи, леѓен, маса и долап во кој се чуваа најразлични средства за чистење. Не знаев дека со време тој простор од куќата се претворил во лабораторија. Еден ден вратата од пералната ширум се отвори, речиси тресна од ѕидот. Таму стоеше баба ми, со насмевка од уво до уво, зад неа се креваше пареа (да ми беше дедо ќе си речев дека личи на Ајнштајн). За момент ми се причини дека во пареата зад баба ми дури и ѕвезди светкаат. Таа в раце држеше гаќи. Еве внучко, најпосле успеав да направам дигитални гаќи, ми рече, гледај и запамети го овој момент. Со овие гаќи никогаш нема да се изгубиш, кај и да одиш безбедно ќе те вратат дома - сателитски се поврзани, имаат и вградена меморија. Ја гледав зачудено, не знаев што да сторам, во првиот миг ниту бев свесен за значајноста на ваквото откритие. Кога се созедов се прашав дали овој пронајдок ќе и помогне на баба ми да ја види Америка; отсекогаш сакала да патува, но никогаш немаше доволно пари. Сега можеби толку многу ќе се збогати, си реков, што ќе ми даде и мене некоја пара да си купам велосипед (повеќе би сакал мотор, но и со велосипед би бил задоволен). Ајде внучко, што чекаш, пробај ги дигиталниве, нема да зажалиш, ми рече таа целата озарена.
Штета што не поживеа дедо да го видеше ова чудо, си помислив додека ги облекував гаќите.
 






 

д:дедо ми

Дури откако умре дознав дека дедо ми работел како таен агент. Сега, кога ќе си помислам, сфаќам дека неговото однесување беше прилично необично; на пример, кога сакаше да оди надвор секогаш излегуваше на задна врата, постојано правеше дупки во весниците, пишуваше со многу ситен и неразбирлив ракопис, никаде не одеше без лупа и шешир, честопати, без видлива причина, ги движеше очите од лево кон десно и обратно и да не набројувам уште, бидејќи за мртвите треба да се кажува се најдобро. Значи, не останав подзинат кога дознав што дедо ми навистина работел, меѓутоа ми требаа неколку години додека успеав да дознаам како навистина завршил. Макотрпно ги собирав потребните факти и еве ја реконструкцијата на неговата смрт. Се разбира, ова не е конечната верзија, се уште не сум разговарал со перницата на која за последен пат почивал и со сите чистачки замешани во случајот, но горе-долу приказната е таа. Значи вака:
Тајниот агент Б. (читај, дедо ми) најпосле ги отвори очите. Лежеше испружен в кревет. Кога се созеде сфати дека завршил во болница. Секоја коска го болеше, но најважно му беше што извлече жива глава. Набрзо му се врати сеќавањето за тоа што го преживеа пред да заврши тука. Низ каков пекол сум поминал, си рече кога се сети на трите чистачки со големи метли. Крај него бдееше неговиот шеф (неговото име не смее да се обелодени тука). Шефе, бев во безизлезна ситуација, му рече агентот Б. кога собра малку сила за да зборува. Само штом се упатив кон кората од банана фрлена на подот сите три ме нападнаа во исто време, со метлите, маваа кај ќе стигнат. Бев во безизлезна ситуација, ме разбираш? Готов бев да ја голтнам таблетката (претпоставувам се мисли на цијанид) само жив да не им паднам в раце. Сигурно работат за... Шефот не го остави да си ја доврши мислата, го потчукна по рамо во знак на разбирање. Важно е што мисијата е успешна, му рече, ние сепак успеавме некако да се докопаме до остатоците од бананата (се уште не можам да откријам што се криело во нив, имформацијата е класификувана како недостапна). На агентот Б. му олесни, најпосле можеше да здивне, не сакаше да знае што навистина беше целта на навидум бизарната операција. Колку помалку знаеш толку подобро за тебе, си помисли и се опушти, удобно завалувајќи ја главата во мекиот наслон. Тогаш промрморе перницата: Синко мајчин, не ти се чини дека многу сереш? (оваа перница, инаку клучен сведок, на времето бела, потоа оранжова, сега е будист во Индија и одбива да разговара со мене или со било кој друг). Молам, праша шефот, ми се чини дека некој рече нешто. Кој, не бев јас, агентот Б. збунето се поткрена од перницата, на тоа таа само прдна (претпоставувам дека во истата имало подметнато некој вид на гасна бомба); набрзо воздухот во просторијата беше затруен. Тука почнува да бидува задушливо, рече шефот чувствувајќи тежина во стомакот. Господе, зарем е можно перницава да работи за..., агентот Б. не си ја доврши мислата пред повторно да падне во бессознание.
Тоа биле последните зборови на дедо ми. Утредента, чистачката во болничката соба за интензивна нега нашла две безживотни тела. Внимателно им пришла, ми рече дека ја зела метлата в раце и неколкупати ги удрила в ребра колку да се увери дали даваат знаци на живот. И реков дека едниот од нив ми беше дедо. Таа ми изрази длабоко сочувство, се оправдуваше дека ништо друго не можела да стори. Перницата лично таа ја фрила во машина за перење. Не знам зошто ме прашуваш за неа, ми рече, беше бела, но после перењето оранжова, знаеш, тоа се случува ако переш со други алишта што пуштаат боја.
 

 






 

е:едно попладне

Ова истура, не сакам дожд.
Госпоѓо, не е потоп.
Часовникот ми запрел, по ѓаволите.
Мојот покажува пет.
Ми се чини дека никогаш нема да престане.
Госпоѓо, облак е, набрзо ќе запре.
Мразам вакво време.
Баш е убаво кога врне.
Првпат заборавив да понесам чадор и ете...
Госпоѓо, стреава е добро засолниште.
Зошто секогаш ова мене ми се случува. Се мразам себеси.
Животот е убав.
Почна да прокапува.
Госпоѓо, кај мене е суво.
Ќе прокиснам и ќе добијам пневмонија.
Дојдете наваму.
Ех, што би сакала сега да си олупам една бела мандарина.
Бела? Госпоѓо, ви се молам, таква мандарина не постои.
Постои, господине, јас сум лупела бела мандарина, на Хаваи. Како сега се сеќавам, бев на брегот и јадев бела мандарина. Беше прекрасен ден.
Не ме правете наивен, таков вид на мандарини не постои, дури ни на Хаваите...
Ама постои, жими мајка.
Не постои и не колнете се во мајка оти ќе ви умре.
Мајка ми е веќе умрена.
О, извинете... е па тогаш не знам со сигурност што друго може да ви умре; веројатно татко ќе да биде или нешто друго од најмилото...
Ме заболе стомак.
Ете, тоа може да е знак дека бела мандарина не постои.
Та вие сте биле многу суеверен.
Немојте да ми мрдате сега, значи признавате дека не постои.
Што?
Бела мандарина!
Постои, веќе реков, и не сакам повеќе да се препирам со непознати.
Пардон, тогаш дозволете ми да ви се претставам, јас сум Бромо.
Драго ми е, јас сум Мандарина.
Ох, сега гледам во што е работата, значи вие сте таа бела мандарина.
Не, само се викам Мандарина, тоа што сум бела е чиста случајност и нема никаква врска со белите мандарини.
Кои што не постојат, нели?
Постојат, ама сте упорни со вашето - не постојат, како тоа да ви е најважната работа на светот. Уште малку и ќе ви побели косата од тие мандарини, дај кажете нешто друго.
Преврна.
Да, навистина преврна.
Прекрасно, најпосле во нешто се согласуваме. Кафенце?
Чај.
 

 






 

м:мртва природа

Во мојот град ретко кој е вистински заинтересиран за уметност. Меѓутоа, јас можам да кажам дека сум, поточно од неодамна инвестирам во сликарство. Се започна сосема случајно кога налетав на мистериозен трговец со уметнини што работи на влезот на чаршијата, блиску до местото каде живеам; морам да признаам дека ова ми е многу згодно бидејќи не треба да трошам додатни пари за превоз, да одам по аукции и слични неудобности. Неодамна целата заштеда ја потрошив на копче од палтото на Ван Гог и позајмив пари да купам една од неговите четки. Тоа веќе е сериозна ивестиција, ми намигна мојот трговецот со уметнини. Патем речено, дознав дека Ван Гог не бил само сликар, туку и практичен човек. На пример, сликал и ноќе, со свеќа на главата, но што е поинтересно си отсекол уво, претпоставувам дошол до сознание дека едно му било сосем доволно (за жал не се откриени детални скици за овој акт, но несомнено е дека човекот бил гениј). За среќа оваа негова “практичност” до ден денешен не била масовно прифатена од обичните смртници како што на пример, е прифатен неговиот начин на сликање.
Денес, на пат до мојот трговец за уметнини ми се случи нешто необично. Се почна со тоа што и покажав среден прст на една госпоѓа затоа што истата за малку ќе ме прегазеше кога се обидов да ја прејдам улицата. После ова двајцата се впуштивме во расправија и набрзо ми стана јасно дека и таа всушност е уметничка душа: ми рече дека на пешачкиот премин сум стоел како мртва природа.
 

 







 

в:веѓа

Во мојот град живееше извесна госпоѓа Д. На госпоѓата Д. и фалеше веѓа. Ја изгуби уште во раната младост. Додека беше дете се криеше дома од погледите на другите. Подоцна тој естетски недостаток вешто го прикриваше со шминкање, преживуваше така повеќе од триесетина години. За тоа време се ожени, имаше успешен брак и две деца. Дури и мажот и не знаеше за тајната со веѓата, или барем таа си мислеше така. Еден ден некој почука на нејзината врата. Госпоѓата Д. целата се наежави, претчувствуваше дека ова ќе биде најлошото. Кога ја отвори вратата таму стоеше полицаец во придружба на службеник од Државното биро за откривање на естетски недостатоци, отсек Лажни веѓи. Немаше потреба истиот да покажува идентификација, ниту да отвори уста, госпоѓата Д. пребледе од страв, знаеше дека ова е крај на таквиот живот. Молчешкум си ги спакува најнеопходните потрепштини во едно куферче. Ја одведоа во непознат правец (приборот за шминкање и беше уништен на лице место). Таа зад себе остави две надарени деца, сега веќе студенти на престижни факултети во странство, успешна кариера во банкарство и прекрасен сопруг, врвен археолог.
Штета, изгубивме таков стручњак и вредна жена и мајка, беа првичните коментари на нејзините колеги на работа. Меѓутоа, кога случајот се затвори и беа објавени сите факти, нејзината колешка и прва пријателка ја заниша главата од згрозеност. Неверојатно е како можела да остане толку време незабележана со лажна веѓа, рече таа. Господе, кога ќе си помислам само, страшно, страшно.
Да, се согласи една постара колешка додека го пиеја утринското кафе. На денешно време човек треба широко да си ги отвори очите, никогаш не знаеш со кого си имаш работа, рече таа внимателно отпивајќи од жешкото кафе.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања

























































































































































































































































 

  д:дома