т:темплум  

 

октомври
t
:
toxic nucleus

 
 

л:луѓе

Авионското крило што допливуваше до брегот навестуваше за случената авионска несреќа. Веста дека тоа беше несреќа со катастрофални размери со сите загинати од авионот беше побиена од појавата на двете исфрлени тела до самиот брег, кои даваа знаци на живот. Телата лежеа во својата немоќност (како што впрочем и личеше за едно тело кое штотуку претрпело авионска несреќа), благо облеани со вода од која се измиваше нивната крв.
Едниот од двајцата, иако подалеку од брегот, во зависност од полесната повреденост или, пак, од подобрата издржливост, започнуваше побрзо да ги размрдува екстремитетите. Кога со целиот напор успеа да ја поткрене главата, стана свесен за ситуацијата. Свесноста му породуваше нови болежи. Стомакот го чувствуваше исполнет од огромно цврсто тело кое физички го нагризуваше и се подготвуваше за експлозија. Неговата внатрешност експлодира кога сфати дека жена му остана во авионот. Сега беше поверојатно дека останала некаде во големата вода. Морниците му пуштаа струја во телото, а водата му ја омекнуваше болката со студенило. Наспроти него се сретна со погледот на другиот преживеан.
Кога двајцата мажи беа поткренати до својата половина, знаеја дека се далеку од местото на несреќата, како и далеку од други преживеани патници. Извесно време молчеа. Ситуацијата не инсистираше на нивно запознавање во прв момент.
Откако силата му го дозволи тоа, човекот што беше поблизу до брегот, се исправи, фрлајќи го својот поглед надалеку. Тоа што беше облечен во црно како да го демонстрираше моменталното расположение на двајцата преживеани. Испраќајќи уште по некој поглед кон далечината, се прекрсти и уште долго молчеше.
“Бог така сакал...” – се обрати кон младичот.
“А ние треба ли да му заблагодариме што преживеавме или ова ни е проклетство од кое нема излез? Ја напуштив жена ми во зло, а пред неколку месеци ветив дека доброто и злото нема да не разделат. Не верувам дека ќе ми прости?”
Не наоѓајќи утешни зборови, човекот во црно не се обрати повторно. Самиот знаеше дека далеку од светот останале само тој, уште еден единствен човек со него и една преполовена надеж. Ако знаеше дека другиот и не се надева, тогаш и надежта ќе беше неподелена, единствена, само во негова сопственост. Ама тоа беше сеедно.
Откако нагонот за глад ги надвладеа нивните емоции, со погледите почнаа да бараат природни резерви на храна. Велам природни, затоа што беше нереално да се претпостави дека тука стапнала човечка нога и притоа би се нашол друг извор на храна, освен природниот. Островот беше мал, нивната беспомошност голема.
За помалку од половина час целото копно беше прегазено од нивните уморни стапала. Не успеаја да пронајдат нешто што би наликувало на храна или пак, што би било погодно да се стави во уста и да се џвака. Дури ни тревата не можеше да ги охрабри, која беше оскудна и ретко изразита на одредени површини кои беа претежно населени со камења. Не пронајдоа ништо повеќе од сува, песоклива земја на која друштво и правеше армија од неправилно построени дрва. Не беше тоа остров каков што би предвидела некоја бајка.
- Посакувам сега да се појавеа дивјаци и да не заробеа. Можеби тие ќе не нагостеа пред да не убијат. Зарем останавме живи за да умреме од глад? – рамнодушно размислуваше младиот човек. – Ако на овој остров ја дочекам иднината, тогаш зошто не заминав со жена ми? Какво значење ќе има тоа што останувам да живеам за некој ден повеќе?
- Како да си ја заборавил вербата во авионот, синко, - смирено му се обрати човекот во црно.
- Вербата ми остана кај жената. А, впрочем, и за што би ми се нашла во оваа пустелија?
- Никогаш немој да престанеш да веруваш. Бог е со нас, синко.
Крајот на разговорот се совпаѓаше со почетокот на ноќта. Мракот притисна врз нивните болни тела. Темнината ги правеше потполно беспомошни. Светеа само нивните тажни погледи на исечената месечина. Тие не се ниту потрудија да се засолнат на некое место коешто не би било директно изложено на ветерот кој влегуваше откај брегот. Беа немоќни против ситуацијата. Студенилото и малаксаноста почнаа да дејствуваат. Се уште влажни и накиснати, двајцата несреќници се туткаа во себе, прилепувајќи ги екстремитетите колку што е можно поцврсто до нивните стомаци. Стомаците им зборуваа преку цревата.
Островот живееше исто и преку ден и преку ноќта: глуво и безживотно.
За извесно време, додека човекот во црно успеа да ги однесе своите мисли подалеку од островот, силното кашлање на младичот го вознемири. Кашлањето беше во страшен подем. Грлото го дразнеше толку остро што самиот од немоќ и напор, со рака удираше по земјата при секое искашлување. Човекот во црно пристапи кон него, земајќи му ја главата во своите раце. Се наведна за да го затопли. Младичот набрзо падна во бессознание. Ноќта ја помина во бладање. Утредента само се влошуваше неговата ситуација. Човекот во црно не знаеше и не беше во можност да му помогне. И кога му донесуваше вода во своите дланки, младичот одбиваше да ја испие. Ситуацијата беше предвидлива во која и двајцата знаеја што ќе се случи: следното утро младичот беше мртов.
Тестот на издржливост стануваше се потежок за останатиот преживеан. Ниту за момент дотогаш тој не ја изгуби војлата за преживување. Скиташе по островот, очекувајќи момент на спас. Неговата цел беше да се преживее. “Бог ги створил луѓето со волја а секое откажување оди против божјата намера”, размислуваше човекот во црно.
Физичкиот аспект на човекот во црно беше тотално нарушен. Сепак, вербата и волјата тој не ги доведуваше во прашање. Беше доследен на својата психичка издржливост.
Како непоколеблив верник, тој ги познаваше сите верски празници. Го знаеше календарот напамет и знаеше точно кој ден е тогаш. Со денот што претстоеше, знаеше дека настапува строг пост. Се прекрсти (како што имаше навика постојано тоа да го прави) и му заблагодари на бог на глас. За момент како да не престана со разговорот кон бога, само што овој пат зборувањето не беше гласно. Долго време стоеше и погледнуваше во небото. Неговиот поглед беше таинствен, со страв и со колебање. Се сврте и падна. Го стискаше ножот, што беше сопственост на младичот. Се довлечка до трупот на младичот.
Ножот се зариваше во мртвото тело, а гладта кај човекот во црно стануваше питома.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања



























































































 

  д:дома