т:темплум  

 

октомври
л:
лилу лудов

 
lilu_ludov@yahoo.com
 

в:во собата

Сега ќе напишам расказ и ќе се пријавам на конкурсот за кус разказ во Нова Македонија. Морам да ти раскажам за Калеш Анѓа Марија, посебно за онаа епизода од нејзината животна серија кога веќе не можеше да ги издржи упорно тврдоглавите гости. А убаво í стои напишано на вратата од нејзината соба:

НЕ ВОЗНЕМИРУВАЈ!!!
РАБОТАМ РАБОТИ ЗАРАДИ РАБОТНО ВРЕМЕ.
ЕВЕНТУАЛНА ПОСЕТА Е ДОЗВОЛЕНА ВО ПЕРИОДОТ ОД 01:00 - 04:00.
ДОКОЛКУ СТОИТЕ ПРЕД ВРАТАВА ВО ТЕРМИН РАЗЛИЧЕН ОД ГОРЕНАВЕДЕНИОТ, АЛТЕРНАТИВНА И ПОЖЕЛНА
ЗАНИМЛИВОСТ Е ДА СИ ЗАМИНЕТЕ.
Донесено и одобрено од Здружението на внатрешни соби: Ентер

Значи, натписов е нејзин, на Калеш Анѓа Марија, господо трагачи по вистинска уметност, Ве известувам на време и воедно се заштитувам од понатамошни последици од обвиненија на сметка на мојата оригиналност. И, да продолжам: на Мунко ништо не му значеа тие редови напишани од Анѓа, најверојатно уште во нејзините средношколски денови. “Пубертетски вербални маструбации”, најверојатно би искоментирал.
Беше 07 часот. Влезе, без да тропне на вратата. Анѓа седеше на подот. Меѓу растурените картички со феминистичка содржина, пепелниците со цигари, филџаните со талог од кафе, јогурт и сок од малини. Уживаше во таа состојба на освестување кога притисокот í беше 60 со 40, кога со затворени очи шмркнуваше од кафето и го чувствуваше мирисот на неизмиени заби, турско кафе и мирисливи стапчиња од сандал, измешан со миризбата од устојаните талози во филџаните од кафе, јогурт или сок од малини. Кога го виде Мунко со неговата идиотска насмевка и уште поидиотски поздрав: Па кај си ти, се изгуби, од кога те немам видено?, почна да ја чувствува болката во забите. Всушност, почнаа да í се стегаат вилиците. Молчеше некое време и потоа почна:
-Се викам Калеш Анѓа Марија. Живеам на периферијата од Скопје. Со баба ми и дедо ми затоа што ме избркаа од дома. Имам дипломирано на катедрата за славистика со просек 9,99, во моментов работам магистерска од областа на семиологијата: ги исполнувам сите услови да се вработам во јавна куќа. Имам мајка. Имам и брат кој поголемиот дел од животот го поминува во затвор, затоа што силно верува во девизата дека затворот денес треба да е најпожелното место за сите оти таму држава те рани, полиција те чува. Татко немам, односно имам, ама мртов е. Од '91. Умре на 37 години, не знам од што од проста причина што никој не знае од што умрел. На докторине од Државна им бил расипан апаратот за снимање на глава така што не успејаа да го дијагностицираат. Имам тетка со толкава грижа на совест што посакувам да имам барем уште 2-3 такви тетки оти животот тогаш сетики ќе ми беше поарен...
-Чекај, зошто ми ги кажуваш сите овие работи, што ти е, сигурно не ти е добро...да не имаш температура?-прашува Мунко.
-Затоа што умирам од луѓе како тебе. Секој ден ми доаѓате. Без најава, без тропнување. Влегувате, нормално без да прашате, не дај боже да се извините. Ми претурате по книгите, ги читате посветите, ги коментирате, прашувате дали може да го пробате парфемот, откако добро ќе се нашприцате, ме прашувате за сексот, за положбата моја при сексање, како ми е подобро, кога сум над или под партнерот, зошто еднаш неделно купувам српска печеница, а сум вегетеријанка, зошто не јадам месо, да не имам хепатит це, да не се дрогирам, зошто имам херпес на устата, од бакнување со херпосани, од нервоза, од што, зошто купувам Утрински секој ден, а само во вторник навечер, зошто пушам Малборо, од каде ми се пари за скапи цигари кога не работам, зошто не работам нешто, зошто, зошто, зошто. Секогаш имате илјада зошто во ракавот. И затоа ти кажувам, без да ме прашаш. За да преминеме на главното оти уморна сум од предолгите ах, толку лицемерни воведи и предвоведи. И не прави се наивен. Ти би сакал да знаеш уште повеќе, на лицето ти се гледа дека гориш од желба да ме прашаш и понатаму, на пример кои ми се предците до четврто поколение наназад, или зошто мајка ми не прави ајвар и туршија, да не има проблеми со здравјето...и не само тоа, ти би сакал да се наведнеш и да ми влезеш, да ми простите, под гаќи и да видиш ШТО ИМА ТАМУ? И пак нема да бидеш задоволен, ти познат градски фраер што не поштује никакви ограничувања, бонтон, стереотипи, традиции... Зашо да не идам да ја видам кога ја сакам? Ма ајде човече, отвори се малку, доста мислиш само така зачаурено, исплашено, ослободи се веќе еднаш. А?
Мунко гледаше збунето и ништо не му беше јасно. Не разбра ниту еден збор, и таман сакаше да ја праша повторно дали í е добро, снема струја. Собата се исполни со мрак. Исплашено посегна по вратата и се довлечка до купатилото кое ја голташе светлината од отворниот прозорец. Седна на шољата и почна да се чешка. Тоа му причинуваше огромно задоволство и секогаш изнудуваше блажена насмевка на неговото лице: си мислеше, има ли попријатно чувство од чешкањето на меѓуножното месо, посебно ако си во туѓа куќа, на гости, исто како да крадеш нешто, како да правиш нешто што ти е забрането...
Е, сега веќе í беше доста. Мораше ги излади неговите малограѓански страсти во живо, на дело. Кога веќе не успеа со зборови. Замижан Мунко, неосетно почна да пропаѓа во керамичкиот сад и кога почна да се освестува веќе беше навистина доцна. Еве ти сега пријателе, види што има и во оваа дупка, зашто ти постојано сакаш носот да го пикаш по туѓи дупки, вкуси го најновиот пијалак од канализационите цевки и тоа сервиран во сад од керамика, како казна за еден антитрадиционалист кој не поштује традиција, му се крева коса од македонската култура, народните песни, грав, пиперки, ќупови и ѓумчиња. Пушти вода хистерична будало!
Мислиш ли дека сфати драг мој читателу? Ма не, откако се врати од патувањето во подземјето, влезе во собата и затоа што Калеш Анѓа спиеше, си легна и тој до неа. Се обидуваше да í дејствува ментално, така го учеше неговиот гуру од Здружението за развој на уметноста на сексот, дека човек може да ги побие законите на физиката и не само да биде присутен на на различни места во исто време туку и да го напушти сопственото тело и да му влезе во свеста на другиот. Еееееј каде ли се овие планини снежни, критски ли се или? И кое е ова старче со бркови како на Црногорец кое без престан повторува: Икај магаренце мое, икај! Сега се обидуваше да ја протолкува нејзината потсвест, да го одсонува и туѓиот сон. Ама таа упорно молчеше и задоволно се смешкаше како при галење на светото женско тројство при самозодоволување.
Во собата остана да се слуша радиото со последните вести:

ТРИНАЕСЕТ МЛАДИ ПОЖАРНИКАРИ ВО СТРУМИЧКОТО СЕЛО ЗЛЕОВО ЦЕЛА НОЌ РАБОТЕЛЕ НАПОРНО: ГАСНЕЛЕ ЕДНА МАЛОЛЕТНА ЗАПАЛЕНА ДЕВОЈКА. СИТЕ ТРИНАЕСТМИНА СЕ УАПСЕНИ, НО ВО ИНТЕРЕС НА НИВНИТЕ СЕМЕЈСТВА ПОЛИЦИЈАТА НЕ САКАШЕ ДА ГО ОТКРИЕ ИДЕНТИТЕТОТ
и зборовите на Ице Вртев и пријателите: НИШАНИ ГОРЕ В НЕБО И ЗАМОЛКНИ ВО ТИШИНА. ТИ. ШШШШШ. И НАНАНА. ПССССССТ.

Ете така се случи, зашто не беше инаку. Сî се случи како што ти раскажав иако и јас постојано се сомневам во собитијата раскажани и секој ден собирам храброст да í се јавам на К.Анѓа и да ја замолам да ми даде цврсти докази за она со канализационите цевки и за влегувањето во други уѓи соништа, не затоа што и мене ме чеша нешто туку оти вака знам дека расказот нема да биде објавен заради прикажување невородостојни настани, покрај тоа што нема никаков заплет, мотивираност на ликовите, полиперспективна нарација. Ти ветувам дека ќе ја прашам и дека ќе напишам расказ за кој критичарите ќе кажат најмалку дека е едно мало ремек-дело. Ај, живели!

    e:електролит конкурс
       
     
  а:актуелен конкурс   а:архива на конкурси
  р:рокови   д:досегашни конкурси
  п:праќање   н:награди
  а:автори   з:застапени автори
  р:раскази   з:застапени раскази
  н:наградени раскази   н:наградени раскази
  в:ваш избор   в:ваш избор
       
       
  д:други текстови   в:вон конкуренција
  п:праќајте ни други текстови (песни, есеи, рецензии...) кои не спаѓаат во рамките на нашиот конкурс...


 
 
     
  в:ваши предлози  
 

п:прашања

























































































































 

  д:дома