октомври
т:трајковиќ весна
г:години:19
п:професија:
студент по внатрешен дизајн (иден резисер:)
и:интереси:
литература, дизајн...
trajkovikvesna@hotmail.com
с:сон
Госпоѓицата Л. се разбуди рано
тоа сончево октомвриско утро. Сонуваше многу лош сон, кој што премногу ја
вознемири , така што не можеше да продолжи со спиењето, иако беше многу
уморна. Видно потресена ги отвори очите и се погледна во искршеното
огледало кое што се наоѓаше веднаш до креветот. Единствените сончеви зраци
кои успеваа да влезат во темната соба низ дебелите завеси, се рефлектираа
од искршените парчиња на огледалото и даваа некоја посебна слика на ѕидот.
Госпоѓицата уживаше наутро кога ги гледаше тие најразлични форми и често
се навраќаше на детството. Се трудеше да се сети барем на некој миг, но
никогаш не успеваше. Единственото нешто, што имаше врска со тој период од
нејзиниот живот, беше овој стан. Но, повторно не можеше да се сети на
ништо. Како некој да влегол во нејзиниот живот и избришал се. Со овие
мисли се будеше и заспиваше веќе неколку години.
Мислите и ги прекина сеќавањето на сонот што го сонуваше. Сеуште не можеше
да си го објасни тоа што го почуствува ноќта. Остана да лежи во креветот
уште неколку минути и кога се увери дека повеќе не сонува, реши за промена
тоа утро да стане порано. Нагло се исправи од креветот, тегнејќи ги
рацете, иако некоја огромна сила ја влечеше назад во удобната постела,
сепак реши дека денеска ќе го искористи денот со тоа што после неколку
дена повторно ќе излезе надвор и ќе седи во паркот што се наоѓа во
близина. Се надеваше дека барем тоа ќе и помогне да се сети на времето
кога била дете.
Излезе од спалната, се упати низ темниот ходник, чии ладни плочки ги
смрзнуваа нејзините боси стапала и влезе во купатилото. Ја соблече старата
свилена пижама фрлајќи ја на подот кој беше преплавен со алишта. Се
намести под тушот, но кога пушти вода, нејзиното убаво поспано лице, се
згрчи од силниот ладен млаз што истече, и таа нервозно изрипа од кадата.
Го зема пешкирот да се стопли и после сознанието дека нема топла вода за
бањање ја пушти чешмата да ги измие забите. Кога проба да стави паста на
четката, од тубата не излезе ништо. Немаше паста. Го фрли и пешкирот и
тргна накај кујната со огромна потреба за кофеин и храна.
Кујната беше мала и беше најосветлениот дел од целиот стан, бидејки само
таму немаше завеси. Полиците беа претрупани со разни садови, а на подот
имаше расфрлано многу опаковки од најразлична храна стари и по неколку
месеци. Госпоѓицата Л. ја вклучи ринглата и во новото неупотребено ѓезве
стави вода да врие. Ги зема двете кутии на кои со големи букви пишуваше
КАФЕ и ШЕЌЕР, но кога ги отвори на металното дно го виде само одразот на
своето разочарано лице. Немаше ни ронка од потребните состојки. Во
исклучениот фрижидер имаше само една скапана праска и топло отворено пиво.
Во дневната соба преполна со антиквитети, единсвена живост беше вклучениот
телевизор на кој што имаше вести. Госпоѓицата проба да ја смени програмата
но другите програми беа избришани. Радиото шуштеше. Телефонот непрестајно
ѕвонеше. Погрешен број. Госпоѓицата Л. го потегна кабелот и ѕвонењето
одеднаш престана.
Во станот завладеа тишина. Се слушаше само дишењето на Л. и зуењето на
некоја залутана мува. Госпоѓицата Л. сеуште поспана, реши барем ако ништо
друго да го пронајде инсектот и да се реши од непријатниот звук засекогаш.
Зема списание старо неколку години, го свитка и почна да мавта со него
насекаде. Мувата леташе низ целиот стан, и по долгата брканица со
госпоѓицата слета на белиот чаршав послан на масата. Л. ја забележа мувата
и замавна толку силно, што веднаш го победи малото црно суштество кое што
веројатно бараше храна и засолниште во тој ладен стан. Од него остана мала
дамка на белиот чаршав. По извојуваната победа госпоѓицата Л. задоволно го
фрли списанието. Повторно се протегна и нејзиното голо тело го почуствува
силниот умор. Умот и беше во некоја чудна состојба. Свати дека го живее
сонот од претходната ноќ. Тоа што требаше да следува беше страшно, ја
обзеде голем страв, почнаа да и лазат морници насекаде по телото, срцето
забрзано и чукаше а дишењето и стануваше се потешко, па затоа таа реши да
си легне повторно. Со надеж дека ќе ја смени судбината доколу заспие,
тргна накај спалната и се струполи на големиот кревет. Ги затвори уморните
очи кои полека се полнеа со солзи и веднаш му се препушти на сонот. . .
Во светлата кујна водата сеуште вриеше.
Ринглата беше вклучена.
Госпоѓицата Л. спиеше. Во сонот чекореше по една огромна ливада со жолти
цвеќиња. Небото беше сино. На средината од зеленото пространство лебдеше
нејзиното огледало, но не беше скршено, беше ново и чисто. Госпоѓицата се
огледа и во неговиот одраз виде едно мало девојче, весело и разиграно како
си игра со децата во паркот, а зад неа задоволно ја гледаат нејзините
родители. Ги виде сите патувања, родендени, сите лузни, плачки, насмевки,
кукли, градинка, школо, првиот бакнеж. . . Беше среќна. Имаше живот. . .
Темниот стан полека се осветлуваше од пламенот кој се ширеше насекаде, а
чадот се протнуваше низ сите отвори. Почна да навлегува низ клучалката во
собата каде што спиеше госпоѓицата Л. исполнувајќи го секој нејзин агол.
Се надвисна над неа и откога ја задуши нејзината неверојатна убавина, како
победник излезе низ полуотворениот прозорец. Госпоѓицата Л. безживотна
лежеше на креветот со насмевка иако веќе не постоеше.
По гаснењето на пожарот, несреќниот случај излезе на насловните страни на
сите дневни весници. . .
„. . . во станот беа пронајдени две тела. Едното е женско лице, извесна
госпоѓица Л. на околу 22 годишна возраст, а другото, за кое што е
констатирано дека смртта настанала уште пред пожарот е мува која веројатно
барала храна или засолниште во тој ладен стан. . . ”
Луѓето читаа, и ја сожалуваа кутрата госпоѓица Л. која живееше сосема
сама, затоа што не знаеа дека таа беше среќна што во смртта го пронајде
животот.