октомври
к:каранфиловска лидија
т:тумба, тумба...
Лили и Деко, според некое
роднинско правило беа братучеди и растеа заедно во едно сосема нормално
семејство, во една сосема мала република која беше дел од една многу
разнолика држава која веќе одамна не постои, но тоа не е ни толку важно во
оваа приказна.
Лили беше две години постара од Деко и таа секогаш некако ги предводеше
игрите кои ги играа. Тие најмногу сакаа да играат во двојка но често ќе им
се придружеше и малиот Ане. Ане беше 4 години помалиот брат на Лили.
Токму поради тоа што беше најмал, Лили и Деко најчесто го изоставуваа од
своите палавштини. Но Ане честопати знаеше да ги надмудри со својата
досетливост и да измисли некоја палавост на која ретко кој би се сетил па
и тој беше рамноправен член на нивната банда.
Додека сите деца на нивна возраст одеа во градинка, Лили, Деко и Ане беа
чувани од нивната баба Руслана и нивниот дедо Ноки. Родителите на Деко
работеа и живееа во странство. Деко беше оставен на чување. Го донесоа
кога имаше една година и требаше да остане еден до два месеци, додека тие
се снајдат со работа. А остана многу повеќе. Многу, многу повеќе.
Деко долго време ја викаше својата нина-мамо и чувствуваше дека Лили и Ане
му се сестра и брат. Ги имаше нив, ги имаше нина и чичо, ги имаше и баба и
дедо. И тие сите беа прекрасни со него. Го обожаваа. Мама и Тато? Па и не
чувствуваше некоја потреба од нив и долго време не знаеше каква улога
имаат тие во нечиј живот. Мислеше дека не се баш најнеопходни ако имаш се
останато. И така ги гледаше еднаш годишно.
Лили, Деко и Ане безгрижно растеа во куќата на фарамата која беше како
создадена за измислување на игри. Лили и Деко најмногу сакаа да ја играат
тумба, тумба... играта која се состоеше од една многу едноставна
активност.
Трчање околу трпезариската масата во собата од баба Руслана и дедо Ноки и
притоа гласно пеејќи-тумба тумба, годи годи...неможам да те фатам-но не
можеш ни ти мене.
И тоа навистина беше така. Во тој маѓепсан круг-никој не можеше да биде
фатен. Можеби тука лежеше целата волшебност на играта. Дали тоа значеше
дека Лили и Деко секогаш трчаа со иста забрзаност одржувајќи ја секогаш
истата оддалеченост меѓу себе? Тоа не можеше да се објасни. А не можеа да
се објаснат ниту зборовите кои ги пееја. Ни самите не знаеа од каде им
дојдоа на ум.
Малиот Ане сакаше да трча со нив но кога и тој ќе се придружеше, кругот
повеќе не беше магичен. Со неговото влегување, ќе настанеше гужва и
секогаш некој ќе беше престигнат. Па дури и кога ќе трчаа само Лили и Ане
или Ане и Деко, околу масата, возбудата и точноста на играта не беа
задржани. Играта беше најуспешна кога ја трчаа Лили и Деко и тие тоа
најдобро го знаеја. Тоа беше само нивна игра.
Во меѓувреме ќе се појавеа и некои други игри, кои последователно се играа
и беа многу популарни, но магијата на Тумба Тумба, остана и таа секогаш
одново се играше со најголем жар.
За Лили и Деко со тумба, тумба трчањето беше толку големо доживување како
посегнувањето по небото, по сонцето, по месечината и ѕвездите.
Со текот на годините, огромниот простор околу масата во собата на баба
Руслана и дедо Ноки стануваше се потесен и потесен, но омилената игра
продолжуваше да се игра.
Кога Деко наполни 9 години, за време на зимскиот распуст замина на одмор
кај своите мама и тато. Тие беа пресреќни поради тоа.
И Деко се радуваше бидејќи ќе патува со авион. Требаше да се врати после 3
недели. Требаше.
Неговите родители се јавија за да соопштат дека тој ќе остане да живее
таму, со нив, каков што е редот. Тие беа пресреќни поради тоа.
На Лили и на Ане им рекоа дека и Деко се радува што ќе остане таму.
-Но, како така? Зарем ќе не остави? Зарем не заборави?-Лили посебно беше
погодена од оваа вест и толку интензивно плачеше што почнаа да ја болат
очите кога веќе исплака се од нив.
И велеа дека не е ништо страшно. И велеа дека ќе може да се гледа со Деко
секое лето, па можеби и секоја зима. Но, Лили знаеше дека нема да е исто.
Се прашуваше како тие не разбираат дека веќе ништо нема да биде исто. Лили
не можеше да се смири.
-А Тумба, тумба? Па како не разбираат? Без Деко нема да има повеќе тумба,
тумба. Магичниот круг засекогаш е прекинат. Без Деко, зад нејзините пети
или веднаш пред неа - на дофат на рака, како да трча сама? Секогаш кога ќе
потрча, ќе знае дека некој ќе ја фати.
Лили цврсто во себе одлучи дека никогаш повеќе нема да трча.