т:темплум  


2007:октомври/ноември
општ конкурс


а:авторка без дела


г
:години: (10 +10)+5-2=?
п:професија/интереси: интерес да живеам од професијата и…од хоби - то
н:нешто за себе: среќно дете бев, после пораснав…
me_lorek@hotmail.com






 

л:лена

Лена е запуштена, размазена, итра 30 годишна девојка која живее со своите родители во добро ситуиран стан во центарот на градот. Лена е едно дете и од преголема љубов кон неа родителите не ја тераат да се вработи. Татко и` добива многу пари од фирмата која од скоро ја приватизира. Мајка и` работи со татко и` во фирмата. Лена скогаш има пари со себе, но никогаш не и` се доволно. Нејзините родители се чудат како успева толку брзо да ги потроши и честопати поминуваат цели ноќи разговарајќи скришно од неа за што би можела да ги троши. Не се осмелуваат да ја прашаат за да не ја навредат. Мајка и` секој петок и` дава пари за козметичар за да се среди за престојниот викенд, па да излезе во град и што побрзо да најде момче кое ќе се согласи да ја земе. Од парите за козметичар, Лена купува еротски списанија и има колекција од списанието “Playgirl“. По враќањето од козметичар каде што мисли мајка и` дека била, Лена воопшто не изгледа променето. Мајка и` секогаш вели дека кога би знаела за друга би ја сменила таа неспособна козметичарка која само и `ги зема парите и уште бара да и` се доплати за посебните услуги кои ги вршела на лицето на Лена. Барем Лена така вели ама таа лаже само за да може да го купи своето најомилено списание кое во меѓувреме поскапело. И покрај тоа што ѕидовите во нејзината соба се изналепени со слики на згодни момчиња кои ги сече од сисанијата, таа се чувствува осамено. Понекогаш замислува дека некој или повеќе од момците на сликите оживуваат и постојат само за неа. Тогаш е пресреќна. Но,кога ќе се врати во реалноста таа е повторно сама и тажна.
Еден ден решава вистински да се потруди и да си ја побара среќата.Тргнува во потрага по детелина со 4 листа. Бара цело попладне во широката полјана во паркот. Сонцето е во заоѓање, а таа воопшто не нашла никаква детелина,а камо ли со 4 листа. Тогаш си помислува дека кога би имало табли во паркот на кои ќе пишува на која полјана - што расте, таа можеби досега ќе нашла повеќе детелини со 4 листа. Седнува на тревата и помислува дека тоа би можела таа да го направи. На тој начин би станала славна и многу екологисти и цвеќари би сакале да ја запознаат. Тогаш би можела дури и да бира...маж... Со голема насмевка на лицето трча за да се врати што побрзо дома и да ги направи родителите горди. Трчајќи се сопнува на нешто. Паѓа на глава со лицето во тревата. Чувствува благ допир на нејзините рамења и не знае дали сонува. Ја поткрева главата, а пред неа стои висок тип, добро развиен. Тој носи фармерки, горе не носи ништо. На стомакот јасно се оцртуваат мускули. Таа зјапа во него а од устата и` висат неколку тревки. Тој и` помага да стане. Таа му се фрла во прегратки. Тој стои ладно и вели дека би можела да добие повеќе ако има пари. Таа сфаќа дека тој е жиголо. Му кажува дека моментално нема пари ама дека ако и` даде сега на вересија ќе му врати со камата. Типот се навредува и и` кажува дека е професионалец, дека е учен да прави чест секому кој плаќа однапред. И`предлага разговор и таа прифаќа. Седнуваат потпрени на едно дрво. Тој и` кажува дека започнал да се бави со таа работа од очај бидејќи никако не можел да го положи последниот испит на машински факултет. Со тек на време ја засакал работата, прво дека е хумана, а второ бидејќи смета дека има сличности со тоа што го студирал. Ја прашува што таа работи и таа му кажува дека дома водат фамилијарен бизнис. На прашањето дали таа има удел во тој бизнис, Лена одговара дека сега за сега е само секретарка, ама барем чесно и со љубов си ја работи работата. Тој вели дека многу го цени тоа. Одеднаш тој се замислува и гледа кон небото. Се присеќава дека мајка му пред околу месец дена му рече дека треба да се жени. Си помисли: “Девојкава има работа, фамилијарен бизнис, чесна е, искрена и наивна. Најверојатно ќе ми биде покорна, а и ќе носи пари кога е сезона на верни жени.“ И` предлага брак. Таа е пресреќна и не може да ја скрие возбудата. Му ги бакнува нозете. Тој ја отргнува и вели дека треба да се договорат за свадбата. Предлага да биде идното лето за да можат двајцата да се подготват психички и да се трудат да постигнат што повеќе на работното поле, па за една година ќе се видат на свадба. Тој мисли дека Лена ќе стане повеќе од секретарка до тогаш, па затоа и` дава една година. Лена се враќа дома и им соопштува на родителите дека ќе се мажи на лето. Му се нафрла на татка си на врат и му кажува дека мора да ја вработи во фирмата како секретарка. Тој ја одбива кажувајќи и дека тоа е сероизна фирма, и дека не може да ја стави неа за секретарка кога ги нема сите години од средното образование. Но, таа почнува да вика дека тој намерно сака да ја понижи и дека кога би сакал да биде среќна, со протекции би ја поставил за секретарка. Тој е исплашен неговата ќерка, навистина да не мисли дека не ја сака и и` ветува дека ќе ја вработи. Лена започнува интензивно да работи на својот изглед. Сега секој ден оди на козметичар, за првпат се депилира и почнува да ги лакира ноктите. Ги кине сликите со згодни момци од нејзината соба, постојано повторувајќи си дека сега ќе има згодно машко тело во живо. До свадбата се слушаат секој трети, а понекогаш и втори ден по телефон. Доаѓа и денот на свадбата. Двете фамилии се наоѓаат пред црквата која Лена и Јован ја избраа. Со колите пристигнуваат во исто време. Но, кога Јован излегува од колата Лена не може да го препознае. Тој е здебелен најмалку 20 килограми. Татко и` веднаш ја фаќа под рака за да ја внесе во црквата и таа нема можност да му проговори. Влегуваат во црквата и тие се наоѓаат еден до друг. Лена го гледа со гримаса и го прашува што направил од себе. Тој ја прашува дали ја унапредиле на работа. Таа многу се вознемирува од смелоста на неговото прашање. Го прашува дали воопшто има општа култура кога и` поставува такво прашање. Тој рамнодушно и` кажува дека кога веќе влегле во црква нема да ја остави иако не ја унапредиле. Таа спобудалува, почнува да вика и да трча низ црквата, обраќајќи им се на иконите: Зошто овој мораше да се здебели!!!Зошто!!“ Таа ја сквернави црквата. Одеднаш паѓа и умира. Овој мистериозен случај не е решен до денес. Денес Јован е повторно згоден.
 





 

з:за волја на вистината

ВИСТИНАТА: Уште од своето раѓање Искрениот ми беше посветен. Му дадоа име Виктор, затоа што сакаа да биде победник. Наместо со победи, тој се бавеше со мене, а јас често му донесував порази. Затоа сите го викаа Искрениот. На прашањето, кого го сака повеќе, дали мајка му, или татко му, без размислување, одговoри Бо – ни. Тоа не беше кратенка од имињата на неговите родители, од Бојана, татко му, и Никола, мака му. Односно обратно! Ете и вистината може некогаш да згреши. Иако ретко, сепак се случува. Бони беше името на нивната кучка.
Во градинка, ако се измочкаше на креветот, ќе кренеше рака и пред сите ќе и` кажеше на улителката што направил. Сите деца почнуваа да се смеат, па и учителката, но тој не се срамеше од мене и не помислуваше да ме сокрие.
На приемниот испит за запишување во гимназија, седев до него. На клупата му фрлија ливче на кое требаше да го пишува одговорот на единственото прашање кое не го знаеше. Го фатија. На излегување, Сања, соученичката која чувствуваше нешто кон него, го зема ливчето од кантата за ѓубре каде што го фрли наставничката откако го отстрани од испитот. Го отвори. Пишуваше – „Искрен, искреноста не се исплати“ .
Не смеев да дозволам да биде точно тоа што пишуваше на ливчето. Веќе почнав да размислувам како да му се одолжам. Само да ми се укаже прилика.
Навистина немав прилика кога пиеа и дуваа со другарите во паркот измеѓу часови. Неговиот другар успеа да се „извади“ кога го прозва професорката да одоговара. Рече дека е вознемирен заради баба му, која можеби баш во тој момент испушта душа. Баш во тој момент, баба му беше на пазар. Мене можете да ми верувате. А, Искрениот кога го прозваа рече...рече...уф, не ми текнува...еј, па чекајте тоа го снимав со мобилен. А, снимав, затоа што во последно време почувствував дека меморијата ми е се` послаба. Се надевам дека нема да зборавам дека треба да му се одолжам на ова дете..некако!
ПРОФЕСОРКАТА: Виктор? Ќе не потсетиш ли ти на минатата лекција?
ИСКРЕНИОТ: Ја научив минантата лекција, ама сега не би можел да ве потсетам, затоа што и сам не се сеќавам на неа.
ПРОФЕСОРКАТА: Како може да не се сеќаваш, ако си ја научил?
ИСКРЕНИОТ: Мислам дека сум пијан...ми се лоши...
ВИСТИНАТА: И повторно за да ме заштити мене, Искрениот си наштети
ПРОФЕСОРКАТА: Дојди ваму. Со кого пиеше?
ВИСТИНАТА: Кога не сакаше да ја каже вистината, молчеше. А, потоа поврати врз професорката.
Го суспендираа од училиштето. За тоа време татко му го зема кај него на работа. Татко му беше директор на фирма и нормално, имаше секретарка. Од вториот ден на работа, Искрениот почна да се сомнева во искреноста на татко му кон мајка му. Сепак, не сакаше да избрзува со заклучоци.
Навечер низ град, често ја среќаваше Сања. Истата онаа Сања која го извади ливчето од кантата за ѓубре по приемниот. Една вечер, Сања го бакна. Во уста. Не на француски начин..на начин како што си знаеше. Потоа Сања рече, цитирам:
САЊА: Сама сум дома...
ИСКРЕНИОТ: Можеме да отидеме кај тебе...
САЊА: Да одиме!
ИСКРЕНИОТ: Може да биде се` што сакаш, ама нема да биде искрено од моја страна. Ако сакаш да ми бидеш девојка за една вечер, може да одиме кај тебе, ама утре не очекувај да се држиме за раце.
ВИСТИНАТА: Љубовта за него беше света работа, и само ако вистински чувствуваше нешто, се одлучуваше на чекор. Највеќе од се`, мразеше лажење во љубовта. Во случај да не приметивте, да ви обрнам внимание дека меморијата ми е подобрена, на лекарства сум...на природна база...Кај застанавме? А, да.
Сања гледаше некое време во неговите очи. Потоа му удри шамар и со трчање си отиде.
Неговата искреност почна да ги повредува и другите. Ми беше непријатно што толку слепо се држи за мене. Никој досега не ми бил толку верен. Навистина сакав некако да му се одолжам. Добро е, сега сум на лекарства, нема да заборавам да го направам тоа.
После една недела помината кај татко му на работа, немаше сомнеж за неговата афера. Татко му реши да му признае, како маж на маж. Бараше од него да крие од мајка му, ако нешто го праша, бидејќи таа е сеуште вљубена во него и ова би и` го скршило срцето. Искрениот молчеше и гледаше во татко му. Колку поцврсто се држеше за мене, толку повеќе му го кинеа срцето. Потоа рече....за ова не ми требаат лекарства да го запомнам:
ИСКРЕНИОТ: Ако излажам, ќе умрам. Само толку да знаеш.
ТАТКОТО: Ајде, ајде, не се умира од една лага.
ВИСТИНАТА: Вечерта, мајка му дојде во неговата соба додека спиеше. Ова го снимав со камера. Можете да го најдете на youtube.
МАЈКАТА: Виктор, синко, разбуди се. Морам да те прашам нешто. Знам дека само од тебе можам да ја добијам вистината. Дури одеше кај татко ти на работа...примети ли нешто...
ВИСТИНАТА: Срцето му чукаше многу брзо.
МАЈКАТА: Не знам што ќе биде со мене, ако дознаам дека ме изневерува, ама морам да знам. Те молам, кажи ми. Ти знаеш колку е важна вистината.
ВИСТИНАТА: Искрениот молчеше.
МАЈКАТА: Молчиш. Значи има нешто што не сакаш да ми кажеш?
ВИСТИНАТА: Вистината веќе почна многу да боли. Немаше сила да и` ја каже вистината на мајка му. Нешто се прекрши во него. Јас почувствував како се одделува од мене. Ме заболе глава. Знам дека требаше нешто да направам, но не ми текнуваше што.Терапијата ја прекинав, скапи беа лекарствата.
ИСКРЕНИОТ: Не мамо, од каде ти е тоа? Ништо такво не приметив. Нема причина да се сомневаш.
ВИСТИНАТА: Мајка му го гледаше долго во очи. Toј реши да го издржи погледот, да одигра до крај, иако главата му бучеше, стомакот нешто му го раскинуваше. Мене ми се тресеше раката, а со тоа и камерата. Затоа не замерувајте за снимката на youtube. Главата се посилно ме болеше. Почнаа да ми течат капки пот по лицето. Ја ставив ракаат во џеб да извчечам паломи и дофатив нешто тврдо. Ја извадив раката сосе тврдото. Тоа беше апче. За помнење..на природна база..случајно останало. Го голтнав. Без вода. Се сетив. Дојде моментот да му се одолжам!
МАКАТА: Сега ми е полесно. Знам дека ти не би ме излажал. Можеби мене ме фаќа параноја на средни години.
ВИСТИНАТА: Мајка му се насмеа, го бакна во челото и излезе. Искрениот, сега веќе само Виктор, продолжи да лежи. Изгледаше како да е мртов. Рече ако излаже, ќе умре........ Морав да го убијам. Јас, вистината, не дозволив неговите зборови да бидат залудно кажани. Морав да му се одолжам за сета негова почит кон мене. Лежеше со отворени очи. Не само што изгледаше туку и беше мртов.
Тоа е целата вистина. Ако сметате дека треба, осудете ме. Затоа што, сепак, за моја волја и јас можам некогаш да погрешам....

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања















































































































































































































































 

  д:дома