т:темплум  

 

октомври
н:
николовска милена

 
nikolovskamk@yahoo.com


 

а:ајвар муабет

Сестра ми: - Бабо, бабо ај раскажи ни како сте се запознале со дедо?
Баба ми: - Еееее, таа сто пати ви ја имам кажувано.
Јас: - Ако, ако, ај па.
Баба ми: - Епа тогај бефне ногу млади. Дојде дедо ти еден ден кај баба ти Мара. А ние со баба ти Мара први другачки. И она не запозна. Вика воа е брат ми Диме. А он еден црн, црн, шо го греело сонцето на бавча, абе шо да ви кажуам. Ама мене – убав. И ми вика ај да ојме вечер на игранка...
Сестра ми: - На игранка?! Ха, ха, ха...
Баба: - Епа на игранка де, на матине, тогај така се викаше и овде во младински беше.
Јас: - Каде во Младински.
Баба ми: - Во Пионерски де.
Јас: - И?
Баба ми: - Епа шо и? И ништо, ја прифанав и така вечерта отидофне. И после два месеца се зедофне.
Сестра ми: - Ееееее, одма по два месеца?!
Баба ми: - Еми одма. Татко ми беше ногу болен. И немаше свадба. Само така, ме зедоја.
Мајка ми: - Ана, лупи ги убаво чушките. Сите семки ги оставаш. Убаво истреси ги. Воа вашево... прати го Петре по вода - тргни по него ќе испадне.
Вујко ми: - И ајде вие сите побрзо, ќе не стемни со воа темпо.
Сестра ми: - Епа мамо ја не можам више. Види ми ги рациве. Лом ми се. Црно под ноктите... не можам више... не го јадам, мора ли да лупам чушки?
Мајка ми: - Добро ајде ако не не лупи више. Оди играј си.
Јас: - Ако не лупи она не лупам и ја. И ја не можам више.
Мајка ми: - Ајде и двете издржете уште малку.
Сестра ми: - Е да бе, уште малку. Уште три кесиња има.
Мајка ми: - Па не се ногу три кесиња. Ногу народ сме. За два саата најмногу сме готови.
Баба ми: - Ај Вера остај ги децата. Можеме ние и сами. И сама рече. Уште малку е.
Мајка ми: - Море ќути, се погодија чушкиве. На Надето ич не им се погодиле. Со ногу семе биле.
Баба ми: - Ама они и помалку црни ставија. Не им е толку мазен.
Вујко ми: - Абе нашиот е најубав. Хахаха...
Мајка ми: Мамо, а овие комшииве, на ваа Ефка синовиве... Тука ли се?
Баба ми: - Еми едниот, тој помалиот, тука е, а другиот викаат у Германија бил. У затвор.
Мајка ми: - У затвор? Оти?
Баба ми: - Еми викаат со некои дроги-моги се маткал таму.
Сестра ми: - Со дроги-моги! Хахаха...
Баба ми: - Море деца и вие да пазите со тоа дрогите. Кузнее шо ви ставаат во тоа сокчињата по кафичите.
Вујна ми: - Они не одат по кафиќи, мали се. Нели Наташа?
Јас: - Еми понекогаш одиме.
Вујна ми: - А симпатија имаш ли? Си најде ли некој, а?
Јас: - Е, сеа, не ме прашуј тоа.
Вујна ми: - Еми кого да го прашам, Ана ли? Она е малецка. Или и ти Ана имаш симпатија?
Сестра ми: - Имам.
Вујна ми: - Опа! Видиш ли Наташа, а не тебе срам ти е да кажеш.
Сестра ми: - Леле мамо види ја оваа! Со мали чуфчиња е внатре!
Јас: - Еееее, ја колку такви најдов досеа.
Мајка ми: - Ана, ај оди смени ја водата. Не е чиста више.
Јас: - Ја ќе ја сменам!
Сестра ми: - Е не може! Мене ми рекоа! Мамо мааааа! Речи и!
Вујко ми: - Туууу, шо така и двете да се понудите?
Мајка ми: - Абе они само да станат од столчето. Хахаха... Наташа ај остави ја сестра ти да ја смени водата.
Баба ми: - А золва ти напрајја ли ајвар?
Мајка ми: - Аха. Минатата недела. Ама они помалку. Околу дваесе кила чушки зедоа. Не го јаделе ногу. Они повише малиџано и лутица си прават.
Баба ми: - А еве и Стојна не прават ајвар. Они па така само како за зимница купуат чушки. За пинџур.
Мајка ми: - Абе кој како сака. Воа ајваров да ти кажам право и мачење е. Ама ја ај оти си го јадеме сите. Само Ана не го јаде.
Комшивката: - Еееее, комшиииии, како оди! Ќе биде ли довечер?
Вујна ми: - Еми ќе биде комшиииии! Воа лупењево ќе биде!
Комшивката: - А кога ќе го пржите?
Вујна ми: - Еми утре. Да се исцедат малку од водата чушките ќе ги остајме.
Комшивката: Ако, ако, убоо комшиии!
Вујна ми: - Не прашаш комшии да не треба помош! Хахахахаха!
Комшивката: - Еми да дојдам комшии ако треба. Не бегам ја, ќе поможам.
Вујна ми: - Не треба, не треба, се смеам ја. Еве уште малку и готови сме.
Комшивката: - Па ве глеам ја цела сурија сте се собрале. Еве и децава ви помагаат.
Баба ми: - А они најногу работат. Без нив ништо немаше да напрајме.
Комшивката: - Блазеси ви. Вие нашиве одма џенем фатија кога праевме. Ај ја да одам оти отиде ручекот.
Вујна ми: - Ногу касно ручате бе комшии.
Комшивката: - Еми така се погоди денеска. Гости имафне од сабајле. Снаа ми од Штип беа дојдени. Па нејќеа да останат на ручек, се брзале.
Вујна ми: - Ако, ако комшии, оди ти.
Мајка ми: - Еве уште воа последново кесе. Ај деца, доста ви е вас. Одете измијте се. Ние воа сами ќе го долупиме.
Сестра ми: - Е сеа, коа остана уше тоа кесе. Ќе долупиме. Мене ми е интересно.
Јас: - Да бе, интересно ти е, а прееска се жалеше. Леле! Знаеш ли шо? Ке почне „Беверли Хилс“!
Сестра ми: - Стварно! Мамо...
Мајка ми: - Ви реков, одете. Само прво измијте се убаво.
Јас: - Е, фала богу. Целата се здрвев на воа столчево.
Вујко ми: - Абе коа не ве ставивме вас двете на фотеља. Хахаха!
Јас: - Ај и вие побрзајте оти ќе ве стемни. Хахаха!



 

и:интерпукциски расказ

На малата маса за пишување се водеше разгорена дискусија. Тоа, интерпукциските знаци се расправаа околу тоа кој од нив треба да се најде на крајот на последната реченица на оставениот лист од писателот. Извичникот, така млад и желен секогаш да биде во центарот на вниманието, беше најгласен:
- Јас сум убеден дека овде може да стои само извичник, тоест јас. Ова е ново откритие на писателот и тој тоа го извикува за да го слушнат сите. Тој сака тоа да се знае, тоа излегува со таква сила од неговото битие...
- Никаков извичник не може да стои тука – го прекина точката со спокоен и сигурен тон. – Тука може да стои само точка и ништо друго. Зарем не гледате? Воопшто не се работи за некакво откритие, напротив, тој тоа го знаеше за целото ова време и сега само реши да го потврди. Значи, тоа е тврдење, констатација и тука неминовно треба да стои точка.
- Се согласувам со извичникот дека сепак ова е откритие – се замеша наконтениот прашалник. Можеби, како што велиш ти – додаде тој обраќајќи и се на точката, - можеби тој го знаел тоа цело време, но не бил свесен за своето сознание. И сега оп, се појавува во неговите мисли одеднаш... Само што, тој не е сигурен дека е во право. И токму заради тоа овде не може да стави извичник. Овде може да стои само прашалник и точка.
- И точка – шеговито повтори точката.
- Мислев точка- крај на дискусијата – се поправи прашалникот.
- Грешите прашалнику- се јави повторно извичникот. – Никако, најмалку од се овде може да се најде прашалник. Да се прашуваше тој нешто, сигурно во реченицата ќе имаше некаков прашален збор, а како што повелате да видите, такво нешто овде нема.
- Ама прашална интонација не се постигнува само со прашални зборови, токму во тоа е и убавината на уметничките текстови; таму во секаков тип на реченица се поставуваат прашања. И најчесто такви кои не условуваат да им се одговори- зборуваше прашалникот, изненаден, од како што си мислеше, непознавањата на младиот извичник за формите на убавото изразување.
- А можеби тука треба да стојат три точки бидејќи мислата не е завршена – се јавија истовремено малечките три точки со своите нежни и детски гласчиња.
- Не доаѓа во обзир – рекоа истовремено прашалникот, извичникот и точката, не давајќи никакво објаснување.
Дискусијата за момент замре. Како сите да се замислија за зборовите на трите точки.
На крајот, старата запирка којашто за цело време на разговорот молчеше, сметајќи го молчењето за основна интерпретација на мудроста, рече:
- Трите точки можеби имаа најмногу право. Можеби навистина тој не ја завршил својата мисла. Можеби затоа нема никаков интерпукциски знак на крајот. Можеби сепак ќе стави три точки, а можеби и запирка; всушност, тоа не зависи од нас. Затоа не треба да се расправаме. Ќе почекаме и ќе видиме.
Со ова дискусијата заврши. Интерпукциските знаци се погледнаа меѓу себе, а потоа погледите им се свртеа кон листот на масичката, кон последната реченица која гласеше: „јас сум вљубен“ и немаше никаков интерпукциски знак на крајот.
 


 

ш:шест причини зошто не можам да читам во воз

Во едно од купињата во возот од Скопје за Велес седи еден постар човек со шапка, една жена со тапирана фризура, којашто и чува место на својата пријателка која, барем според нејзините зборови, треба да пристигне во секој момент, двајца студенти кои со себе носат големи и тешки торби, веројатно враќајќи се во своите домови во ова петочно попладне и јас. Со себе во ранецот ја носам „Quo vadis?“ од Сјенкевич и со нетрпение чекам да стивне гужвата и да ја отворам. Чувствувам такво задоволство дека ја држам оваа книга во раце, што посакувам дури и да се оддолжи моментот кога ќе се нурнам во нејзината содржина.
Возот тргнува. Ја вадам книгата од ранецот и ја отворам на првата страница. Воздивнувам и почнувам да читам: „Петрониус се разбуди речиси околу пладне, и како и обично, со чувство на силен замор. Вчеравечер тој беше кај Нерон на гозба, којашто се протегна длабоко во ноќта. Неговото здравје во последно време почна да го напушта. Тој самиот зборуваше дека наутро се буди со некаква здрвеност во телото... и навистина возовиве никогаш не се на време, секогаш доцнат. Знаете јас пред некој ден чекав воз цел час, замислете, цел час... И кога конечно тргнавме се расипа некаде кај Зелениково, па стоевме уште половина час...“
Запирам. „Што беше ова?“ си помислувам во првиот момент, но веќе во наредниот сфаќам дека не знам што прочитав, бидејќи ги одеднаш почнав да ги слушам зборовите на жената со тапирана фризура, упатени кон старецот наспроти мене. Лута сум на себеси. Но жената продолжува да брбори; како возовите секогаш доцнат, како се нечисти, како таа постојано патувала со возови, како секој ден со пријателката си чувале место во возот, но еве таа денес не пристигнала, како е загрижена поради тоа... и до моите уши, како за инает допира само нејзиното неуморно, здодевно брборење.
Прва станица – Лисиче. Го наведнувам повторно погледот кон книгата и почнувам да читам одново. Успевам да се концентрирам. Ја слушам само ироничната интонација со каква што жената зборува, но не и значењето на зборовите. И еве, Петрониус го нарекуваат arbiter elegantiarum, сите му се восхитуваат, неговите бањи ги надминуваат по својата убавина дури и оние на Нерон, факт што го признава и самиот император. Двајца силни балнеатори го легнуваат на кипарисова маса, покриена со белоснежен египетски чаршав, и нивните раце намачкани со миризливо масло почнуваат да го тријат неговото стројно тело, а богами нечија рака го трие и моето рамо. Инстиктивно ја дигнувам главата и го погледнувам сопственикот на раката. Тоа е едниот од студентите, оној понискиот. Ме прашува дали имам запалка. Му одговарам дека немам и погледнувам кон прозорецот.
Втора станица – Драчево. Возот тука останува една минута и повторно тргнува. Извесно време зјапам низ прозорецот во пасиштата и ливадите коишто ги поминуваме. Потоа пак и се враќам на книгата. Петрониус сега го известуваат дека времето е убаво, со слаб ветер од Албанските гори и дека скапоценостите, коишто тој денес требало да ги добие на проверка од златарот Идомен, не се пристигнати. Петрониус ги затвора очите, но веќе во следниот момент од зад завесата се појавува номенклаторот и му соопштува дека младиот Маркус Винициус, којшто неодамна пристигнал од Мала Азија, дошол да го посети Петрониус. Од зад завесата во купето навистина се појавува човечка фигура, но тоа не е никаков номенклатор, ами кондуктерот, којшто ги бара нашите билети. Нервозно го тргам погледот од книгата, го откопчувам џебот од ранецот, го вадам од таму билетот и му го подавам. Кондуктерот го потпишува и ми го враќа. Истото го повторува и со билетите на старецот и на жената со тапирана фризура. Студентите стојат во ходникот и пушат. Кондуктерот ги прашува за билети, и едниот од нив од џебот вади свиткани десетденарки и му ги подава. Кондуктерот ги зема набрзина и без збор ги става во ташната. Потоа влегува во другото купе.
Трета станица – Јане Сандански. Низ прозорецот гледам неколкумина кои се подготвуваат да се качат во возот. Го барам местото на страната до кадешто заправ. Значи, кога Маркус Винициус влегува во просторијата кај Петрониус. Во иститот момент и во купето влегува еден човек во издрпани и нечисти фармерки и износена кошула, и прашува дали местото до мене е слободно. Не дочекувајќи одговор седнува. Од него се шири непријатен мирис на алкохол. Тој се оптегнува на седиштето, ја потпира раката на држачот до мене и ја навалува главата на неа. Се потргнувам поблиску до прозорецот не можејќи да ја поднесам ужасната смрдеа на алкохол. Возот тргнува, а јас си ветувам дека ќе успеам да го игнорирам и ова, како и брборењето на жената со фризура од пред малку.
Четврта станица – Зелениково. До овде успевам некако да читам концентрирано. Маркус Винициус раскажува за војната во Храклеа, и гледајќи го Петрониус блед, го прашува за здравјето. Петрониус одеднаш се закашлува, обидувајќи се помеѓу нападите на кашлица да изговори: „Се-из-ви-ну-вам.“ Веќе добро го слушам неговото кашлање, само што некаква нелогичност има тука... Чие кашлање слушам јас, всушност? Па тоа е старецот наспроти мене! И пред колку време започнав да го слушам него, а не Петрониус? Добро, за Хераклеа тој сигурно не можеше да зборува, но за здравјето...?
Петта станица – Кадина река. Се враќам неколку пасуси назад во книгата и сфаќам дека навистина се разговарало за здравејто на Петрониус. потоа разговорот продолжува за.... мелодиите на мобилните телефони? „Слушни ја оваа. Оваа ја снимив од кај Влатче.“ – му вели Петрониус на Винициус, или, сепак, повисокиот студент од купето на понискиот. И до мојата свест веќе допира само продорен, писклив звук што, ми се чини, ми ги распарува ушите. Од звукот се буди подзаспаниот пијаница до мене, и откако погледнува наоколу, во обид да сфати што се случува, повторно се опушта на седиштето. Но веќе во следниот момент од кесето до него вади парче леб со некакво месо во него, коешто шири непријатна и тешка миризба, речиси смрдеа.
Шеста станица – Рајко Жинзифов. Воздивнувам разочарано и веќе очајно, сфаќајќи дека залудно се обидувам да се концентрирам на разговорите меѓу Винициус и Петрониус, и решително ја затворам книгата, ја ставам во ранецот и излегувам од купето.
Застанувам во ходникот, со надеж дека овде воздухот е барем малку посвеж. Гледам низ прозорецот, чекајќи да стигнеме во Велес и пребројувајќи ги по којзнае кој пат станиците што ги поминавме: Лисиче, Драчево, Јане, Зелениково, Кадина река, Рајко...
Шест станици. И шест причини зошто не можам да читам во воз.

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања





























































































































































































































































































 

  д:дома