октомври
к:крстевски ѓорѓи
г:години:24
н:нешто
за себе: висок околу 178 см; тежок околу 73 кг; со црна, залижана
коса и многу чудна смисла за хумор и останато.
sljokasljokovski@yahoo.com
н:на крајот од
тунелот
На сивиот уличен асфалт лежеше
телото на Божидар, дваесет и две годишно момче кое беше тргнало во посета
на својата болна девојка што живееше во зградата отспротива. Според
кревањето и спуштањето на неговите гради можеше да се утврди дека тој беше
сè уште жив после несреќата што го снајде, односно, откако еден забрзан
црвен автомобил удри во него додека ја преминуваше улицата на пешачкиот
премин, и потоа побегна од местото на настанот низ безбројните улици на
градот, испреплетени како во некаков лавиринт. Случајните минувачи кои се
затекнаа на овој несреќен настан веднаш ја повикаа службата за итна помош
од блиската телефонска говорница, но кога лекарите пристигнаа со своето
возило само можеа да ја потврдат смртта што настапила неколку минути
предходно.
Божидар почина некаде помеѓу 2:12 и 2:15 часот попладне.
Последното нешто што го виде од светот што ненадејно го напушти беше
ветробранското стакло на забрзаната црвена смрт зад кое го гледаа
ококорените очи на избезумениот возач, кој како да не веруваше во тоа што
му се случуваше, и кој се обидуваше да згазне врз сопирачката што откажа
токму во тие пресудни мигови. Потоа почувствува силен удар, и настапи
мрак. Во тој мрак Божидар можеше да го почувствува своето одделување од
тлото, нешто налик на лебдење, и движењето низ еден тунел од мрак на чиј
спротивен крај се наоѓаше мала светлина. Колку тој повеќе се приближуваше
кон таа светлина толку повеќе светлината се зголемуваше и засилуваше, сè
додека не се претвори во еден огромен заслепувачки блесок, и одеднаш
Божидар се најде пред една затворена врата. Сето тоа не траеше повеќе од
неколку мигови, и за тоа време, а и сега, додека стоеше пред вратата, тој
не можеше да ја почувствува својата телесна тежина, како да ги немаше тие
седумдесетина килограми. Нагонски реагирајќи, веднаш се сврте со грбот кон
затворената врата, и зад себе ги здогледа контурите на еден многу долг и
темен ходник. Исплашен и збунет извесно време постоја така, колебајќи се
дали да тропне на вратата или не. Ходникот што се наѕираше во темнината
оставаше впечаток дека се протега до бескрај, па откако сфати дека
единствениот одговор на прашањето како стасал и што бара овде можеби се
наоѓа токму зад таа затворена врата, со помош на последните остатоци од
својата храброст тропна на неа.
- Слободно ! – некој викна одвнатре.
Божидар ја отвори и пред него се покажа долга просторија на чиј крај се
наоѓаше работна маса, а зад масата, на кожена фотелја седеше средовечна
жена со очила која потсетуваше на службеничка во некоја банка или слично.
На нејзината маса имаше неколку телефони од кои еден заѕвони токму тогаш и
таа побрза да се јави. Кога таа виде дека Божидар збунето и исплашено стои
на прагот, со раката му даде знак да се приближи. Потоа ја спушти
слушалката на телефонот.
Божидар полека појде, внимателно разгледувајќи околу себе. Сознанието дека
со него се случува нешто невообичаено не му дозволуваше да ги испушти
макер и најситните подробности во врска со местото каде се наоѓаше.
На страничните ѕидови од просторијата имаше прозорци низ кои се гледаше
вселената, нешто што го натера да помисли на летна ноќ. Кон масата на
жената со очила водеше црвен килим, а на ѕидот зад неа имаше обесена слика
на која беа насликани растопени часовници. Зад себе Божидар чу некакво
отчукување, и кога се сврте, над вратата низ којашто помина, здогледа
часовник без стрелки и бројки, чиешто клатно се чинеше како да ги
одбројува миговите во вечноста.
Набрзо стаса пред масата, а жената со очила му покажа да седне на еден
стол што се појави од никаде.
- Твоето име, момче ? – го праша таа.
- Б…Божидар – одговори збунето тој и се зачуди кога гласот му прозвучи
некако туѓо, како да не беше негов.
- Доцниш, Божидаре – благо го прекори жената со очила додека буричкаше низ
хартиите на масата. Оттаму извлече еден лист кој му го подаде.
- Потпиши се овде, и овде – му покажа таа на листот.
Божидар се потпиша со перото што таа му го даде, и според неговиот збунет
израз на лицето не беше тешко да се заклучи дека му беше потребно
објаснување. Жената со очила го зеде листот, удри еден печат со печатот
што го извади од една фиока и го врати перото во мастилницата. Потоа
погледна во часовникот без стрелки и бројки, и се обиде да објасни.
- Знаеш, Божидар, сите ние правиме грешки… Хм, како да ти кажам… Всушност,
ти си …
- Дали сум мртов ? – возбудено ја прекина Божидар.
Таа трепна со очите и повторно погледна на часовникот.
- Па… Јас би рекла дека е мртво само твоето тело, но не и твојата свест…
- Каде се наоѓам ? – праша тој, а гласот му затрепери.
Жената со очила молчеше. Настапи еден краток и непријатен молк во кој се
слушаше само отчукувањето на часовникот. Ѕвонењето на еден телефон го
прекина тој молк. Жената со очила се јави.
- Види, Божидар… Ти беше грешка… Навистина не знам како поинаку да ти
кажам, но ти не требаше да се родиш… - рече таа откако заврши со
телефонскиот разговор.
- Се случи грешка пред извесно време и нештата во вселената се измешаа,
при што, се случија непредвидени работи… Ти, всушност, никогаш не требаше
да се родиш…
Овде таа прекина зашто по секој нејзин изговорен збор Божидар ги ширеше
очите во ужас и се чинеше дека се збунува уште повеќе.
- Слушај, Божидар… Не знам како ќе го сфатиш ова, но ти си овде за
навистина да умреш… Твоето постоење нема никаква смисла… Жалам што ти го
кажувам ова, но така стојат работите… Грешката е наша, и ние сега ја
исправаме… За нас беа неколку минути, за тебе еден цел живот… Прости…
Божидар ја наведна главата. Слики од неговиот живот му минуваа низ
мислите. Сите тие случувања, сите тие доживувања, сите чувства, сиот тој
свет… Сето тоа да нема никакво значење, како да е најобично минливо нешто…
Гледајќи го така замислен, жената со очила тажно заниша со главата.
Ваквите грешки беа недопустливи. Ете до што можеа да доведат… Еден залудно
потрошен живот…
После извесно време се накашла гласно, и Божидар се сепна и ја крена
главата. Очите му светеа со оној сјај што го има секој од нас пред да
заплаче. Во тој миг заѕвони телефонот. Таа се јави. Извесно време слушаше
додека, најверојатно, некој друг зборуваше, а потоа рече:
- Нека почека малку… Сè уште не сум завршила со… - и погледна Божидар.
Кога заврши, ја спушти слушалката и повторно погледна во него.
- Божидаре, - му рече – мораш да го сториш ова…
- Што треба да сторам ? – тивко праша тој откако длабоко воздивна.
- Сè што треба е да преминеш низ истата врата низ којашто влезе овде…
- Кога?
- Причекај – рече таа и се јави некаде од едниот телефон. Кратко позборува
со некого, а потоа ја спушти слушалката.
- Можеш сега…
Божидар полека стана од столот што веднаш исчезна. Жената со очила виновно
гледаше во неговите очи. Не сакајќи да ја гледа, ù го заврте грбот и
зачекори по црвениот килим. Додека полека чекореше кон вратата над која
часовникот без стрелки и бројки спокојно ја одбројуваше вечноста, фрли
еден поглед кон прозорците. Надвор од нив се протегаше вселената,
бескрајна и рамнодушна. Воздивна уште еднаш.
Кога стаса до вратата, Божидар запре и се сврте. Жената со очила гледаше
во него со сожалување. Тоа само повеќе му ја зголеми желбата побрзо да
заврши со сè.
Ја фати кваката и ја притисна надолу; вратата лесно и бесшумно се отвори,
и тој зачекори преку ѕвездениот праг.
н:најдобриот расказ
на светот
Што се однесува до неговиот
наслов, не ми е познат, бидејќи најверојатно и не постои.
Истото се однесува и на неговата содржина.
Дали можеби расказот е сè уште ненапишан поради тоа што пенкалото на тој
што имал намера да го напише останало без капка мастило?
Не се знае ниту за судбината на хартијата на којашто требал да биде
напишан. Сигурно послужила за потпалување на огнот во некоја печка.
А за човекот , пак, кој сакал да го напише најдобриот расказ на светот, ми
рекоа дека сè уште не се родил.
с:сон
Некаде при залезот на сонцето,
кога честопати добиваше желба да заплаче без некоја посебна причина,
шетајќи го својот пес на големиот тревник што се протегаше напоредно со
широката улица која водеше кон висококатницата во која живееше сиот свој
живот, се присети на сонот што го сонуваше претходната ноќ.
Тогаш доби желба да се обиде.
Во еден миг се двоумеше, но откако го почувствува заоѓањето на сонцето зад
далечните и високи планини, плачот во него се зголеми уште повеќе, и тој
реши дека тоа е вистинското време за остварување на сонот.
Го пушти песот да трча по тревникот и зазеде мирен став со телото.
Неколкупати длабоко вдиша и издиша од пролетниот воздух, и потоа отскокна
од земјата, замавнувајќи со рацете како со крилја.
Отскокна еднаш,
отскокна уште еднаш,
веќе после третото отскокнување почна да се издигнува од тлото под себе
мафтајќи со рацете, а песот скокаше по него и лаеше, и случајните минувачи
ги креваа главите и се чудеа, неверувајќи им на своите очи, и сонцето
полека заоѓаше, и ноќта со сето свое волшепство го исполнуваше просторот
во тој дел од планетата Земја.
н:некој доаѓа
Слушам: скалилата крцкаат.
Некој доаѓа. Го доближувам увото до заклучената врата и наслушнувам.
Навистина, некој доаѓа. Се приближува кон мене, скриен зад преградата со
квака. Сиот се тресам од возбуда. Кој ли би можело да биде? Поштарот што
носи сметки? Далечна роднина што не ја ни познавам? Некој неканет гостин?
Или, можеби тоа е смртта?
Три последователни удари.
Се двоумам. Да отворам или не? Сепак, ќе чекам. Можеби ќе си замине. Не,
можам да чујам нечие дишење.
Ѕиркам низ клучалката. Мрак. Не можам ништо да видам.
Конечно, собирам сила. Се исправам, отклучувам и ја отворам вратата.
Нема никој. Само тишина што застрашува.
ј:jас секогаш ќе
бидам овде
- Ти благодарам што ме ислуша…
- реков.
- Нема на што.
- Го ценам тоа… - реков.
- Знаеш дека секогаш можеш да сметаш на мене.
- Ти благодарам и за советот… - реков.
- Нема на што. Повели и другпат.
- Ми олесна малку, откако поразговарав со тебе… - реков.
- Јас секогаш ќе бидам овде за тебе…
- Знам… - реков.
- Кога и да се почувствуваш тешко, слободно можеш да ми се обратиш…
- Знам… - реков.
- Ако чувствуваш потреба да бидеш ислушан, знаеш каде да ме најдеш…
- Знам… - реков.
- Јас секогаш ќе бидам овде за тебе.
- Знам… Ти благодарам за сè - реков.
- Нема на што.
- Сега ќе си одам… – реков.
- Во ред.
- Довидување… – реков.
- Довидување.
Излегов од бањата и ја исклучив светилката.