2007:октомври/ноември
општ
конкурс
a:alena
www.alena.blog.com.mk
к:каде е метлата?
Се растури телефонот од
сабајле. Ретки беа деновите кога во вошливата агенција за недвижности
зуеја апаратите, кога се комуницираше со надворешниот свет, кога се правеа
пари. Фени добро се снаоѓаше во метежот. Изнајмуваа евтини станови
претежно на студенти голтари, чудни брачни парови и нешто кусур фрикови.
Становите беа гнасни и празни исто како и паричниците на клиентите.
Забетонирани во маргините на скопскиот вриеж оргазмично го исчекуваа
пенетрирањето на смрдливите станари.
Во единаесет часот Фени веќе договори обиколка со еден клиент со чудно
име, Кети-Метлата. Висок, црномурест маж со неверојатно грди црти на
лицето. Очите му беа модри и испапчени така што постојано делуваше
зачуден, лицето исшарано со брчки кои инаетливо му ги издаваа годините.
„Г-дин Крсте, зошто побогу Кети Метлата?“ љубопитно праша Фени.
Метлата почна да се смее хистерично гласно. Се приближуваа кон станот
чекорејќи синхронизирано. Тој гледаше долу, на асфалтот, внимавајќи да не
го изгуби ритамот на чекорите. Откако се изнасмеа брзо го сложи зачудениот
израз на лицето и почна да раскажува:
„Ме дупат копиљаците, ете затоа. Стар сум, а ни порано не бев многу убав.
Ама поинакви времиња дојдоа сега. Ем стар, ем грд...ем педер.“ направи
кратка пауза и продолжи. „Немам друга опција освен да харам по Терминал во
потрага по малку разонода, ако знаеш на што мислам. Ко шо ме дал Господ не
сум баш некоја мостра па изборот ми е стеснет, девојче. Ете така ми го
турија надимакот мамицата нивна.“ заврши.
„Ама како? Не те разбрав ништо верувај.“ збунето го гледаше Фени.
„Епа така де. Кети од Крсте затоа што во тоа време да си педер значеше да
си женско, женско петле, женче. Немаше поголема стигма за еден маж. А
Метлата ти кажав веќе. Дури и Терминалките имаат некаков критериум па
обично одам доцна навечер и ги собирам момците или мажиштата што никој не
ги сака. Ѓубрето де. Цигани, просјаци, инвалиди, ретардирани...дај шта даш
битно секс да падне, кур да има де. Ете така ме завикаа Кети- Метлата-
главен чистач на Терминал.“
Фени ја стегаше една грутка во грлото додека ја отклучуваше вратата. Ја
проколнуваше својата професија и фактот што животот и стана лузерски
изигрувајќи психијатар на „утепаните“. Ја отвори вратата и некое време се
бореше со пајажините.
„Добро би му дошла женска рака“ се сепна „Се извинувам Г-н Крсте не
мислев...“
„Во ред е. Не е толку страшно. На крај се навикнувате.“ мумлаше Метлата.
Беше ужасно прашливо и темно. Одвај се дишеше.
„Ќе прошетам сам“ инсистираше Метлата. Фени стоеше на вратата и го гледаше
како се движи низ дувлото. Колку подлабоко пенетрираше, толку повеќе му се
губеа човечките црти на Метлата. Бучно кашлаше и за момент на Фени и се
пристори оти кашлањето преминува во животински рик. Неверојатно-помисли
Фени. Човеков почна се повеќе да ја потсетува на огромна мутирана лебарка
која споро и тромо се движеше низ она што сега наликуваше на пештера.
Очите му се испапчија уште повеќе и добија ненормално голем облик. Скршна
лево кон тоалетот и штом и` исчезна од пред очи сите шумови се стишија.
Фени стоеше можеби половина час на вратата чекајќи. Го викаше по име ама
попусто, лебарката како да исчезна. Се намршти и влезе во станот. Од
Метлата ни трага ни глас. „Веројатно здувнал преку прозорот над `рѓосаната
када“-помисли „или вистински се претворил во лебарка суртукот„ Ништо од
овој. Голтар- промумла. Збунета се врати во агенцијата. Во дванаесет часот
требаше да се сретне со уште еден клиент.
Наместо да се појави во агенцијата клиентката точно напладне се јави на
телефон. Фени беше веќе преморена и нерасположена за поплаките на
незадоволните. Од другата страна на линијата се слушаше женски глас како
вреска нешто неразбирливо: „Се е толку нечисто! Како? Како? Кажете ми
како, ви се молам!“
„Полека! Објаснете ми смирено, ништо не ве разбирам“ се вмеша Фени во
хистеричниот монолог.
„Ви плаќам за станот госпоѓо! Редовно! Ама се` е толку нечисто.“
„Плаќате џабалук!“ сега веќе видно изнервирана ја пресече фени.
„Слушај! Се` потрошив на детергенти, средства за чистење, киселини и
сапуни. Не се вадат дамките лесно. Еј! Се скинав од хорс за да бидам
свесна и способна да си го чистам телото, креветот и домот ама попусто.
Повторно смрди. По цел ден перам, рибам, вадам маснотии и бактерии.“
гласот веќе омекна и од првичната хистерија остана само тивко цимолење.
„Не можам повеќе, верувајте. Четките и џогерите се во ред, ама
метлата...метлата...“
„Слушај ме сега ти мене“ ја пресече Фени повторно „од пред Телевизија ти
дозволив директно да се вдомиш во сопствен стан скоро за ич пари. Не секој
дозволува радодајки да му се мотаат по куќи ама ете газдата се погоди фин
човек па замижа само поради моите молби“ редеше Фени свесна за гнасните
лаги кои и беа секојдневие. Беше свесна дека стана ситен трговец
расправајќи се со едикакви скитници.
„Доста!“- повторно писна клиентката. „Од нив се чистев по улици, од тие
ваши фини господа кои за 500 денари ме трошеа и валкаа по тротоари. Сега
ме напаѓаат лебарки. Огромни мутирани лебарки! Сакаат да ме јадат. Нема
спас госпожа од нив. Четките ми ја корнат кожата и ефективни се во
чистењето. Тријам додека не ми потече крв, ама јас за лебаркиштава се
јавив. Со метла ги тепав и никогаш не успеав да ги отепам. Конечно ме
победија во битката.“
„Молам?“ збунето праша Фени.
„Ја изедоа метлата еееееј! Сега јас сум на ред. Денес гледам зад креветот,
а тие со надуени стомаци ме буљаат во очи и ми се смеат, ми се
потсмеваат.“ повторно почна да го повишува тонот.
„Глупости! Глупости!“ нервозно повторуваше Фени.
„Епа каде е тогаш метлата? Каде е метлата?“- се дереше ужасно гласно.
Фени веќе не можеше да издржи. Најпрво ја одлепи слушалката од увото, а
потоа силно ја тресна од масата и ја прекина врската без никакво
објаснување. Се мешаа заморот и нервозата. Уште еден клиент и конечно
паузата за ручек. Го натна палтото, ја закачи чантичката на рамо,
клучевите ги натисна во џебот од панталоните и се упати кон бензинската
станица каде се чекаше со извесна Мо.
Уште одалеку ја забележа ситната фигура на дај боже идната клиентка. Мо
беше исклучително витка. Се движеше како расштрафена дрвена кукла.
Мирисаше на земја како црв. Имаше долга и неуредна руса коса изгорена од
евтиниот хидроген. Целата беше расцувкана, бушава, како никогаш да не ја
исчешлала.
„Добар ден. Јас сум Фени. Вие мора да сте Мо.“ се насмевна кисело Фени.
„Таа сум“- кратко одговори.
„Значи на почеток да ви ги соопштам генералиите. Цената е многу ниска,
станчето цврсто, стабилно, троа несредено ама на крајот на краиштата сепак
кров над глава нешто значи нели?“ почна да се умилкува Фени. Очајно и беше
потребно да склучи барем еден договор денес за да земе плата месецов.
„Да го видам“ во еден здив рече Мо.
„Каде живеевте до сега?“ сакаше да биде љубезна во обработувањето на
потенцијалната муштерика.
„На улица.“
Кога подобро се загледа во косата Фени забележа заплеткани суви лисја и
парчиња земја и трева во мрежата од влакна. Фуј- се стресе и го заврте
погледот. Мо ја забележа.
„Личи на метла нели? Штом си најдам стан ќе почнам да се чистам. Имав
убава коса додека главата не ми се наполни со темни спомени па ете...сама
од себе израсна и метлата...да ми помогне...да ги расчистам
мислите...знаете.“
„Во ред е“ ја замолча Фени сега веќе напуштена од идејата да и се
додворува. „Оваа е печена. Станчето и треба ко леб“- си помисли.
На сред пат Мо застана и се сврте кон Фени.
„Колку ќе ме чини?“
„Пааа, да се договориме...знаете...“ почна да заобиколува Фени.
„Кажи ми колку?“ очајно настојуваше Мо.
„1000 денари месечно. Помалку не можам и не смеам“ попушти Фени.
„Во ред. Да се пребројам па ќе се вратам во агенцијата за половина час.“
„Зарем нема да го ѕирнете пред да...“
„Кров над глава зарем не?“ се насмеа Мо и замина во спротивен правец.
Фени се врати во агенцијата и чекаше. Поминаа два часа, а Мо се` уште не
се појави. Излезе надвор, на уличката пред агенцијата да запали цигара
кога забележа една сучка слаба и ќелава жена.
„Мо?“ се зачуди Фени „Каде е метлата?“
„ Се пребројав“ одговори со насмевка „ова единствено можам да си го
дозволам. Да им ја подарам метлата на лебарките за ручек.“
о:огледало
Жолтеникава боја.
Тумби-румби во рефлексијата на огледалото. Мојот газ е полн со целулитни
(Прости ми Боже!) нерамнини. Го натегам мидерот. Хиииииии. Снемав здив за
момент. Така! Сега е мазно. Се слизнува лененото фустанче врз се` уште
(Фала ти Боже!) цврстите цициња. Застанува неколку секунди набодено на
пупките и успева да ги покрие лизгајќи се до натколеницата.
Ја испакнувам устата. Стојам пред огледалото зачудена од поинаквоста.
Шлапам од црвениот кармин (пред да ставите кармин нанесете слој течна
пудра и тоа ќе ви ги зголеми усните- цитат од женско списание. Благослови
не` Боже со уште Библии.)
Зад мене се редат старите. Им ги гледам насмеаните лица во огледалото.
Такви лудости ги тераат на смеа, на среќа. Само еден фустан, маскара, руж
(избегнувајте премногу розевкаст руж кој би ви ги намалил јаболчниците.
Избави не од нечестивиот розев Боже!) и кармин наместо сивите панталони и
голото лице. Сакаат да ме шетаат ваква пред светот. Да видат сите дека
нашево женско било.
„Излегувајте! Ми треба простор и време да се создавам.“
Во собата сум сама сега. Огледало, кратко фустанче и влажна пичка. Вечер,
за промена, сакам една иста ваква женка да ме лиже, да ми ги натиска
тенките прсти до матката, да буричка внатре, да ги открие скриените високи
потпетици, тенки струкчиња, екстензии на коса, пегли, тенџериња, мајки...
На улица ми свиркаат мажи. Првпат (Нека е свето кршетавењето Боже!) Ме
гледаат. Првпат сфаќам дека го чувствуваат моето присиство. Ме фаќа паника
(Стресот и целулитот се најголемиот женски комшмар. Знам драга Уредничке.
Богу фала за тебе!) Тие знаат дека постојам, дека го фрцкам газето за да
не ме осудат, дека ја вртам главата глумејќи недостапност
(Незаинтересираноста може да биде афродизијак девојки! Амин!) Во клубот
влегувам без проблеми. Повеќе нема чекање ред.
„Карта за тебе не мора вечерва кукле“ ми се смешка вратарот.
Доле е џунгла, а џиберот ме фрли во неа тотално неподготвена. Си ја
поднаместувам косата. Фрц лево- фрц десно се нишаат колковите.
Тестостеронот се лепи до мене. Пијам џабе. Конечно (Твоето момче сака да
ти ја плати пичката...упс!.. пијачката! Благословени да се дарежливите
зашто нивно е царството небесно!)
Почнувам да се чувствувам малку посигурно. Стравот уште постои ама
колената не ми клецкаат повеќе. Успевам да ја сокријам паниката од
очигледноста. Сателитско око ме набљудува додека ширим мирис на женка.
Веќе четврта текила ми го гребе хранопроводот (Прости ми Боже за
нелогичноста!) Се е течно во мене. Јас сум сок, лигава течност, слуз,
влага и мекост.
Ена и дечко и` се трљаат на подиум. Ена. Толку е сигурна во кратките
панталончиња припиени на прчастото газе. Ја голтам со поглед. Се нацртав
до нив веднаш. Со раката поминувам врз напупчените усни на Ена. Суви барут
(Сјајот за усни чувајте го секогаш до себе. Мед излегува од устата на
бого-милите!) Очите и` се превртуваа. Очекував секси поздрав или луцидна
досетка како од филм ама наместо тоа Ена едвај јасно промумла:
„Еј, пиче лом сум. Сакаш табла?“
„Не.“ одговорив. Кратка пауза и: „те сакам тебе.“
Се насмеа кривејќи ја устата во лакрдиска поза. Немам време ниту желба да
размислувам за естетскиот впечаток. Се лепам до неа и се триеме така цела
вечер. Гоце се пикаше меѓу нас, ме гмечеше и ми го плескаше газот
(Еротиката е скриена во секси ќоше. Стапот е измислен во рајот Боже!).
Небитно.
„Да одиме кај Гоце“ предложи Ена.
Во лифт го вадам претесниот мидер. Телото се разбранува (Казна! Казна за
непослушните. Телото е подложно на дисциплина драги читателки. Свети
Космополит...ен!) Подобро гола отколку напалена и недостапна.
Неуредна соба. И се фрлам на Ена како гладно животно. Ја расоблекувам, и`
ги грицкам цицките, со раката и го скокоткам клиторисот. Плунката и` е
горчлива и смрди на цигари (О ангели небесни и wrigley`s spearmint!)
Погрешно! Погрешно! Се сепнувам. Ги тргам рацете од Ена и се сместувам во
удобната фотелја. Ги раширувам нозете. Фустанчето се дигнало до папокот
(на светот? Семоќен Писателу имај милост кон лудава женска глава која се
дрзнува...) Рацете ми се над главата која ја навалив на потпирачот. Така
се тренира пасивна достапност.
Ена клекнува пред мене (Понизноста е света особина. На колена клечат
избраниците Божји.) Со прстите ми ги шири срамните (Прости ми Боже!) усни.
Со јазикот трза горе-доле. Нежно и скокотливо. Ме пецка нешто во тилот.
Инстинктивно (Едно е човекот, друго се животните и не се тие подеднакво
мили на Бога.) го вртам јазикот во мојата уста шмукајќи си ги непцата.
Сакав да и` ја натиснам во мојата уста ама се воздржувам. Ена го вовлекува
јазикот во мене (Пичкина лчитургија. Секој дел од телото го слави Бога.
При миење на вагината користете шампон со благ мирис кој би ја уништил
демонската киселост.) И` ја стискам главата со нозете. Карлицата ми
спласнува уште подолу (Кај бремените жени карлицата се шири. Телото се
спрема за промена. Вежбајте почесто и внимавајте на исхраната.
Благословена да е тенката кралица со широка карлица!) Со бутните мускули
го грчам телото па го опуштам во немирна вибрација.
Прво еден, па два, па три прста ми го ширеа отворот. Има ли внатре нешто
изгубено? Ќе го најде ли скриеното?
Ги отворам очите. Гоце седи гол спроти нас со џинот во раце. Дише
забревтано и му се заблагодарува на Бога. Дланките му брзаат горе-долу.
Кожичката се тегне.
„Ена! Дрш!“ И` подава краставица облечена во кондом.
Без да го погледне Ена ја подава раката и ми го набива зеленчукот. Се
растече крв (Псалми не ќе се пеат за нечистите. Во „оние денови“
избегнувајте бела облека. Женската крв е отровна и застрашувачка.) Гоце
почнува да рика од возбуда. Ена ја набива краставицата се подлабоко и
побрзо трескавично грчејќи се. Со другата рака си го трие клиторисот. Јас
врискам. Болка, влага, ритуално урлање.
Тој се нацрта пред мене. Џиновското парче месо ми го набива во лице.
„Отвори ја устата“ писка Гоце
„Не!“ вриснувам „Не ме допирај!“
„Ајде ма!“
„Не! Не!“
Станувам од фотелјата туркајќи ги двајцата. Потполн молк. ТРЕС! одѕвекнува
по моето лице. Потоа уште една шлаканица па тегнење на коса.
„Сакаш да ја работиш девојка ми, а не сакаш да платиш за тоа? А?“ урла
Гоце.
„Ама јас не ја работам неа. Таа мене...знаеш таа...јас денес не...“
„Излегувај!“ ми ја покажува вратата.
Се облекувам набрзина бегам од станот додека двајцава се работат на
каучот.
Ме боли шлаканицата, ми смета искубаната коса и размачканата шминка. Немам
гаќи, струк (Во името на 90, 60, 90. Слава теби Боже. Избави не од
несовршенство.) прчест газ, немам свиркачи по улиците, немам надзор, нама
појава...само нејасно тело во движење кое брза да се скрие во сивите
панталони и невидливоста на голото лице.
у:утро
Утрото е состојба на
помеѓу. Трепкав рекламен билборд при недостиг на струја. Матна соба и
парчиња шарени соништа. Очните капаци пулсираат во обид да ги раздвојат
вљубените трепки. Истегнувањето на екстремитетите го грчи телото. Коски
пукаат со домино-ефект.
Собата ги добива своите контури. Фокусот е изострен и треба само да
трепнеш уште еднаш за да ја замрзнеш сликата. Мојата соба е фотографија,
ковчег, ров, зандана...
Утрото е градежник. Ме бетонира во оска и ротирачки ги крева ѕидовите.
Во устата е труло. Мала смрт на зборовите и киселина која ми го распарува
желудникот.
Кога ме притиска тупаница во грлото почнувам да раскажувам. Така го
исплукувам горчливото парче внатрешен секрет и можам повторно да дишам на
уста.
Лил е горчливо парче месо. Таа е создателка на најмачните киселини во
желудникот. Секакви секрети предизвикува Лил во моето тело. Се` станува
течно кога на вратата од мојата соба ќе се појави Лил.
Клуч и катанец. Јас и Лил. Неможност за вкалапување. Деструктивни
комбинации се котат како зајци во мојата соба. Стомак и храна. Утроба и
рожба. Породот е недозволив, фаличен, грд.
Стомак и храна. Не облекувам ништо. Се полнам одвнатре. Огромни парчиња
месо, мртви свињи, пилиња и јагниња. Згрутчено млеко од кравјо виме.
Мелени опашки и нокти зачинети со ген од верверичка. Компир и црв.
Чоколадо од виолетова крава. Има место за уште. Дневни весници, целулоза и
олово. Тутун и катран во хартиена обвивка. Прекор и пцост. Страв и
малодушност. Анксиозност како гарнир спремен на австриски начин. Виенски
валцер со работното столче. Осаменост и изолирбан.
А на пладне?
Ја рушам собата со здрвени петици и трчам кон ве-це школката. Клекнувам на
колена пред мојот олтар во тоалетот. Главата ја спуштам понизно надолу се`
додека прецизно не ја наместам токму 2 сантиметри над мисериозната дупка.
Со едната рака ја обвиткувам елипсовидната дупка. Другата ја доближувам до
главата и ги истегнувам показалецот и средниот прст. Тие двата влегуваат
во усната шуплина длабоко, длабоко се` додека не ги почувствувам
крајниците на нивниот врв.
Грлото почнува да се грчи. Хранопроводот пулсира. Јазикот вибрира.
Краткотрајна агонија па пауза. Потоа повторно. Го дразнам желудникот преку
цревата, грлото и устата. Верижна реакција.
Стомакот е полн, а желудникот мрзелив. Потеков како тампон во крв што е
сосема нормална состојба за во собата. Надвор е поинаку... Уште еднаш.
Прстите пенетрираат во устата. Ги скокоткам крајниците. Се спрема бура во
мене. Маршираат злосторници кон излезот. Киселкава слуз се лепи за
јазикот, а очите се наросуваат. Давам напор како родилка. Го грчам лицето
и ги натискам прстите уште подлабоко. Тензијата расте. Ушите зујат.
БРААААААААМ! Како лава од вулкан истекува срамот. Силно и масовно низ
устата оди во дупката од ве-це школката. Парчиња ужегната салата, порази,
мувлосан леб без пеницилин, вишок килограми, вулгарни страсти, грешни
допири, хрчаци во карбонара сос, испратени писма, омразено детство,
украден велосипед, изжвакано пилешко крило, свински ребра, сменети
презимиња, слики од опасни идоли, сок од портокал и половина хемиска
лабораторија, вагинална слуз, вирус, Лил...се` се тркала низ водоводните
цевки некаде во подземјето на мојот град.
Завршетокот на молитвата го славам со плисок вода по лицето. Телото ми е
намалено, стомакот спласнат, тежината оптимална. Нема опасност. Ги
облекувам тренерките, ранецот го ставам на грб и излегувам Надвор. За
светот вистиски доброто утро започнува со џогинг.